Секојдневно сме бомбардирани со информации за животите на славните пејачи, актери, спортисти и политичари, но Омар стана медиумска ѕвезда на еден поинаков начин. Биографијата му почнува со вообичаените генералии, роден 1981, има пасош на Саудиска Арабија, иако живеел и по други блискоисточни земји како например во Египет и др. Но она што го прави интересен за светската јавност е тоа што тој е син на Осама Бин Ладен.

Омар е четврти од вкупно дваесетте (познати) наследници на доскоро најбараниот светски терорист, со кого не ги делеше ригидните политички и фундаменталистички ставови. За разлика од татко му, Омар е современ млад човек со рокерско- моторџиски имиџ, носи кожни јакни и долга коса, која некад чак и ја витка у дредлокси. Има сопруга Англичанка и апелира за светски мир. Сепак, крвта не е вода, тој одбиваше да го квалификува татка си како „терорист“, но како што изјави, ќе беше посреќен ако тој одбереше мирни методи за остварување на своите цели и ако седнеше на преговарачка маса со лидерите на противничките САД.

Отпрвин Омар бил трениран и воспитуван како иден воин во татковата организација, Ал Каеда и престојувал во камповите за обука во Авганистан, но решил да го напушти тој свет и да се осамостои од татко му, во што овој не го спречил. Во 2006 година, во Египет се запознава со својата сопруга, Џејн Фелиск Браун, по венчавката преименувана во Заина Мохамед Ал- Сабах, која е британски државјанин. Иако таа е 24 години постара од него и има 5 внуци, а тој пак, во дадениот момент веќе бил веќе женет татко на 2 годишно дете, сепак тоа не спречило меѓу Џејн и нејзиниов „Тарзан“, да се развие љубовна врска, која наскоро ја крунисале со брак. Имале и планови за заедничко дете од сурогат- мајка.

Парот се запознал на поприлично романтичен начин, при јавање кај пирамидите во Гиза. Имено, обајцата се големи љубители на овој спорт. Како син на најбараниот терорист, нормално, тој често се судирал со разни проблеми, што се одразувало и на брачниот живот.Парот бил под постојан притисок, како од наметливите медиуми, така и од американските тајни служби, а ги вребала опасност и од исламистичките екстремисти, на кои веројатно не им се допаѓа Омаровиот прелиберален лајфстајл. Како британски зет, Омар има формално право да побара дозвола за постојан престој во Обединетото Кралство, за што и аплицирал, но бил одбиен, што је и било за очекивати. Џејн, односно Заина, се заканила дека ќе поднесе тужби до британските власти и дека ако е потребно, ќе го тера случајот дури и до Европскиот Суд за човекови права.

Во друга прилика пак, летајќи со својата сопруга на релација Каиро – Казабланка, младиот Бин Ладен го искористил попатното застанување во Мадрид за да поднесе барање за азил до шпанските органи, кое истотака не било прифатено. Слично нешто им се случило и во Нов Зеланд и други места. Така, брачниов пар се мафтал од земја до земја, барајќи свое катче, каде би можел конечно да се скраси, што на крај им успеа во Катар.

Како што спомнавме, тие се големи љубители на коњичкиот спорт, па во 2008 тие работеа на идеја за организирање на мировна коњска трка низ Северна Африка во должина од околу 5000 километри. Таа година, познатото рели Париз-Дакар беше откажано заради закани од терористички напади, на што Омар изјави дека Ал Каеда нема да го спречи во неговите намери. Како што опишува неговата сопруга, Омар имал променливо расположение, од периоди на силен ентузијазам до падови во тешка депресија.

Кај него било забележливи противречни чувства спрема татко му, кои варирале од љубов и гордост до дистанцирање и срам. Се вели дека Омар имал психички проблеми, а можеби човекот едноставно „пукнал“ под преголемиот притисок на сето она што му се случувало во животот. Омар започнал да „ја лечи“ својата мака со дроги и расипништво, што резултирало со разни инциденти, за на крај сето тоа да го одведе на лечење. Парот се раздели, барем на одредено време, како што изјави Заина, додека Омар не се избори со своите демони.