Видео изјавата за исламизмот на еден не баш бистар следбеник на националистичката Англиска Одбранбена Лига, доживеа пародија која стана интернет феномен (т.н. internet meme).

English Defence League (EDL) е организација која се спротивставува на, како што вели, ширењето на исламскиот екстремизам во Британија. Таа протестира против тероризмот, неспособноста за интеграција и гетоизацијата на дел од емигрантите, нивното непочитување на вредностите на земјата-домаќин и наметнувањето свои, спроведувањето на шеријатските обичаи, бруталниот третман врз жените и истовремено ја критикува власта за нејзината претерана попустливост во име на мултикултурализмот. Противниците ја осудуваат EDL како шовинистичка организација, а поддржувачите укажуваат дека е всушност мултикултурна. Подробно околу неа подолу.

Симпатизерот на EDL, кој сега ќе го видите, јал не баш најинтелигентен, јал малце (поише) поднапиен во локалниот паб, очигледно нешто начул од говорите на своите лидери, но не дочул, па меша баби и жаби. За трагикомичноста на неговава изјава, дадена за ТВ камерите на еден протестен собир, допринесува и неговиот тешко разбирлив дијалект (веројатно од северот на Англија).

Оригиналното интервју

„Ајм хиа чу протест, рајт, коз ам гоинг он а маач коз ај уонт Бритн ту бе абаут Бритиш. Уив гот интеррејшал ло енд д исламик инфидел, деј аа чрајн то гет деа ло оува аа кончре… Ју гот ираки ло дет дејв пут ин Ландон… Ју гот Мусламик рејп гаангз науадајз…“

Противниците на EDL ја користат оваа снимка за да ја дискредитираат како збриштина шовинистички вагабонти, пијандури и фудбалски хулигани. Спомнувањето на исламистичките “rape gangs” (банди составени од пакистански екстремисти, кои наводно силувале млади девојки – „невернички“) на некои им зазвуче како “ray guns” (ласерски пиштоли) па оттаму и насловот на видео пародијата “Muslamic Ray Guns”.

Диџејот Алекс Рос направи одлична пародија на оваа ТВ изјава, задолжително да се прегледа / преслуша!

Ширејќи се преку социјалните мрежи овој видео клип стана сензација (т.н. meme) и доживеа разни преработки. Британциве се стварно луди. Разгледајте ја плејслистава подолу.

Разгледај надолу со лизгачот десно, клик на наслов за преглед.

Но смешките настрана. За да се сфати контекстот, ќе мора детално да се објаснат некои факти. EDL е формирана во март 2009 година во Лутон, Англија, како реакција на исламистичките демонстрации против парадата на британските трупи вратени од Авганистан. Иако не баш голем град, Лутон е познат низ светот по две работи: оближниот лондонски меѓународен аеродром Лутон (каде слетуваат авионите на Wizz Air од Скопје) и присуството на значително малцинство од исламска вероисповест. EDL тврди дека експанзијата на екстремизмот во редовите на ова малцинство доведува до етно-религиозни конфликти во градот.

Лидер на EDL е Стивен Ленон (спази му презиме), кој заради лична безбедност, извесно време се појавуваше на тв екраните маскиран и тоа под псевдонимот „Томи Робинсон“. Подоцна „главом и брадом“ излезе од анонимност, но прекарот му остана занавек. Се работи за роден лутончанец, сопственик на продавница за солариуми. Противниците го осудуваат како ксенофоб, шовинист, дури и неонацист, но тој ги отфрла обвинувањата укажувајќи дека тој самиот е син на ирски емигранти, а движењето, кое го предводи, е отворено за припадници на сите можни етникуми и верски заедници.

Така например, еден од раководителите на EDL е Кевин Керол, кој е женет за црна сопруга, друг битен играч е Гуармет Сингх, припадник на Сиките (етно-религиозна заедница од Индија), присутни се и Афро-Јамајканци, Евреи, па дури и по некои Пакистанци – Муслимани, како напр. Абдул Салаам, кои се дистанцираат од екстремизмот присутен кај некои нивни сонародници. EDL е отворена дури и за припадници на геј и лезбиан заедницата, кои во исламизмот гледаат закана по своите животи и по слободите кои ги уживаат во западното општество. Нивното знаме со боите на виножитото се вее на собирите на ова движење.

Томи Робинсон, лидерот на EDL е физички нападнат при вожња низ Лутон.

Во знак на јавно дистанцирање од неонацистичките движења, припадниците на EDL пред телевизиските камери го запалија и знамето на Третиот Рајх со кукастиот крст. Како што Робинсон изјавува, во Лутон нема никакви етно-религиозни конфликти меѓу Англичаните, Ирците, Јамајканците, Кинезите, Индусите, Сиките… а проблемите се поврзани исклучиво со исламската заедница.

„Не исламот сам по себе, а неговата анахрона интерпретација од 7 век е она што ни пречи и тој треба да се реформира и да се адаптира на современото западно општество“ – како што вели Робинсон. Тој се дистанцираше и од познатиот терорист Андерс Брејвик, кој на своето судење тврдеше дека е поддржувач на EDL и дека имал контакти со оваа организација.

Сепак, антифашистичките движења (напр. Unite Against Fascism) и повеќе медиуми тврдат дека „толеранцијата“ на EDL е само „мачкање очи“ и дека во суштина таа е сепак шовинистичка и насилна организација. Тие понекогаш „уловуваат“ расистички скандирања на поединци на собирите на EDL, која истите ги осудува или пак, ги оправдува како испади во афект или како провокации на уфрлени злонамерници. Сепак, факт е дека повеќе припадници на EDL се поранешни поддржувачи на поекстремната националистичка партија British National Party, иако, наводно, се откажале од неа.

Поддржувачи на EDL од редовите на малцинствата: знак за толерантност на движењето или пиони за сликање пред камери?

Лично, јас сум противник на секаков шовинизам, религиозна нетрпеливост, расизам, фашизам и неонацизам и сум комуницирал со луѓе, кои се борат против овие негативни појави низ Европа и светот и сум посетувал нивни демонстрации (како напр. оние во Берлин, по повод 60 годишнината од Победата над фашизмот на 8 мај 2005), за што порано имам пишувано по интернетов. Но, оваа (ај да ја наречеме) ’умерена’ националистичка организација, EDL, ме збунува.

Се чини, навикнат сум да ги гледам работите упростено, помалце олд-скул, каде се знае кој е ултра- левичарски анархист, а кој ултра-десничарски неонацист. Но тука не ми е се’ баш најјасно. Дали во случајот со EDL се работи за обид едно шовинистичко движење да се протне како „умерено“? Или пак, се работи за легитимен револт на англиската популација, која, да бидеме објективни, има проблем со исламизмот во својата земја (сети се на бомбите во лондонското метро на 7/7/2005)? Не би знаел да оценам.

ТВ дебата на BBC во која Робинсон судира ставови со претставниците на исламската заедница.

Иако се декларирам како православен, притоа сум доста либерален и немам ништо против муслиманите. Колку и да звучи како издрндано клише, јас навистина имам пријатели, кои припаѓаат на таа верска заедница и со нив немам никаков проблем. Еве рецимо Сеад коа ми бил на гости сум му нарачуел пици без свинско, алкохол не пие, па морало ice-tea да му купуем, комплицира, муџахедин (се зезам де :) )

Сепак, шегата настрана, без да навредам некого, факт е дека исламистичкиот екстремизам е глобална закана. Порано такви работи се случуваа „таму некаде џенем“, во земји кои повеќето не можеа да ги најдат на мапа: Иран, Авганистан, Бејрут, Либан, Амал, Хезболах, Хамас… Навистина кај нас во неврзаната екс- СФР Југославија имаше студенти – палестинци, но беа поприлично секуларни (Арафат фазон). Но сега Ал-Каеда е насекаде, веќе никаде не е безбедно и секој е потенцијална мета.

Морам искрено да признаам, едно време ми се чинеше дека исламизмот е единствена сила, која може да се спротивстави на американското (и воопшто, западното) империјалистичко и колонијалистичко самоволие, како и на декадентниот конзумеризам, материјализам и глобализам. Ме контате, млади к’о млади се палат на екстремизам (маици Че Гевара и сл.) у фазон на флоскулата “one man’s terrorist is someone else’s freedom fighter”. Впрочем, знаете ли дека нашите комити од ТМОРО самите себеси понекогаш се нарекувале „терористи“? И Солунските атентатори биле терористи по секоја дефиниција, како и Сандански, киднаперот на Мис Стоун.

Да се сетиме на „колатералните“ жртви и материјални штети, кои НАТО ги правеше на овие простори, заради што, некои наши сограѓани со радост гледаа како авиони им улетаа у кулите близначки на 9/11 во Њујорк. Впрочем, САД самите го создадоа Бин Ладен, кога ги вооружуваа неговите арапски доброволци со стингери за борба против СССР во Авганистан, за подоцна тоа да им се врати како бумеранг у фаца. Но ситењето на страна, како што човек созрева, сфаќа дека со оган нема играње и покрај револтот од западната политика.

Авионите на 9/11, бомбите во мадридското метро 2004, потоа и лондонското 2005 година, не ги распознаваа своите жртви по нивната вероисповест, како ни оние во московскиот аеродром Домодедово, кои убија еден куп недолжни луѓе, меѓу кои, иронично, и муслимани од бившите советски простори (напр. Таџикистан, Узбекистан).

Кога сум кај Москва, патем да спомнам и еден трагикомичен инцидент. Девојка- чеченка била ангажирана како бомбаш – самоубиец, при што експлозивот требало да се активира преку смс порака на нејзиниот мобилен телефон, пратена од организаторот на акцијата (веројатно немал доверба дека таа самата би го активирала). Девојката се движи кон метрото кога одеднаш ЖБРАДАУУ! Експлодируе усред улица! Стигнала некаква непланирана рекламна порака. Spam kills.

Изманипулираната девојка отиде курбан за ништо, а послодавецот можеби си лади јаја на некоја плажа на Саудискиот полуостров. Најголеми жртви на исламистичкиот екстремизам се токму самите муслимани. Тие се манипулирани, туркани во војна и тероризам, казнувани се во своите средини за најмали престапи, честопати со каменување. Особено репресирани се жените, кои се подвргнувани на насилство, носење бурка, договорени бракови и genital mutilation. Екстремистите сакаат сите овие обичаи да ги пресадат среде исламските заедници на Запад. Тоа доведува до создавање на паралелни општества и гетоизација, а не вистинска интеграција и мултикултурна хармонија. Од една страна шеријат, од друга – исламофобија.

Во западните градови ако Лондон, Париз, Амстердам, Сиднеј или други, веќе има “no go zones” каде „каур“ не може слободно да прошета. Порано, недолжни странски емигранти навистина беа мета на напади на ксенофобни и шовинистички организации, но сега имаме некаков reverse racism. Како што рекоа Меркел, Камерон и Саркози, мултикултурализмот се чини дека е fail, иако, како што реков, не сум шовинист, та и самиот сум дете од печалбарско семејство, емиграцијата и мултикултурата се дел од мојот живот. Мене ми е OK да кркнам турски донер ќебап во Берлин или узбекистанска шаурма у Москва или пекиншка патка у Сиднеј, но работите тргнаа во лоша насока. Мултикултурализмот е во криза.

Припадниците на EDL се главно од поскромните општествени слоеви, па ги обвинуваат хипстерските либерали, од кои и се најчесто критикувани, дека се middle class студенти, кои не се свесни за проблемите со кои тие секојдневно се судираат. Објективно гледано, барем доттука се во право. Лесно е да се пропагира мултикулти и соживот од удобните семинари у незнамти Амстердам или Барселона, док некој у Ист Енд на Лондон неможе да искочи од врата да не го закоље некој верски фанатик.

Донекаде можам да го разберам револтот на EDL, но далеку од тоа дека ги поддржувам! Такви лумпенпролетерски популистички движења, кои играат на „национална карта“ се опасни и нивното мафтање со крстот на Сент Џорџ (претставен на англиското знаме) побудува језиви алузии на едни крстоносни фундаменталисти од нашиве простори, кои се појавија во исто време, во март 2009 година на скопскиот плоштад „Македонија“ ако се сеќавате…

Затоа се оградувам од сите форми на екстремизам без разлика дали е челавиов и глатко обријан на EDL или пак брадатиот на нивните противници. Текстов имаше чисто документарна природа и не беше промовирање на екстремни идеологии и движења или обид некој да биде навреден.

Клик за преглед: Документарецот за EDL: Young, British and Angry на Бен Андерсон од BBC