„Петтиот Битлс“ – со оваа фраза се именуваат луѓе, кои на еден или друг начин, се битен дел од историјата на оваа славна група, како например, продуцентот Џорџ Мартин и менаџерот Брајан Епстајн, или пак, претходните членови на бендот, отпуштениот Пит Бест или починатиот Стјуарт Сатклиф. Еден од оние, кои заслужено ја носеа оваа неформална, но сепак ласкава титула, е афроамериканскиот клавијатурист Били Престон. Роден е во Хјустон, Тексас на 2 Септември 1946 г.

billy preston ultimate collection

Работел со Rolling Stones, Aretha Franklin, Bob Dylan, The Jackson Five, Sly and the Family Stone, Barbara Streisand, Sammy Davis Jr., Quincy Jones, Joe Cocker и ред други, но сепак најбитна е неговата соработка со The Beatles, при што малку фалело тој и формално да стане нивен полноправен член! Интересно е дека тој е жив сведок како на почетоците на Битлси, така и на нивниот крај. Како член на пратечкиот бенд на култниот Little Richard, во 1962 тој поаѓа на Европска турнеја, при што ги запознава тогашните анонимуси Битлси, кои тезгареле во Хамбуршкиот Star Club. Судбината повторно ќе ги спои во 1969. Но, тогаш Битлси се веќе непосредно пред распаѓање. Жестоки караници и нетрпеливост лека- полека го разјадувале овој славен бенд, кој тогаш се наоѓал во фаза на снимање на материјал, кој подоцна ќе го сочинува нивниот последен албум Let It Be.

На Џорџ Харисон му пукнало од све, го напуштил студиото и отишол на концерт на Реј Чарлс, каде Били Престон свирел органа. Гледајќи го, Џорџ добива идеја да го земе и да го вклучи во снимањето. Билиевата комуникативност и талент внеле свежа енергија и ја намалиле тензијата во бендот, па ако тој не го спречил распаѓањето на Битлси, можеби барем го одложил? Се развила и расправија меѓу Џон и Пол (а меѓу кој друг иначе?), при што првиов инсистирал Били Престон да стане фул мембер на Битлси, со што Пол не се согласувал.

thebeatlespreston

Без разлика, Били Престон сепак свири со нив како де факто член, и тоа на албумот Let It Be, како и на две песни од Abbey Road: Something и I Want You (She’s So Heavy). Битлси не дека не соработувале со други уметници и претходно, напр. со Ерик Клептон за While My Guitar Gently Weeps, сепак таквите случаи се доста ретки а таквите песни се припишани исклучиво на Битлси.Во случајот со Били Престон е направен еден битен исклучок. Како изведувачи на познатиот хит сингл Get Back официјално се наведени: The Beatles with Billy Preston, што е големо признание за овој музичар.

beatlespresidentford

Престон, Харисон и претседателот на САД, Форд, 1974

Тој ќе настапи со Битлси дури и на нивниот последен концерт, оној на покривот на компанијата Apple, кој е вклучен во филмот Let It Be а завршува токму со Get Back и славните духовити зборови на Џон Ленон: “I’d like to say thank you on behalf of the group and ourselves, and I hope we passed the audition”. Финтата со концерт на покрив подоцна ќе биде употребена и од U2 во нивниот спот за песната Where The Streets Have No Name. По распадот на Битлси, Били Престон продолжува со успешна кариера, како соло, така и како соработник за светски познати музички имиња, вклучително и Стоунси, а ќе помага и во соло кариерите на бившите Битлси и ред други светски ѕвезди. Во 2005-та ги отсвирува клавијатурите за песната Warlocks на Red Hot Chili Peppers.

prestonringo

Престон и Ринго Стар

По подолго боледување предизвикано од долгогодишна злоупотреба на алкохол и наркотици, Били Престон замина од светот на 6.06.2006 (btw сумњиво ова со шескиве). Покрај добрата музика, зад себе остави и филмска улога во мјузиклот на браќата од The Bee Gees, насловен како Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band, кој беше инспириран од истоимениот култен албум на Битлси.

Били Престон во улога на „Наредникот Пепер“ ја изведува Get Back