Графит: „Не за Ѕидот!“ во Билин, палестинско село на Западниот брег, со зградите на ционистичките доселеници во позадина.

Оваа статија обединува две уметности: уште една песна за Палестина на поетот Панде Манојлов и палестинскиот документарец номиниран за Оскар, “5 Broken Cameras”. Со ликот и делото на битолскиот писател со потекло од Егејска Македонија, Панде Манојлов, кое е високо ценето во арапскиот свет, сте веќе запознаени од мојата претходна статија: Македонскиот Палестинец.

Манојлов има објавено повеќе песни инспирирани од палестинското страдање уште во времето на неврзаната СФР Југославија, во која студираа илјадници палестински студенти, кои го проширија неговото творештво и во својата земја. За тие страдања поопширно можете да прочитате во мојата статија под наслов: Палестина دولة فلسطين. Поетот ме исконтактира преку email и би сакал да ги почести читателите на vbb.mk со уште една песна со таква тематика.

Б О Л К А

Ла илахе
илалах:

О, брату мој,
ранет од куршум
затоа што си ја љубел татковината,
затоа што си ја љубел Палестина,
пак на небесата гледам
како од височините
паѓаат ѕвезди
и умираат со кренато знаме!

И пак крв, невина крв!
И пак болка, болна болка!
И пак бомби на одмаздата!
Светот молчи
и пак не гледа
во реките солзи
и страдањата
на невините од Палестина!

Ла илахе,
илалах:
на болката
и во смртта
крај ќе нема!

19. 11. 2012 г., Панде Манојлов

Тоа беше прекрасната песна на нашиот почитуван поет, Панде Манојлов, за која сум му мошне благодарен. Истовремено се надевам дека тој нема да ми замери за една моја забелешка. Таа се однесува на стиховите: „Светот молчи и пак не гледа“. За среќа времињата се менуваат, светот повеќе не молчи. Можеби од ова може да произлезе и нова песна? Насловот би можел да биде токму таков, „Светот повеќе не молчи“!

Панде Манојлов

Во сите поголеми светски градови како: Њујорк, Лондон, Париз, Рим, Берлин и др. секојдневно се одржуваат демонстрации за поддршка на Палестинците, мировни активисти – доброволци патуваат за Палестина каде се вклучуваат во протестни собири или носат хуманитарна помош, а се враќаат со објективни новинарски репортажи, кои израелските власти не можат да ги цензурираат. На палестинската кауза и’ помага и интернетот и социјалните мрежи. Прогресивните граѓани на западните земји бојкотираат израелски стоки, а повеќе значајни холивудски актери и музички ѕвезди одбиваат да настапуваат во Израел. Круна на се’ беше успешното прогласување на Палестина за држава-посматрач во Обединетите Нации, кое доби широка меѓународна поддршка. Гласот го креваат дури и многу прогресивни израелски / еврејски поединци и групации, кои се солидаризираат со Палестинците (напр. влијателните интелектуалци Ноам Чомски, Норман Финкелштајн и др.). Успеси се постигнуваат и на планот на палестинската уметност, која се’ повеќе се афирмира низ светот.

ФОТО-ГАЛЕРИЈА
Клик на слика за зголемен преглед и опис

Додека траеше мојата куса преписка со ценетиот поет од Битола, на друг крај на светот, еден палестински уметник поминуваше низ вистинска драма. На 19-ти февруари годинава, Емад Бурнат, авторот на документарецот номиниран за Оскар, „Пет скршени камери“, беше приведен заедно со сопругата Сораја и синот Џибрил од страна на американските граничари на аеродромот во Лос Анџелес, каде тој отпатува како гостин на свечените доделувања на таа престижна филмска награда.

Приведувањето, веројатно, се должело на предрасудите спрема Арапите, кои се присутни кај американските погранични органи. Семејството било задржано час и кусур, пришто било испитувано и постоел голем ризик да биде вратено назад. Иако дочеков не бил нималку гламурозен и холивудски, за среќа, недоразбирањето било расчистено и Бурнат со членовите на своето семејство успеал да пристигне на свечената церемонија.

Емад Бурнат со Сораја и Џибрил на Оскарите

Таму, Бурнат се сретна со својот американски колега – филмаџија, Мајкл Мур, кој е познат по острата критика на американската политика. Мур изјави: После саат и пол тие решиле да го пуштат со семејството и му рекле дека може да остане во ЛА една недела и да оди на Оскарите. Добредојдовте во Америка… – иронично заклучи тој.

Емад Бурнат со славниот Мајкл Мур

Бурнат пак прокоментира: Иако ова беше непријатно искуство, ова е секојдневна појава за Палестинците во регионот на Западниот Брег. Таму има повеќе од 500 израелски контролни пунктови, барикади и други бариери (напр. Ѕидот, моја заб.), со кои ни се ограничува слободното движење по нашата сопствена земја и ниту еден од нас не бил поштеден од искуството кое моето семејство и јас го доживеавме денес.

Токму на тема на палестинското страдање е и неговиот документарен филм, „Пет скршени камери“. Прикаската позади овој филм е доста интересна и оди некако вака: Бурнат всушност и не е филмски режисер по професија, а обичен селанец – земјоделец. Значи, човекот е филмски „наивец“, лаик. Во 2005 год., тој си купил видео камера чисто за да го сними раѓањето на својот најмлад син, Џибрил. Меѓутоа, љубопитен и креативен каков што бил, покрај своето семејство, тој почнал да го снима и секојдневниот живот во своето село Билин и околината, вклучително и протестите против суровата израелска окупација, кои таму се случуваат, честопати изложувајќи се на ризик.

Бурнат со своите 5 скршени камери

Во тие бурни настани настрадуваат и неговите камери. Една е погодена од куршум, друга му ја кршат и така со ред, па веќе ја сфативте поентата на насловот на овој филм. Всушност тоа и не е филм, а збир снимки направени со 5 различни камери во период од 2005 година до ден денес.

Оттаму е и не-униформноста на самата слика на филмот, која варира и по квалитет и по сооднос ширина / висина (aspect ratio). Некои снимки се 4:3, а некои 16:9. На некои места се забележливи и пречки во сликата и тонот. За овој аматерски материјал да добие форма, придонел ко-авторот на филмот, прогресивниот израелски филмаџија, Гај Давиди. Значи, интересно е и тоа што филмов е плод на соработка помеѓу Палестинец и Израелец.

Израелско – палестинска соработка: Давиди и Бурнат

Иако „Пет скршени камери“ не се закити со Оскар, неговото значење е огромно, затоа што неговиот автор, Билинчанецот Емад Бурнат, е прв Палестинец во историјата номиниран за таа златна статуетка, за која многумина сонуваат. Филмот беше награден и на познатиот американски филмски фестивал Санденс, како и на Меѓународниот фестивал за документарни филмови во Амстердам.

Филмот во целост (околу 90 мин.) можете да го погледнете подолу, додуша со англиски превод. Клик play и fullscreen, а ако ти е бавна конекцијата, избери пониско „качество“ или stop, па почекај да се наполни buffer-от. Во следна прилика пак, би сакал да се осврнам и на палестински играни филмови, меѓу кои има доста интересни дела и актери.

 

 

За крај што да каже човек исправен пред „Билинскиот Ѕид“, освен да ја парафразира познатата изјава на Кенеди дадена пред Берлинскиот, “Ich bin ein Berliner” како “Ich bin ein Bil’iner” („И јас сум Билинчанец“).