Noize MC - Жвачка

Дали си умишљам или идејата за „боењето“ на Скопје во текот на Шаренава револуција е произлезена од еден спот, кој го објавив кај мене на сајт пред извесно време? Се работи за спот на рускиот рап-рокер Noize MC за кого пишував во статијата „Бучно м’це против куртонизацијата“, во кој, ние можеме да видиме како низ еден град се разлеваат разни бои.

Прочитајте ја таа статија за подробно да се запознаете со тој музичар, кој во Русија се прослави не само по своите хитови, туку и по својата критика на тамошниот путински режим, како и по својот антивоен ангажман и заложбите за мир со соседните Украинци. Што е за право, конкретнава песна не е политички ангажирана, туку е посветена на еден негов покоен пријател, кој истотака бил музичар.

Во Русија патувам често, па сум релативно добро запознаен со нејзината музичка сцена. Спотов е топ продукција, од што може да се види дека таму има страшно креативни луѓе и многу поразвиена сцена од нашата. Во некои минати времиња, нашата екс-ју сцена била супериорна во однос на руската, но нивната сега е отидена многу напред. Русија поседува и преубави градови, богати со висока култура (архитектура, музеи, театри итн.), каков што е мојот омилен Санкт Петербург, кој може да се види во некои сцени од спотов.

Русија има огромни квалитети, за кои говорев уз фото и видео материјали во статијата „Запад нè отпишуе, Исток нè прешишуе“, која треба задолжително да ја погледнете, но таа земја нема демократски традиции. Навистина, квалитетот на спотов ни укажува дека економскиот стандард таму е кренат (барем во поголемите метрополи) и треба да бидеме објективни дека Путин економски ја заздрави Русија, но за жал, тој владее со авторитарни методи. Тоа беше евидентно и од неодамнешната реакција на рускиот министер за надворешни Лавров на нашата Шарена револуција, која тој ја оцени како „украинско сценарио“ зад кое стојат странски служби и сл.

Русија има долга авторитарна и империјална традиција уште од царските и сталинските времиња и тој менталитет тешко се реформира. На крајот на краиштата, тоа си е прашање со кое треба да се занимаваат нејзините граѓани, а не ние. Русите нека прават што ќе прават во својот двор, но ние не смееме да дозволиме устоличување на сличен авторитарен систем во нашата земја. Се разбира, ние треба да соработуваме со Русија, без оглед на промените, кои ќе следат кај нас (а тие се неизбежни). Таа не само што поседува богата култура, туку и обилни природни ресурси, таа е мошне битна за рамнотежата во светот, а и рускиот народ нам ни е сроден. Истотака, мора да продолжат и добрите односи со Украина. Ние не сме во војна со никого.

Кога веќе спомнав војна, кај многумина постои страв дека од оваа дестабилизација на нашава земја најголем ќар има великоалбанскиот експанзионизам. Деновиве видовме и митинг на некои албански партии со националистичка иконографија. Да бидеме отворени, таквите не сакаат соживот. Таквото нивно однесување јас одамна го критикував во статијата „Албанска антиквизација“. Омразата е за секаква осуда, без оглед од која страна доаѓа. Шарената револуција е нешто сосема друго. Таа е општограѓанска и е отворена за сите етникуми. Затоа и ќе победи.

Како што го поддржувам револтот против СК2014, апелирам да се стори нешто и за заштита на Скопската чаршија. И таму е во тек сличен мегаломански проект, а башка, јебеното Министерство за економија спроведува некакво „унифицирање на излозите“, кое се заканува да ја уништи. Се планира и „барокизација“ на автентичната староскопска зграда Ибни Пајко. Сторете нешто!

Сличен проблем имаше и во гореспоменатиот Санкт Петербург. Пред неколку години, компанијата Газпром таму сакаше да гради облакодер, кој се закануваше да ја унакази убавината на овој историски град. Но, граѓаните, интелектуалците, уметниците и секако, архитектите, не дозволија да бидат исплашени од страна на тамошниот режим и разните тајкуни, кои шуруваат со него, па го кренаа својот глас против овој проект и успејаа да го спречат неговото завршување.

За некои од овие теми јас веќе говорев во статијата „Аферата Пуч“. Во неа раскажував и како пред пет години јас предвидов дека нашиов авторитарен режим ќе биде срушен одвнатре. Во последниве денови, тој се обиде да ги заплаши учесниците на Шарената револуција со апсењата на Зоран Божиновски, Здравко Савески, Владимир Куновски и др., а покана за „информативен разговор“ доби и генералот Стојанче Ангелов. Но со тоа, режимот предизвика само контра-ефект. Протестите продолжуваат. Готов е.

Ете, стално ми крадат идеи. И ова не е првпат, можам да наведам уште куп примери! А пари, камо? Се зезам, Шаренава револуција не е ниту за пари, ниту за сендвичи, како што веќе објаснував во статијата за контрапротестите под наслов „Офци“. За разлика од тие офци, мене не ми требаат сендвичи. Моите потреби се скромни. За мене е доволно амбасадорско место у Москва или Киев, а може и конзулско у Санкт Петербург, па да уживам секојдневно у автентичен барок и класицизам и подеднакво убави Русинки и Украинки, а не да го глеам ова скопско ругло.