Илинденско знаме на охридската чета, го фотографирав во спомен – домот на Христо Узунов во Охрид. Покрај другите детали, десно е и црвениот, наместо златниот лав, како од грбовникот на Витезовиќ.

Иван Хаџи Николов

Денес се празнува Денот на ВМРО, па да прочитаме што самите нејзини основачи говорат околу овој битен историски настан. Подолу ви ги претставувам мемоарите на Иван Хаџи Николов, кој на 23-ти октомври 1893 година во Солун, заедно со Д-р Христо Татарчев од Ресен, Даме Груев од Смилево, Петар Поп Арсов од Богомила, Андон Димитров од Ајватово, Солунско (грчки: Лити) и Христо Батанџиев од Гуменџе (Гуменица), ја формирал Револуционерната Организација, чија цел била ослободување на Македонија и Одринско (Тракија).

Идеи за основање на ослободително движење кај него се јавиле далеку пред 1893 година, но не биле реализирани се’ до Основачкото собрание, кое денес се одбележува. Тоа се одржало токму во неговата куќа, при што Поп-Арсов го напишал Уставот на Организацијата, Татарчев е избран за претседател на Централниот комитет, а Груев за благајник (интересно е што последниве двајца се запознале кога Груев ја посетил ординацијата на Татарчев заради некаква егзема зад левото уво, ш’о ти е историја).

Иван Хаџи Николов е роден на 24 декември 1861 во Кукуш (денес Килкис, каде патем бев приведен во полиција заради ненамерно снимање на воен објект), а се самоубива како последица на болест и нервно растројство на 9 јули 1934 во Софија, Бугарија. По занимање книжар и професор, образуван е во бугарското егзархиско училиште во Кукуш и во трговската академија во Линц, Австро-Унгарија.

Неговите сеќавања, како и оние на многу други познати револуционери, се запишани од бугарскиот интелектуалец Љубомир Милетич (Штип, 1863 – Софија, 1937), а кај нас се објавени во книгата Спомени: И. Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Ј. Сандански, М. Герџиков, д-р. Х. Татарчев на ИК Култура во 1995 година, ISBN 9989-32-022-5 со стручна редакција на Д-р Иван Катарџиев.


Иван Хаџи Николов

СПОМЕНИ

 

Младински револуционерни копнежи

Имав околу 10 години, кога за прв пат почнав да учам бугарска историја од учебникот на Д.В. Манчов. При учењето од таа историја си велев: „Значи ние сме си имале царство ама ни го зеле Турците”. Од истава историја дознав дека некогаш и Тесалија била населена со Бугари, кои Грците ги погрчиле. И тогаш пак си велев: „Значи и Грците се наши непријатели. Па, зошто нашите татковци не се дигнат да си го земат царството од Турците и да си ја вратат погрчената Тесалија? По средината на бугарските земји се протега Стара Планина. Тука можат да се соберат сите останали Бугари и од таму да тргнат кон Цариград, Солун и Тесалија”. Од Библијата (Битиписанието) пак дознав, дека Мојсеј кога видел како еден Еегипќанин тепа еден Израелит, го оттргнал Израелитот и го убил Египќанинот. Тогаш си реков: „…ако видам некој од друг народ или друговерец да тепа Бугарин, ќе го одбранам последниот а првиот ќе го натепам“. И вистина, ми се случи тоа брзо да го применам. Еден ден во нашето маало видов како две Турчиња тепаат едно Бугарче, Се спуштив, го оттргнав Бугарчето и ги натепав Турчињата. Од тогаш тие Турчиња не ги напаѓаа Бугарчињата во нашето маало.

Во нашиот град го завршив класното училиште кое тогаш беше двокласно, и останав да му помагам на татко во фурната (татко ми беше фурнаџија). Пораснат како човек што се движи во чаршијата, можев да го сфатам лошото однесување на возрасните Турци, на административните и судски чиновници, како и на лошите Турци кон Бугарите, кои често без вина си страдаа. Сите тие впечатоци се натрупуваа во мојата памет и душа и на таков начин во мене зрееше идејата за бунт против Турците-потисници, така што кога во април 1875 г. прочитав во в. „Зорница” дека во Босна и Херцеговина букнало востание против Турците, возбуден си реков: „Е сега е време сите Бугари да се дигнеме и заедно со востанатите Бошњаци и Херцеговци да ги протераме Турците од Старопланинскиот Полуостров и повторно да го образуваат своето царство што ќе граничи со трите мориња: Црно, Бело и Јадранско”. Заседната веќе таа мисла во мојата душа и свест, почнав да размислувам како ние од Кукуш можеме да востанеме. И така дојдов до јасно сознание за тоа што треба да правиме, а имено дека треба да се создаде една револуционерна организација што ќе го подготви народот за востание. Меѓутоа, како да се почне? Со кого најнапред да ја споделам мојата тајна? Најсетне по долги размислувања се решив својата тајна да му ја доверам на мојот бивш соученик Гоце Вангелов – Грбавиот, едно 3 до 4 години постар од мене. Септември 1875 г. беше кога се решив да отидам кај него со предлог да формираме револуционерен комитет, што ќе ги подготви Бугарите да востанат против Турците и да ја ослободат Бугарија. Тој се согласи со мене. Се договоривме со истава идеја да ги запознаеме нашите другари, бивши наши соученици Ичо Волчев, Вано Дупков, Кољо Тодоров и др. кои еден по еден беа посветени во куќата на Гоце Вангелов. До крајот на 1875 г. бројот на посветените веќе броеше 8 души. Во почетокот на 1876 г. започнавме да посветуваме наши другари и надвор од градот – во селата. До Велигден успеавме да зачлениме уште четворица, меѓу кои беше Дино Занков, братучед на Гоце Грбов, 2-3 години повозрасен од него. Бидејќи постар и поопитен тој често се мајтапеше со нашите смели планови и не поправаше, но секогаш се согласуваше со нас. Така еден ден по Велигден 1876 г. сите се бевме собрале во куќата на Гоце Грбов. Јас го предложив следниов смел план за организирање и востание: секој од нас да придобие по 2-3 свои роднини или познати од селото кои да бидат посветени така што од градот и селата да се соберат околу 3 илјади души, преоблечени и со сокриени пушки да се соберат во Солун и овде поделени во три групи, да ги заземат Топхането, Еди-куле и касарната. Кога ќе го завладееме градот, со турските топови нема да допуштиме да дојдат какви и да се бродови, додека пак со пушките на разоружаните турски војници ќе бидат вооружени сите Бугари од Солун. Тоа истово ќе се стори и со Евреите што ќе посакаат но во никој случај не и со Грците.

Од своја страна Дане Занков со неговото својствено опозиционерство ги постави прашањата: „Добро, а ако не се соберат три илјади души? А ако не успеат да го заземат Топхането и да ја разоружаат војската?…“ На крајот сите 12 заколнатовци што беа на собранието го прифатија мојот план. Тоа беше во септември 1875 год.

Во почетокот на 1876 г. бевме готови со списоците на нашите другари од селата, што требаше да бидат посветени во конспирацијата. Со посветување се започна по Велигден. Луѓето се повикуваа еден по еден во градот или се одеше во нивните села.

Истата 1876 г. на 24 април во Солун од фанатизираната турска толпа беа убиени францускиот и германскиот конзул. Тоа злосторство не охрабри. Мислевме дека французите и Германците ќе ги истераат Турците од Македонија и ќе не ослободат. И навистина скоро дознавме, дека во солунското пристаниште пристигнале повеќе бродови. Ние младите празнувавме меѓутоа по една недела настапи разочарување: откако турската власт обеси еден арап кој божем ги убил конзулите, воените бродови на големите сили го напуштија солунското пристаниште.

На 2 мај – летен Св. Атанас, заминав за с. Дурсанлиј, оддалечено час и половина од Кукуш. Таму живееше еден мој бивш соученик, Димитар Дурсанлијски, кому му помагав во решавањето на задачите по аритметика, за што тој и татко му ми беа многу благодарни. Имав намера да го посветам во нашата идеја, а потоа тој од истово село да опфати свои другари. Но но го најдов – беше на гости во соседното село, та си се вратив в град. Како на одење, така и на враќање по патот никого не сретнав. Кога си дојдов дома, родителите почнаа да ме караат за тоа што не сум бил дома. Им ја кажав вистината, а тие ми велат: „Овде нас Турците сакаат да не колат, а ти си тргнал да одиш по друмишта и села.Како не те заклале Турците по патот?“ Потоа тие ми кажаа дека во Бугарија имало востание, затоа Турците во градот биле многу наежени та сакале да ги истепаат сите Бугари. За таа цел првите Турци ги посетиле кадијата во неговата куќа, соседна до нашата, да бараат тој да се согласи со тоа. Меѓутоа, кадијата не се согласил. Се исплашив од оваа вест, но во својата душа бев радосен бидејќи Бугарите од Средногорието и Стара Планина се дигнале на востание. Подоцна дознавме, како било задушено востанието и какви жртви дале Бугарите. Во едно и исто време ме опфати чувство на апатија и одмазда.

Поради овие настани 12-мината решивме едно време да не одиме по селата, својата агитација да ја ограничиме само во градот. Тоа време јас водев сметка за касата во нашата фурна па ми се даде можност да ја прочитам историјата на С. Паисиј, второ издание, печатено 1842 год, во Будим. На крајот на книгата забележав нацртан лав и натпис: „Слобода или смрт”. По примерот на тој цртеж решив ла се извезе знаме на нашата организација. Кога на Петровден се собравме во куќата на Гоце Грбев, го извадив знамето, го заковав на стап и долго марширавме во одајата и пеевме бунтовничка песна: „Ветер ечи балкан стенка“. Знамето остана на чување во куќата на Гоце.

По Петровден почна да се зборува, дека Србија и Црна Гора ќе и објават војна на Турција. Тие информации не зарадувуа и не осоколија надевајќи се дека ќе бидеме ослободени. Повиканите Турци доброволци во околијата се собраа во градот и започнаа да грабат по чаршијата и куќите. Во септемкри доброволците отидоа на Север. Кога подоцна разбравме дека Турците ги победиле Србите одново не опфати апатија. Почнавме да се лутиме на Русија, зашто не им помогна на своите сестри, доколку повеќе што по војната Турција е прилично ослабена.

Уште не беше свршена војната се пренесоа вести, дека во Цариград ќе се свика конференција на големите сили на која ќе се изработат реформи за Европска Турција и специјално за Бугарија. Весниците почнаа да пишуваат за нејзината работа. Ние тоа со интерес го следевме. Во исто време се пренесоа вести дека Русија се подготвува за војна со Турција. Си рековме: „Штом Русија ќе и објави војна наТурција, готово е со неа”. Не лутеше состојбата зошто објавувањето на војната се бавеше. Најсетне, во април 1877 г. слушнавме дека Русија и објавила војна на Турција и осетивме олеснување. Потоа се слушна дека Русите стигнале до Балканот и настапиле во Тракиското поле. Сите им се радувавме на руските успеси, зашто бевме убедени, дека ќе се ослободиме од Турците. Меѓутоа, при неуспесите на руската војска не опфаќаше апатија и страв. Воопшто времето до поаѓањето на Плевен го минувавме со страв мешана со надежи. Дури по заробувањето на Осман-паша се созедовме, а по заробувањето на Вејсел-паша и паѓањето на Одрин без борба, и сосема се успокоивме.

Нашето ослободување го сметавме за сигурно. Почнавме да се подготвуваме и за пречек на руските војски кои требаше да дојдат во Македонија и да ја ослободат. Веста за потпишување на мирот во Сан Стефано не увери дека нашето ослободување е потполно сигурно. Меѓутоа, немир внесуваше тоа што руската окупациона војска уште ја немаше во Македонија.

Потоа почна да се зборува, дека големите сили барале ревизија на С. Стефанскиот мир! Негодувавме велејќи: „Што имаат тие големи сили со тоа прашање? Небаре тие се бореа и даваа жртви, па си го земаат тоа право”. Не притисна сенка на сомнеж. Фактот што руските војски не доаѓаа да ја окупираат Македонија уште повеќе ни го зголемуваше сомнежот. Но откако се зазбори за Берлинскиот конгрес живеевме со мислата дека С. Стефанскиот мир треба да се потврди и од големите сили. Меѓутоа, кога ги дознавме резултатите на Берлинскиот конгрес гром не удри! Разочарувењето и очајот немаа крај. Безутешно плачев како дете. Немаше што да се прави. Требаше да се помириме со положбата. И што да се прави сега? Еден ден во училиштето ги повикав 12-мината другари. Им јавив за решението на Берлинскиот конгрес и потоа им кажав: „Какво и востание сега да правиме нема да ни помогнат. Промена на решенијата на Берлинскиот конгрес најрано може да се очекува по 20 годинн, кога ќе се променат односите помеѓу големите сили, та во едно наше востание, некои од тие сили да се најдат на наша страна. Но да знаете, додека Македонија не стане втор Батак, т.е. додека не востане, нема да се ослободи”. Се разотидовме. Ставивме точка на нашата револуционерна организација.

 

Мојата дејност до 1893 година

По Берлинскиот конгрес секој од младите заколнатици за ослободувањето на Македонија се посвети на својата приватна работа. А јас цела година поминав во колебање, не знаејќи што да преземам.

Летото 1879 г. добив писмо од Петар Шапкаров, училиштен инспектор во Дупница и Самоков. Во писмото тој подвлекуваше дека имал потреба од учители и ги повикуваше сите што го завршиле Кукушкото класно училиште да заминат за Бугарија и да заземат учителски места во неговиот училиштен реон. Слични писма тој беше испратил и во Прилеп и други македонски градови, во кои вршел учителска работа. Јас се решив да заминам за Бугарија, и на 2 октомври истата година тргнав со кираџии, откако татко ми не снабди со три наполеони пари. Патував преку Велес, Св.Николе и Крива Паланка. Кога стигнав на слободната бугарска земја, не обзеде силна возбуда, и плачев од радост како дете, го скинав фесот, го фрлив настрана и паднав коленички, бакнувајќи ја слободната бугарска земја. Па и сега, кога ќе си спомнам за поминувањето на турско-бугарската граница, ме обзема истото чувство на душевна возбуда.

Од Ќустендил заминав за Дупница и му се јавив на П. Шапкаров. Иако имав само 3-класно образование, тој ме испрати за главен учител во с. Рила. Селаните меѓутоа не ме прифатија бидејќи не знаев да пејам во црква. Потоа пак ме испрати за главен учител во с. Костенец што спаѓаше во Источна Румелија, каде учителствував две години.

За мојот живот и дејноста во с. Костенец ќе го кажам само следново. Во Костенец пристигнав на 13.11.1879 г., и се јавив во црковно-училишната управа, на Николчо Лисицата и неговите другари Маменов и Димо Кафеџијата, на кого му го предадов писмото од П. Шапкаров. Тие ми рекоа дека решението не зависело од нив, туку требало да се соберат сите општински одборници и поистакнати селани, па сите заедно да ме примат и ангажираат за учител. Утредента изутрина отидов во една кафеана, во која се беа собрале околу 25-30 мина селани. Почнавме да се пазариме. Јас побарав 7.000 гроша, а тие отпрвин ми даваа 3.000, и ги покачија на 4.200 гроша годишно, со тоа што соодветната плата за месеците јули, август, септември, октомври и половината од ноември да ми се задржи. Јас се согласив. Утредента го отворив училиштето, и почнав да ги запишувам учениците, чија бројка стаса до 80. Пред моето доаѓање тука учењето било ќелијно. И секој ученик учел одделна црковна книга: псалтир, часослов, минеј, апостол, евангелие. Ги разделив на 4 одделенија, и бидејќи еден не се согласуваше да учи во IV одделение, го запишав за ученик во I клас. При доаѓањето во училиштето секој ученик му донесуваше на учителот подарок: крпа, чорапи, кошула, прехранбени продукти. Јас тоа го сметав за мито, и откажав, одбив да ги примам нивните подароци. По неколку дена во училиштето дојде Никола Лисицата, па ми вели: „Ами што правиш ти, учителу, што ги враќаш подароците од своите ученици. Дали знаеш дека со тоа ги навредуваш нивните родители? Тоа е обичај, и треба да ги примиш подароците што ти ги донеле. Инаку ќе се зголеми незадоволството меѓу селаните, дотолку повеќе што некои од чорбаџиите се незадоволни од тебе, бидејќи не знаеш да пееш во црква.“

Немаше што да се прави и почнав да ги примам донесуваните подароци. За храна секој ученик во ред на смена ми донесуваа ручек и вечера, се разбира секогаш празнична гозба. Раководејќи со четири одделенија и еден класен ученик, работев од утро до вечер, а во неделните и празничните денови во црквата читав проповеди од „Софронието“. Отворив и неделно училиште за возрасните неписмени, и им држев предавања за штетноста на алкохолизмот и против други човечки пороци. Претрупан од многу работа, неколкупати побарав да ми се додели помошник. Најпосле молбата ми беше уважена, и за мој помошник назначија еден писар од некоја установа во градот Т. Пазарџик, со плата од 8.500 лева – двојно поголема од мојата. Овој мој помошник се покажа незгоден, и наскоро беше отпуштен, така што до крајот на учебната година останав сам. По завршувањето на учебната година, кај мене дојде целата управа. Претседателот го изрази задоволството на селаните од трудот што сум го вложил, и благајникот ми ја исплати платата за целата година, и уште 10 лири подарок, велејќи ми дека ако се согласувам да останам и идната 1880/81 уч. година за учител, ќе ми се плати 7.500 гроша, и ме обврза да си најдам помошник со плата до 5.000 гроша. Се согласив и заминав за Софија, благовремено, да си најдам свој помошник. Во Софија пристигнав кога го уриваа турскиот конак, за да се изгради на тоа место дворецот за кнезот. На улицата Трговска случајно го среќавам Стефан Карчев, учител во с. Рила, од кого при моето поаѓање за Костенец му бев зел на заем 30 гроша. Му ги вратив, и му заблагодарив за услугата, и го запрашав зошто е дојден во Софија. Ми кажа дека бидејќи училишната управа одбила да му ја зголеми платата од 2.000 гр. на 2.500 гр., тој решил да побара учителско место другаде. Му кажав дека јас барам учител-помошник, и ако се согласува да дојде со мене во Костенец, ќе добива годишна плата 5.000 гроша. Се согласи, и уште утредента заминавме за селото, во кое тој остана, а јас заминав за манастирот „Св. Петар“, близу до Пазарџик, за да го посетувам тука формираниот летен педагошки курс.

Во почетокот на септември го отворивме училиштето. Карчев го презеде врз себе и раководењето со I и II а јас со III и IV одделение. Учениците пак почнаа да ни носат подароци, и собравме 1.000 кгр. пченка, 300 кгр. грав, еден сандак јајца, едно каче сирење, што си ги поделивме. Успешно ја завршивме учебната година, и откако се видов со пари в раце, решив да продолжам да учам во Пловдиската гимназија. Пред да го напуштам селото, ги собрав учениците, им дадов упатни совети и им подвлеков дека никогаш не треба да ги заборават другите поробени бугарски земји, што треба да ги милуваат, како што ја милуваат слободна Бугарија.

Во Пловдив се сретнав со Гоно Миндов, ученик од V клас, мој познат уште од Кукуш. Се запознав и со Благоја Димитров, Хр. Иванов, Попов и др. сонародници. Заедно со нив го поминавме распустот во станимашкиот манастир Св. Петка, во кој се подготвив за приемниот испит, што успешно го положив, и стапив во IV кл. По завршувањето на IV клас, распустот го поминав во Самоков, од каде испратив дописка во весникот „Марица“, (бр. 404 од 3 август) за учебното дело во областа (Ист. Румелија). Дописката беше коментирана поволно од редакцијата.

Откако ми завршија парите, требаше наново да се оддадам на учителскиот повик. Токму во тоа време, додека водев преговори да се главам за учител во Клисура, од Цариград пристигна Кузман Шапкарев, мојот бивш учител во Кукуш, и кога се сретнавме ми кажа дека дошол од страна на Егзархијата да бара учители за солунските бугарски училишта, и мошне настојуваше бездруго да прифатам да станам главен учител во Солунското основно училиште. Јас со задоволство го прифатив неговиот предлог, и заедно со Ал. Битраков, ангажиран за учител во истото училиште, заминав за Цариград, а оттаму заедно со Трајко Китанчев, Божил Рајнов, К. Стателов и други ангажирани за учители во Солунската гимназија, заминав за Солун.

Во Солун останав до декември 1882 г., кога по мое барање бев преместен во гр. Воден. Од моето престојување во тој град ќе ми остане запечатена во сеќавањето мојата средба и разговорот со истакнатиот гркоман X. Бинчев. Еден ден тој ме повика дома кај него, и ми вели дека неговиот внук, што завршил медицина во Атина, сака да се ангажира со лекарска практика во Кукуш, поради што ме замоли да му дадам препорака до кукушките граѓани, да го прифатат наклонето. Му напишав таква препорака, но на аџијата усно му реков, дека тешко неговиот внук да наиде на успех во нашиот град, бидејќи сите кукушани се егзархисти, и не ги сакаат гркоманите, поради што и тој треба да се изјасни за егзархист. „Па и вие треба да се освестите и да станете егзархист, бидејќи во Воден нема Грци”. На тоа тој ми одговори: „Да, ние признаваме дека сме Бугари. но го имаме во предвид следново: грчкиот владика и сите истакнати Грци што доаѓале и доаѓаат тука, и со кои сум имал допир, категорички изјавуваат дека и до каква и да е промена на политичките граници и да дојде во иднина, Воден ќе остане во рамките на Грција. При таква положба на нештата, нема смисла сега да стануваме егзархисти, кога утре ќе треба пак да стануваме гркомани“. Се разбира, јас му приговорив дека нема никакви изгледи Воден да влезе во границите на грчкото кралство, но тоа не го поколеба, истакнувајќи дека грчките државници првенствено водат една национална политика, која на крајот на краиштата ќе триумфира и наспроти нејзините привремени неуспеси.

Во 1883/84 и 1884/5 година бев учител во Кукуш, во кој нашето црковно-училишно дело беше зацврстено, и веќе имаше свои традиции.

Во 1885/1886 г. бев назначен за учител во Лерин. Во тој град гркоманите беа прилично силни. На 6 јануари 1886 г. кај мојот стопан дојдоа на гости околу 20 мина млади луѓе, гркомани, на чело со нивниот водач некој си Иванче. Стопанката ме замоли да ги примам во мојата одаја, и јас се согласив. Уште со влегувањето тие почнаа да пеат бугарски песни. Огкако испеаја неколку песни, Иванче ми се обрна, велејќи ми:

- Г-н учителе. како што гледаш и ние сме Бугари!

- Каква полза од тоа што признавате дека сте Бугари, кога одите во грчка црква, во која слушате да се чати апостолот и евангелието на грчки, без да можете да разберете нешто, а не доаѓате во нашата, за да разберете сe.

- Ами ако сакам, јас можам да го читам апостолот на бугарски и во грчката црква.

- Нема да ви дозволат.
- Како нема да ми дозволат. Јас ќе речам дека сакам на мојот именден да го прочитам апостолот на бугарски, и толку.

- Ќе ти кажат, ако сакаш да чатиш апостол на бугарски, оди во бугарската црква, и таму чати го. Тука е грчка црква.

- Па и да не ми дозволат, јас ќе го прочитам и толку.

- А јас пак ви велам, дека ако вие во грчката црква го прочатите апостолот на бугарски, сите вас, што сте тука, ќе ве нагостам со богата вечера, а ако биде инаку вие ќе дадете вечера за сите нас.

- Без грижа, г-н учителе, нема да кажам дека вие сте ме натерале да го сторам тоа. Ќе речам дека самиот јас сум го сакал тоа, да го прочатам така, и толку.

По овој разговор ние се разделивме. Утредента – на Иванден, ја очекував новоста дека во грчката црква ќе се чати апостолот на бугарски. Меѓутоа, уште попладне нашиот разговор и обложувањето станале познати на грчката митрополија, во која било повикано момчето Иванче, и му се сугерирало дека, ако тој си дозволи да прочати апостол на бугарски, вооружени момчиња ќе му се спротивстават, и за да се избегне крвопролевање, бил замолен да се откаже од својата намера. Вечерта кај мене доаѓа Иванче и ми јавува за горното, и ме замоли да го раскинеме обложувањето. На тоа јас му одговорив:

- Па нели јас ви реков дека нема да ви дозволат? Сега јас не го раскинувам обложувањето. Ако сакате, вие раскинете го.

- Штом вие не го раскинувате обложувањето, и јас нема да го раскинам и јас ќе вооружам десетина мина од моите другари, па нека биде што ќе биде.

На Иванден, на богослужението, кога дошло време да се чати апостолот, Иванче се качил на владичкиот престол, и почнал да го чати апостолот на бугарски. Веднаш му се нафрлиле десетина момчиња, да го истуркаат од престолот. Се смешуваат и неговите другари за да го бранат, туку тој бил истуркан надвор од црквата. По богослужението, грчкиот владика свикал седница со епархиските советници. На седницата го доведуваат и Иванче, и го тераат да изјави дека бил измамен од бугарскиот учител да го прочати апостолот на бугарски. Иванче сепак одречувал се` до крај, и со тоа ме избави од беда.

По таа случка моето престојување во Лерин беше невозможно. Требаше да се преместам другаде. Туку мојата желба да си го продолжам образованието беше незапирлива, и решив до завршувањето на учебната година да се подготвувам за запишување во некое трговско училиште. Во тоа ми помогна и случајот. Поради обединувањето на јужна и северна Бугарија, Антон Трпенов, ученик во Свиштовското трговско училиште, не можеше да замине за Бугарија. Ги користев неговите учебници и белешки, и по завршувањето на учебната година, заминав за Свиштов, каде се пријавив за приемен испит за I година, и се запишав во втората.

Во тоа време дојде до симнувањето од престолот на кнез Батемберг, а во февруари 1887 г. по пристигнувањето на Каулбарс дојде до бунтот во Русе, во кој беше замешан и директорот на трговското училиште Русинот Красилников, што избега и училиштето се растури. Тогаш решив да заминам во Виена, за да продолжам со учењето во тамошната трговска академија. Меѓутоа, наместо да останам во Виена, решив да продолжам да учам во Линц, каде што имаше слично училиште. Откако се подготвив, положив за втората година, а во 1888 г. успешно ја положив III година со многу добар успех.

По завршувањето на Трговската академија во Линц, се пријавив во Егзархијата за учител, и бев назначен за учител по аритметика во долните класови на Солунската гимназија, и за сметководство во IV, V и VI клас. Ми се додели и надгледничка должност во пансионот.

 

Основањето на ВМРО

Во Солун ги затеков градските првенци поделени на две партии. Едните – како Насте Стојанов, К.Г. Самарџиев, Ничо Попов, Саздо Ризов, Т. Мацанов, Д. Кондов и др., што имаа материјални врски со учебното дело во Солун, како добавувачи на облека, чевли, книги, продукти, пренесување на суми парични износи за пансионите, учениците и ученичките во градот, – беа сметани за „егзархисти“, т.е. спроведувачи на официјалната бугарска политика, и други, – како Никола П. Стефанов, Дамјан Петров – со синовите, Саздо Дерменџиев, Тодор X. Мишев и др., што беа револтирани од шпекулантските потфати на првите, протестираа во Егзархијата поради некои нередности во пансионите и учебното дело, – што се сметаа за луѓе со посамостојно сфаќање на црковно-училишните прашања во Македонија Кон таканаречената „егзархиска“ партија се приклучуваа сите учители, дојдени од Бугарија, и учителите прилепчани.

Како директор на гимназијата го затеков Н. А. Начов, поранешен околиски началник во Ихтиман кога бев учител во Костенец, а главен надгледник во пансионот беше Д. X. Иванов. Колеги во гимназијата ни беа: В. К’нчев, Петко Машев, Андреј Тошев, Хр. Мангаров, Дим. Матов, Благој Димитров, Дим. Цонев и др.

Пансионот го затеков во анархија. Учениците не им се потчинуваа на своите надгледници, беа незадоволни од храната, кршеа чинии, вилушки, ножеви, ги кршеа катинарите од спалните, за да можат да влегуваат во нив кога ќе посакаат и сл. Бев понесен од амбиција да воведам разумна дисциплина, но не наидов на поддршка од главниот надгледник Д. X. Иванов. Така, уште првиот ден на моето дежурање во трпезаријата, 10-мина ученици креваат рака, и велат дека порциите им се мали. Проверив и се виде дека на деветмина порциите им беа мали. Заповедав да им ги променат порциите, но не и на 10-иот. Потоа почнаа да јадат сите. Во тоа време се крена еден ученик од соседната маса, и ми вели: „Г-н надгледнику, требаше да му се промени порцијата и на десеттиот наш другар, зашто ако порцијата му беше добра, немаше да протестира.“ Му одговорив дека нема потреба од адвокати; секој ученик одговара за себеси. Ученикот се почувствува усрамен, и си седна на местото, без да приговара веќе. Тоа беше мојот иден другар – соидејник Д. Груев.

Еден празничен ден во октомври учениците од VП клас ми изјавија дека не сакаат да дојдат во црква. Му го соопштив тоа на главниот надгледник, што ми рече да не ги терам со сила да дојдат, но по враќањето од црква, на нив да не им се даде закуска (чај). Постапив како што ми заповеда колегата, но кога по враќањето од црква и учениците влегоа во трпезаријата да појадуваат заедно, со нив влегоа и седмокласниците, кои, кога видоа дека на нивната маса не е сервирана закуска, наседнаа по масите на другите ученици. Започна караница и буричкање меѓу нив. Моите усилби да воспоставам ред и тишина останаа попусто. Тогаш се упатив во одајата на главниот надгледник, за да го известам, па тој да преземе мерки за воспоставање на редот. Но наместо да ми помогне, тој уште кога ја наслушнал вревата од трпезаријата, се подготвил да излезе од пансионот, и на излегување од својата одаја ми рече да ги забележам имињата на виновните ученици и си излезе. Ваквото однесување на главниот надгледник ме револтира, и уште истиот ден дадов отказ на должноста надгледник. Во текот на три дена директорот доаѓаше кај мене, и ме молеше да си го повлечам отказот, и да продолжам да работам во пансионот, затоа што инаку ќе се постави прашањето за постапката на главниот надгледник Д. X. Иванов. Го повлеков отказот и продолжив да работам во пансионот.

Накај ноември учителите, родум од Бугарија, поднесоа молба до директорот, да им се дозволи да се хранат во пансионот, при што да си ја плаќаат храната. Им се дозволи. Хранејќи се заедно бев сведок на нивните постојани префрлувања на сметка на македонските Бугари, обвинувајќи ги за слаб патриотизам – „ќе ми дајш пари, ќе се чинам Бугарин“ и сл. на тоа. Јас им ја истакнував борбата на македонските Бугари против туѓите пропаганди, која борба е поинтензивна и поголема одошто е борбата на Бугарите од другите бугарски географски области, Добруџа, Мизија и Тракија, туку тие постојано продолжуваа да ги исмејуваат своите југозападни сонародници, чии деца беа повикани да ги обучуваат и воспитуваат.

Еден ден бевме излегле крај морето, да пиеме кафе во кафеаната „Белви“. В. К’нчев беше многу зборлест, и меѓу другото во своите прикажувања рече дека тој дошол за учител во Солун, за да ја побугари Македонија. Тоа беше претерано и силно речено. Му приговорив дека не бива да зборува така и да се натценува себеси, бидејќи Македонија одамна е бугарска и дека македонските Бугари одамна водат борба против рутината; нејзе и` е потребна просвета што треба вистински да ја шират сите учители и духовници. К’нчев се почувствува засегнат и оттогаш почна да ме мрази, се` дотаму што по 5-годишно заедничко учителствување во солунската гимназија, ме натера да се откажам од надгледништвото, а потем ме пријави во Егзархијата, да ме преместат во гр. Серез, каде не отидов и го напуштив учителствувањето.

Од 1888 година српската пропаганда во Македонија ја засили својата активност и почна да врши атаки дури и во солунската гимназија. Со давање пари и големи ветувања српските агитатори успеаја да заблудат околу 40 мина ученици од гимназијата, и да ги испратат во Белград, кои по едногодишен престој таму, избегаа во Софија. Истата пропаганда растураше улавски големи пари, за да отвора српски училишта насекаде низ Македонија, поткупувајќи по неколцина продажни луѓе од секое населено место. Турската влада и Цариградската патријаршија беа во нејзина служба. Знаејќи дека во Македонија нема Срби, ваквата активност на српските агенти многу ме лутеше. Во барањето на средство за спротивставување на таа пропаганда, дојдов до заклучокот, дека само една тајна револуционерна организација ќе може да го пресече патот на туѓите пропаганди во Македонија, и дека таа ќе обезбеди основа за запазувањето на бугарштината во Македонија, како и тоа дека таа ќе помогне дури и за стопанското засилување на нејзиното население. Ва своите размислувања за основање на револуционерна Организација јас предвидував дека ќе наидам на пречки од луѓето на Егзархијата, и од самата неа што и самата во црковно-училишното дело спроведуваше централистичка политика: таа ги назначуваше и ги отстрануваше учителите и архиерејските намесници. Поради тоа почнав да барам сомисленици меѓу учителството и граѓанството, што имаа децентралистички погледи спрема нашето црковно-училишно дело. Во тоа време такви најдов во лицето на Петар П.Арсов и Цонев, а подоцна и д-р Хр.Татарчев, школски ценет лекар. На други колеги родум од Македонија, не сметав, познавајќи ги нивните гледишта и нивните карактери.

Во текот на мај 1892 г. на улица ме навтаса претседателот на солунската општина свештеникот Иван Маџаров, што ми рече: „Доаѓам од конакот, бев отиден кај валијата да го молам, еве неколкупати, да се отвори црквата во с. Ново Село (Солунско), во која да одат на богослужение и егзархисти и патријаршисти, иако од последните има само две куќи. На тоа валијата ми одговори: „Аман со тие ваши цркви и училишта. Да знаеш, попе, дека со вас ќе се мачиме едно-две години. Потем ќе ве оставиме да се фаќате за гуша со Грците и Србите, а ние ќе си гледаме сеир.“ Циничкото искажување на валијата Зехни-паша ме јадоса и решив колку што е можно поскоро да се зафатам со основањето на револуционерна организација. На располагање имав веќе четиримина сомисленици: П. П. Арсов, д-р Хр.Татарчев, Дим. Цонев и Хр. Батанџиев. Но сметав дека сме малцина. Освен тоа, сакав меѓу нас да има и некој човек, поавторитетен и поопитен во конспиративното дело, каков што не можев да видам меѓу интелигенцијата во Солун и воопшто во Македонија. Затоа решив во текот на распустог да отидам во Софија, и таму сред емиграцијата да најдам таков човек.

Во јули 1892 год. заминав во Софија. Таму се сретнав со К.Шахов и му го изнесов планот, а тој за соодветен и авторитетен човек ми го посочи Гоце Делчев, уште јункер во военото училиште. Шахов ни закажа средба во неговата печатница во идната недела, бидејќи јункерите само во неделен ден можеле да излегуваат од училиштето. На нашата средба јас ја оцртав положбата на нашето национално дело во Македонија, ја изнесов заканата на солунскиот валија, и успесите на српската пропаганда и пред двајцата го поставив прашањето: не е ли време да се основа револуционерна организација во Македонија. И двајцата ми одговорија потврдно, но побараа да им ги изнесам какви треба да бидат, според моето мислење, основите на таа тајна организација. На поставеното прашање го одговорив следново:

1. Револуционерната организација да се оснава внатре во Македонија и да дејствува таму, за да не можат Грците и Србите да ја толкуваат како орудие на бугарска влада;

2. Нејзините основачи да бидат месни жители и кои живеат во Македонија;

3. Политичкото мото на Органшацијата да биде автономијата на Македонија;

4. Организацијата да биде тајна и самостојна, без да влегува во врска со владите на соседните слободни држави; и

5. Од македонската емиграција во Бугарија и од бугарската јавност да се бара само морална и материјална поддршка за борбата на македонските револуционери.

За изнесените пет основни поставки зборувавме цели четири часа, и во потполност се согласивме. По прашањето за авторитетното лице, по размената на мислењата меѓу мене и К. Шахов, Гоце рече: „Слушај, г.Х. Николов, помина толку време, нека помине уште една година. За една година јас го завршувам военото училиште, и немам намера да останам како офицер во бугарската армија. Ќе се вратам во Македонија. Тогаш ќе дојдам во Солун, ќе зборуваме за тоа прашање, и ако има услови, ќе ја основаме Организацијата“. Се разделивме со Гоцето, пожелувајќи си идното лето да се видиме во Солун.

Распустот од учебната 1892/93 год. го поминав во Њушател (Швајцарија), за да ги вопотполнам своите знаења. Се вратпв во Софија на 30 август, и веднаш отидов во гимназијата, за да разберам за својата положба, бидејќи Егзархијата секоја година вршеше преназначување на учителите. Во канцеларијата ми беше соопштено дека сум преместен во Серез, според извештајот од директорот В. К’нчев. Одбив да отидам во Серез, и се зафатив со приватна работа – книжарство. Требаше да останам во Солун, затоа што, како што се бевме договориле, требаше да чекам тука да пристигне Гоце Делчев. Извесно време бев зафатен со извршување на формалностите за отворање на книжарницата (давање на барање и добивање дозвола од меарифот, земање под наем на дуќан и правење порачки за книги и канцелариски материјали. На 11 септември 1893 год. веќе ја отворив книжарницата, откако Хр. Г. Данов и Д.В. Манчов ми испратија учебници да ги продавам на консигнација.

Помина месец септември, туку Гоце уште го немаше. На 21 октомври 1893 год., рашетувајќи се крај морето, ме сретнаа Анд. Димитров и Дамјан Груев. Ме запреа, и меѓу нас започна следниов разговор:

- Абе Хаџи, што мислиш ти за ослободувањето на Македонија? – ме запраша Анд. Димитров.

- За тоа прашање размислувам уште пред 15 години и додека во Македонија не дојде до еден втор Батак, таа нема да се ослободи. А пак да дојде до востание, треба да се основа револуционерна организација.

- Па ајде тогаш ние тројцата да основаме таква организација.

- Ние тројцава сме малу. Треба да влезат повеќе и поавторитетни луѓе.

- Па на кои сметаш да влезат?

- На пример Д. Кондов, К. Самарџиев и други, што имаат врски со цела Македонија. (Ова јас го реков затоа што Даме Груев работеше во печатницата на К. Самарџиев како коректор).

- Витосај ги ти нив. – ми одвети Д. Груев. – Тие не се за таква работа. Тие знаат да се плеткаат само во такви работи, каде е касата на Егзархијата, и други дотации.

- Кои други имаш во предвид? – рече А.Димитров.

- Абе, имам во предвид и други луѓе, но не знам дали ќе се согласат да влезат во Организацијата. Такви се на пример: П.П. Арсов, д-р Хр.Татарчев и Хр. Батанџиев. (Д. Цонев веќе не беше учител во Солун).

- Па убаво, тие тројцата и ние тројцата веќе стануваме шестмина. Да се сретнеме шестмината, да размениме мислења сите заедно.

- Добро! – одговорив јас, и определив место и време за заедничка средба на нас шестмината.

Во договореното време на 23 октомври 1893 год., во петокот навечер, сите шестмина се собравме во живеалиштето на Хр. Батанџиев. Јас ја објаснив целта на нашата средба дали не е време да се основа револуционерна организација, каква треба да биде нејзината тактика и нејзиното политичко верују, кои ќе имаат право да членуваат во неа, и какви треба да бидат нејзините односи со македонската емиграција што се наоѓа надвор од територијата на Македонија и слично.

Поставените прашања беа предмет на разгледување од нас шестмината, но најподробно и најопширно се искажа д-р Хр. Татарчев. На крај дојдовме до следнава согласност: 1. Организацијата треба да биде тајна и револуционерна, 2. Нејзината територија ја сочинува само Македонија, во нејзините географски и етнографски граници, поради што ќе се наречува и внатрешна 3. Во неа ќе членуваат лица родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност, 4. Политичкото верују на организираните Македонци е: автономија на Македонија и 5. Да се запазува самостојноста на Организацијата, за да не падне под влијание на политиката на владите на соседните словни држави.

Јас бев задоволен што сите присутни ги искажаа кажаните јасни мислења, што јас порано ги бев искажал пред К. Шахов и Г, Делчев во Софија, затоа н најмалку зборував, но на крајот реков: „Другари, ние веќе основавме револуционерна организација, но дали знаете какви можат да бидат последиците за секој еден од нас во случај на провала? Сите ние можеме да отидеме на бесилка. За себеси ви изјавувам дека сум решен да одам докрај, а вие што ќе речете?“ Сите одговорија потврдно, т.е. дека и тие се готовни да одат докрај. Со тоа заврши формалниот чин на основањето на Револуционерната организација, идејата за која зреела кај секој еден од нас уште порано.

За проширувањето на кружокот и за привлекување на сомисленици, на крај решивме секој еден од нас да ги посветува во револуционерната идеја своите најблиски луѓе во Солун и провинцијата.

 

Мерки за јакнење на Револуционерната Организација

Втората седница на шестмината стана во јануари 1894 година. Предложив да ја прошириме Револуционерната организација меѓу интелигенцијата во цела Македонија, и за да го узнаеме нејзиниот менталитет и нејзиното расположение спрема ослободителното дело, при среќавања да се изнесува прашањето за политиката на Егзархијата, како што постапив и јас при изборот на своите први другари, па оние што ќе се изјаснат позитивно за егзархиската централистичка политика да се сметаат за ненадежни, а пак оние што ќе бидат за децентрализација на нашето црковно-училишно дело во Македонија – за надежни и да бидат посветувани во револуционерата идеја, при што да им се постави за задача секој во својот реон да формира кружок од испитани и борбени другари. Предлогот ми беше прифатен и на П. Арсов му се постави задача да напише брошура под наслов „Стамболовштината во Македонија“. Брошурата ја отпечатив во текот на распустот во Софија, и откако пристигна во Солун, таа беше растурена до познати во цела Македонија. Резултатот од брошурата беше охрабрувачки. Множество од учителите го споделуваа нашето гледиште и таквите беа посветувани во револуционерното дело и заколнувани на крстот.

На една од следните седници решивме во Солун да основаме неделно училиште, божем за неписмени и недостатно писмени, во кое ќе имаме можост да узнаеме за духот и гледањата на членовите, и потем тие да бидат посветувани во делото, та на таков начин да се прошири солунскиот кружок. За учители – раководители на неделното училиште ги одредивме Дамјан Груев и Лазар Димитров. Овој последниов и Тане Мурџев беа првите наши последователи во Солун. Програмата во неделното училиште се состоеше во: малку читање и сметање, а повеќе читање и раскажување за Француската револуција, за италијанското обединување, за Гарибалди и слично – воопшто прикажување за востанија и револуции. Откако се уверивме дека меѓу солунското граѓанство има почва за револуционерната идеја, по двомесечно функционирање, го затворивме неделното училиште.

На истата седница за претседател на Цетралниот комитет го избравме д-р Хр. Татарчев, за благајник – Дамјан Груев. При изборот на благајник сите настојуваа јас да бидам тој, но јас одбив, откако им објаснив дека како трговец – книжар сите противници на Револуционерната организација, какви што во иднина бездруго ќе се појават, ќе почнат да ме обвинуваат дека со пари на Комитетот правам трговија, и преку тоа ќе сакаат да не компромитираат и мене лично и Организацијата. Поради тоа е подобро благајната да е подалеку, настрана од мене и слични на мене трговци. Моите другари добро ги сфатија моите доводи, и со благајната се ангажира Д. Груев. За постојан лрезидиум ги избравме: д-р Хр.Татарчев, Д. Груев и мене. Но д-р Татарчев во тоа време беше дал отказ на должноста училишен лекар, и беше останал во Солун, вршејќи слободна практика, и бидејќи отпрвин немаше достатно клиентела, јас и Даме го ослободивме од сите дневни работи, за да може да трча по пациенти за да си создаде поголема клиентела за да може да остане во Солун, па според тоа и во Централниот комитет. Главната работа за нас двајцата се состоеше во тоа да водиме шифрирана кореспонденција со провинцијата, и да организираме средби со нашите луѓе што доаѓаа од провинцијата во Солун.

Во време на велигденскиот распуст во 1894 година управата на Солунската машка гимназија организира забавен воз до град Серез. Двајцата со Даме решивме да отидеме во Серез, за да се сретнеме со Хр. Матов, тогашен директор на Сереското педагошко училиште, и да го привлечеме во редовите на Револуционерната организација. По нашето пристигнување во Серез, во училишната канцеларија Даме ме запозна со Матов, и веднаш фативме разговор за Револуционерната организација, со предлог и тој да влезе во неа. На таа тема прикажувавме подолго време, туку Матов не се согласи да влезе во Организацијата, за да си остане, бездруго верен на себеси, што при секоја следна прва средба го даваше својот постојан одговор „ќе си помислам“. Подоцна ние ги придобивме за Организацијата во Серез учителот Благој Калејчев и книжарот Ат. Ников, па и во тој грчки центар успеавме да создадеме органи на Организацијата. Воопшто, може да се рече дека уште во текот на 1894 година ние имавме јадра и кружоци речиси во сите градови во Македонија.

Во текот на август 1894 година престоеше да се освети новоизградената црква во гр. Ресен. Ние решивме да го искористиме тој повод за Организацијата. Како наши претставници за Ресен заминаа д-р Хр. Татарчев и Д. Груев, родум од Битолскиот вилает. Ја средивме така што свеченоста да биде посетена од учители и луѓе од интелигенцијата, посветени и непосветени во делото, од соседните на Ресен градови (Битола, Охрид, Прилеп и др.), така што по посветувањето на црквата нашите претставници да ги повикаат сите поканети учители и луѓе од интелигенцијата, како гости на собрание, на кое, небаре за првпат, да се постави прашањето: дали не е време да се започне со активност за ослободувањето на Македонија и како да се работи во таа насока. Посветените да кажат „да“, за да се повлијае на непосветените. На одржаното собрание грамадното мнозинство од присутните се изјасниле дека е време да се почне со активноста за ослабодувањето на Македонија и да се основа соодветна оранизација. Спротивно мислење имале Н. Наумов и неколцина други. Собранието во Ресен имаше карактер на состанок на посветени и непосветени, и не може да се смета како собор – конгрес.

Пред Велигден 1894 г. претстоеше да се избере нов црковно-училишен казалиски (на Солунската кааза) општински совет. Имајќи во предвид дека општината е важен центар, од каде ќе може да се дејствува преку учителите, свештениците и највидните луѓе во селата за проширувањето на Организацијата, решивме и ние да се кандидираме. Нашата листа, на чело со д-р Татарчев доби 90% од гласовите. Опозицијата го оспори изборот пред Егзархијата, која ги потврдуваше изборите, образложувајќи го оспорувањето со тоа дека ние сме добиле на изборите благодарејќи на големата агитација, што сме ја вршеле, и моли тој избор да не биде потврден. Како последица на таквото оспорување новоизбраната управа не беше потврдена во текот на Ш месеци. По 10-месечно чекање, наместо потврдување од Егзархијата, се доби нов правилник по силата на кој треба да се организираат изборите за црковно-училишни казалиски советници. Правилникот предвидуваше изборите да бидат посредни преку застапници. Изборите извршени и според новиот правилник донесоа победа на нашата листа, на чело на која стоеше д-р Хр. Татарчев. Ова ги разлути противниците на такавиканата „егзархиска паратија“ против нас.

На истите предвелигденски седници во 1894 г. беше решено да се направат посети низ провинцијата, и да се стапи во непосреден контакт со познати луѓе за проширување на Организацијата Ние си ги поделивме реоните вака: д-р Хр. Татарчев да патува на линијата Солун – Кукуш – Дојран; Даме Груев – на линијата Солун – Воден – Битола, а јас – Солун – Криволак – Градско – Велес- Скопје, и тоа секој на свој трошок. Д-р Хр. Татарчев и Д. Груев направија неколку обиколки, а јас продолжив до 1900 година. Тие обиколки ни дадоа одлични резултати. Посветените сили од интелигенцијата ги проширија кружоците, и такви почнаа да се основаат и во помалите градови и по селата, од каде граѓани трговци, што доаѓаа во Солун, почнаа да ме распрашуваат дали навистина влегувам во Револуционерната организација. Така, трговецот Јанчев од Гевгелија еден ден во 1895 година дојде кај мене, па ми вели: „Нашите учители ми кажуваат за една работа во која сте биле и вие со др-р Хр. Татарчев. Дали е тоа вистина?“ Јас му одговорив: „Дали ме прашуваш за Револуционерната организација?“ – „Да! – ми одговори тој. – „Да! И јас сум внатре во неа“. Другпат кај мене доаѓа кумановскиот трговец Сечков и ми ги постава истите прашања, па и на него му одговорив исто така и слично. Честите распрашувања и поставувања на различни прашања не натераа најпосле да решиме да се напише внатрешен правилник-статут, чие подготвување ми беше поставено во задача на мене во 1895 г, и да го испратиме во препис во поважните центри.

 

За нашите солунски книжарници

Сега да се вратам малу назад за мојата книжарница.

Отворањето на мојата книжарница се покажа како задоволување на неопходна потреба. Од множество учители добив писма, во кои пишуваше: „Многу добро направивте што отворивте книжарница, за да се спасиме од неподнесливиот монопол на Самарџиев. Тој човек праќа учебници и други ученички и канцелариски потреби кога сака и колку што сака и по цена каква сака тој. Многупати ни ги испраќа стоките во јануари и февруари, иако ги добил парите уште во септември.“

Иако доцна ги добив учебниците од Д. В. Манчов, сепак во ноември и декември 2-3 училишта купија од мене учебници, бидејќи им беше здодеало да ги чекаат таквите од К. Г. Самарџиев, па испрати кај мене човек, да ми каже дека ако ја затворам книжарницата, тој, (К. Г. Самарџиев), ќе ја навел Егзархијата да ме назначи за учител пак во Солун, и тоа не со платата од 110 турски лири, колку што добивав порано, туку со плата од 150 турски лири. Се разбира, јас одбив. Доаѓаа пак други луѓе да ме убедуваат да отидам некаде во провинцијата, и таму да бидам книжар, затоа што во Солун, при постоењето на една книжарница на Самарџиев, која владее со целиот пазар во Македонија, нема да можам да успеам и ќе банкротирам. Јас им велев дека ако не можам да успеам во Солун, како интернационален и трговски град, во провинцијата ни најмалу нема да успеам.

Во текот на распустот во 1894 г. ги отпечатив веќе подготвените учебници за основните училишта. Речиси сите мои бивши ученици од Солунската гимазија, распрснати сега низ цела Македонија како учители и директори, ми станаа мои муштерии, бидејќи моите учебници беа поевтини. Така читанката за второ одделение на Самарџиев чинеше 7 гроша, а мојата 3 гр.; неговата читанка за 3 одд. чинеше 8 гр., а мојата 5 гр. итн. Споредувајќи ги цените на моите учебници со оние на Самарџиев, луѓето ја здогледаа големата експлоатација што ја правел Самарџиев во текот на толку долги години, кога тој бил единствениот книжар – издавач. Сето тоа ги озлоби К. Г. Самарџиев и неговиот автор Анастас Наумов, и тие почнаа во мене да гледаат свој смртен непријател. Та започнаа безгранични и без запирање прогони и клевети против мене и против Организацијата.

Успехот на мојата книжарница, заземањето од нас на управата во солунската општина и пробивањето на револуционерната идеја меѓу интелигенцијата во Македонија, ја наштрекнало не само опозицијата во Солун на чело со К. Г. Самарџиев, туку и самата Егзархија. Па Егзархијата му наложила на К. Г. Самарџиев во пролетта 1895 г. да тргне низ Македонија за да агитира против рев.организација. К. Г. Самарџиев обиколил поголем дел од Македонија и насекаде говорел против Организацијата, а најмногу против мене, велејќи дека јас сум бил учител што бил избркан од Егзархијата, дека сум никаквец, и дека сум си создал партија во Македонија па сум ја фрлил земјата во оган. Кога во време на распустот ми доаѓаа учителите, пред кои ова го зборувал Самарџиев, ми ги соопштуваа тие негови искажувања, јас им одговарав: „Тој зборува така против мене затоа што му е мака што и јас сум книжар; ако не бев книжар немаше да зборува така против мене.“

 

Став на Централниот Комитет спрема Врховниот Македонски Комитет во Бугарија

Во текот на март 1895 г. узнавме дека во Софија се основал Македонски комитет, на чело на кој се наоѓал Трајко Китанчев. Членовите на Централниот комитет беа незадоволни од иницијативата на македонските емигранти во Софија. Решивме јас да отидам во Софија, како и секогаш на свој трошок, да се најдам со Китанчев и да му го пренесам нашето решение, што се состоеше во следново: „Не може и не треба да постојат два комитета, туку еден, и тоа солунскиот Централен комитет. Софискиот комитет да постои како помошен, со специјална задача да го помага Централниот комитет материјално и морално, да испраќа подготвени дејци, но не да управува и да решава што да се прави. Му го изнесов на Китанчев овој став на Централниот комитет, и тој вети дека ќе не слуша нас, и дека нема да прави ништо без наше знаење и согласност.

До половината на 1895 година Централниот комитет успеа да основа мали кружоци речиси во сите градови и во сите поглавни центри на нахиите во Македонија. Ние не брзавме да ја јакнеме Организацијата само во едни места, додека во соседните уште немаше такви. Притоа сакавме да видиме, како ќе ја прифати народот Револуционерната организација, и потоа да се основаат кружоци и по селата. Воопшто дејствувавме бавно, преку сигурни и верни луѓе, за да не го подложиме на опасност делото уште во самиот почеток.

Но во текот на јули 1895 год. чувме дека од Бугарија се навлезени чети во Пиринскиот крај, што го зазеле Мелник, нападнале помашки села во Доспатско и слично. Сето тоа не растревожи, затоа што преку ова навлегување на Турците им се отвораа очите за постоењето на револуционерна организација, која се до самото организирање на сето македонско население и неговото подготвување за востание требаше да остане непозата за турската влада. Извршениот веќе факт не можеше да се прикрива од народот, и ние решивме да го искористиме за агитација, велејќи им на истомислениците и на народот: „Дали гледате? Нашите браќа од Бугарија се готовни да ни дојдат на помош кога ќе востанеме. Поради тоа треба што поскоро да се подготвиме за востание”. Секој човек од инелигенцијата, и учител, што ќе пристигнеше во Солун, се посветуваше на делото и се заколнуваше. Во текот на истото лето беше заколнат и Хр. Матов. Тоа беше на 25 август 1895 г. – во петок. Јас и Даме отидовме во Бошнак-ан, во кој се беше сместил Хр. Матов. Го поканивме да дојде во моето живеалиште, каде разговаравме цели два часа за Револуционерната организација. Најпосле Матов се согласи да стапи во Организацијата, и Даме го заколна. Тој замина на местото на своето назначување со инструкции да ја зајакне и прошири Организацијата во округот.

 

Првите материјални средства, организирање на терористите и набавка на оружје

До август 1895 г. Централниот комитет не собираше пари од никого. Трошоците беа ништовни и се покриваа од личните средства на членовите на Централниот комитет. Кон крајот на истиот месец во Бошнак-ан кај мене дојде Ване Јаков од Кукуш, и ми даде едно ќесе полно со турски лири. Рече дека парите биле собрани од органшираните кукушани. По малу дојде Даме и како благајник го зеде ќесето со парите. Се покажа дека има 320 турски лири, за тоа време големи пари. Тоа беше првата парична помош на Организацијата. Ентусијазмот на организираните кукушани беше висок, и кога во почетокот на 1896 г. населението од градот беше речиси исцело организирано, пред Велигден истата година испратија делегација до Централниот комитет, да им се дозволи на светлиот Христов празник јавно да го манифестираат својот патриотизам. Од разбирливи причини, Централниот комитет не се согласи таа манифестација да биде одржана.

Кон крајот на 1895 г. формиравме терористички групи да ги казнуваат разобличените шпиони. Во тоа време во Организацијата беше вовлечен Ѓ. Петров, што во текот на една и половина година беше нејзин противник. Тој беше воведен во работите на Централниот комитет и беше вклучен како негов член.

Во јуни 1897 год. во Солун се отвори бугарски конзулат, и за генерален конзул беше назначен бившиот секретар во Егзархијата и мој личен познат Ат. Шопов. Уште утредента по неговото пристигнување во Солун тој дојде во мојата книжарница, и се поведе следниот разговор:

- Добар ден г-н Николов!

- Добар ден г-н Шопов. Нека ви е честита новата должност!

- Благодарам. Туку, како оди со Организацијата?

- Која организација?

- Револуционерната.

- Па како тоа!? Вие сте член на Централииот комитет на таа Организација.

- Ниту сум член на кекаков централен комитет, ниту знам за некаква револуционерна организација.

- Чудно би било да не знаеме кои се членови на Централниот комитет на Организацијата. Вие сте, вели тој категорично, еден од членовите на Централниот комитет.

- Вие можете да тврдите дека тоа е така, но јас ви велам дека тоа не е точно.

- Значи, не сакате да ми кажете. Добро, збогум! – и си отиде. Последните зборови тој ги кажа навредено.

Вечерта им кажав на другарите за овој мој разговор со Шопов, и тие го одобрија моето однесување.

Во почетокот на 1897 година решивме да ги организираме сите солунски учители, со исклучок на познати кариеристи и страшливци, што ги поделивме на три групи, и ги распределивме така што во надлежност му беше дадена една група на Д. Груев, втора – на Ѓ. Петров и трета – мене. Во групата на Ѓорче влегоа Ив. Гарванов и Неделко Колушев. Јас и Дамјан успешно си ја извршивме работата. И Ѓорче исто така бил успешен, но во лицето на Ив. Гарванов наишол на спротивставање и одбивање. Последниов му рекол: „За мене е веќе доцна да станувам регрут“. Ѓорче на тоа му одговорил: „Ако сакаш да работиш, ќе можеш наскоро да влезеш и во Централниот комитет, затоа што во Организацијата нема шефови и регрути, туку работници; оној што работи и ќе се наоѓа на чело, и за пример се навел себеси. Гарванов одби да влезе во Револуционерната организација, за да застане потем на чело на братството и подоцна поведе борба против нас. Братството беше во непосреден контакт со А. Шопов, чиј секретар беше капетанот Стаматов, што често ни правеше услуги. Но во 1897 г. последниов беше отстранет и на негово место беше назначен Нед. Колушев, кој исто така беше против нас.

До половината на 1897 г. Организацијата постига големи успеси: множество од учителите беа посветени и организирани. Откривањето и запленувањето на првата пратка бомби, и достоинственото држење на пренесувачот (штипјанецот Доне Антов Тошев), небаре и` даде светост на Организацијата, и и` прикрепи ореол на цврстина и тајност. Сите почнаа да здогледуваат дека тука се работи за нешто сериозно. Непријателите се штрекнаа. Авторитетот на Организацијата се зголеми. Бројот на заколнатите почна брзо да се зголемува. Почнавме да собираме и пари од поимашните граѓани и трговци, давајќи им потврди од Организацијата.

Меѓутоа, виничката афера во 1897 г. ни направи големи штети. Дали пак таа не беше умислено организирана од некои софиски патриоти, со цел да и` се стори пакост на Организацијата? Туку, кој и да ја организирал таа афера, за македонското ослободително движење тој е голем злосторник. Затоа што од таа афера пострада целиот Скопски округ, и тоа толку силно, што не можеше долга низа години сосем да се соземе. Поради таа афера множество добри дејци избегаа во Бугарија, мнозина беа уапсени и малтретирани во месните затвори, а десетмина беа испратени на заточение во Подрум-кале, Мала Азија, каде останаа пет години, и беа ослободени по прогласувањето на амнестијата. Заточени во Подрум-кале беа: Петар Поп Арсов, Мише Развиговоров, Јосиф Даскалов, Димитар Миразчиев, Александар Антонов (Икономов) Ал. Беличев, игуменот на Лесковскиот манастир, отец Козма, и тројца селани, за чии имиња не се сеќавам. Меѓутоа, во другите окрузи Револуционерната организација со секој ден јакнеше се` повеќе.

 

Основање на четничкиот институт. Испраќање на списоци во Егзархијата. Конгресот во 1899 година

Како што реков, Виничката афера (14.11.1897 г.) и` нанесе голем удар на Револуционерната организација. Сепак лошите последици останаа ограничени само во скопскиот округ. Во другите окрузи револуционерното дело, по кусо затишје, продолжи да напредува. Од друга страна активноста на организираната емиграција во Бугарија ни влеваше страхувања и пред таа афера. Кон средината на 1896 година Централниот комитет беше принуден да испрати во Софија свој претставник, што треба да ја следи активноста на емиграцијата, како и се друго што се мисли и работи по македонското прашање и благовремено да не известува за се`; исто така да собираат средства и оружје за потребите на Организацијата, и да врбува дејци и да ги испраќа во Македонија според наши посочувања. За таков го одредивме Ѓорче Петров, чие задржување во Солун веќе стана невозможно. Како член во Централниот комитет Ѓорче беше заменет од Хр. Матов.

Во текот на 1898 година Централниот комитет презеде и оствари две работи што му дадоа силен поттик на револуционерното дело во Македонија, и кои мошне многу ја олеснија работата на Комитетот. Тоа беа основањето на Четничкиот институт и воведувањето во практика да се испраќаат списоци до Егзархијата за назначување учители – дејци во позначајни пунктови.

Истата таа година Централниот комитет испрати упатство до околиските раководители, со кои се задолжуваа да ја изнесат положбата на околијата во револуционерен однос, како и нејзините потреби. Во половината на месец октомври 1898 година добивме одговори од 12 раководители. Во 11 од тие извештаи раководителите меѓу другото се оплакуваа на лошото однесување на терористичките групи, формирани во крајот на 1895 год., кои од населението барале секогаш убави гозби и издржување. Само во едно известување се пофалуваше агитационо – организационата дејност на нелегалната чета на Михаил Попето. По прочитувањето на извештаите, по мој предлог, решивме да се расформираат терористичките групи и наместо нив во секоја околија да се формираат нелегални малубројни чети од наши илегални дејци. Испративме писма до сите раководители да го применат во живот решението на Централниот комитет, при што во упатството се уточнуваше дека ако во некој реон нема илегални дејци, раководителите да јават за да се испратат такви. Постепено и за малу време терористичките групи беа заменети од илегални чети, раководени од војводи. Четите имаа задача да ги сотираат потисниците – Турци, да се отстрани теророт и да се крева духот на населението, и да го подготвуваат за идното востание. Но, материјалните средства што Централниот комитет ги добиваше од облогот на некои трговци, беа недостатни за задоволување на потребите на Организацијата по околии: тие средства се трошеа за издршка на затворениците во централните затвори, за плаќање хонорари на адвокатите по делата што се водеа по судовите, за документи за судии и друго. Поради тоа на месните раководители им беше даден налог да собираат членски влогови во пари или во натура од секој посветен и поимашен член на Организацијата, а посветените учители да внесуваат во месната организациона каса 2% од своите плати. Собираните средства да се трошат за издржување на месните чети, и главно, за набавување на оружје. А пак поимашните членови беа задолжени самите да си купат пушки, револвери и патрони. Парични средства за потребите на Организацијата се надевавме да добиеме и од Врховниот комитет во Софија, но надежите не ни се исполнија. Врховниот комитет беше непријателски расположен спрема Централниот комитет. Се покажаа попусто и надежите да добиеме парична помош и од штотуку формираните во Бугарија офицерски братства, за кои веќе не беше известил Ѓорче Петров. Моето доаѓање во Софија и средбата со Ал. Протугеров, П. Д`рвингов и Саракинов во Шумен заврши неуспешно; тие ми рекоа дека уште се наоѓаат во период на организирање, а за парична помош сега не може да стане ни збор.

Во текот на истата таа 1898 година, за да се зајакне организационата дејност во Македонија, решивме да составиме список од поактивни учители, кои да бидат назначени за работа во поважни пунктови во Македонија и Одринско. Подготвениот список го испративме во Софија до Ѓ. Петров, кого го задолживме да замине за Цариград, и таму да настојува кај Егзархијата за неговата примена. Обидот заврши со успех: сите учители од списокот беа назначени. И во текот на следните години се практикуваше истото.

Централниот комитет беше во чест контакт со раководителите во провинцијата, бидејќи мнозина од нив често доаѓаа во Солун по работа, или пак нарочно беа повикувани за виѓавање. Средби се одржуваа не само поединечно. Повикувавме и по неколцина на заедничка средба за советување. Тоа го практикувавме до 1898 година. На тие собири обично се разгледуваа конкретни и општи прашања и се донесуваа соодветни решенија. Најмногуброен собир – конгрес се одржа во месец август 1899 г. Присуствуваа окружните раководители и множество околиски раководители – на број 27 мина, а заедно со четиримината членови на Централниот комитет – вкупно 31 мина. Средбата се одржа во моето живеалиште. Секој од раководителите ја изнесе состојбата на делото во својот реон, ги посочи причините за се` станато и тешкотиите, по што се донесуваа решенија. Битолскиот, струмичкиот и серскиот делегат меѓу другото посочија дека најголема пречка за поголем успех на Организацијата наидуваат во лицето на митрополитите Григориј, Герасим и Ан. Наумов. „Тие луѓе – велеа делегатите, – и` се спротивставуваа јавно на Организацијата. При назначувањето на учители во градот или во селата го распрашуваат секого: дали си член на Револуционерната Организација? Ако си нејзин член, за тебе нема место. Или – ако утре узнаеме дека си станал член на Организацијата, веднаш ќе добиеш отказ!“ При таква положба на нештата, учителите, сега веќе сите наши луѓе, биле принудени да лажат дека не стапиле во Организацијата, за да не останат без учителско место. И тројцата делегати предложија да се преземат строги мерки против посочените лица. Сите други делегати молчеа Јас претседавав со собирот, и го поставив прашањето на гласање, велејќи: „Кој се согласува со предлогот на тројцата делегати нека крене рака“. Сите 27-мина делегати, без нас четиримината членови на Централниот комитет, гласаа за прифаќање на предлогот. Јас го очекував обратното, и кога го видов резултатот, морници ме обзедоа. Да убиеме двајца митрополити, претставници на нашата духовна власт, бератите за кои се издејствувани со толку труд, па дури и кога се противници на Организацијата, ми се виде страшно. Го погледнав д-р Хр. Татарчев, и на неговото лице го здогледав истото изненадување. Веднаш зедов збор и реков: „Г-да, сега прифативме едно многу важно решение. Решението си е решение, но во врска со него и јас ќе предложам нешто. Вие знаете колку многу непријатели имаме: како постојано не клеветат и какво е расположението на општествената јавност во Бугарија против нас. Ако веднаш го примениме решението против нас ќе се кренат страшни викотници и тоа многу ќе и` нанесе штета на Револуционерната организација. Ете затоа предлагам извршувањето на решението да му се предостави на Ц. комитет, тој кога најде за сходно дека времето е соодветно за примена на пресудата, таа тогаш да биде извршена. Без заповед од Ц. комитет никој да не пристапи кон егзекуција. Кој се согласува со мојов предлог нека крене рака.“ Сите 27-мина кренаа рака. Ми олесна. Подоцна, мнозина од тие делегати ми благодареа за предлогот.

На истата седница јас си дадов оставка во Ц. комитет, велејќи: „Сите вие знаете колкави викотници и какви обвинувања има против мене од опозицијата. Сметам дека моето задржување во Ц. комитет и нанесува штета на Организацијата, па поради тоа си давам оставка. Нека биде избран некој друг на мое место. Дури би посакал тоа да биде некој од нашите противници, за да може да се постигне обединување и да им се стави крај на интригите од страна на опозионерите. Мнозина зедоа збор за да се искажат, ги објаснија мотивите на интригите и изворите од кај доаѓаат, и сите еднодушно решија да останам во Ц. комитет, и да си ја гледам работата.

По конгресот Хр. Батанџиев, што беше член на Централниот комитет и секретар во Митрополијата, поради претрупаност со работа во канцеларијата на последната, поради физичка исцрпеност, си даде оставка на своето членство во Централниот комитет, така што во највисокото раководство на Организацијата фактички останавме само двајца, јас и д-р Хр. Татарчев. На негово место за привремен член во Централниот комитет го избравме и го поканивме да го прифати изборот Гр. Попов, шура на К. Г. Самарџиев.

II Пречки и опасности

Пречките и опасностите за Револуционерната организација се појавија уште во самиот почеток. Тие беа од надворешно и внатрешно потекло. Надворешните пречки произлегуваа од акциите на бугарската влада и македонската емиграција во кнежевството, кои продолжуваа да бидат носители на великобугарскиот идеал: обединување на бугарските земји, преку непосредно оружено мешање на официјална Бугарија, поради што на нашето движење се гледаше како на сепаратистичко движење. А внатрешните пречки произлегуваа од нашите еволуционисти и од турската влада.

1. Бугарските политичари и општественици се раководеа од заветот за остварување на Сан-Стефанска Бугарија, без да водат сметка за стремежите на српските и грчките државници, што секогаш имале претензии спрема Македонија, и дејствувале за нејзиното приклучување кон нивните кралства или пак во најмала рака барем за нејзината поделба меѓу трите балкански држави.

Како на македонското прашање гледаа раководните лица на Бугарија, најдобро се гледа од мојата средба и разговорот со Лука В`жаров, главен секретар на при владеењето на Радославов.

Лука В`жаров ми беше близок пријател, уште од детство, па кога во натамошните распусти одев во Софија по службена или по приватна работа, секогаш се сретнувавме и зборувавме по македонското и други прашања. Во 1899 год. во месец август отидов да го видам во Министерството и да го поздравам за новото место. Тој ме праша: како се развива Револуционерната организација и што се намерава преку неа да се постигне. Како секогаш и сега му одговорив дека ние се стремиме да извојуваме автономија на Македонија, како и за тоа дека таа очекува поддршка од бугарската влада, тој ми одговори дека бугарската влада е против автономијата на Македонија

- Па зошто е против?

- Затоа што ако се даде автономија, ќе се јават партии, како што се јавија во Источна Румелија, кон нема да сакаат да ја присоединат Македонија кон Бугарија. Владата делува за присоединувањето на Македонија кон Бугарија.

- Бугарската влада е на погрешен пат, – му одговорив, -Пред се присоединувањето на цела Македонија е невозможно, затоа што спреми нејзини делови претендираат Грците и Србите. Присоединувањето на цела Македонија кон Бугарија може да стане само во случај на една победоносна војна против Турција, во помош на која ќе и` дојдат Грција и Србија. А ако Грците и Србите војуваат заедно со Бугарија против Турција, тие ќе бараат делови од Македонија: тие ќе бидат за распарчувањето на Микедонија. А ние сакаме Македонија да ја запазиме цела во нејзините гсографски граници, што може да биде остварено преку бараната од нас автономија. Така ослободена Македонија ќе претставува една втора Бугарија, иако неприклучена кон мајката татковина. Од автономијата Бугарија и бугарскиот народ само добиваат.

По изборувањето на автономијата на Македонија може да се работи во прв ред на нејзиното федерирање со Бугарија а потоа и федерирањето на сите балкански држави.

Се разделивме со спротивни сфаќања.
………………………………….

2. Македонската емиграција во Бугарија во своето множество честопати паѓаше под влијание на политиката на владата, што таа ја применуваше по македонското прашање и преземаше акции, што посредно пречеа за правилниот развиток на ослободителното движење, што во првите пет години беше првенствено легално движење.

Во јануари 1895 год. во Софија беше формиран Македонскиот комитет, со цел да ја запознава општествената јавност во Бугарија и во странство со положбата на Македонија и вистинито да го осветлува македонското прашање. Централниот комитет веднаш ме делегира во Софија. Јас го изнесов пред Тр. Китанчев мислењето на Централниот комитет за карактерот и дејноста на софискиот Македонски комитет, дека тој треба да ја помага Револуционерната организација, во согласност со законите на земјата – морално и материјално, и дека нема да презема самостојно ништо во пределите на Македонија.

Тр. Китанчев го подвлече легалниот и спомагателен карактер на македонската емиграција, но на наше и негово изненадување, по неколку месеци беше преземена мелничката и доспатската оружена акција, што го збрка Централниот комитет, и предизвика репресалии и наштрекнатост на турската власт. Централниот комитет наскоро се созеде и ја искористи таа акција за агитација, велејќи им на луѓето посветени во делото и на општеството, дека емигрантите во Бугарија и бугарската влада се готовни да ни помагаат, и затоа ние треба колку што е можно поскоро да се подготвиме за востание. За да го осветли правилно македонското прашање на соодветните места, и да го следи животот на револуционерната македонска емиграција во Бугарија, како и за собирањето материјални средства и за привлекувањето на погодни лица за потребите на Организацијата, истиот реши да испрати свој полномошник – задграничен претставник во Софија -Ѓорче Петров, преку кој Централниот комитет се постави во врска со надворешните фактори и имаше можност да биде во тек со се` што е во врска со нашето ослободително движење.

Во зимата на 1897 г. инкогнито во Солун пристигна Ив. Цончев. Се сретнавме со него; го запознавме со целите и средствата на Револуционерната организација и нејзините потреби, и го замоливме да дејствува меѓу бугарското офицерство и општеството за нејзиното морално и материјално помагање. Иван Цончев го прифати ставот на Централниот комитет.

Во 1898 г. Ѓорче Петров го извести Централниот комитет, дека офицери Македонци презеле иницијатива за основање на офицерски братства за помагање на македонското ослободително движење, и дека тие претставуваат надежна сила за материјалното помагање на ослободителното движење. Во текот на летото заминав во Софија, оттука за Шумен, каде се сретнав со Т. Давидов и др. офицери, и ги замолив материјално да го поддржат ослободителното дело. Тие не ми ветија ништо, бидејќи беше отсутен Ив. Цончев. Се вратив очаен во Солун.

Поради тоа што однадвор не пристигнуваа средства, решивме и заповедавме секој посветен деец, што сака да има оружје, да внесе соодветна вредност на односните раководители, што да купат такво оружје. И покрај тоа и вноските беа многу слаби и тешко одеше со вооружувањето на луѓето посветени во делото.

Немањето на пари не натера да се обратиме до Врховниот комитет да ја помогне Организацијата. Меѓутоа, Ѓорче Петров ни јави дека се` додека на чело на тој комитет стојат неговнте сегашни членови Димитар Ризов, Андреј Љапчев и др., не може да се очекува никаква помош. Тој ни соопшти дека за таква цел стапил во врска со офицерите, што имале учество во мелничката акција во 1895 год. кои, ако успеат да го преземат во свои раце раководењето со Врховниот македонски комитет, ветувале дека ќе бидат целосно на наша страна и на наша услуга. Ние, иако Ѓорче беше наш претставник во Софија, за некои работи не му верувавме, па Централниот комитет реши јас да заминам за Софија и да узнаам како стои прашањето. Ѓорче Петров ги извести офицерите, и тие уште утредента изутрина дојдоа кај мене во хотелот. Дојдоа: Б. Сарафов, Бозуков, Т. Давидов, Кр. Б`лгаријата и уште двајца. Цели четири часа разговаравме за целите и потребите на Револуционерната организација, како и за тоа, дека сите други организации надвор од Македонија, што имаа за цел да го помагаат ослободителното движење, треба да се само од помош на ВМОРО. Бидејќи го прифатија ставот на Централниот комитет, на нашата последна средба јас им реков дека Ѓорче Петров, како полномошник на Централниот комитет, ќе нареди на претстојниот конгрес тие да бидат избрани во управата на Врховниот македонски комитет. Нашите разговори траеја неколку дена Во текот на тоа време Д. Ризов неколкупати ме покани да се најдеме да позборуваме за организационите прашања. Му ветив дека откако ќе ја завршамм приватната работа, за која сум дојден во Софија, ќе се најдеме. Кога отидов во неговото живеалиште, тој со подигнат глас ми подвикна: „Тука сте веќе толку денови и не најдовте време да се сретнеме и да размениме мисли за нашите прашања. Вие не` игнорирате, вие не навредувате и сл.. А ние секој ден и секој час ве очекуваме да поприкажеме што да сториме на претстојниот конгрес.“ Му одговорив дека за тоа прашање треба да зборува со Ѓ. Петров, кој е задграничен претставник на Централниот комитет.

- Ние не сакаме да си имаме работа со Ѓ.Петров – со него не сме во добри односи. Со нестрпливост чекавме да пристигне некој од вас солунчаните, за да се разбереме.

- А пак ние од Солун не можеме да се мешаме во нашите работи тука. Зборувајте со Ѓорче Петров, и што ќе се договорите со него, ние ќе го прифатиме.

- Тогаш ништо нема да биде.

Се разотидовме, без да дојдеме до некаква спогодба.

На конгресот офицерите успеаја да бидат избрани во раководството на Комитетот, и потоа добивме значителна поддршка. Но по некое време и тие почнаа да дејствуваат на своја рака.

Во мај 1900 г. во Солун дојде Софр. Стојанов. Нашата средба со него се одржа во живеалиштето на Хр. Матов, што живееше во куќата на еден Италијанец. Прв заприкажа Соф. р. Стојанов, и го постави следново прашање:

- Вие имате свој претставник во Врховниот комитет во Софија. Во името на заемноста и Врховниот комитет треба да има свој претставник во Централниот комитет.

- Прифаќаме, – му одговоривме. – Врховниот комитет нека испрати свој човек кај нас. Туку и без тоа ние му соопштуваме за се` на Врховниот комитет, кај нас нема ништо скришно ни тајно.

- Туку ние сакаме да испратиме луѓе подготвени со воени знаења, кои да ги раководат четите и воено да го обучуваат населението.

- И тоа се прифаќа. Само што сите ваши луѓе (офицери), откако ќе влезат во Македонија и ги заземат своите реони, нема веќе да бидат ваши луѓе, туку ќе бидат луѓе на Централниот комитет, којшто непосредно ќе раководи со нив и на кого тие сосем ќе му се покоруваат.

- Па како ќе биде со влегувањето на нишите луѓе во Македонија? Дали месните раководители нема да се спротивставуваат, па од тоа да дојде до непожелни конфликти?

- Вие ќе ни ги јавите имињата на лицата, и кој каде сака да биде ангажиран, а ние ќе дадеме заповед до месните раководители да ги прифатат во своите реони. Вашите луѓе можат да заземаат учителски и инспекторски должности, па така полесно да ја проучат топографијата на својот реон. За олеснување може да ви испратиме потпишани писма, и вие да им ги давате откако ќе ги дополните со нивните имиња, па писмата да им послужат како открити листови (сведоштво) пред месните комитети.

- Ме радува што сте готовни за споменатите отстапки, – заклучи С. Стојанов. – Сега уште едно прашање. Вие сте луѓе цивили. Додека траеше периодот на организирањето на народот и создавањето на револуционерните организации, вие, како раководители, бевте на вистинско место. Но отсега, кога се пристапува кон воено обучување на организираниот народ, и треба да се пристапи и кон оружени акции, раководењето треба да биде преземено од компетентни луѓе, со какви располага само Врховниот комитет. Затоа овој треба да го преземе врховното раководење со ослободителното дело, а Централниот комитет да биде за негова помош.

Му беше даден одговор дека тоа не може да биде, поради многу околности, најзначајна од кои е тоа што кога Србите и Грците ќе разберат дека револуционерото движење се раководи од Софија, а не од Солун т.е. од внатрешноста на Македонија, дека од Софија се праќаат чети и сл., и тие ќе формираат слични комитети, ќе праќаат чети во Македонија, и на таков начин за Револуционерната организација ќе се откријат два нови фронта.

Затоа раководството на ослободителното движење треба и во иднина да биде во рацете на Централниот комитет, кој е врвна институција на Револуционерната оранизација. Сите други македонски организации, што се ноѓаат надвор од територијата на Револуционерната организација, се и треба да бидат помошни организации. Со тоа завршија нашите разговори со Софр. Стојанов.

И покрај отстапките што ги направи Централниот комитет, Врховниот комитет не стори ништо: не нспрати свој човек како делегат во Ц. комитет, не испрати ни воени лица во Македонија, како што се бевме договориле.

Во летото истата таа година заминав во Софија. При едно среќавање со Б.Сарафов, овој ми рече:

- Абе X. Николов, зошто не ги прифаќате луѓето од револуционерното братство во Организацијата? Си немаме мира од нивните оплакувања против Ц. комитет, и особено против тебе.

- Вратите на Организацијата се отворени за сите родољупци. Туку за сето тоа има ред. Секој оној што сака да работи за ослободувањето на Македонија, и да стапи во редовите на Организацијата, треба да ги исполнува поставките на статутот; треба да даде клетва дека ќе работи верно на Организацијата Откако ќе дадат клетва и ќе ги видиме нивните дела, ќе бидат прифатени, така што за оние што го заслужуваат тоа ќе има место и во Централниот комитет. Јас лично ќе го отстапам своето место за да бидам заменет од некој од нив. Но треба да положат заклетва.

- Е, во право сте! – одговори Сарафов.

 

Во Солун

„Кога дојдов во Солун, ги затекнав граѓаните разделени на два лагера. Едннот лагер, партија, се состоеше од граѓани – првенци, кои имаа материјален интерес од гимназијата и пансионите во градот, од егзархиските наредби и распоредувања, и не даваше ни збор да се рече против Егзархијата. Тие беа и во општината, беа и во пансионската комисија, и тие, заедно со директорот на гимназијата, решаваа што, колку и по каква цена да се купи за пансионите, и го доставуваа: облека, чевли, провизии и др. Таму беа: Насте Стојанов (доставуваше облека), К.Г. Самарџиев (доставуваше учебници, ученички и канцелариски материјали за гимназиите и други училишта), Ничо Попев, Саздо Ризов, Т. Мацанов (тие ги доставуваа провизиите) Д. Кондев (преку него се внесуваа парите – платите за учителите во Македонија) и др. Оваа партија се наречуваше неправилно „егзархиска партија“, „егзархисти“, а минуваше уште и како партија на политиката на бугарската влада. Оттука и супсидиите од бугарската влада на К.Г. Самарџиев и С-ие. Другиот лагер – опозицијата на првиот лагер, се состоеше од граѓани – првенци, кои немаа материјален интерес и се одвратуваа од дејствијата на првиот лагер. Таму беа: Никола П. Стефанов, Дамјан Петров и синовите, Саздо Дермеџиев, Тодор X. Мишев, и др. Овој лагер ја обвинуваше „егзархиската“ партија во злоупотреба со егзархиските материјални средства, пишуваше повеќепати до Егзархијата по ова прашање, но од Егзархијата ништо не се преземаше и затоа тој ја обвинуваше и самата Егзархија дека дозволила да се вршат јавни злоупотреби со егзархиските средства“.

 

Основање на Организацијата

„Мислата дека треба да се напише нешто за Револуционерната организација ми го облева срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар што тоа не е самата Орранизација, туку Софија со својот цар, со своите министри и генерали, со својата државна, а не национална политика, ја погреба Македонија и и` причини огромни жртви во луѓе и материјални блага, а јас пак се чувствувам виновен за сите тие злосреќни што со моите другари станавме причина за револуционизирањето и, во последица на тоа, погубувањето на Македонија и Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух како тие луѓе не не` убија со камења откако го согледаа грозниот излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со трогателна еднодушност тргна по нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба; ние го водиме кон ослободување, а излезе дека сме го воделе кон упропастување и кон ново, уште потешко ропство; и при такви, дијаметрално противположни резултати, пак да не не` обвинува, да не не` навредува, да не мрмори против нас – создавачите на Револуционерната организација, туку молчаливо и со полна покорност на својата судба, да си го подземе тешкиот голготски крст, – тоа предизвикува во мене адмирација, и велам: „Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас сите жртви се заслужени“.

 

*

Во искажувањето што следи подолу, Иван Хаџи Николов зборува за програмата што ја изнесол пред Гоце Делчев на средбата во Софија. Овие искажувања овде е пренесено според Гане Тодоровски.

Потоа Гане Тодоровски ја предава програмата што Иван Хаџи Николов ја изнесол пред Гоце Делчев на средбата во Софија:

„I. Организацијата да се основе во Македонија а не во Софија, бидејќи, основана во Софија и раководена од Софија, Србите и Грците ќе ја третираат како измислица на бугарското правителство, ќе основаат и тие такви организации и од нашата организација нема да изелезе ништо. Притоа таа треба да биде тајна.

2. Основачите да се Македонци, чесни, да се ползуваат со добро име и да живеат во Македонија, за да бидат постојано во контакт со населението во Македонија, да бидат и тие изложени на истата опасност, на каква што ќе бидат изложени нивните последувачи, преку кое полесно ќе ја спечалат и довербата на населението.

3. Лозинката треба да биде автономијата на Македонија. Нашето барање треба да се потпира врз 23-от член од Берлинскиот договор, за да се надеваме на успех. Да постигнеме автономија на Македонија значи да ја откинеме не само од Турција, туку и од Србите и Грците. Оцртани еднаш границите на автономна Македонија, Србите и Грците не ќе можат веќе да бараат делови од неа, кога, ако посакаме присоединување на Македонија кон Бугарија, Србите и Грците ќе посакаат и тие делови од неа. Нашата задача треба да биде да ја спасиме Македонија цела, а тоа може да стане преку една автономна Македонија.

4. Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не и влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади.

5. Од Македонците во Бугарија и од бугарскиот народ ќе бараме и материјална поддрша, без притоа да ни се мешаат во работата.

„Слушај г. Хаџи Николов, рекол Гоце Делчев, толку време минало, нека мине уште една година. Јас догодина го завршувам военото училиште и ќе ме произведат за офицер. Ќе си дадам оставка од офицерството, ќе дојдам во Солун и ќе ја основаме Револуционерната организација. Откако ќе почнеме да работиме, ние ќе спечалиме авторитет и нема да има потреба да бараме друго авторитетно лице“.

 

*

„Во јануари 1894 година јас предложив да направиме поширока агитација меѓу интелигенцијата во Македонија за дознавање на нејзиниот менталитет и настроение, а имено да постапиме по истиот начин, по кој јас си ги избрав идните свои другари порано за Револуционерната организација, т.е. да го поставиме пред нив прашањето за егзархиската црковно-училишна политика, да ја раскритикуваме, да ги покажеме нејзините лоши страни за иднината на Македонија и да ја поканиме интелигенцијата да се присоедини кон нас во нашата борба со Егзархијата за изменување на нејзиниот режим. Кои од учителите, реков, ќе се присоединат кон нас, ќе бидат благонадежни и за Револуционерната организација. Мојот предлог се прифати и го натоваривме Петар поп-Арсов да напише брошура под наслов „Стамболовштината во Македонија“ а јас да ја напечатам на мој трошок и да ја распратам низ Македонија. Поп-Арсов ја приготви брошурата и јас ја напечатив во Софија за време на ваканцијата, а потоа, откако ја пренесов во Солун, ја распратив по цела Македонија. Резултатот од таа брошура беше мошне поттикнувачки: мнозина учители го споделија нашето гледиште и ние агитиравме и покрстувавме“.

 

*

„Од 1888/89 училишна година српската пропаганда во Македонија се засили мошне многу и атакуваше не само села и градови, туку почна да ја атакува силно и солунската гимназија. Со големи ветувања и со многу пари сакаа да ги „преземат“ сите ученици од гимназијата и успеаја да заблудат и спечалат околу 40 ученици од неа и да ги испратат во Белград, но тие веќе следната година побегнаа во Софија од Белград. Во провинцијата Србите секој ден печалеа успеси. Секој ден слушавме дека тука или таму се отворило српско училиште, па макар и со еден или двајца ученици или само со таблицата закачена на вратата од некоја одаја. Овој српски успех што се должеше на комбинираната дејност на руските конзули, на грчката Патријаршија (патријаршијата решила сите гркомани во средна и северна Македонија да стануваат србомани), на српските пари и на турската влада – многу ме огорчи. Јас не можев да се помирам со положбата Србите да проникнуваат и да се настануваат во Македонија, кога во неа нема ниту еден Србин! И, во барањето на средства за противдејство спрема Србите, и, откако видов дека ниту Егзархијата, ниту бугарската влада на Стамболов, што водеше туркофилска политика, не можат да направат ништо против Србите, се запрев на Револуционерната организација и си реков: „Само таа ќе постави сe на свое место и ќе ги истера Србите од Македонија“!

„Учителите во гимназијата, за да имаат поевтина храна, побараа да се хранат заедно со нас – воспитачите и да ја плаќаат по цената на чинењето. Нивната молба Егзархијата ја уважи и почнавме сите учители и надгледувачи да се храниме заедно. За сето време на ручекот и секој ден единствениот разговор беше за Македонците. Какви ли не навредувачки зборови паѓаа на адреса на Македонците: „Македонци – гнили конци“, „дај ми пари за да станам Бугарин“, „муур ми е, и овде го клавам и онде го клавам“ итн. итн.

- Воопшто, како да се Македонците без патриотизам, несвесни, ете така – дивјаци, без секакво национално чувство. Овие обвинувања и навредувања се слушнаа главно од Васил Кнчев и Петко Машев, луѓе за првпат дојдени во Македонија, и тоа само во Солун, и кои не ја знаат и не ја познаваат вистинската положба на Македонија во минатото и сегашноста“.

„Се јадосував мошне многу, бидејќи знаев какви затворања, материјални и морални жртви поднеле Македонците во борбата со Патријаршијата, каков силен патриотизам пројавувале, ги бранев Македонците воопшто, ја објаснував појавата на српските училишта во Македонија, кажував дека ако беше слободно отворање на српските училишта во Бугарија, дека и таму ќе се најдеа луѓе за отворање на српски училишта, туку ништо не помагаше – навредите и загорчувањата не престануваа. Најпосле, еден ден им реков: „Господа, јас ви забранувам да зборувате по адреса на Македонците! Ако продолжите да зборувате по адреса на Македонците, ќе произлезе голем скандал“! Кажаното, како со нож, ги пресече разговорите за Македонците. Но, затоа пак тие се пренеле во одајата на главниот надгледувач Д. X. Иванов. Еден ден влегувам во одајата на Дим. X. Иванов и Петар Мишев по инерција продолжува да зборува: „Македонците, џанам, Македонци, се околу парата…“ Кога ме виде запре, и го променија разговорот. Другпат го затекнувам В. Кнчев кај Дим. X. Иванова, и В. Кнчев ми вели: „И тебе ние те храниме“! Се виде дека разговорот бил оти тие, учителите – Бугари од Бугарија, ги хранат сите учители и ученици Македонци. Јас му одговорив дека јас самиот себе си се хранам, ако добивам извесна плата, ја добивам за трудот што го давам. За тој труд, кај и да сум ќе ја добијам таа плата. По мое сфаќање Д. X. Иванов, В. Кнчев и Петко Мишев беа големи македонофоби, за В. Кнчев барем на зборови. Од првиот ден уште,кога дојде приквечер, шестмина учители отидовме на прошетка покрај морето и седнавме во кафеанчето ‘Бел-ви’. Откако седнавме, додека станавме, сe В. Кнчев зборуваше. Тој бил таков, оној – онаков; сe се фалеше. Меѓу другото рече: „Јас дојдов за учител во Солун со амбиција да ја побугарам Македонија“, итн.

 

*

Јас се објавив јавно против егзархиската централистичка црковно-училишна политика. Поради таа моја опозиција кон егзархиската централистичка црковно-училишна политика имав речиси секој ден во учителската одаја расправии со сите свои колеги од слободна Бугарија, а најмногу со Васил Кнчев, кој ме наречуваше сепаратист и ме заплашуваше со отпуштање од работата. Му одговорив дека можат да ме отпуштат, но дека нема да останам без работа и гладен.

Меѓутоа, јас почнав да одбирам меѓу учителите Македонци другари за идната револуционерна организација. Изборот го правев вака: по меѓусебно запознавање, им го опишував егзархискиот црковен и училишен режим во Македонија и ги прашав дали го одобруваат тој режим или го осудуваат. Оние кои го одобруваа не беа за мене благонадежни а оние кои го осудуваа ги вбројував во бројката на благонадежните, на идните свои другари за засновување на Револуционерната организација, без меѓутоа да спомнувам ни збор за неа пред нив. По тој начин ги вклучив во бројот на благонадежните: Петар Поп-Арсов, Д. Цонев, покасно и д-р Христо Татарчев, кој дојде за лекар во двете солунски гимназии“.


Тоа беа „Спомените“ на Иван Хаџи Николов, а на тема на ВМРО и Илинден имам пишувано и на порталот Окно, па повелете линк ако ве интересира.