Култната скопска група Леб и сол, позната по хитот „Скопје“, формирана во неговата нас. Тафталиџе. Ни еден на сликава не е роден Скопјанец.

На 26 јули, на сајтов одбележавме пола век плус година кусур од Земјотресот. Тоа беше повод за отворање на некои скопски теми и дилеми, меѓу кои и онаа за „провинцијалците“. Немам ништо против дојденци од внатрешноста, има меѓу нив златни деца, но за жал и сељачишта. Такви има и меѓу самите Скопјани, затоа што во нашиот контекст „сељак“ не означува место на живеење, раѓање или потекло, туку карактерна особина. Има сељаци, кои се родени усред Центар (ај да не редам сеа имиња), додека меѓу оние кои дошле тука од страна, има навистина светски луѓе. Не може да се генерализира, се’ зависи од чоек.

Мајка ми е од Старо Скопје, а татко ми од Ѓавато, Битолско, но тој тука се доселил од Австралија, каде што бил на печалба. Поради тоа, миграцијата помеѓу разни места, па и држави, ја сметам за нормална. Но од друга страна, го делам мислењето на многу мои сограѓани дека: дојденецот мора да го почитува местото во кое се доселил и неговите жители, како и нивниот начин на живот, навики и обичаи и да се адаптира на нив, без да ги наметнува своите. За жал, тоа тука не е случај и затоа многу од нас се чувствуваат како странци во сопственото место на живеење и сметаат дека политиката на „отворен град“ во Скопје се покажа како неуспешна и штетна. Ова особено го погодуваше мојот сега покоен вујко, кој беше еден староскопски боем. Не ни помислував дека ќе дојде ден кога и јас истотака ќе се чувствувам.

Јас самиот не сум роден во Скопје, туку во странство, заради работата на моите родители. Сепак, јас сум израснат и формиран како личност на улиците на Скопје и сум негов неодвоив дел. Токму на тема на Скопје беше и најуспешната статија на мојов сајт, ретро фото изложбата Скопје кое веќе го нема. Многу славни Скопјани не се ни родени во Скопје, но тие тука растеле, твореле, го облагородиле со своето присуство и оставиле силна трага врз него. Да наброиме некои од нив. Затоа што, да не се преселеле во овој град, тој духовно ќе останел многу посиромашен.

Влатко Стефановски - Рок легенда и гитарски виртуоз. Поранешен фронтмен на Леб и сол и на Влатко Стефановски трио, како и успешен соло артист. Жител на улица Мексичка во Тафталиџе, позната скопска фаца и може да се рече, локал-патриот. Автор е на музиката на песната „Скопје“ од албумот на Леб и сол „Као какао“, која е една од неофицијалните „химни“ на нашава „метропола“. Малкумина знаат дека тој е роден во Прилеп.

Горан Стефановски - Драмски писател, автор на ремек делата: „Диво месо“, „Бушава азбука“, “Hi – Fi”, „Чернодрински се враќа дома“, „Демонот од Дебар Маало“ и др. Брат на Влатко Стефановски, со кого заедно пишувале песни за групата Леб и сол и со кого ја делат големата љубов кон Скопје. Негови се култните стихови: „Скопје има микро клима, изгор лето, кочан зима“ или она „Дебар маала није шала“. Всушност, тој е роден во Битола.

Бодан Арсовски - Басист на Леб и сол и соло-музичар. Единствен член на групата, кој свирел на сите нејзини албуми. Нејзиниот состав се менувал. Во зависност од периодот, зад клавијатурите седеле Кокан Димушевски, Кирил Џајковски или Валентино Скендеровски, на тапаните пак, Гарабет Тавитјан, Драгољуб Ѓуришиќ, Срѓан Дункиќ или Михаил Парушев, а по заминувањето на Стефановски од групата, нејзин гитарист стана Димитар Божиков. Арсовски е константен член на групата уште од нејзиното основање во 1976 год. во скопското Тафталиџе. Во таа населба Бодан се доселил уште во раната младост од родното му Куманово и во неа го запознал Влатко. The rest is history.

Васко Тодоров - Познат по хумористичното тв шоу „К-15“, пародичната музичка група Дуо Трио и една од главните улоги во филмот „Бал – кан – кан“. Неговото алтер-его, Тошо Малерот, претставува епитом, персонификација, отелотворение (или како тоа веќе се вика) на еден стереотипен скопски шизик. Поише скопски него шизик де. Меѓутоа, Тодоров толку убедливо го има „скинато“ скопскиот сленг и начин на однесување, што вие никогаш не би погодиле дека тој уствари е од Радовиш.

Данило Коцевски - Романсиер, поет, драматург, книжевен критичар, уредник на литературното списание „Разгледи“ и директор на Струшките вечери на поезијата. Важи за најупатен познавач на историјата на град Скопје и како таков, автор е на повеќе трудови на таа тема. Учествуваше во тв серијата „Досие Скопје“ на режисерот Дарко Митревски, во рубриката под наслов „Авторитетот Данило“. Коцевски вам ви е познат како хроничар на Скопје и веројатно немате поим дека тој всушност е роден во Куманово.

Петар Арсовски - Актер во многу наши битни филмови и серии: „Најдолгиот пат“, „Истрел“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Илинден“ и др., како и во странските: „Караула“, „Равна Гора“, и “Welcome to Sarajevo”. Има мајсторски одиграно неколку типични скопски улоги: шверцерот Наќо Скопски од тв драмата „Скопски сновиденија“, Бургер од „Среќна Нова ’49“ (и неговата реплика „Живот пише романе“) и секако, монолозите од „Досие Скопје“. Некои би помислиле дека се работи за Стар Скопјанец, но тој е роден во село Мокрино, Велешко.

Александар Станковски - Најзначаен претставник на скопската алтернативна уметничка сцена. Познат е по своето сликарство, стриповите, уметничките перформанси и инсталации, видео-артот и филмовите „Маклабас“, „Кокино“ и „Самитот на шаманите“. Работел и радио драми на култното скопско радио Канал 103. Бил член на арт колективот „Зеро“, формиран во 1985 год. од студенти на скопската ликовна академија во Сули Ан, чие собирно место била чајџилницата „Галерија 7“ во Старата чаршија. На неговото творештво влијаеле халуциногените дроги. Заедно со Владо Манчевски е ко-автор на книгата „Дрогераш“. Соработувал и со Жанета Вангели, Никола Гелевски – Коља, Милчо Манчевски, Златко Трајковски – Хинки, Драган Абјаниќ и други ликови од скопската авангарда, кај која тој уживаше култен статус. Ова се промени со неговата поддршка за мегаломанскиот кичерајски проект СК2014, што разочара многу негови почитувачи. Родум е од Кичево.

Горан Трајкоски - Наш светски признат музичар. Вокалист и инструменталист на етно-групата Анастазија, позната по музиката за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој беше номиниран за Оскар. Меѓу многуте нивни теми беше и „Гори Скопје“. Пред да се заинтересира за црковно – словенското пеење, во осумдесеттите години на минатиот век, Трајкоски членувал во скопскиот панк бенд Сарацени, предводен од Владимир Петровски – Картер. Потоа, Трајкоски ја формира дарк групата Падот на Византија и во даден период беше фронтмен на Мизар. Иако е роден во Велес, а дел од животот поминал во Струга, Охрид и Битола, тој беше препознатлив урбан лик на скопските улици.

Јовица Михајловски - Познат филмски и театарски актер, чија антологиска улога беше онаа на ќељавиот у „Бушава азбука“. Го глумеше и ликот на Јоцо Бугар во театарската претстава поврзана со скопскиот земјотрес, „Грев или шприцер“. Прва главна улога на филм му беше чичко Кумплунг во „Самоуништување“, чиј продуцент беше самиот. Имаше и многу добри споредни улоги, како например: Боле Змија во „Тетовирање“, газдата во „Превртено“ и Јане во тв драмата „Стрмоглави“. Се појави и во омнибусот “Skopje Remixed”. Честопати успешно глуми типични скопски ликови, со нагласен скопски говор, па може нема да поверувате ако ви кажам дека е роден во Битола.

Михајло Шкаперда - Познат скопски трговец од влашката етничка група. Бил сопственик на една од најпознатите куќи во центарот на Скопје, која го преживеала земјотресот. Изградена е во раните триесетти години на минатиот век. Сега таму е италијанската амбасада, но секој вистински Скопјанец ја познава како „Куќата на Шкаперда“. Таа неколкупати ги менувала газдите. По Втората Светска Војна, таа била конфискувана од новите социјалистички власти. Зависно од периодот, во неа биле сместени функционери, матичното (каде, патем, се земале моите родители), редакцијата на „Млад Борец“ и други институции и фирми. Шкаперда бил роден во Крушево. Татко му Никола бил печалбар и трговец, кој решил да го пресели семејството во Скопје, веројатно заради османлиските зулуми.

Лазар Личеноски - Експресионистички сликар, познат по своите пејзажи, во кои вметнувал и фолклорни мотиви, а сликал и мртви природи и портрети и изработувал мозаици. Дипломирал на ликовната академија во Белград, а специјализација завршил во Париз. Негови дела биле изложувани по многу светски галерии. Бил еден од првите професори, како и директор на скопското Средно училиште за применета уметност, кое денес го носи неговото име. Јас токму таму го завршив своето средно образование. Неговата куќа, изградена само три години пред земјотресот на бреговите на Вардар под Калето, е еден од поинтересните објекти во Скопје. Меѓутоа, Личеноски бил родум од Галичник.

Ферид Мухиќ - Нашиот најпознат филозоф. Долгогодишен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Воедно, почесен професор на универзитетите во Њујорк, Флорида и Сорбона во Париз, како и на Меѓународниот институт на исламската мисла и цивилизација во Куала Лумпур, Малезија. Автор е на повеќе научни трудови и литературни дела, во кои е вбројува и една монографија за Скопје, кого Мухиќ го опишува како „градот со седум порти на пет јазици“. Инаку, Мухиќ е роден во местото Махоје, општина Завидовиќи, Босна и Херцеговина.

Борис Мајсторов - Доајен на Радио Телевизија Скопје. Многумина од вас сигурно го помнат од своето детство, по неговиот препознатлив глас во разните цртани филмови. Имал сработено и голем број на радио драми, форма која кај нас порано многу се негуваше. Бил роден во Велес, но својот работен век го поминал во Скопје, каде што пред неколку години и почина.

Александар Џамбазов - Ценет композитор и диригент. Автор на „Рапсодијата за Скопје“ (1966). Диригираше на фестивалот „Златно славејче“, за кој ги напиша: „Еј гулаби бели“, „За сите деца“, „Мојата учителка“ и најбитната, „Песна за Скопје“ (1974). Нејзините стихови: „Градот убав пак ќе никне“ и рефренот: „Скопје радост ти ќе бидеш“ се на писателот Бошко Смаќоски (родум од Модрич, Струшко). Но ни Џамбазов не е роден во Скопје. Во меѓувоениот период, неговиот дедо – вмровец бил стрелан од српските власти. Татко му бил прогонет во Војводина. Затоа, Џамбазов се родил во селото Стапар близу Сомбор. Сопруга му беше актерката Анче Џамбазова, ќерката на Прличко. Од тој брак се родил Игор Џамбазов.

Џабир Дерала - Новинар, аналитичар, активист за мир и човекови права. Учествувал во создавањето на невладината организација „Цивил“ и на списанијата „Зрак“ и “Jeta” (албански: Живот). Пишувал и за „Пулс“ и „Форум“ и автор е на неколку книги. Бил водител и/или уредник во Лајф Радио, Стотројка, Канал 4 и во А1 ТВ. Таму имаше емисија за underground сцената, под наслов „Герила“. Беше продуцент на мултимедијални проекти, документарци и фестивали. Зеде учество во филмот на Ацо Станковски „Маклабас“. Дерала е толку познат лик во градов, што не сум помислил дека тој не е роден во Скопје. Арно ама, тој да ти бил од Тетово.

Венко Андоновски - Романсиер, поет, драматург, есеист, литературен критичар и книжевен теоретичар, доктор на науки и професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Врз основа на неговото најпознато дело „Папокот на светот“, режисерот Игор Иванов – Изи го сними играниот филм со урбана тематика, „Превртено“, во кој се појавуваат и повеќе ликови од скопскиот асфалт. Андоновски е инаку роден во Куманово.

Ристо Пенов - Градоначалник на Скопје во два мандати: 1996-2005, од редовите на ЛДП. Во даден период тој беше и претседател на таа партија. Некои со скепса гледаа на неговото стапување на функцијата градоначалник, затоа што тој е роден во Велес. Сепак, тој направи некои позитивни чекори за Скопје, барем на почетокот на своето раководење со градот. Тогаш, за првпат по долги години беше подновена неговата инфраструктура. Беа поставени канделабри, клупи и сл. Меѓутоа, некои Скопјани, вклучувајќи ме и мене, му замеруваат за начинот на кој што беше изменет Камениот мост (со тоа „белоно“ одозгора), како и централниот скопски Плоштад („авионска писта“). Во тој период се направија и други глупости, но барем помали во однос на монструозниот проект СК2014, кој за жал ни се случува сега.

Атанас Костовски - Легенда на нашето спортско новинарство. Бил коментатор на безбројни натпревари, одиграни како во земјава, така и во странство, како и на повеќе домашни, европски и светски првенства во разни спортски дисциплини и на повеќе олимпијади. Негова матична куќа беше Радио Телевизија Скопје, иако всушност тој е родум од Пехчево. Гостуваше во спотот за „Гол“ на скопските ска-панк легенди Суперхикс, кој делумно беше снимен на стадионот на ФК Вардар.

Луан Старова - Писател, професор и дипломат. Роден во Поградец на албанскиот брег на Охридското езеро. Во Скопје се доселил во повоениот период, за кој пишува во „Времето на козите“. Тогаш, новите социјалистички власти се „обрачунавале“ со козите за полуаграрната земја да ја направат индустриска. Скопје било касаба (не живеел секој во Ристиќева) и козите биле вообичаени во некои маала (ни сеа не е поарно). Тоа е прикажано и во „Среќна Нова ’49“. Старова дипломирал на филолошки и докторирал француска книжевност во Загреб. Бил амбасадор на државава и на бившата СФРЈ во: Тунис, Франција, Шпанија, Португалија и УНЕСКО. Според негово дело беше снимен тв филмот „Тврдина од пепел“ за истражувач на Чаршијата (заснован врз татко му), кој прави епохално откритие од отоманскиот период. Во главната улога е Бајруш Мјаку, познат скопски актер, родум од Качаник. Името на Старова на албански се изговара „Љуан“ (за „Л“ треба две “LL”).

Дарко Лешоски - Моментално една од најголемите интернет селебритиз кај нас, сособено меѓу девојчињата. Познат е по своите романтични раскази и поеми, низ кои провејува еден скопски урбан дух, иако тој е всушност роден во селото Вевчани, Струшко. Своите дела тој ги објавува на сајтот на Сашо Мацановски – Трендо, Off.net.mk, како и преку својот Facebook профил.

Рефет Абази - Познат филмски и театарски актер од редовите на албанската етничка заедница. Глумел во култната серија „Трст виа Скопје“, како и во странските филмови (или копродукции): “Falja e Gjakut”, “Pariser Platz – Berlin”, “Gone Back” и др. Бил продуцент на детската серија „Наше маало“, која се занимаваше со темата на соживотот и толеранцијата. За својата работа добил повеќе признанија. Веќе деценија и пол предава актерска игра на Факултетот за Драмски Уметности во Скопје, но роден е во Тетово.

Тошо Филиповски - Музички новинар, кој придонел за развојот на нашата underground музичка сцена, особено во Скопје. Водел телевизиски и радио емисии и пишувал околу таа тема. Сопственик е на продавница за раритетни носачи на звук (плочи, цедеа и др.), именувана според познатиот американски фанзин “Maximum Rocknroll”. Веќе со години редовно ги следи сите музички збиднувања во Скопје, а често и самиот бил нивен организатор. Родум е од Кочани.

Вангел Башевски – Барми - Неприкосновен блогерски бренд во нашата земја, регионот, светот и пошироко. Шала. Работел во печатот, книгоиздателството и радиото (Равел, Канал 103), а учествувал и во скопската панк-рок сцена. Роден е сосема случајно во Атина, Грција, заради репортерската печалба на неговите родители. По потекло, половина е од Старо Скопје, а другата половина е селско-печалбарска од Битолско.

Примери уште многу. Списоков може и да се дополни…

Петар Арсовски во „Досие Скопје“


Прочитајте ја и статијата: Скопјанки родени вон Скопје.