Од лево: Маленков, Тито, Хрушчов, Ворошилов (конобар у позадина)

Приказната за Георги Максимилијанович Маленков (1901-1988), премиерот на СССР со потекло од Македонија, која денес е објавена на еден наш портал е доста интересна, но фактографските податоци им се хаос (корегирајте ме доколку грешам или ако сум превидел нешто).

Јас тој текст нема да го преземам (не крадам туѓ авторски труд како некои други сајтови), но ќе си дозволам малку да го прокоментирам. Ништо стручно, просто си праиме муабет. Да нагласам и дека тоа не е прв текст кај нас посветен на Маленков, за него веќе пишувале и некои други медиуми (пример тука).

Текстот, кој сега би сакал да го прокоментирам вели: „Македонецот кој ги спречи Сталин и Тито да предизвикаат Трета светска војна“, а поднасловот пак, „Дали СФРЈ ќе исчезнеше уште во 1956 година доколку Маленков не го предупредеше Тито дека СССР ќе ја нападне Унгарија, а потоа и – Југославија“.

Прво, како може Маленков да „спречил војна меѓу Тито и Сталин“ во 1956 год., кога Сталин умира во 1953 год.? Во 1956 год., на чело на СССР е Хрушчов, кој започнува десталинизација и извесна либерализација (т.н. Хрущёвская оттепель). Во рамки на тие реформи, Хрушчов се залагал и за затоплување на односите со Тито, та зошто би сакал да започне војна со него? Значи, во 1956 год., Информбирото е веќе историја. Голи оток можеби и понатаму функционирал, но во 1956 год., тој веќе губи на значење, затоа што опасноста од сталинизмот за Југославија веќе ја снемало.

Прв чекор кон затоплувањето на југо-советските односи е посетата на Хрушчов на Југославија во 1955 год., кога е донесена т.н. Белградска декларација, со која е ставен крај на информбировскиот период во односите меѓу двете држави. Посетата е возвратена во јуни следната година, кога Тито е пречекан како херој во Москва. Затоа сметам дека не можело да дојде до војна помеѓу (тазе смирените) ФНРЈ и СССР во 1956 год. Седум години подоцна, Хрушчов ќе го посети и разурнатото Скопје, на кое ќе му донесе и советска помош. Не верувам дека тој би бил добредојден, доколку подготвувал таква „подмукла“ и „ничим изазвана“ агресија врз ФНРЈ, како што се вели во текстот.

tito_hruschov_voroshilov

Тито фатен у момент како жваља торта

Навистина, 1956 год. била напната. Во југословенското соседство се случува Унгарската револуција, која е задушена со суровата советска интервенција, што ја ставило ФНРЈ во голем ризик. Можеби навистина постоеле тајни планови за советски напад (кои, според текстот, Маленков наводно му ги открил на Тито). Меѓутоа, некои други извори тврдат нешто сосема спротивно. Наводно, по помирувањето помеѓу СФРЈ и СССР, Тито „подзамижал“ пред советската интервенција во Унгарија, па дури им асистирал на Совјетите во контроверзното апсење на унгарскиот револуционерен водач, реформскиот комунист, Имре Наѓ, кога тој побарал азил во југословенската амбасада во Будимпешта.

Ова се „матни“ и контроверзни тези, но ете, има и такви извори, кои тврдат дека во дадениот момент Тито и Хрушчов всушност соработувале. Тито водел една своја неврзана политика и не бил член ниту на НАТО, ниту на Варшавскиот договор, но по потреба тој шурувал те со Западот, те со Истокот, во зависност од политичката ситуација. Оттаму, можно е при тајната посета на Хрушчов и Маленков на Бриони, за која се говори во текстот, тие да направиле „дил“ со Тито, тој да не се меша во нивната пресметка со Унгарците. Тито се разбира имал симпатии кон унгарските реформски-настроени комунисти, кои биле силно инспирирани од него, но кога Унгарската револуција почнала да добива карактер на „антикомунистичка буржоарска контрареволуција“, тој оценил дека советската интервенција е помало зло.

Кога ги спомнавме Унгарците, за нив во текстот се вели: „Во тие пе­кол­ни мо­мен­ти за све­тот, не­ве­ро­јат­на хра­брост по­ка­жу­ва­ат Ун­гар­ци­те – се ди­га­ат на ви­стин­ско во­ста­ние про­тив Мос­ква“. Прво, тоа не се пеколни моменти, а напротив, Унгарците се окуражени да се кренат заради десталинизацијата и либерализацијата која тогаш „дува“ од Москва. Во 1956 год. Стаљин е веќе мртов, а неговиот „најдобар ученик“, унгарскиот диктатор Матјаш Ракоши е тргнат од власт, инаку, тешко да ќе се кренеле. Значи тие, всушност, го искористиле моментот на слабост на СССР, кога неговите политики станале нешто „помеки“. Гледајќи дека заради либерализацијата, источноевропските земји ќе му се измолкнат од контрола, Хрушчов наредува воена интервенција.

Не е спорно дека меѓу Југославија и СССР имало доста напнати моменти, кои можеле да доведат до посериозен конфликт, но сепак не сум убеден во приказнава за можноста од југо-советска војна во 1956 год. Текстот тврди дека до таква војна не дошло, благодарејќи на тоа што Тито бил известен за советските планови од страна на Маленков, по што навреме обезбедил западна заштита за ФНРЈ. Прво, зошто Маленков би ја предал својата земја, Советскиот сојуз? Тој бил тврдокорен совјетски функционер. Тој е наследник на Стаљин лично! И каков Запад сега? Во дадениот момент, Белград и Москва имаат затоплени односи. Навистина, Тито во 1953 год. потпишал пакт со Грција и Турција за заштита од евентуален советски напад, но таа закана, како што објаснивме, повеќе не била актуелна.

Нека не ве изненадува таа променлива политика на Тито, тој пред се’ бил прагматик (неговите противници би рекле „вртикапа“). Така например, во даден период, тој ги помагал партизаните во Грчката Граѓанска Војна, за само неколку години подоцна да потпише пакт со истата таа „монархо-фашистичка“ Грција заради заедничка заштита од СССР. Многу скоро, тој ќе  заборави на тој пакт и ќе се смири со СССР, за потоа да го формира Движењето на Неврзаните. Потоа ќе пие кафе со Кенеди, па со Брежњев, па со Никсон, па со Ким Ил Сунг и не знам со кого се’ веќе. Турли-тава, ама тоа е Тито. И мора да се признае дека бил вешт во сето тоа балансирање.

За крај, најинтересниот дел од текстот, кој се однесува на македонското потекло на Маленков. Наводно, негов пра-пра-дедо (или како му доаѓа) потекнувал од Македонија, веројатно од Охрид. Кај наследниците на Георги Маленков, тој спомен се’ уште се чува и таа информација фигурира и во повеќе руски извори. И сето тоа е интересно, но поприлично завиено во магла. Да се тврди дека Георги Маленков бил некаков 100% чист и свесен „етнички Македонец“ во денешната смисла на зборот ми е некако нереално (забележувам таква тенденција во текстот демек „Уште ед­на интересна вест за успе­хот на Македон­ци­те во светот“ и сл.).

Според текстот, неговиот македонски предок пристигнал во Царска Русија 100-150 години пред тој да се роди (претпоставувам дека се доселил во украинската Славјано-Србија или Нова Србија, каде се формирале балканските хусарски полкови, за кои веќе имам пишувано во своите патеписи од екс-СССР). Претпоставувам и дека тој негов предок земал руска сопруга, по што децата од тој брак истотака се женеле / мажеле со локалното руско или друго население. Башка што тие негови предци мигрирале наваму – натаму, како резултат на што, Георги Маленков е роден во Оренбург, џенем таму кај рускиот Урал, близу граница со Казахстан.

После сиот тој миш-маш, за каков етнички Македонец може да стане збор? Освен ако неговите предци не се женеле / мажеле стриктно во рамките на својата етничка заедница, што е малку веројатно. Дотолку повеќе што не сме чуле ни една изјава од чоеков на тема на Македонија, иако тој ја посетувал Југославија, чиј составен дел некогаш бевме. Ни збор. Барем јас немам чуено. И како тоа, тој „многу сторил за Македонија“, како што вели текстов? Ние за типов дознавме дури сега. Не говориме за некој Тутанкамон, а за личност од поновата историја и тоа висок функционер на една светска суперсила. Тој починал не така одамна, во 1988 год. Чоеков имал можност стопати да не’ посети и јасно да каже за својата поврзаност со нас, доколку тоа го чувствувал. Барем јас така резонирам, можеби грешам. Што е за право, тој во даден период западнал во немилост на режимот, бил изолиран и сл.

Навистина е глупаво од моја страна што вака шпекулирам без да имам никакви информации, но што да правам кога нив ги нема или кога се доста штури? По некаква моја логика, испаѓа дека „Ѓорѓија“ не бил Македонец ниту по местото на раѓање и веројатно ниту по својата етничка припадност. Можеби грешам, но засега немам видено никакви сериозни документи. Она што јас не би го спорел е тоа дека тој имал само далечно (и не баш најразјаснето) потекло од Македонија. Таа информација е навистина интересна и јас им благодарам на медиумите, кои истата ни ја посочуваат, но да се прави од сите тие полупроверени „факти“ некаква национал-патриотска помпа е навистина смешно. Дотолку повеќе што човеков бил тежок стаљински џелат (иако по смртта на Стаљин, прифатил извесни реформи), но тоа е башка тема.

Ако Георги Маленков е Македонец „по националност“ (онака како ние го сфаќаме тоа), тогаш испаѓа дека Пушкин е еден 100% чист и национално свесен Африканец и познат африкански поет (може ви звучи шокантно, но тој навистина имал африканско потекло, дедо му бил откупен од ропство во Стамбол од страна на Србинот во руска служба, Сава Владиславиќ Рагузински, по што бил посвоен од Петар Велики и израснат во благородник). Смешно е тоа што африканското потекло на Пушкин е подобро документирано, отколку македонското на Маленков (затоа што кај Пушкин говориме за неговиот дедо, значи дистанцата не е така голема, додека кај Маленков, ни самите не знаеме точно дали говориме за неговиот пра-дедо, чукун-дедо или сл.).

Можеби за сево ова грешам, но очигледно, податоците со кои засега располагаме се доста штури.