Дел од интернет публиката е веќе запознаена со моите травелози од просторите на бившиот Советски Сојуз, кои ги објавувам по интернетов уште одамна, некогаш дури и во движење, од возови и сл., со помош на мобилен нет. Низ бившите советски простори (конкретно низ нивните најголеми држави Русија и Украина) сум патувал повеќепати (првпат во 2005, последен пат лани, 2011), скокајќи од воз у воз се’ до Сибир, поминувајќи низ најразлични убави и помалку убави места (па и такви, кои нема да ги најдете на мапа), низ разни пријатни и непријатни искуства, среќавајќи интересни ликови и преубави девојчиња.
Имено, покрај интересот за културата, историјата и јазикот на тој дел од светот, една од причините за тие патувања беше и онлајн дејтингот, кој замалку не ме одведе пред матичар после 4 годишна врска, но за тоа во некоја од следните прилики. Важно е да се нагласи, дека соло-патување на тие простори не е за секого, особено не без претходна подготовка и познавање на тамошната култура и на доминантниот руски јазик (освен во средини, каде тој не е пожелен, но тоа е засебна тема).
Значи, овие патеписи немаат за цел да бидат некаква туристичка реклама, туку да фрлат светлина врз тие, за многумина од вас, непознати простори. Иако имаме по некои сличности со тој свет и таму сме генерално добро примени, сепак, постојат големи разлики во менталитетот и културата. Како турист од Македонија (еден од ретките инаку), јас таму често доживував култур-шокови, и негативни и позитивни.
За многу работи не’ шијат, напр. во културата, науката, убавината на градовите, дури и на оние, кои не знаете кај се на мапа. Имаат и економски предности (ресурси, потенцијали и огромни пазари). Во големите градови може добро да се живее, не е све баш сиротиња како што мислите (а зарем кај нас сите се богати?!). Одамна пројде времето кога неврзаните југоси таму изиграваа „американци“. Москва, например, е еден од најскапите градови во светот и таму платите знаат да бидат доста високи. Дури и во некои забутани сибирски градови, може доста добро да се заработи, благодарејќи на природните ресурси. Се разбира, животниот стандард зависи како- за- кого. Генерално, екс-советските граѓани живеат скромно, но со труд и добро образование, тие денес можат да постигнат доста подобар стандард во однос на нашиот.
Но, и ние имаме некои свои предности: Порелаксиран лајфстајл (кафиња – мафиња), поголема блискост меѓу луѓето и космополитизам (полесно учиме странски јазици и се адаптираме во странство и поотворени сме за западни влијанија). Иако сме далеку од вистинска демократија, во однос на нив сме нешто подобри. Имаме и повкусна храна и многу природни убавини сконцентрирани на доста мал простор, минуваме помали растојанија (а не денови со воз како нив), ослободени сме од визи, а тие сеуште мака – мачат со тоа. Околу овие разлики, подробно во следна прилика. Иако е време на глобализација, која и нив не ги одминува, сепак, тие биле под далеку поригиден и поизолиран комуњарски систем од нашиот, а пред тоа биле и под царски апсолутизам. Оттогаш работите се страотно изменети, сега во Москва или Киев можете да го најдете истото што го има во Њујорк или Париз, но сепак, историјата на тие простори оставила белези, кои не се бришат преку ноќ.
Ви го претставувам својот фељтон во неколку делови, кликнете на насловите во списокот подолу за да ги прочитате одделните статии и подстатии, кои се однесуваат на одделни градови или теми. Во зависност од самата тема, во некои од статиите повеќе акцент се става на раскажувањето, а во некои на фото и видео материјалите (инаку мои, авторски).
Патеписи од екс-СССР:
- ДЕЛ ПРВИ: УКРАИНА
- ДЕЛ ВТОРИ: РУСИЈА Наскоро!
Следете ги продолженијата, кои ќе бидат додавани во списоците…