Некои ми замерија дека во статијата под наслов Евромајдан, сум бил премногу остар спрема Русија и пристрасен кон Украина и дека не сум обрнал доволно внимание на руската гледна точка за актуелниот конфликт помеѓу двете земји.

Не е фраза, јас ја почитувам Русија и ја имам шетано уздуж и попреко и за малку не станав и руски зет. Таму бев пријатно изненаден од нејзините преубави градови и културно-историски споменици, како и од успесите, кои таму се постигнати на економски, културен и секаков план. Таа има и понекои негативности, но мање или више, нив ги има секоја земја. Јас ја почитувам руската историја, култура и јазик, кој сам го научив.

Меѓутоа, како можете да барате од мене да бидам балансиран fifty – fifty за Русија и Украина во сегашниов конфликт? Ова ти е како мечка (Русија) да му го бапне на зајак (Украина) и вие уште да ми замерувате што не сум посветил доволно внимание на „кутрата мечка“.

Сепак, за атер на Русите, во оваа статија јас малку повеќе ќе се осврнам на нивното гледање на работите. Тие отсекогаш ги оправдувале своите политики кон Украина со тврдењето дека Русите и Украинците се еден народ. Навистина, и обете нации потекнуваат од средновековната држава Киевска Рус.

Дали тоа значи дека се работи за еден ист народ и дали далечната историја е оправдување за руското однесување кон Украина сега во XXI век? Најпрвин ќе се вратиме назад во историјата, по што ќе следи и заклучок.

Да почнеме од самиот почеток. Ама од најпочеток што се може!

Киевска Рус

Најпрвин си биле Адам и Ева или некои мајмуништа. Од нив се создале луѓе. Тие се разделиле на повеќе народи. Еден од нив биле Славјаните. Се смета дека нивна колевка биле Карпатите. Словените мигрирале во разни правци и дел од нив се населил во денешна Северозападна Русија, но таа земја, се разбира, тогаш не се викала така.

Таму Словените затекнале разни балтиски, туркиски и угро-фински племиња. Тие угро-фински племиња (роднини на Финците, Унгарците и Естонците) се например: Вепсите, Чудите, Меријците и др. Словените те се тепале, те соработувале со нив.

Споменик на Викингот Рурик во Новгород

Споменик на Викингот Рурик во Новгород

Карши нив, од другата страна на Балтичкото море, во денешна Шведска, живееле Викинзите, кои биле Нордијци, Германи. Нивните соседи, Финците, нив ги нарекуваат “Ruotsi”. Можеби оттаму произлегува и називот за викиншкиот народ во некои историски документи, кој гласи: „Рус“. Словените пак, ги нарекувале Викинзите „Варјази“.

Некаде на крајот на VIII или почетокот на IX век, Викинзите / Варјазите допловиле до бреговите, на кои живееле словенските и угро-финските племиња и се обиделе да ги покорат. Варјазите тука го создале „Каганатот на Рус“, некаква примитивна „држава“ предводена од каган. Таа титула веројатно била преземена од Хазарите или другите туркијски племиња, кои се мувале у регионот.

Меѓутоа, словенските и угро-финските племиња се кренале на востание, по што Варјазите добиле шут у дупе. По оваа победа, следувале меѓусебни тепачки помеѓу тие племиња, по што тие сфатиле дека им е потребен некаков ред. Заради спроведување на европските реформи и стандарди, ним им требале „олеснувачи“, каков што например беше Фуере, па затоа тие покајнички ги замолиле Варјазите да се вратат назад и да завладејат со нив.

Пристигнувањето на Варјазите на Рурик

Пристигнувањето на Варјазите на Рурик

Тогаш кај словенските и угро-финските племиња пристигнал Варјагот Рурик. Тој таму создал некаква држава, чија престолнина бил градот Холмгард (денес Новгород). Според други, првата престолнина всушност била Ладога. Енивеј, по своето население, таа држава била главно словенска и угро-финска, но владејачката класа ја сочинувале Варјазите од племето Рус.

На тие дифтарски простори, тие донеле шведска култура, сите почнале да слушат ABBA и да возат Volvo (си видел волво кола?). Со Рурик започнала и владејачката династија на Руриковичките. Со текот на годините, нивната држава се’ повеќе зајакнувала и се ширела.

Наследникот на Рурик, принцот Олег, го освоил градот Киев, кој денес се наоѓа во Украина, но тогаш таа земја не го носела тоа име. Престолнината на државата, која ја создал Рурик, била преселена од Новгород во Киев. Таму, со текот на годините, се оформила една нова држава, Киевска Рус или накусо Рус.

Покрстувањето на Владимир Велики

Покрстувањето на Владимир Велики

Тоа не била држава во денешната смисла на зборот, туку повеќе еден сојуз на разни кнежевства и племиња. Сепак, таа со текот на времето се засилила и оставила блескава трага во историјата. Словенскиот елемент станувал се’ повеќе доминантнен во неа, со што Варјазите лека-полека се асимилирале во него. Така, Ингвар станал Игор, Хелга станала Олга, Валдемар станал Владимир итн. Внукот на Рурик веќе имал словенско име, Свјатослав I.

Неговиот син, Владимир Велики, во 988 год. го примил православното христијанство, чиј центар била не така далечната Византија, по што тој ја проширил новата религија низ својата држава. Благодарејќи на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј и нивните ученици од типот на Св. Климент и Наум, писменоста се раширила меѓу Словените и некако пристигнала во Киевска Рус (не ми текнува кој ги описменил, зависи кој бил на смена тогаш). Во Киевска Рус процветала богата словенска култура и цивилизација.

Во XII век, државата почнала да се расцепкува на одделни меѓусебно скарани кнежевства, а во XIII век, на неа навалиле монголо-татарските орди, со што таа згаснала.

Кнезот Михаил одбил да се поклони на монголските божества, заради што платил со глава. Не биле сите принципиелни како него. Некои ги сметале Монголите за „in“.

Кнезот Михаил одбил да се поклони на монголските божества, заради што платил со глава. Не биле сите принципиелни како него. Некои ги сметале Монголите за „in“.

Во историските документи, таа држава фигурира како: Роус (старословенски), Рутенија (латински) или Росија (византиско – грчки). На современ руски и украински јазик, нејзиното име се пишува како “Русь”.

Дали настанувањето на оваа држава е фактички настанувањето на денешната Русија? Ова е предмет на контроверзи и караници помеѓу руските и украинските научници.

Руското гледиште

Да ги погледнеме руските аргументи. Според нив:

  • „Русь“ e јасно „Русија“. Разликата е само во суфиксот „-ија“, кој се додава на називот на секоја земја.
  • Руриковата држава била создадена на просторите, кои се наоѓаат во денешна Русија.
  • Нејзина прва престолнина била Ладога или Новгород. И обете места се наоѓаат во денешна Русија.
  • Олег ја преселил престолнината во Киев, со што се создала Киевска Рус(ија). Таму немало некакви „етнички Украинци“. Тоа си било Русија и Киев е руски град.
  • Етничките Руси себеси се нарекуваат „русские“, а својот јазик „русский“, што недвосмислено влече корен од „Рус“.
  • Името на нивната држава е „Россия“, што доаѓа од византиско-грчкиот назив за „Русь”.
  • Имало еден, руски народ, од кого, поради некои историски причини, подоцна се издвоила „украинска нација“. Исто како што, според некои, Црногорците се Срби, Австријците – Германци и сл.
  • Украинците и Белорусите се Руси. Тоа бил еден народ се’ до падот на Киевска Рус, по кој, нејзините делови потпаднале под: Монголите, Полјаците, Литванците, Австро-Унгарците и др.
  • Меѓу Русите, Белорусите и Украинците има разлики, но тие се регионални или се должат на влијанието на различните држави, под чија власт тие живееле. Така например, Војвоѓанскиот Србин, кој бил под Австро-Унгарија, не игра оро на ист начин како неговиот сонародник во Косово, кој бил под турско. Меѓу нив има и разлики во менталитетот.
  • Со распадот на Киевска Русија, се создале: Велика Русија (денес Русија), Малорусија (денес Украина) и Белорусија (денес Беларус). Украинците се Малоруси, регионален вариетет / субетнос на рускиот народ. Условно, нешто као Мијаците или Торбешите кај нас.
  • Во 1654 год., козачкиот хетман Хмељницки самиот побарал обединување на Украина со Царска Русија, заради што е потпишан Перејаславскиот договор. Со него, Украина доброволно и’ се вратила на Русија.
  • Повремените бунтови на Запорошките козаци против Царска Русија не претставувале меѓунационален, туку социјален или меѓурегионален судир. И на обете спротивставени страни се наоѓале етнички Руси.
  • Преоѓањето на козачкиот хетман Виховски на полска страна и на хетманот Мазепа на шведска страна претставувале предавство, а не стремежи за некаква „украинска национална самобитност“.
  • Украинската нација била „измислена“ од страна на малоруската национал-романтичарска интелигенција во XIX век.
  • „Украина“ била само назив за регион, чие значење е „гранична зона“. Исто како што на Балканот има област „Крајина“. Прогласувањето на Малорусија за „независна Украина“ е исто како да се создаде „Крајишничка нација“ и „крајишнички јазик“. Или како да се создаде „тиквешки јазик“ и „тиквешка нација“.
  • Украински јазик не постоел, туку тоа бил некој тежок сељачки дијалект на рускиот. Исто како што, според некои, Мисирков измислил „македонски јазик“ (кој е всушност бугарски). Некои велат дека тој намерно земал дијалекти, кои се оддалечени од Бугарија, со цел новиот „јазик“ да не личи на бугарскиот.
  • Украинската национална преродба била под влијание на „злобниот Запад“, т.е. Полјаците, Австро-Унгарците или други мрачни сили, чија цел била расцепкување на руската нација, со измислување на нова, „украинска нација“.
  • Советските комунисти придонеле за понатамошен развој на вештачката „украинска нација“. Позитивно е што сепак, тие не дозволиле отцепување на Украина од Советскиот Сојуз и што Русите и рускиот јазик доминирале во него.

Мојот одговор

Од горенаведеното можеме да видиме дека Русите имаат некои свои аргументи. Нешто од тоа можеби и држи. Дали тоа значи дека јас ретерирам од претходниот текст, во којшто ги бранев Украинците? Дали јас сега признавам дека Русите и Украинците се ист народ? И дека Русија е легитимен наследник на Киевска Рус(ија)? И дека таа има право да ја заземе Украина? Доколку го мериме светот со средновековни аршини, тогаш да. Но сега, да ве потсетам, е 2014 година, XXI век.

Можеби Украинците биле еден ист народ со рускиот, можеби и не. Со таа тема нека се занимават историчарите и етнолозите, но не политичарите. Важно е што Украинците си тргнале по свој пат. Еве да речеме дека тие си создале украински национален идентитет и јазик врз основа на својот регионален идентитет и дијалект. Тоа го правеле речиси сите нации низ светот и тоа е сосема нормално.

Знаеш, кога имаш група на луѓе, кои живеат на одреден простор, чувствуваат меѓусебно заедништво и говорат, танцуваат, се облекуваат, војуваат, готват и размислуваат на свој начин, тогаш that’s pretty much дефиниција за одделна етничка група, зарем не?

Ќе речете, па зар секое село е засебна нација и зар секој дијалект е засебен јазик?! Украинскиот јазик навистина има некои сличности со рускиот, но зборувај му на Русин на украински и тој малку ќе те разбере. Украинскиот дури малку потсетува на полски. Русинот говори “русский язык”, а Украинецот “українська мова”.

Русинот вели “Доброе утро, как дела?”, а Украинецот “Доброго ранку, як справи?”. Русинот вели “пожалуйста”, а Украинецот “будь ласка”. Русинот вели “спасибо”, а Украинецот “дякую”. Русинот вели “независимое государство”, а Украинецот “незалежна держава”.

Ви одземав цел саат. Тоа на руски се вика “час”, а на украински “година”. Украинскиот и рускиот не се како српскиот и хрватскиот, туку се поразлични. That’s pretty much дефиниција за различни јазици, зарем не?

Украинска маица: „Фала ти Боже што не сум Москал (Русин)“, со Запорошки козак со хохол (перчин), вишиванка (кошула), шише хорилка и сало (сланина).

Истотака, Украинците и Русите имаат разлики во менталитетот. Русите важат за склони кон апсолутизам, империјализам, колективизам, милитаризам, наука, индустрија, освојување на светот и космосот. Украинците пак, се главно селани во душа, поради што ја ценат приватната сопственост и важат за индивидуалисти и за подемократични, што е веројатно остаток од времињата, кога Запорошките козаци си живееле во некакво независно и прилично слободно општество. Различните светогледи понекогаш доведувале до несогласувања со Русите, козачки буни и сл.

Поради сите горенаведени разлики, кај населението во Украина почнало да се создава чувство дека тие си се башка народ од соседните Руси. Претходно, некои Украинци себеси се нарекувале Руси или Русини или козаци или не знам веќе како, но сите живееле во географскиот регион Украина и решиле дека отсега тие се нова нација – Украинци. Тие воделе битки, давале жртви, имале свои ослободителни движења и преродбеници, како и куси периоди на независност. Веќе ви наведов конкретни историски примери во претходната статија.

Како резултат на таа борба, денес постои украинска нација и јазик, а Украина е независна и меѓународно призната држава (вклучително и од страната на Русија). Затоа, актуелната руска интервенција на Крим е акт на окупација и кршење на меѓународното право. Дали Украинците биле Руси во минатото или не биле, веќе е небитно.

И тоа што Крим некогаш бил руски и неправедно станал украински, истотака не е оправдание. Па и Чеченија некогаш не била руска, туку таа станала таква на насилен и неправеден начин. Чеченците, патем, имале краткотрајна независна држава во 1917 год., но зарем тие сега треба да се одделат од Русија, како Крим од Украина? Тоа би било неумно и би довело до дестабилизација.

Виктор Јанукович има право да смета дека Украинците и Русите се еден народ и тој може да има симпатии кон Русија колку му душа сака, доколку е тоа негов личен став „за по дома“. Меѓутоа, тој бил (и се’ уште се смета себеси за) легитимен претседател на Украина. Тој дал заклетва дека ќе ги почитува нејзините интереси и суверенитет, а сега тој е на гости во Русија, која изврши агресија врз неговата држава. Тоа е чин на велеиздаја и за такво нешто следува court-martial и стрељање.

Дали “Русь” е исто што и современата Русија?

Тоа што јас признав дека Русите можеби имаат по некои аргументи, не значи дека постои консензус во науката за тоа дали Киевска Рус е исто што и оваа, денешна Русија. Дали во Киевска Рус(ија) веќе се развил некаков руски идентитет и јазик или пак, тоа била држава на сите Источни Словени, од кои подоцна настанале Русите, Украинците и Белорусите?

Дали жителот на Киевска Рус велел:

- „Јас сум етнички Русин и говорам на руски јазик“ или

- „Јас сум Словен и говорам на (старо)словенски“

Мислам дека втората варијанта е далеку пореална. Руски јазик и идентитет, какви што познаваме денес, тогаш се’ уште не биле јасно оформени. Луѓето во Киевска Рус биле Источни Словени и говореле и пишувале на источната варијанта на старословенскиот јазик.

Можеби засебен руски идентитет и јазик почнале да се оформуваат во подоцнежниот период на таа држава. Според други, тамошните луѓе се нарекувале себеси Русини. И овој етноним треба да се земе в предвид, затоа што е поврзан со терминот „Русь“.

Во секој случај, смешно ми е што денешните Руси, Украинци и Белоруси го нарекуваат јазикот на Киевска Рус: староруски, односно староукраински, односно старобелоруски. Нациите и јазиците, кои ги познаваме денес, не постоеле во Средниот век и се оформиле подоцна. Тоа ти е к’о ја да го наречам јазикот на Св. Климент „старомакедонски“.

Континуитет?

Неспорно е дека современа Русија има врска со средновековната Рус. Но треба да ви биде јасно дека помеѓу тие две држави нема јасен и непрекинат континуитет. Меѓу нив има историска „дупка“ од 300 години. Киевска Рус пропаднала во XIII век, додека Русија, каква што сега ја знаеме настанала во XVI век.

Приказната е следна. Некаде во XII век, Киевска Рус почнала да се дроби на одделни кнежевства заради некои внатрешни несогласувања. За да биде бељата поголема, во XIII век, на тие простори навалиле монголо-татарските орди.

Од некогаш славната Киевска Рус останале распрчкани кнежевства, кои смееле да опстојуваат самостојно, само доколку редовно плаќале данок, хранарина, пензиско и радиодифузија на Монголите и нивните сојузници, Татарите.

Двата и пол века монголо-татарско ропство оставиле трага во генетиката, обичаите, менталитетот и јазикот на тие простори. Злобниците би рекле дека локалното население се „измелезило“ и дека веќе не било она, „оригиналното“ од славните денови на Киевска Рус.

Клучен момент

Клик на мапата за зголемено: Кнежевствата, кои ја сочинувале Киевска Рус.

Клик на мапата за зголемено: Кнежевствата, кои ја сочинувале Киевска Рус.

Некои од кнежевствата настанати по распадот на Киевска Рус се наоѓале во денешна Украина (Халич-Волинија, Чернихив, Киев и др.), некои во денешна Беларус (Полоцк), а некои во денешна Русија (Владимир, Суздаљ, Муром, Рјазањ, Ростов Велики, Москва и др.).

  • Кнежевствата, кои се наоѓале во денешните Украина и Беларус, најпрвин опстојувале самостојно, но подоцна потпаднале под власт на своите западни соседи. На тие простори низ вековите владееле Полска, Литванија, Австро – Унгарија и др. Со оглед дека влечело корен од Киевска Рус, тамошното население го добило латинскиот назив Рутени. Подоцна, низ вековите, тоа се разделило на Украинци, Русини и Бели Рутени (Белоруси).
  • Оние кнежевства пак, кои се наоѓале во денешна Русија, опстојувале независно едни од други, но со текот на времето, се појавиле стремежи за нивно соединување и заедничка борба против Монголо-Татарите. Московското Кнежевство (накусо: Московија) се наметнало како доминантно среде останатите кнежевства и ги покорило сите под своја капа. Со тоа, Московија се засилила и во XV век ги шутнала Монголо-Татарите назад во степите.

Тука доаѓаме до клучен момент: Откако Московија станала голема сила, во XVI век таа себеси се преименувала во Русија! Поточно во „Россия“, што потекнува од византиско-грчкиот назив за “Русь”. На контроверзен начин, Московија се прогласила себеси за единствен легитимен наследник и возобновувач на Киевска Рус, која пропаднала околу 300 години претходно.

Иван Трети

Иван Трети

Практично, со ова започнува историјата на руската држава и нација, какви што ги знаеме сега. Московија (денешна Русија) си го „патентирала“ името „Рус(ија)“ стриктно за себе, неводејќи сметка за ставот на луѓето во Украина и Беларус, кои ги спомнавме погоре.

Сето тоа се случило на следниот начин: На чело на Московија бил Иван III. Тој бил од династијата Руриковичи, значи некаков чукун – чукун – чукун наследник на Рурик. Иван III тргнал во мисија да ги обедини сите територии, кои некогаш ја сочинувале Киевска Рус и се прогласил себеси за „Велик Књаз на Целата Рус“. Московија се’ повеќе раснела и зајакнувала, па еден ден, на нејзино чело стапил цар, Иван Грозни, по што таа себеси се нарекла Царска Русија.

Со Московија и Царска Русија се создала денешна Русија. Таа држава поминувала низ разни фази. Во времето на про-европскиот реформатор Петар Велики, таа се преименувала во Руска Империја, потоа таа била Советска Русија, за на крај, од неа да се создаде денешната Руска Федерација.

Украински реакции

Украинските националисти не ја признаваат современа Русија за ексклузивен наследник на Киевска Рус(ија), туку со потсмев ја нарекуваат „Московија“ и ги нарекуваат Русите „Москали“. Присвојувањето на историјата на Киевска Рус и на името „Русија“ од страна на Московија во XVI век, Украинците го сметаат за нелегитимно.

Вистинската Рус(ија), според Украинците, е денешна Украина, затоа што Киев бил центар на Киевска Рус. Украинците укажуваат дека, кога во Киев цветала богата култура и цивилизација, на местото на денeшна Москва растело некакво шипражје, а наоколу лутало некакво диво угро-финско племе Мокша (од чие име, наводно, настанало името на Москва).

Украинците велат: замислете си дека една мајка (Киевска Рус) има три деца, од кои едното дете (Русинот) тврди дека само тоа е екслузивен наследник на мајката и го зема нејзиното име и тврди дека другите две деца (Украинецот и Белорусот) настанале од него. Русите велат: Киевска Рус = Русија, додека Украинците велат: Киевска Рус = Русија + Украина + Белорусија.

Преведено по нашки, замислете Словенците да се прогласат за ексклузивни наследници на Јужните Словени и да си го „патентираат“ тој назив без да не’ прашаат нас, Србите, Хрватите и другите екс-југословенски народи. Потоа, Словенците ќе тврдат дека ние сме настанале од нив, поради што, ние би требало да бидеме вклучени во составот на Словенија. Идејата не е лоша, но шегата настрана, таквите тврдења би биле апсурдни.

Навистина целата прикаска започнала на просторите на она што денес го знаеме како Русија, т.е. во Новгород, но таа држава создадена од Рурик немала словенски, туку варјажки карактер. Нејзината престолнина всушност се викала Холмгард, која подоцна била преименувана во Новгород. Тогаш немало некаква „руска нација“, каква што ја знаеме денес. Прашање е дали тие простори биле воопшто описменети и покрстени. Вистинската прикаска, според Украинците, почнува во Киев. Тоа била првата вистинска источнословенска држава и првата вистинска Рус(ија).

Украинските националисти тврдат и дека има мала врска помеѓу народот на некогашна Киевска Рус и денешна Русија. Тие тврдат дека заради монголо-татарското ропство, тоа население се измелезило и дека неговиот менталитет станал азијатски, со што се објаснува и апсолутистичката и империјалистичката политика на Русија. Руските владетели, според нив, се однеусваат како некакви „Џингис Канови“.

Монголо-Татарите, што е за право, биле присутни и во Украина, но таа се отарасила од нив нешто порано, затоа што потпаднала под власта на своите западни соседи. Нејзината територија долго време била под Полјаците, Литванците и Австро-Унгарците, поради што, Украинците тврдат, таа станала нешто „поевропска“.

Украинците не негираат дека низ историјата имало моменти кога нивните предци, Запорошките козаци, соработувале со Русија и чувствувале блискост кон неа. Еден од тие моменти е склучувањето на Перејаславскиот договор помеѓу козачката држава на Хмељницки (Хетманатот) и Царска Русија во 1654 год.

Русите го слават тој историски настан како „обединување на Русите од Русија и Украина“, а Украинците тврдат дека Хмељницки го иницирал склучувањето на договорот од чисто стратешки причини, затоа што му бил потребен силен заштитник од Полјаците.

Освен со Русите, козаците склучувале сојузи и со Полјаците, Кримските Татари, Османлиите, Швеѓаните и буквално со кого ќе стигнеле, доколку тоа им било од полза. Или пак се тепале со нив, доколку тоа им било од уште поголема полза. Перејаславскиот договор бил штетен и подоцна довел до анексија на Украина од страна на Русија, укажуваат Украинците.

Во ерата на создавањето на нациите (XIX век), националните дејци во Украина имале проблем околу тоа како да се нарекува нивната нација, со оглед дека називите „Рус(ија)“ и „рус(ки)“, кои влечат корен од Киевска Рус, веќе им биле „украдени“ од страна на Московија. Наводно, тоа била причината, поради која тие се решиле за регионалното име „Украина“. Доколку Московија не го направела тоа присвојување, Украинците денес ќе се нарекувале „Руси“.

Барем така резонираат некои од украинските националисти, според кои, терминот „Рус“ и дериватите „Русија“ и „руски“ треба да и’ пропаѓаат на денешна Украина. Или барем рамноправно да се користат од Украина, Русија и Беларус.

Зошто Московија да има екслузивно право на името „Русија“ и на тоа да се претставува како мајка на сите оние нации, кои произлегле од Киевска Рус? И зошто Московија да си дава за право да ги зазема тие земји?

Аргументите на украинските националисти можда се… well, националистички и национал-романтичарски, но донекаде можеби држат вода. Еве и да не држат. Еве да речеме дека Украинците биле потполно ист народ како и Русите!

So what?

Како што начнав погоре, се вели дека Австријците во Средниот век биле дел од Баварија и дека биле ист народ со Германците. Националното име на Австријците значи „Источно Царство“ (од “Ost” и “Reich”), што мене не ми звучи како назив за етничка група, туку како „Централноафричка Република“. Некаков административно – географски појам.

Е арно де, можеби Австријците биле Германци, ама веќе не се. Поради некои причини, тие станале одделен народ и си создале своја држава и култура. И тоа богата. Да не ја заборавиме Австриската Империја, како и австриските великани Моцарт и Falco. Австријците постигнале успеси на воен, културен и спортски план под свое, австриско знаме, а не германско.

Навистина, во даден период постоела идеологијата на пан-германизмот, која се залагала за обединување на сите оние народи, кои потекнуваат од Германите и кои говорат германски, но од некои причини, Австрија не влегла во тој проект.

Зар сега Германија треба да и’ направи “Anschluss” на Австрија, како во времето на Хитлер? Таман работа. Австрија, брате, си е меѓународно призната држава, со меѓународно признати граници и тешко на оној кој би кренал рака врз нејзиниот суверенитет. Тоа што било пред еден милениум е тотално ирелевантно во денешната меѓународна политика.

Чак што више, во Средниот век не ни постоела оваа германска нација, каква што ја знаеме сега. Современите нации се продукт на национализмот и национал-романтизмот на XIX век. Сега пак, Германија и Австрија се еден мултикулти миш-маш. Све Арапи, Црнци и Кинези. Тоа башка муабет.

Његош во својот Горски вијенац го спомнува зборот „Срби“ едно 716347631 милиони пути. Од неговата земја, Црна Гора, потекнува династијата Караѓорѓевиќи, потоа типот со слично презиме, Радован Караѓиќ, како и Слободан Милошевиќ и Жељко Ражњатовиќ – Аркан. Излегува дека Црногорците се српски субетнос. Помеѓу Србите и Црногорците има разлики во обичаите и дијалектот, но тие се оценуваат како регионални.

Добро, нека биле ист народ. Со тек на вековите, тие се разделиле. Црногорците си создале своја држава, имале кнезови, цареви, владики и воделе војни под свое знаме, вклучително и Првата Светска. Тие си изгласаа независност на референдумот во 2006 год. Дали сега Србија треба да им се меша во внатрешните работи или да им пушти тенкови?

Валонските сепаратисти тврдат дека франкофоните во Белгија треба да се одделат од неа и да се обединат со Французите, затоа што тоа бил ист народ. Од друга страна, има некои Холанѓани, кои се залагаат за „Голема Холандија“, која би ги вклучила белгиските Фламанци, кои говорат холандски. Или тоа е засебен фламански јазик? Како и да е, дали сега Франција и Холандија треба да и’ влезат на Белгија со тенкови и да ја расцепат на пола? Слични мрачни мисли ми доаѓаат и за Швајцарија.

Дали сте запознаени дека Молдавија всушност била Романија и дека Молдавците се Романци, а нивниот јазик романски? Со Пактот помеѓу Хитлер и Сталин во 1939 год., Молдавија потпаднала под советска власт. Таму, се вели, Сталин фабрикувал „модлавска нација“ со цел да ја оддалечи од романската. Тоа не било во ред, се согласувам! Но што да правиш сега? Биднало! Истото се случувало и на други места низ светот. Молдавија е сега независна и меѓународно призната држава, а нејзините жители си изградиле свој молдавски идентитет, кој го темелат врз историјата и карактеристиките на својот регион.

Островот Кипар не е грчки остров. Тој е кипарски остров, односно припаѓа на државата Република Кипар. Навистина, таму живеат етнички Грци. Меѓутоа, заради несогласувањата со соседните Кипарски Турци, дошло до тоа островот да не може да и’ се приклучи на Грција, по што тој станал независна држава. Дали сега Грција треба да го нападне Кипар и насилно да го анектира? Грција еднаш се вмеша во внатрешните работи на Кипар (1974), што доведе до катастрофални последици. Тоа испровоцира турска интервенција, по што, островот е поделен на грчки и турски.

Арапскиот свет некогаш претставувал мање-више една целина. Од некои причини: историски, колонијални, регионални, религиозни, племенски, клановски, династиски, идеолошки и не знам веќе какви, тој се расцепкал на куп држави. Навистина, во даден период, постоел пан-арабизмот, кој се залагал за нивно обединување, но сето тоа неславно завршило.

Дали знаете дека Египет и Сирија биле здружени во Обединетата Арапска Република (1958-1961)? Или друг пример. Ирачаните и Кувајтците до 1921 год. биле еден ист народ. Дали тоа било добро оправдание за Садам да им влезе во Кувајт со тенкови во 1990 год.?

Примери има уште многу.

Заклучок

После сето горенаведено да заклучиме. Русија нека е здрава и жива, ама нека ја олабаи Украина. Малорусија веќе израсна и се осамостои. Дали по „пуштањето од ланец“ таа ќе се занесе и ќе направи некои грешки, останува да видиме. Не спорам дека постојат украински ултра-националисти и слични глупости, кои никако не ги оправдувам.

Ако веќе мора да се оди во раздружување на Крим со Украина, дури и за тоа би покажал разбирање. Сфаќам, тој проблем е од поновата историја (1954), што значи дека се’ уште има живи сведоци, кои тогаш се почувствувале онеправдано. Сепак, дали е умно да се оди во раздружувње?

И Украинците си имале свои национални аспирации во однос на Крим. Во 1918 год., краткотрајната Украинска Народна Република таму водела некои воени операции. Имало и содејство меѓу Украинците и Кримските Татари. И тие си имале некои свои соништа за државност. Иако тие биле реализирани (Кримската Народна Република), набргу тие несреќно завршиле. И Украинците и Кримските Татари страдале од руските власти, без разлика дали царските или бољшевичките.

Сепак, стремежот на Украинците за самобитност и нивната огорченост од нивниот поголем брат, Русинот, не смее да забега во антиквизации и изопачување на историјата. Ако некоја историска личност во архивите фигурира како „руска“, украинските научници не смеат тоа да го бришат со гума и одозгора да напишат „Украинец“!

Истотака, тие не смеат Киевска Рус да ја претставуваат небаре е некаква „Античка Украина“ и да измислуваат дека тогашните луѓе имале „развиена украинска национална свест“. Објективноста пред се’! За жал, такви глупости се прават и во други земји, особено кај нас. И во нашата историографија има разни контроверзи и се правени разни фалсификати, например околу бугарскиот вопрос, но тоа е друга тема.

И да завршиме онаму каде што започнавме. Дошле некакви Викинзи и се измешале со Славјани, Угро-Финци, Хазари, Авари, Монголи и Татари, по што се родиле три ќерки. Тие биле дадени на чување во различни семејства: полско ли, австро-унгарско ли, руско ли, по што, девојките изградиле три различни идентитети. За среќа, свеста за тоа дека тие се сестри кај нив не била избришана и тие треба да се дружат и да соработуваат, притоа почитувајќи ги меѓусебните разлики.