Украински стравови! Хорор! Се зезам. Зборот „страви“ на украински значи „јадења“, се работи за ресторанот за готвена храна Пузата хата.

Во претходните делови на моите украински и екс-советски патеписи, низ текст, фото и видео ви прикажав некои од преубавите градови на Украина, кои, да бидеме искрени, во многу аспекти се супериорни во однос на нашите. Со патеписите ќе продолжам и понатаму, но во оваа статија ќе проговорам малку и за понеубавата страна на Украина, односно за некои од проблемите со кои таа се соочува. Веќе начнав нешто околу јазичните, етничките, географските, културните и црквените расколи во Украина, со ветување дека подетално ќе ги образложам во следна прилика, па решив да го направам тоа сега.

Пушејќи цигара во делот од возот, каде тоа е дозволено, муабетев со еден „хлопец“ (момак) на разни теми, вклучително и незгодната – јазичната. Ми рече дека се декларира како етнички Украинец, гласа за Јушченко (значи, контра на про-рускиот Јанукович), но дека не го владее украинскиот јазик. Момаков говори, пишува и мисли – на руски. Руското влијание, како во царско, така и советско време, било силно. Додека приморскиот Југ (напр. Одеса, Крим итн.) и Истокот (Доњецк, Харков, Луганск) се изразито рускојазични, Западот е бастион на украинскиот национализам (особено градот Лавов). Престолнината Киев, некои велат, е фифти-фифти.

Ваквата „мода“ не е необична за истокот на Украина, каде сум среќавал цури украсени со предизборниот слоган „За Јанукович!“.

Во статијата за Киев, меѓудругото, проговорев и за славниот писател Михаил Булгаков. Иако роден Киевчанец, тој бил етнички Русин. Tатко му Афанас и мајка му Варвара бил доселени од руската Орјолска област, а неговите браќа се бореле во рамки на „белите“ про-царистички војски во Граѓанската војна, за која говори неговиот роман „Белата гарда“. Булгаков творел на руски јазик (иако во „Белата гарда“ тој го употребува помалку и украинскиот јазик, заради доловување на амбиентот на родниот град).

Во Украина е присутно 8 милионско руско малцинство (а тука се дига џева за 500 илјади Албанци, тоа ти е една населба у Киев, мала шала). Тоа малцинство не го ферма официјалниот украински јазик и кај него преовладуваат про-руски чувства. Во тоа и би нашле некаква логика, „кровь не вода“, но такви чувства постојат и кај многу етнички Украинци, особено на југот и истокот на земјата, кои не го говорат официјалниот украински јазик, туку исклучиво рускиот.

Ви се верува ли дека дури и претседателот на Украина, Виктор Јанукович, слабо го владее украинскиот јазик? Тој е од источната, Доњецка област и е лидер на про-руски ориентираната Партија на регионите. Патем, се вели дека тој е во спрега со локалните мафиози и дека во младоста лежел робија за кривични дела. Сепак, тој се потруди да научи украински и на изненадување на про-руски настроените жители на Украина, тој изјави дека украинскиот е сепак единствен официјален јазик на државата (иако, тој евидентно негува про-руски чувства). Неговите јазични и други гафови се многу популарни на Youtube. Следуваат неколку од нив.

Клик на насловите за преглед на видеата

Некои млади Украинци, од за мене нејасни причини, се срамат од украинскиот јазик, затоа што „звучел сељачки“ (дека е дет’то, чушки, френки), а мене ми е симпатичен, некако помеѓу руски и полски. Додека на западот на земјата доминира украинскиот јазик, а на истокот и југот – стандардниот руски, во некои региони постои и микс од обата јазици наречен „суржик“, да го ебу.

Руските националисти со потсмев ги нарекуваат Украинците „хохли“ („козачки перчини“) и „бандеровци“, по националистичкиот лидер Степан Бандера (1909-1959), кој неуспешно се обидел да создаде независна украинска држава со помош на Хитлер, по што завршил во нацистички концентрационен логор. Украинските националисти пак, им возвраќаат на Русите со погрдните називи: „кацапи“ (козји брадички) и „москали“. Виц: украински чобан качен на ритче довикува: Микола, о-о Микола, Москалите одлетаа во Вселената! Микола во шок прашува: Сите?! Не, само Гагарин – вели првиов. Пу, џабе ме израдува, мислев се отарасивме од нив – заклучува Микола. Украина повеќепати пробала да се отараси од милите комшии: „Не пора Москалеві й Ляхові служить, довершилась України кривда стара, нам пора для України жить“ – велел поетот Иван Франко (1856-1916), по кого е именуван градот Ивано-Франкивск. Со овие стихови тој ги повикувал Украинците да се ослободат од власта на соседните Руси (Москали) и Полјаци (Љахи).

Во ерата на будењето на нациите (XIX век), повеќе украински интелектуалци, меѓу кои се истакнувал поетот Тарас Шевченко (1819-1861), се здружиле во братството „Св. Кирил и Методиј“. Тоа се залагало за формирање на пан-словенски сојуз на рамноправни народи, во кој Украинците би ги оствариле своите национални права, кои биле задушувани во Руската Империја. Братството обединувало припадници со различни политички ставови, од либерал-демократи до социјалисти. Во 1847, братството било растурено од страна на руските царистички власти, а повеќето украински интелектуалци завршиле во зандани. Во 1876, во Руската Империја е донесен Емскиот указ, со кој било забрането печатење на книги на украински, како и настава на тој јазик, заради спречување на евентуален сепаратизам. Русите ја толкуваат пан-словенската идеја не како „партнерство на рамноправни словенски народи“, туку како „партнерство во кое Русија мора да ја има главната улога“.

Тарас Шевченко

Русите се повикуваат на средновековната држава Киевска Рус, за да ги оправдаат своите претензии кон Украина. Но, Украинците велат дека Киевска Рус (Русь) не е исто што и современа Русија (Россия). Киевска Рус, односно Киевска Рутенија, е првата држава на сите Источни Словени. Подоцна, таа била разбиена и со текот на времето, од нејзините делови се вообличиле три одделни нации: Украина, Русија и Беларус (треба „Бела Рутенија“, а не „Белорусија“, ако ме разбирате). Остаток од древниот рутенски народ се денешните Русини. Од горенаведеното гледаме дека, Русија е наследничка на Киевска Рус, но таа не е нејзин единствен и екслузивен наследник. Да речеш дека „Рутенија“ е еднакво на „Русија“ е исто како да речеш дека термините „Словенци“ или „Словаци“ е еднакво на „Словени“. Неспорно, тие термини се меѓусебно поврзани, но не се потполно исти.

Руската Империја на просторите на Украина спроведувала политика на русификација, која подоцна (во нешто смалена форма) продолжила и во Советскиот сојуз. Поради силното влијание на рускиот јазик во Украина, постои и збрка со топонимите и личните имиња: Чернобил правилно се изговара како Чорнобил на украински. Нашиот назив дошол од рускиот. Истото важи и за Киев односно Кијив, Харков – Харкив, Запорожје – Запорижја, Николаев – Миколаив, Тернопол – Тернопил, Ровно – Ривне, Дњепар – Днипро итн. Познатиот олимпиец, Сергеј Бубка, чие родно место, Луганск, го посетив, на украински е „Серхи Бубка“, а називот на градот се изговара како „Луханск“. После ние се лутиме ако некој рече „Скопље“ или „Битољ“, а ние самите не водиме сметка како овие називи се изговараат на официјалниот јазик на земјата на која припаѓаат.

Банер на Партијата на регионите напишан на руски јазик во Харков.

Навистина, и кај нас во времето на СФР Југославија имаше влијанија од Белград. Да користиш „ту и тамо“ по некој србизам е едно, но замисли како етнички Македонец, жител на Република Македонија, да говориш, пишуваш и да мислиш на 100% литературен српски. Е, тоа е нешто сосема друго. Влијанието на Белград врз нас не може да се спореди со она, кое Москва го имала врз Украина. Тоа било толку силно и систематски наметнувано (русификација), што денес имаме апсурдна ситуација, голем процент Украинци да не знаат украински, па дури и некои од националистички ориентираните Украинци (како гореспоменатиот момак во возот). Но слични примери има и по светов, например во Република Ирска доминира англискиот, а не гаелскиот јазик, а така е и во Шкотска, каде сега се организира референдум за независност.

Јазот (географски, културен, јазичен и секаков) помеѓу Западот и Истокот, претставен преку Дњепар, кој ја сече Украина напола, резултира со тензии, сепаратистички тенденции и сл. Причините се историски. Додека делови од Западна Украина, зависно од периодот, биле под австро-унгарска, полска, романска или чехословачка власт, Истокот бил под руско влијание. Западните градови имаат средноевропски шмек (напр. западноевропска архитектура, католички катедрали и сл.), додека источните и кримските – руски. Западна Украина била изложена на западни влијанија, благодарејќи на што, таму капитализмот започнал да се развива порано отколку на Истокот на Украина и имало дури и повеќепартиски политички живот (напр. во австро-унгарско време таму биле создадени Украинската Радикална Партија, Украинската Социјалдемократска Партија и др.). Истовремено, на Истокот и на Југот на Украина владеел рускиот царски апсолутизам. Центарот на земјата пак, бил у козачки филм ала „Тарас Буљба“, некогаш фаќајќи страни од прагматични причини, но сепак тежнеејќи кон независност.

Имам репродукција од овој пропаганден плакат: Украински селанец бакнува советски војник, благодарен за ослободувањето на Западна Украина од власта на Полска, по Пактот меѓу Хитлер и Сталин.

По падот на Руската и Австро-Унгарската Империја, се создале две украински држави: Украинската Народна Република, со гл. град Киев (на бившите руски простори) и Западноукраинската Република, со гл. град Лавов (на австро-унгарските простори). Во 1919 год., со т.н. „Акт злуки“, тие два ентитети се обединиле во една, независна украинска држава, но таа била наскоро задушена од страна на бољшевиците на Ленин, од една страна, и од новоформираната Полска, од друга страна. Така Украина била разделена, а Украинците биле респресирани како од советските, така и од полските власти. Овие две територии повторно се обединиле со Пактот Молотов – Рибентроп (меѓу СССР и Нацистичка Германија). Притоа, Сталин добил територии од Полска и Романија (Лавов например, бил полски град, а Чернивци, романски).

Иако комунистите ја задушувале националната независност, иронично, тие често поддржувале национални обединувања. Благодарејќи на Сталин, во рамките на СССР се обединиле не само Украинците, но и Белорусите (на штета на соседна Полска). Имало и планови за обединување на Азербејџанците со браќата им во соседен Иран. Како паралела да спомнеме, дека комунистичка поддршка во даден период добивале и Македонците (напр. ВМРО-Обединета на Димитар Влахов под советско спонзорство, југословенска поддршка за Егејците во Граѓанската војна во Грција итн.).

По смртта на Сталин, на чело на СССР доаѓа Хрушчов, кој на Украина и’ го придодава и рускиот полуостров Крим. По распадот на СССР, тоа предизвика конфликти помеѓу Украина и Русија, што замалку не доведе до вооружен судир при разделувањето на Црноморската флота. Прашањето на Крим е непријатна тема во односите помеѓу двете земји. Градот Севастопол до ден денес е база на руската морнарица на украинска територија, со договор помеѓу двете земји.

Значи, Украинците во комунизмот се обединија во една држава, ќарувајќи огромни територии, но во своите граници тие имаат население, чија лојалност е дискутабилна. Сум сретнал про-руски жители на Украина (погрдно „москвофіли“), кои за неа говорат негативно, фалејќи ја Русија („Цеца брате, разумеш“), и обратно, украински националисти, кои неа ја мразат.

Козачкиот хетман Хмељницки во музејот во Запорожје

Хетманатот на Бохдан Хмељницки во XVII век, создаден по победоносното козачко востание против Полјаците, бил предвесник на модерната независна украинска држава. Но таа ја загубила својата независност поради (за Украинците) штетниот Перејаславски договор, потпишан со соседна Русија (1654). Така Украина потпаднала под руска власт, а козаците биле растурени од страна на руските царистички власти. По распадот на Руската Империја во 1917, започнува Украинската Граѓанската Војна. Од една страна биле украинските националисти (едни за социјалдемократот Симон Петљура а други за конзервативниот хетман Павло Скоропадски), од втора страна биле бољшевиците на Ленин, од трета „белите“ про-царисти на Деникин, а у целава журка се убациле и анархистите на Нестор Махно, на кои не им било ни до нации, ни цареви, ни до власт. Во тој хаос, украинските националисти создале држава, која функционирала независно од Русија од 1918 до 1921.

Маршеви со фолклорни мотиви посветени на борбата за Независна Украина, 1917-1920

Набргу, таа независна држава е крваво задушена од страна на другарот Ленин, кој другарски ја збутал Украина у СССР. Сепак тој им дал на Украинците по некои национални права (т.н. коренизација), кои још подругарскиот Стаљин ги намалил. Под власт на другарчињава, милиони Украинци попиле чекан у глаа од страна на злогласната советска тајна служба „Чека“ и завршиле у јами како кулаци. Милиони Украинци се покосени од глад среде житородната им грутка во времето на Холодоморот, глад, која настанала како последица од колективизацијата. Холодморот е признаен како геноцид од страна на повеќе земји. Посреќните украински товариши пак, биле товарани у сточни вагони и транспортирани во Сибирските гулази.

Една девојка од Миколаив (кој се среќава под својот руски назив, Николајев) ми раскажуваше за мачната судба на своите предци, кои биле од Западна Украина. Домаќини луѓе, релативно имотни селани. Во 1939, со Пактот Молотов-Рибентроп, таа територија од полска станала советска. Западните Украинци биле тероризирани од страна на Полска, но она што следувало под новата, советска власт, било уште полошо. На врата им дошле наоружани „мен ин блек“. „Имате пол саат да се спакувате“. Толку. Ги пикаат у сточен вагон и правац – летовање у Сибир. Интересно, имотот никој не им го чепнал. Во нивната средина, заради западните влијанија, приватната сопственост се почитувала. Ниеден соселанец не прифатил да го земе нивниот имот, иако тоа било нудено од советските власти. Такви насилни преселби доживеале и Кримските Татари (т.н. „сургун“).

Споменик на жртвите на УПА во Луганск, Источна Украина

Поради советските злосторства, не ме чуди што многу Украинци ги дочекаа нацистите како ослободители, иако сум деклариран антифашист (и патем, чест посетител на 9-мајските паради во Москва, за што ќе пишувам во некоја следна епизода). Додека Украинци – Црвеноармејци гинеле против Хитлер рамо до рамо со Русите и другите советски народи, Организацијата на Украинските Националисти (ОУН) се обидела да прогласи Независна Украина со германска помош. Нејзини припадници се вклучувале во украинската СС дивизија Галиција (укр. Халичина). Многу Украинци биле привлечени и од антисемитизмот, кој во Украина постоел далеку пред нацизмот (се работи за старински источноевропски антисемитизам, го има и во Полска, Русија, Унгарија, Романија итн.).

Но Германците не дозволиле украинска независност. Ним им требала украинската пченица и немале намера да признаат некаква украинска држава. Односите на Хитлер со ОУН не биле најчисти, па многу украински националисти биле уапсени или стрелани. Го имам посетено нацистичкиот логор Саксенхаузен крај Берлин, каде што лежел Степан Бандера. Иронично, тој таму лежел во исто време со син му на неговиот непријател Сталин (Јаков). Украинците се нашле помеѓу три огна, тероризирани од Хитлер, Сталин и од Полјаците, и тука доаѓам до контроверзната УПА – Украинската Востаничка Армија. Таа се борела на три фронта: како против Германија, така и против СССР и Полјаците. Во Западна Украина, УПА се сметани за херои, а во Источна Украина за шљам. Им се припишува и етничко чистење на Полјаци, Евреи и Руси. УПА се биела против СССР на Карпатите до 50-тите години на минатиот век, кога повеќе нејзини герилци биле убиени (дури и оние во егзил, каде ги стигнала долгата рака на КГБ).

Спротивставени воени песни: УПА наспроти Советската Украина

Протестен собир на про-руската и про-советска Народна опозиција на Наталија Витренко крај Ленин во Доњецк. Вакви споменици сеуште стојат недопрени во многу градови.

Така Големиот Брат, „Москал“ ја држеше „Малорусија“ (назив за Украина од царските времиња), а потоа и Украинската Советска Република, во нежна медвеџа прегратка, наметнувајќи и’ свое влијание во форма на русификација и колонизација. Сепак, и покрај сите неправди кои Украинците ги доживејаа во советско време, некои од нив позитивно говорат за советскиот период, во кој не само што национално се обединиле, туку живееле релативно обезбедено, имале работа, станче, плата, некоја лада или запорожец, добро образование, оделе на одмор на Црно Море, немало етнички тензии итн. Звучи како нашата југоносталгија, но споредбите се неумесни, неврзаните Југословени живееја далеку послободно. Оваа советска носталгија особено сум ја забележал во источниот рускојазичен Донбас. Тамошните рудари, кои надмашувале норми (сетете се на славниот Стаханов), некогаш биле почитувани во сиот СССР, а денес крвта им ја пијат новокомпоновани билмезмени. Значи сепак треба да се гледа избалансирано. И рускојазичните Украинци имаат свои потреби, за кои украинските националисти не покажуваат слух. Да бидеме објективни и спрема Русите, сепак и тие ми се драги, за малку што не им станав зет. Факт е дека украинскиот полуостров Крим е важен дел од руската историја, а не толку од украинската.

На Крим доминира руското население и рускиот јазик, а не украинскиот. Царска Русија таму водела битни војни во својата историја (Кримската, впрочем), таму Јекатерина Велика изградила велелепни градови и тој бил последно упориште на „белиот“ генерал Врангел. Но, одеднаш, по партиска директива, во 1954 полуостровот преку ноќ станал украински. Дали тоа било исправно или не, не знам, но рускиот дух таму не смее да се занемари. Иако Крим ужива статус на автономна република во рамките на Украина, многу проблеми и недоразбирања остануваат. Таму често се организираат протести против украинската соработка со НАТО и се пројавува руски сепаратизам и иредентизам.

Клик на насловите за преглед на видеата

Но такви сепаратистички тенденции нема само на Истокот и на Југот, туку се појавија и на крајниот Карпатски запад на Украина, каде живеат етничките групи: Русини, Хуцули, Лемки и Бојки. Иако тие во најголем број се попишуваат како Украинци, низ историјата, некои од нив се залагале за самостоен идентитет и/или за блискост со Русија.

Некои тоа се’ уште го прават. Во 2008 година, одредени русински политичари ја прогласија меѓународно непризнатата Република Подкарпатска Рутенија, чиј центар е градот Ужхород (град на крајниот запад на Украина, блиску до словачката граница). Еден од лидерите на русинското движење во Украина, православниот свештеник Дмитри Сидор, беше осуден од украинските власти за сепаратизам и му беше припишувана блискост со Русија.

Отец Дмитри Сидор, русински активист или за други, сепаратист

Добро сега, ако Западот бил под влијание на Австро-Унгарија, Полска или другите западни соседи, а Истокот и Југот под руско влијание, каде е онаа „вистинската Украина“? – прашав една цура, док чекавме воз. „Не знам“ – рече – „Јас сум од село Новиј Ајдар, Луганско, таму сме Донски козаци и говориме руски. Етнички сум Рускиња и не ме занима Украина, туку Русија“. Продолжи со стереотипи: „Ако во Западна Украина збориш на руски, ни леб нема да ти даат у пекара, ич не им идам, катиљ народ к’о Охриѓани“ и сл. Татко и’ на моја бивша девојка од Русија, служел војска во Западна Украина, каде народот ги третирал советските војници со презир и бојкот. „По селата чаша вода нејќеа да ни дадат“ – раскажуваше тој. Мислевте вакви тензии има само на Балканот? Не сум некој стручњак, но ми се чини дека вистинската Украина белким ќе да е во центарот, околу Дњепар, каде била создадена козачката држава – Хетманатот на Бохдан Хмељницки.

Да завршиме во малку поведар тон. Руски хумористичен скеч, кој се потсмева на шовинизмот и стереотипите, на тема „како руските медиуми ги прикажуваат украинците“.

Стереотипно украинско семејство: Таткото, постојано јаде „сало“ (сланина), танцува „козачок“, вика „шо“ и „х’ка“ (го изговара „г“ како „х“) , што е стереотип за Украинците. Муабетот меѓу него и семејството, отприлика тече вака. „Ш’о прајш море синко? Домашна задача. Каква? Вајам статуа на Степан Бандера. Браос бре јунак. Тате, може сега да си поиграм со другарчината? А руски научи? Да. Е одма да го забораиш!“.

„О, салојаду“ – го кара жената му – „Ич не носиш пари дома, што не појдеш да украдеш малку гас?“, а тој вели „Без гајле, утре на Грузинците оружје ќе им продадеме“. Ќерката им вели „ќе појдам в Москва да работам како проститутка“ по што оди во кочината да ги нарани прасињата. Со кумот разговараат за политичката ситуација „Сношти око не склопив, го сонував Путин, ноќна мора!“ – вели тој, „А јаска пак Русите од Крим ги бркав, историјата сакам да ја препишам!“ – му одговара главниот лик. „Некни се степаја во Собранието. Кој се степал? Претседателот. Кој претседател? Сите тројца!“. И така натаму…

Во една од сцените, тој сака да напише писмо. Кому? На турскиот султан. Ова е референца до Писмото на запорошките козаци до отоманскиот султан од 1676 година, кое беше инспирација за славната слика на Илја Рјепин. Козаштвото, феномен кој доста сум го истражувал, е еден од најбитните сегменти на украинската култура, па затоа во следната епизода од овие патеписи, ќе одиме во неговото срце – Запорожје, крајот на Тарас Буљба. Белким тоа е онаа, „вистинската Украина“, која ја барав.