Ремек дело од песна и спот на рускиот рапер Noize MC и киберфолк групата Atlandida Project, на чело со вокалистката Саша Соколова (1981-2015).

Noize MC е руски рап-рокер, познат по своите хитови и политичкиот ангажман, поради кој е прогонуван од путинскиот режим. Настапува со бендот Protivo Gunz, а мета му се: власта и тајкуните блиски до неа, повампирувањето на сталинизмот и империјализмот, но и неонацизмот, капитализмот и бескрупулозните корпорации. Кај нас, тој е потполно непознат, додека во Русија и другите екс-советски земји, за кои ви пишувам патеписи, тој има култен статус. Во неговиот саунд може да се сретне рап, мелодичен панк, реге, електроника и други влијанија.

Роден е во 1985 год., во гратчето Јарцево, во Смоленската област на Русија, како Иван Александрович Алексејев. Со музика започнал да се занимава још од малих ногу, со свирење на класична гитара. Во тинејџерските денови тој членувал во неколку рок и рап бендови, но кариерата вистински му започнала по заминувањето на студии во Москва. Својот прв хит, “Песня для радио”, тој го исфрлил во 2006 год. Најпрвин, неговото творештво ја привлекувало тинејџерската публика, но со текот на времето, тој вадел сè позрели теми.

Огромна прашина кренал неговиот настап во Лавов, Украина, на 14-ти август 2014 год. Таму, тој апелирал за мир и го посветил својот настап на „сите жртви на информационата војна“, по што, тој исполнил кавер на песната “Танці” на украинската група Вопли Видоплясова, и тоа, обвиткан во украинско знаме. Односите помеѓу Русија и Украина се дојдени до праг на отворена војна, поради руската окупација на полуостровот Крим и вмешувањето во војната во Донбас. Покрај тоа што Русија води тајна вооружена војна против Украина, истовремено, таа води и жестока пропагандна војна против неа. Градот Лавов, кој се наоѓа во Западна Украина е бастион на украинскиот патриотизам (или национализам, зависно од тоа како кој гледа на тоа), поради што, многумина во Русија го прогласија Noize MC за „предавник“ и се закануваа по неговиот живот. Заради таквите антивоени ставови, иста етикета му беше прилепена и на стариот руски рокер Андреј Макаревич од групата Машина времени, а и на многу други јавни личности. Кај помалку упатените читатели постои мислење дека рускиот народ во целост ја поддржува интервенцијата во Украина, што воопшто не е точно.

Ремек дело посветено на неговиот пријател, рускиот музичар Mewark (1980-2012).

По контроверзното гостување во Лавов, Noize MC настапил на главниот стејџ на познатиот руски фестивал Кубана. Неговиот назив нема врска со Куба, туку со реката Кубањ во Краснодарскиот крај, кој се наоѓа на козачкиот југ на Русија и кој важи за доста конзервативен и нетолерантен. Noize MC таму ѝ се обратил на публиката со зборовите: „Има ли нацизам во Украина? Што мислат за тоа оние меѓу вас, кои не биле таму? Ете, јас бев таму и никаков нацизам не видов. Таму има луѓе, кои се изморени од тоа да го трпат претседателот, кој толку многу се изнакрал, што е веќе невозможно да се преброи“. Тука тој мислел на Јанукович, кој беше соборен со Евромајданската револуција. По овој говор, Noize MC започнал со изведба на “Танці”, но озвучувањето му било исклучено среде песна. Во знак на протест, тој отишол на помалиот стејџ, каде настапил со неговите познаници од групата Anacondaz сосема гол!

И самиот фестивал бил на удар на руските власти, како и на кубањските козаци и православните фанатици, поради што, тој морал буквално да биде преселен во друга држава – Латвија. Иронично е тоа што жителите на Кубањ се жестоки руски националисти, но всушност, тие имаат украински корени, што се познава и по нивниот дијалект. Тие се правнуци на запорошките козаци од Украина, кои биле покорени и насила преселени крај Кубањ од руската царица Јекатерина Велика, по што следело и систематско измивање на нивните мозоци. Така, од слободарски воини, тие се претвориле во слуги на руските властодршци. За време на одржувањето на Зимската Олимпијада 2014 во Сочи, група кубањски козаци ја камшикуваше групата Pussy Riot, ако се сеќавате.

Комсомол бил назив за младинската организација на советската комунистичка партија. Во путинска Русија официјално се промовира носталгија по тоа тоталитарно време.

Кога веќе спомнавме неонацизам, неспорно е дека во Украина постојат такви поединци и групации, но нив уште повеќе ги има во самата Русија! На тема на рускиот неонацизам, Noize MC ги има напишано песните: “Пушкинский рэп”, “Черное/Белое”, “Эдем 14/88″ и “Девочка-скинхед”. Првонаведената е особено интересна, затоа што им укажува на неписмените неонацисти и борци за „чиста руска раса“ дека најславниот руски поет Пушкин всушност имал африкански корени. За оние кои не знаат, да објаснам дека прадедото на Пушкин, Абрам Петрович Ханибал (1696-1781), бил Африканец. Тој бил откупен од ропство во Стамбол од страна на Србинот во руска служба, Сава Владиславиќ Рагузински, по што бил посвоен од Петар Велики и израснат во благородник.

За поддржувачите на донбаските сепаратисти, рускиот неонацизам е мошне непријатна тема за разговор. Со неа се урива митот за праведната руска борба против крвожедниот украински фашизам. Многу руски доброволци во Донбас се всушност самите тешки неонацисти и тоа е уредно документирано. Од нив, посебно се истакнува Алексеј Миљчаков, кој пред да замине како доброволец во Донбас за да убива Украинци, во слободно време се занимавал со масакрирање на кученца и маченца, што си го регистрирал со камера.

Руските неонацисти не знаат дека Пушкин по прадедо бил Африканец.

Песните на Noize MC се спротивставуваат и на една друга тоталитарна идеологија, од која рускиот народ доста пострадал, а тоа е комунизмот. Сега, во Русија официјално се промовира носталгија по тоталитарниот СССР и дури се омекнува ставот за сталинските злосторства. Иако Путин придонесе за нејзина стабилизација (што е секому евидентно и тоа никој не може да го спори), ситуацијата таму е далеку од идеална. Земја со такви ресурси би требало да биде побогата од Америка, но тоа не е случај. Во тој напредок ужива само мала средна класа од големите места, а присутни се корупцијата, јавашлукот и авторитарноста. Путин е бивш агент на репресивната тајна служба КГБ и тој жали по „старите добри времиња“. На сето тоа, Noize MC реагира со песната “Сохрани мою речь”, инспирирана од полско-руско-еврејскиот поет Осип Мандељштам (1891-1938), кој како и милиони други пострадал во сталинските гулази во Сибир. Комунистичката Партија на Руската Федерација го мрази Noize MC и бара забрана за неговите концерти, на што, тој ѝ реплицира со песната “Come $ome All”. Насловот си подигрува со „Комсомол“ (кратенка од „Коммунистический союз молодёжи“), што бил назив за младинската организација на советската компартија.

Сите авторитарни режими (фашистички, комунистички и др.) имале слични младински организации (напр. Хитлерјугенд), а во современа путинска Русија, таква е НАШИ (нешто како УМС на МВРО-ДРПМНЕ). Во една прилика, нашистите му се обратиле на Noize MC со предлог тој да им искомпонира химна, на што, тој ја напишал “Наше движение”, која вели: „Грабаме брда пари и внимателно ги трошиме на платени митингаши и фиктивни партии. Ете тоа ти е руската демократија, мамата нејзина“. Се разбира, нашистите не ја употребиле оваа жестока критика на нивна адреса.

Noize MC самиот има настапувано на митинзи, но на оние опозициските. Учесниците на протестите под мотото „За чесни избори“, кои се одржувале низ Русија во декември 2011 год., носеле бели ленти (рибони), кои симболизирале борба за чистота и некорумпираност на власта, но Путин изјавил дека тие го потсетуваат на оние, кои се носат на 1-ви декември, денот на борбата против сидата (а тие се всушност црвени). Заради рибоните, Путин помислил дека се работи за собири на луѓе, кои „делат кондоми“ – како што со прикриен потсмев се изразил. На тие негови цинични изјави, Noize MC му реплицирал со песната “Сам гондон” (Самиот си куртон). Неа, тој јавно ја извел на протестот одржан во Казањ, Татарстан.

За привилегираните деца на политичарите и тајкуните.

Неговата песна “Мерседес S666″ пак, говори за тоа како потпретседателот на компанијата Лукоил, Анатолиј Барков, успеал да се извади од одговорност по една тешка сообраќајка со трагични последици; “Влиятельные Покровители” е за привилегираните деца на политичарите и тајкуните; “Нету пасспорта” е за проблемите на бездомниците и инвалидите; а “Bring Me Your Money” за митото и корупцијата среде руската полиција. Со неа Noize MC имал доста непријатни искуства.

При настапот во Волгоград во летото 2010 год., тапанарот на неговиот позадински бенд Protivo Gunz се симнал од бината со шапка во рацете, во која публиката му фрлала парички, што претставувало некаква пародија на улично музицирање. За обезбедувањето на концертот бил задолжен кордон полиција, комунистички построен пред бината, кој побарал „групата да престане да се занимава со просјачење“, затоа што тоа било „противзаконски“. На тоа, Noize MC одговорил од бината со навредливи зборови на адреса на полицијата. Всушност, во изјавата никаде не се споменувале полицајци, но на сите им било јасно кому е таа упатена, цитирам: „Горд сум да ви соопштам дека Волгоград е првиот град, каде среќаваме толку многу од овие прекрасни животни со црвени кокарди. Мило ми е да ви соопштам дека ова е прв град, во кој животни со црвени кокарди ни велат дека при исполнување на нумерата ’Бабки в шапку’, ние се занимаваме со просјачење“. Поради оваа изјава, Noize MC бил осуден на затвор во траење од 10 дена.

Неговиот адвокат инсистирал дека најдобро би било доколку Noize MC јавно се извини, што тој го направил преку аматерски видеоклип и со раперски рими. Полицијата не сфатила дека тоа не е вистинско извинување, туку пародија. Таа послужила како основа за новата песна на Noize MC “10 суток в раю (Сталинград)”. Како што се гледа од нејзиниот наслов, пејачот си поигрува со поранешниот назив на Волгоград – Сталинград.

Ремек дело од спот и песна, инспирирани од поетот Осип Мандељштам, на тема на злосторствата на сталинизмот, кој сега во Русија доживува ривајвл.

Проблемите на Noize MC со властите не само што не завршиле со овој инцидент, туку тие сè повеќе се влошуваат. Интересно е дека сега, властите не го апсат, туку го репресираат на прикриен начин (како што тоа се случува и кај нас). Човекот веќе не може спокојно да одржува турнеи низ Русија и да си заработи леб. На неговите концерти често влетуваат специјални полициски единици под образложение дека „бараат дрога“ или дека имаат „дојава за поставена бомба“. Тука е шиканиран не само Noize MC и неговиот бенд, туку и самата публика. Полицијата најпрвин ја дели на момчиња и девојки, по што ја строи, легитимира, претресува и испрашува на најодвратен сталински начин.

На Noize MC му се откажани концерти во Краснодар, Белгород, Курск, Омск, Краснојарск, Иркутск, Хабаровск, Владивосток и други места. Фактички, низ цела Русија! Во многу места, тој не успева да добие соодветна дозвола за одржување на концерти од страна на локалната администрација. Или пак, полицијата го следи бендот, го заплашува и го саботира. Многу радија и телевизии одбиваат да ги пуштаат неговите песни.

Првиот хит, насловен како „Песна за радио“, во кој се критикува комерцијалниот хип хоп.

Ние некогаш сме биле дел од СФР Југославија, која, за разлика од Русија, градела еден неврзан и далеку послободен социјализам. Во негови рамки се развила и квалитетната екс-ју сцена, додека во Русија, рокенролот бил прилично репресиран. Но сега, како што раскажував во мојата претходна статија „Запад нè отпишуе, Исток нè прешишуе“, нашава сцена делува јадно и бедно, а руската е супериорна, дури и под вакви жестоки притисоци! И покрај сите сопки, Noize MC продолжува со својата работа и вади сè поквалитетни и сè позрели песни и спотови и тој е слушан не само во Русија, туку и на поширокиот екс-советски пазар: Белорусија, Украина, Казахстан, Балтичките земји итн.

Некаков пандан на Noize MC кај нас нема. Едвај со сила би можеле да го споредиме со Да Џака Накот, иако тоа не е баш најпрецизно. Токму од песните на Џака ми дојде инспирацијата за насловот на оваа статија, затоа што тој често го користи изразот „м’це“ како наша адаптација на раперската титула MC (Master of Ceremony). Кај нас, Џака беше единствена (ај да се рече) ѕвезда со отворено критички текстови против власта, но неодамна, тој си замина од државава, како впрочем, и секој што вреди.

Жесток спот за проблемите на бездомниците и инвалидите.

Ете така, ни замина Џака (се обидувам да римувам како рапер), а нам ни останува да се бавиме со нашиве куртони, кои 10 години спроведуваат сеопфатен грабеж и куртонизација на државава (како што обично се изразува Саше Политико). И после сето тоа, тие куртони уште имаат и доблест да нè повикуваат на „чесни избори“. Токму на таквите местото им е во затвор, а не на Noize MC.

За крај да спомнеме, дека Noize MC не твори само општествено-политички ангажирани песни. Во својот репертоар, тој има и доста песни со лична тематика (љубовни, хумористични, меланхолични и др.). Покрај тоа што се занимава со музика, тој понекогаш е актер, како например во филмот “Розыгрыш” (2008).

Филмска тема.