Bitola.1914_01

Од времето на војните, поделбите и егзодусите на Балканот: Пазар во Битола пред цирка 100 год.

Панде Манојлов, поет од Битола со егејско потекло, ценет од Палестинците, а нам недоволно познат. Иако и други пишувале за ова (не откривам топла вода), сепак сметав дека е редно и јас да ја објавам оваа интересна прикаска, како додаток на мојата претходна поопширна статија, чија тема беше палестинската држава и нејзиното евентуално признавање од наша страна (кликни тука за да ја прочиташ статијата: Палестина دولة فلسطين).

Манојлов е роден во илјада деветстотини четириесет и осмата – бегалска како за неговите Егејски Македонци, така и за Палестинците. Во таа година, по победата на еврејските сили и создавањето на Државата Израел, се случува првиот палестинскиот егзодус, т.н. Накба (Катастрофа). Во весникот Нова Македонија од 26 септември 1982 год. тој објавил неколку песни на тема на палестинското страдање, кое тој го споредува со она на своите земјаци, Егејците.

Песните биле преведени на арапски јазик од страна на тогашниот палестински студент во неврзаната СР Македонија / СФР Југославија, а сега електроинжинер и новинар, Абас Абделкарим, по што се објавени во Арапскиот свет, каде предизвикале голем интерес, кој трае и денес.

Aegean Macedonian refugees

Palestinian_refugeesГоре: Егзодусот на Егејските Македонци од Грција, долу: Палестинската Накба, 1948

Минале години од објавувањето на тие песни, па авторот, нормално, малку и подзаборавил на нив. Но паралелно, без негово знаење, повеќе интелектуалци од Палестина се обидувале да стапат во контакт со него, барале информации кај негови колеги во земјава, но овие не можеле (или како што Манојлов претпоставува) не сакале да им помогнат. Суетите среде нашите писатели (и општо уметници) се позната работа, па Манојлов претпоставува дека некои негови колеги не го сметале за доволно релевантен. Дали е тоа така или не е, не е тема на оваа статија.

Она што е важно тука е линкот помеѓу нашиот и палестинскиот народ, како и аналогијата помеѓу егзодусите низ кои и обата поминале. Во мојата претходна статија за Палестина, јас ја направив истата аналогија, иако немав поим за овој писател и неговото творештво. Песните неодамна се реактуелизираа со нивно објавување во некои палестински online медиуми. Еден од нив е Palestine Chronicle, во чија работа учествуваат познатиот американски филозоф од еврејско потекло, но и критичар на израелската политика, Ноам Чомски, потоа палестинската политичарка Хана Ашрави и многу други интелектуалци, универзитетски професори и активисти за човекови права. За песните клик тука.

Инспирација за пишување песни со палестинска тематика кај Манојлов разбудиле масакрите врз палестинските бегалски кампови Сабра и Шатила во Бејрут, Либан, кои се случувале од 16 до 18 септември 1982 год. Нив ги извршило либанското движење Катаиб (Фалангата), чија идеологија содржи влијанија од фашизмот, антикомунизам и антиквизација (отфрлање на арапскиот и повикување на античко феникијски идентитет). Како таква, Фалангата била непријател на поприлично левичарската Палестинска Ослободителна Организација на Јасер Арафат и соработувала со израелските окупациони сили, кои ги помогнале масакрите. Со Фалангата, чии припадници биле маронити – христијани (етно-религиозна група во Либан), командувал Ели Хобеика, кој ги оправдувал масакрите како одмазда за злосторства извршени од Палестинците (а тие пак биле одмазда за претходни злосторства на фалангистите и така наназад до почетокот на Граѓанската Војна во Либан).

Хобеика го злоупотребил повлекувањето на меѓународните мировни сили и на Јасер Арафат и неговата ПЛО од Бејрут, за да може непречено да се пресмета со незаштитените (или слабо заштитените) палестински бегалски кампови, населени главно со неборечко население. Палестинските бегалци биле оставени на милост и немилост на фалангистите и биле убивани, клани, палени, тепани и силувани. Познатиот британски новинар и познат критичар на западната политика, Роберт Фиск, се обидел да интервенира кај израелските офицери со зборовите „Преземете нешто! Ова е Треблинка!“, но тие се правеле на удрени.

Точниот број на жртви не можел да се утврди и варира од неколку стотици до неколку илјади. На некои од труповите имало со нож врежани крстови. За исламистичкиот тероризам се говори многу, но со овој сме некако слабо запознаени. Меѓутоа, токму христијанин ќе се зафати со изнесување на ова злосторство пред лицето на правдата. Во 2001 год. лево – ориентираниот либански маронит и борец за човекови права, Чибли Малат, ќе покрене тужба против израелскиот премиер Ариел Шарон, кој во времето на масакрите бил министер за одбрана и како таков сноси (директна или индиректна) одговорност за нивното случување.

За жал правдата нема да биде истерана (барем не пред суд). Следната година, клучниот сведок и раководителот со масакрите, Хобеика, е убиен со бомба во неговиот автомобил. Ариел Шарон пак бил ослободен од обвиненијата и ги тужел за клевета медиумите, кои го поврзувале со масакрите. Како последица на нездравиот начин на живот и исхрана (има 115 кг.), тој доживеа срцеви удари и излив на крв во мозокот и западна во кома. Од 2006 год. наваму, тој вегетира во болнички кревет приклучен за апарати.

Масакрот длабоко се врежал во колективната свест на Палестинците, затоа нив особено им значело сочувството, кое преку своите поеми го изразил Панде Манојлов. Повеќегодишната потрага по него од страна на неговите палестински почитувачи конечно вродила со плод пред неколку години и дошло до средби. Се вели дека за него се заинтересирал и претседателот на Државата Палестина, Махмуд Абас, со кого истотака можеби ќе дојде до средба. Се разбира, јас не ги знам сите детали, само пренесувам она што го објавиле некои наши медиуми.

Во продолжение неколку видео клипови, а доколку сакате да дознаете нешто повеќе околу оваа интересна прикаска, кликнете тука. За крај ќе ги повторам зборовите на самиот Манојлов: јас немам ништо против Еврејскиот народ. Впрочем, кога Алберт Ајнштајн, Ноам Чомски или Дастин Хофман можеле да ја критикуваат израелската политика спрема Палестинците, иако самите се Евреи (и тоа истакнати мислители и уметници), навистина не гледам ништо шовинистички и антисемитски, доколку истото го сторам и јас.

Клик на наслов за преглед

Како што спомнав во мојата претходна статија, имаме и една друга поетска конекција со Палестина, а тоа е добитникот на Златниот Венец на Струшките Вечери на Поезијата за 2007 година, Махмуд Дарвиш. Тоа беше „стружанец“, а еве сега најдовме и битолчанец.

Во таа статија проговорев и за уште една битна врска меѓу нашата земја и Палестина. Таа е колевка на христијанството и православието е присутно среде Палестинците. Оние кои ги интересира таа тематика можат да прочитаат и кус прилог и за посетата на палестинската делегација на манастирот Св. Јован Бигорски со клик тука. Православните Палестинци земаат активно учество во Палестинската Ослободителна Организација (која е секуларна и отворена за сите Палестинци), рамо до рамо со своите сонародници – муслимани.

Arafat_Darwish

Поетска конекција: „стружанецот“ Махмуд Дарвиш (десно) со Јасер Арафат (лево)