flaming-star

Игран филм со превод по повод 40-годишнината од смртта на Елвис Присли – „Пламтечка ѕвезда“ (“Flaming Star”) од 1960 год.

Овој филм го одбрав затоа што е специфичен по неколку нешта. Како прво, за своето време, тој делувал доста прогресивно. Тој спаѓа во вестернот, но за разлика од другите филмови од истиот жанр, снимени во тој период, во овој, Индијанците се прикажани во попозитивно светло. Тука, Присли ја толкува улогата на Пејсер Бартон, син од мешовит брак на тексашки каубој и Индијанка од племето Кајова, кој се наоѓа во тешка дилема да избира помеѓу двете заедници, откако меѓу нив ќе започне конфликт.

elvispresley

Тоа што Присли тука игра полу-Индијанец воопшто не ме зачудува, имајќи в предвид дека, според некои тврдења, тој навистина имал делумно индијанско потекло. Се вели дека, наводно, меѓу неговите претци од мајчина страна била чистокрвната Чероки Индијанка по име Утрински Бел Гулаб, односно Morning Dove White (1800-1835). Со ова се објаснува и неговиот физички изглед, односно специфичниот тен, како и некои црти на неговото лице. Зборот „Бел“ (White) во името на неговата пра-пра баба, наводно, се однесувало на тоа што таа припаѓала на одредена индијанска групација, која била во добри односи со бледоликите. Но наводното индијанско потекло на Присли не е докрај истражено и докажано и тука има низа недоречености.

elvisindijanci

Присли бил примен во Племенскиот совет на Лос Анџелес од поглаварот Ва-Ни-Ота, за своето позитивно претставување на Индијанците во филмот.

Како второ, и не помалку битно, е тоа што, во овој филм, Присли се обидел да одигра една посериозна улога, а да не биде само забавувач. За разлика од неговите други филмови, во овој, музиката е сведена на минимум. За потребите на овој филм, Присли ја подготвил композицијата “Black Star”. Таа била насловена според првичниот, работен наслов на филмот, кој подоцна бил заменет со “Flaming Star”, а со тоа, била изменета и песната. Некои велат дека претсмртната песна “Blackstar” на Дејвид Боуви содржи референци до оваа на Присли. Интересно е дека обајцата биле родени на ист датум – 8 јануари и дека Боуви бил голем почитувач на Присли, па можеби тука има некаква поврзаност. Заедничко е и тоа што песната на Присли и онаа на Боуви говорат за смртта. Во песната на Присли се говори за некаква ѕвезда („црна“ или „пламтечка“, зависно од верзијата), која ја најавува смртта на оној што ќе ја види.

Најпрвин, за главните улоги во овој филм биле планирани Френк Синатра и Марлон Брандо, но подоцна, актерската екипа била изменета. Режијата е на Дон Сигел, кој подоцна се прославил со филмот „Валканиот Хари“ (“Dirty Harry”) со Клинт Иствуд во главната улога.
 

Филмот „Пламтечка ѕвезда“ во целост со хрватски превод. Кликнете play и fullscreen. За подобра резолуција изберете кај копчето HD. Ако не ви се појавува преводот, кликнете на CC (closed captions).