©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

Клик на сликата за зголемено: Плакат за Слободна зона (лево) наспроти најава за некаква турбо журка (десно)

Прв репорт од мултимедијалниот фестивал Слободна зона во Виница, кој оваа година трае од 27-ми до 30-ти август со учество на Мирко Попов, Роботек и други диџеи и бендови, а во негов склоп се одржуваат театарски и филмски претстави, како и воркшопови, дебати, изложби и др. Програмата на фестивалот можете да ја разгледате на официјалниот сајт: http://www.slobodna-zona.com

Фестивалот се одржува веќе четири години по ред, за што главен „виновник“ е Кирил Арсов, урбана легенда на Виница, на многумина од вас познат како екс-басист на Т.Б. Трачери, Скандал и други рок групи. За првонаведената нема потреба нешто посебно да ви објаснувам, додека другата има култен статус во Виница и има собрано награди на Рок Фест во 90-тите (а сам знам дека Љубомир Грбевски – Џери, организаторот на Рок Фест, не дава награди туку-така ;) )

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

Организаторот на фестивалот Кирил Арсов во центарот на Виница

Групата на Арсов, Скандал, ќе настапи во рамките на фестивалот на неговата финална вечер на 30-ти август. Имав пријатна прилика да се запознаам и со нејзиниот фронтмен, Орце Павлов, паралелно рокер и професор во виничката гимназија, со кого си направивме добар муабет за се’ и сешто: музика, филм, литература итн.

Човекот се покажа како добар познавач на сите тие сфери, како и фанатичен колекционер на плочи, книги и двд-а. Тој е и чест посетител на концерти и претстави во Скопје. Во помалите места, се чини, луѓето со многу поголем жар се борат за некаква урбана култура, отколку оние во престолнината, каде се’ ни е „на тањир“. Иако е рокериште, кое знае „да откачи“ на бина и како таков е омилен меѓу своите ученици, Павлов ми укажа дека тој сепак не им попушта за оценките ;) Тоа е баш hard working рокерски став. Како што во својата песна “God Gave Rock’n'Roll To You”, групата Kiss вели: “If you wanna be a singer or to play guitar, man you gotta sweat or you won’t get far”.

Кога сме кај помладите, навистина ме воодушеви нивниот ентузијазам. Фестивалот беше отворен вечерта на 27-ми со балетско-актерскиот перформанс “Мојата слободна зона”, кого мајсторски го одиграа младите Виничани: Наталија Теодосиевска, Срна Коцевска и Бојан Лазаров.

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

Бојан, Срна и Наталија го добиваат заслужениот аплауз по изведбата на перформансот „Мојата слободна зона“

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

На тема на сценската уметност се одржа и работилница со која раководеа Милош Б. Андоновски и Ивана Атанасова (обајцата од Факултетот за Драмски Уметности). Во неа беа поканети да учествуваат жители на Виница од 15 до 30 годишна возраст. Во оваа работилница, тие беа упатувани во тајните на актерството.

Следниот ден се одржа и проекција на куси филмови (главно со социјална тематика), снимени од страна на студенти на горенаведениот ФДУ, по што следуваше дебата предводена од професорката Ана Стојаноска.

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

Моменти од актерската работилница

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

Ивана Атанасова дава ТВ интервју

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

Милош Б. Андоновски дава ТВ интервју

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

Проф. Ана Стојаноска на филмската проекција

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

По активностите во работилниците, нивните учесници одеа на журките кои се случуваа во виничкото кафуле “VIP”, кое се наоѓа во самиот центар на градот. Во тоа кафуле и ви го пишувам овој репорт додека во позадина тече сетот на Мирко Попов.

Неговиот настап започна со проекција на филмот „Љубовно писмо до алтернативната култура“, посветен на култното скопско радио Канал 103. По затворањето на кафулето, ноќта ќе продолжи во дискотеката The Club, каде настапува Роботек.

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

Мирко Попов

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

И еден друг ’стотројкаш’ пушташе музика во ова кафуле во рамките на фестивалот, а тоа е Марсо со брадата (ако не сум измешал нешто, у историјата на ова култно радио имаше двајца „Марсо-вци“, епа ова е помладиот).

Покрај гостите од Скопје, тука настапи и една локална диџејска ѕвезда. Се работи за Дијаз Кортез, што е псеводним на Виничанецот Дејан Козовски.

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

DJ Марсо од Канал 103

Иако Виница е мало гратче со цирка 10 илјади жители, морам да признам дека таа ме освои со олабаениот лајфстајл, пријателски настроените локалци и прекрасната природа околу него (во нејзина близина се планините Плачковица и Осогово). Таа поседува и богата историја. Над градот доминира Виничкото Кале, остаток од (колку што сфатив) стара римска населба. Погледот од него е фантастичен.

Тука се ископани теракотни икони, кои се изложени во месниот музеј, а во Илинденскиот период, тука се случила и Виничката афера (1897). Подетално за историјата и убавините на Виница во некој следен дел од оваа репортажа (имам и тон фотки).

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

Поглед на градот со фрагмент од Виничкото Кале

Гледајќи ги вкусно уредените куќи и дворови низ Виница, како и разните фирми и фабрики, кои функционираат во неа (за текстил, мебел, градежни материјали и прехранбени продукти), кај мене се создаде впечаток дека економски гледано, таа не „паднала“ толку многу во транзицијата како некои други места во државава.

Арно ама, според објаснувањето на еден млад Виничанец, тој впечаток ми бил погрешен. Тој ми укажа дека голем број на негови сограѓани се иселуваат во потрага по подобар живот. Некои одат во Скопје, други во Италија, трети пак, во прекуокеанските земји. Мојот соговорник, конкретно, во даден период работел во САД.

Сепак, и покрај економските проблеми, луѓето тука се домаќини, нивните домови се средени, пријатни и гостопримливи. И храната е доста вкусна, а не е скапа. Интересно е да се спомне дека топонимот „Виница“ е присутен во повеќе славјански земји. Нашата Виница е збратимена со градот Виница во Украина.

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

Урбаното и руралното: Во преден план, дело на учесниците на воркшопот за графити со Осоговските планини во позадина.