По повод Светското Фудбалско Првенство, кое сега се одржува во Бразил, да погледнеме и да послушаме неколку интересни ствари врзани со фудбалот и тимските спортови воопшто. Иако сум одел на некои утакмици и сум се дружел со луѓе кои биле фанатични навивачи (да не речам и фудбалски хулигани), признавам дека јас не сум некој голем љубител на спортот и него не го следам баш многу (како се погоди вака „него не го“). Сепак, кога би морал да одберам некој спорт како омилен (со двоцевка набутана у уста), тоа сигурно би бил токму фудбалот.
Уште како мал, татко ми понекогаш ме носел на стадион. Седевме на јужна трибина, додека на западна секогаш беше развеан банерот „Вардаре отсвири им марш“. Влагавме гага со новинарска пропусница, иако тој всушност и не беше спортски новинар. Од таа фела, особено ја почитувам нашата легенда Атанас Костовски, кој ми е всушност некаков далечен роднина, а го памтам и легендарното „Ма људи моји јели то могуќе!“ на Младен Делиќ од мечот Југославија – Бугарија во рамки на квалификациите за Европското 1984 год, кога дадовме гол во буквално последната секунда. На нашиов скопски стадион сум глеал тимови од типот Динамо Винковци, Слобода Осијек, ОФК Београд и што ти ја знам, но како најинтересен би го издвоил пријателскиот меч помеѓу ФК Вардар и репрезентацијата на Гватемала. What?! Да, да, добро прочитавте, не е печатна грешка. Таков меч навистина се одигра, и тоа некаде во осумдесеттите години на минатиот век. Тогаш кај нас не се случуваа некои битни спортски настани (сакам да кажам, кај нас не доаѓаше Дејвид Бекам или слични ѕвезди, како што тоа стана вообичаено подоцна), такашто овој натпревар предизвика прилично големо љубопитство кај нашата публика. Бизарно, а? Подоцна во деведесеттите го фатив и периодот на жестоките тучи помеѓу навивачите на Вардар и Пелистер (не сум учествувал во нив, таман работа, туку просто знаев луѓе кои тоа ги занимаше).
Од фудбалери кои ми оставиле впечаток, на прво место е секако бразилската легенда Пеле, кој е интересен не само како фудбалер, туку и како личност, како еден вид уметник и да се рече филозоф, потоа Англичанецот Гери Лајнекер, Французот Мишел Платини, Италијанецот Роберто Баџо, Германците Франц Бекенбауер и Лотар Матеус, Холанѓанецот со суринамска крв, Руд Гулит и секако нашиот Дарко Панчев. Посебно бизарни ликови се оној голманон Драган Пантелиќ од репрезентацијата на некогашната СФР Југославија, кој има дадено два гола (голман дава гол, ти текнуе) и тоа против Данска во 1980 год. и против Грција во следната година, како и нашиот Артим Шаќири, со својот гол даден од корнер во 2002 год. А да, и она легендарното „Ова ноќ није био мој дан“ на Фадиљ Вокри од ФК Партизан.
Секако, да не го заборавиме и Аргентинецот Диего Марадона, но тој доста не’ изнервира на Светското во Италија во 1990 год. Тој тогаш беше мегаѕвезда, но не се покажа баш многу во четврт-финалниот меч против Југославија, одигран на 30 јуни таа година. И покрај својата лавовски смела игра со играч помалку, Југославија изгуби од Аргентина со 2:3 на „лешперски“ начин, т.е. на пенали. Притоа, шутот на Марадона беше одбранет од страна на југословенскиот голман Томислав Ивковиќ. Ни славниот Бекам не се покажа во којзнае какво светло кога Англија играше против нашата репрезентација во Скопје во 2003 год. и тие тогаш не’ победија со 2:1 со неговиот гол од пенал. Пих…
Плејлиста со навивачки песни од разни меридијани и муз. стилови. Клик плеј да тераат една по друга.
За филмови со фудбалско – спортска тематика, прочитајте ја статијата Трето полувреме.