И бугарската јавност деновиве ја потресуваат евровизиски скандали како и нашата. Песната „Кисмет“ со која бугарските евровизиски претставници Елица Тодорова и Стојан Јанкулов требаше да настапат во Малме е дисквалификувана заради авторски спорови, па одбрана е друга, чиј наслов е „Само Шампиони“. Крадуцкањето е трејдмарк на ова дуо, кое по втор пат оди на Евросонг. Во 2007 тоа настапи со (делумен) плагијат на изворна песна.
Се работи за нивната трака „Вода“ изведена на Евровизија 2007 во Хелсинки, која всушност беше преработка на бугарската народна песна „Митра пере на реката“. Таа, наводно, е од шопските краишта на соседна Бугарија, каде веќе била објавувана и изведувана во својата изворна форма пред нејзиното преработување во модерна варијанта за потребите на Евровизија. Познат изведувач на оваа народна песна е бугарскиот изворен женски хор од селото Бистрица, Софиско, чиј назив е Бистришките баби. Песната се наоѓа и на нивниот компакт диск наменет за странскиот аудиториум, The Bistritsa Grannies and their Grand-Daughters и неа ќе можете да ја чуете подолу.
Дрскиот плагијат „Вода“ потпишан од „авторите“ Елица Тодорова и Стојан Јанкулов беше блатантно кршење на евровизиските правила, според кои, секоја песна мора да е целосно авторско дело, таа не смее да биде преработка и да е претходно објавувана или изведувана. Јас тогаш се обидов да стапам во контакт со евровизиското руководство, но за жал моите мејлови, во кои испратив и mp3-ки како доказ, останаа неодговорени. Како така им попуштија, јас навистина не знам (ех, не знам). Да го направеа ова наши евровизиски претставници, досеа ќе беа напраени лом, како од домашната, така и странската јавност.
Не е проблемот што се работи за музичари од Бугарија (нека се и од Франција или Германија), туку во нивната нечесност, како и во двојните стандарди на евровизиските организатори. Ако е за така и ние можеме да ископаме изворна песна од нашава богата фолклорна ризница, напр. „Калеш бре Анѓо“ или „Слушај кај шумат буките“, да земеме дел од неа и троа да го „подзамачкаме“ со тупс тупс, циу- циу и дзз- дзз- дз- дз или ш’о ти ја знам, да туриме некоја турбофолк певаљка и да продааме „егзотика“ на неупатените западњаци на Евровизија.
Да се употребат одредени фолклорни елементи во евровизиска песна воопшто не грев, тоа многумина одамна го прават, но да се преработи една веќе постоечка народна песна е крајно безобразие. Ако е некаква бедна утеха, „позајмувачи“ на песни не недостасуваат и на нашата естрада, околу што можете да прочитате во една од моите минатите статии, чиј наслов беше Чаирски шармер опет јаше. „Зајмењево“ песни ни е заедничка карактеристика со нашите источни братя
Елица и Стојан не само што не се засрамија од своето претходно недело, туку, како што веќе рековме, тие ќе ја претставуваат својата земја и на овогодинешниот Евросонг, кој ќе се одржи во Шведска. За таа намена, тие ја подготвија песната „Кисмет“ во соработка со… guess who? Бистришките баби! Луѓево се толку безобразни што дури не се ни кријат!
Но пак се јавија некои контроверзи врзани со авторството. Песната „Кисмет“ беше дисквалификувана заради протести од страна на еден од нејзините автори, Џонатан Тесеи. Овој аргентински ди-џеј работи под псевдонимот Кинтар и веројатно бил задолжен за електронскиот дел од песната, она тупс-тупс циу-циу.
Се испостави дека продуцентите на Елица и Стојан ја лажеле Бугарската Национална ТВ, која е задолжена за евровизиското претставување, дека имаат полна согласност од Тесеи за праќање на оваа песна на Евровизија. Откако песната победила на бугарскиот национален избор, Тесеи се побунил дека не бил воопшто консултиран за нејзината финална верзија. Накусо, многу работи се правеле без негово знаење и согласност. Ете така к’сметот на „Кисмет“ беше таа да биде повлечена, а наместо неа, Бугарија во Малме ќе ја претставува песната „Само Шампиони“. Е, баш сте ми шампиони…
Клик наслов за преглед, разглеј списак со клизач десно
Да не бидам сфатен погрешно, јас немам ништо против бугарската музика. Како може да бидам против нашата сопствена музика, сепак „всичките сме си ние българи“ нели? Јас високо ги ценам бугарските етно-артисти: Le Mystère des Voix Bulgares, Триото „Българка“ (кое има работено со Кејт Буш, Питер Гејбриел и други светски музички ѕвезди), кавалџијата Теодосиј Спасов, па и самиот Стојан Јанкулов е врвен музичар (перкусионист).
Тој заедно со гореспоменатиот Теодосиј Спасов зеде учество во квалитетниот музички проект Balkan Horses Band, во кој беше вклучен и нашиот Влатко Стефановски и други музичари од речиси сите балкански земји (Србија, Хрватска, Грција, Турција, Романија). За тоа му симнувам капа!
Balkan Horses Band - Калајџиско оро (со Стојан Јанкулов на тапани)
Меѓутоа, јас навистина не сфаќам што му треба на Јанкулов оваа бламажа со Евровизија? Ако веќе толку запнал да оди, како прво, нека испраќа авторски песни, а како второ, нека намали малку со таа изнасилена употреба на фолклорот. Ај да е еднаш – ОК, ама цело време да се шлепаш на таа финта, скурчуе бе брат. На што личи она чудо „Кисмет“ со тоа гласон со петстомиљарди технаџиско-трансерски ефекти?! Овие па „Шампиониве“ – бетер! Вистинско силување на фолклорот!
Бугарија е релативно нов учесник на Евровизија (тек од 2005 година) и досега ниту еден нивен претставник ми нема „фатено уво“ освен евентуално “DJ, Take Me Away” на Deep Zone & Balthazar од 2008 година, но таа песна и не беше баш „евровизиски“ тип. Сепак не шкоди да се потсетиме на неа.
Deep Zone & Balthazar - DJ, Take Me Away (2008)
Доколку сакате да се потсетите и на други песни, погледнете ја ретроспективата на евровизиски ремек дела од разни земји – учеснички со клик тука.