Денот на Армијата, 18 август, ме инспирира да направам презентација на воени песни од разни земји и периоди. Чисто документарно, ништо политички или милитаристички. Впрочем, многу активисти за мир се воени ветерани, како напр. Рон Ковиќ (Роден на 4-ти јули). Противник сум на војните и насилството, но темата на воената музика ми е доста интересна (тука се обединети моите интересирања не само за музиката, туку и за историјата и географијата). Патем, сум присуствувал и на неколку Паради на Победата на 9 мај во Москва, во кои, покрај другото, и музиката игра важна улога, но за нив другпат.
Во една прилика направив воено-историска музичка презентација и во живо. Се работеше за 70 год. од востанието на 11 октомври. Настанот беше одржан во Градскиот парк, а учество земаа Сојузот на борците на чело со генерал Тодор Атанасовски и разни граѓански здруженија и невладини организации. И се’ е тоа во ред, но ми се чини дека некои од помладите учесници не ја сфатија таа презентација и можеби малце „бледо“ ме изгледаа. Разбирам дека повеќето беа дојдени заради бендовите и диџеите, кои требаа да настапат во рамките на тој настан, но и тие треба да сфатат дека на war-related празник треба да се пушти и воена музика, колку и тоа ним да не им е „забавно“. Сепак тука беа присутни генерали, ветерани и сл., значи не се работеше само за журка.
Во оваа прилика нема да ја повторам таа презентација, која беше врзана за Втората Светска Војна, а малку повеќе ќе прошарам низ различни историски периоди и ќе има и некои современи теми. Некои од овие песни и маршеви ја слават војната, други говорат за страдањето на војникот, опишувајќи ја сурово, без патриотски занес и помпа, а трети се и отворено анти-воени. Некои, пак, се контроверзни.
Балада за Зелените беретки – Песна за Специјалните единици на Армијата на САД, едни од најелитните во светот. Беретката ја усвоиле во спомен на британските командоси од Втората Светска, а мотото им е “De oppresso liber” (лат. Да се ослободат угнетените). Автор и изведувач е наредникот Бери Садлер. Во Виетнам тој нагазил на уговњан „панџи“ колец (непријателска замка), по што завршил во болница со инфицирана рана, што замалку не довело до ампутација. Таму им свирел на ранетите соборци, што е снимено од една ТВ екипа, по што дискографските куќи му понудиле договор. Иако песната е објавена во неповолно време (1966), кога многумина протестирале против Виетнамската војна, таа се искачила на врвот на топ листите. Доживеала адаптација за филмот „Зелени беретки“ со Џон Вејн и повеќе преработки, како напр. антивоената “Hundert Mann und ein Befehl”. По следниот хит “The A Team”, кариерата на Садлер почнала да опаѓа, по што тој се посветил на пишување. Во 1978, тој го убива кантри музичарот Ли Емерсон Белами, заради расправија околу девојка. Оправдувајќи се со самоодбрана, одлежува куса затворска казна. Во 80-тите се сели во Гватемала, каде не е јасно со што се занимавал. Се шпекулира дека тренирал никарагвански „контраши“ за борба против комунистичките сандинисти. Застрелан од непознат атентатор, пренесен е на лечење во САД, каде починал по неколку месеци во кома. За едни е херој, за други „матен“ лик.
ВДВ – Од небото поздрав! – Песна посветена на Воздушно-десантните единици (ВДВ), руски елитни падобранци, меѓу најдобрите во светот. Нивните припадници се нарекуваат десантники или на шега „крилата пешадија“, а покрај сините беретки и еполети, препознатлив детаљ им се и маиците „тјељњашки“, кои наликуваат на морнарски (тие се носат под униформата и во други родови на руската армија, како и во некои други екс-советски земји). Мото на ВДВ е: „Никто кроме нас“ (Никој освен нас), а интересно, празникот им е на 2-ри август. Изведувач е познатиот пејач со мешана руска и черкеска крв, Александар Бујнов, некогаш фронтмен на популарната советска група Весјолие ребјата (Весели момчиња). Носител е на титулата „Заслужен уметник“ на Русија и е нарекуван „најголем попер меѓу рокерите и најголем рокер меѓу поперите“. Воениот рок не го служел во ВДВ, туку во ракетните единици (РВСН) на советската армија во Алтај. Таму имал проблеми со старешините заради својот дневник, во кој ги запишувал нивните ексцеси, а истотака доста бегал преку жица. Такаречи пола воен рок поминал во „гауптвахта“ (ќорка). Сепак останал почитувач на армијата, за што сведочи и оваа песна. Спотот е снимен во Вишото воздушно-десантно командно училиште ген. Маргелов во Рјазањ.
Монолог на пилотот на Црното лале – Песна на рускиот кантавтор од еврејско потекло, Александар Розенбаум, која говори за советските транспортни авиони Антонов АН-12, на кои војниците им го дале прекарот „Чорњије туљпани“ (Црни лалиња). Тие пренесувале товар од Авганистан во СССР, кој ја носел официјалната шифра „Груз 200“ (во превод: Товар бр. 200), што означувало тела на загинати во запечатени поцинкувани контејнери (оттаму и прекарот за загинатите: „Оловни војничиња“). Советската интервенција во Демократска Република Авганистан имала за цел да се заштити тамошниот комунистички режим, кој бил непопуларен среде месното муслиманско население. Советските власти ги премолчувале загубите и ја дезинформирале јавноста дека „нашите војници во Авганистан градат болници и школи“, но откако почнал да пристига „Товарот 200“, вистината излегла на видело (и покрај тоа што била запечатена). Советската инвазија врз Авганистан беше осудена од повеќе земји, пред се’ од САД, како и од неврзаната СФР Југославија, но сега и тие, а и ние сме воено присутни во тие краишта. САД тогаш ги вооружуваа муџахедините на Бин Ладен со рачни фрлачи Стингер, што подоцна им се удри од глава (види филм: „Војната на Чарли Вилсон“ со Том Хенкс). Тоа се спомнува и во песнава: „Доаѓаат од Пакистан каравани / Стрелба од планините / Стингер се лансира / Значи има работа за Лалето“.
Балада за Ајра Хејз – Песна за трагичната судбина на Индијанецот Ајра Хејз, еден од маринците, кои го подигнале американското знаме на Иво Џима на 23 февруари 1945, што е овековечено на славната фотографија на Џо Розентал (види ja тука). На неа, Хејз е прв од лево. Во 35 дневната битка против Јапонците на Иво Џима загинале близу 7000 Американци, главно маринци, во чии редови, Хејз служел како каплар. Маринците, да разјасниме, не се дел од Армијата на САД, а се засебна формација. Тие настанале како морнаричка пешадија, која извршува поморски десанти и се во надлежност на департментот (условно, министерството) за морнарица. Нивното мото е “Semper Fidelis” (лат. Засекогаш верни). За покажаната храброст како маринец, Хејз бил носител на повеќе одликувања, имал дури и средба со претседателот Ајзенхауер (инаку екс-генерал), а се глумел и себеси во филмот „Песоците на Иво Џима“ со Џон Вејн. Носи заслуга и за тоа што исправил историска неправда. Имено, на фотографијата со знамето, покрај него се: Френклин Соузли, Мајкл Странк, Џон Бредли, Рене Гањон и Харлон Блок. Последниов бил погрешно идентификуван и смешан со некој друг учесник во битката. Благодарејќи на сведочењето на Хејз, Блок ги добива заслужените почести (макар и постхумно, затоа што загинал една недела по историското кревање на знамето). И покрај сите успеси, Хејз душевно страдал. Нему му пречел публицитетот, го мачеле траумите од војната и мизеријата во која живеело неговото племе Пима, поради што се пропил и како последица на тоа, починал. Го нашле смрзнат во некој ендек во индијанскиот резерват. Автор на песната посветена нему е Питер Ла Фарж, но тука ќе ја чуеме верзијата на кантрашот – бунтовник, Џони Кеш.
Ордени не се продаваат – Песна на Сините беретки, официјален муз. состав на Воздушно-десантните единици (ВДВ) на Русија. Формиран е во 1985 во Авганистан, но тие пишуваат песни и за современите воени конфликти. Кога се вратиле од војната, дома ги пречекала Перестројката и распадот на СССР, при што дошло до крах на вредностите и на економијата. Многу ветерани си ги продавале ордењата по тезги. На таа тема, оваа песна вели (слоб. превод): „Една старица на железничката ме прекори, како не ти е срам, синко, животот да го почнеш со измами? Каде го купи орденот? Си го закачил да се пофалиш на луѓето. Така си млад, а совест ни грам немаш. Сиот си исончан, очигледно од одмор на топлиот Југ. Симни го орденот, не ги навредувај овие ветерански бели коси. Што ти знаеш за војната? Ништо, мил мој. Што да ѝ одговорам на жената седа, да не ѝ ја навредам староста. Само орденот со рака го прикрив, да не го валка со навреди. И тогаш си спомнав на Авганското небо, нашето небо прозрачно. Можев да ѝ раскажам на таа старица, како плачеа планините. И како снеговите се црвенеа од рубинова крв. И како брзите реки ги потопуваа последните крикови. И како од небото се уриваа запалени МИГ-ови. И уште ќе раскажам, колку домови се завиени во црно. И како избезумените мајки не можеа да ги оттргнат од гробовите. И тогаш ти старичка ќе сфатиш и нема да ми судиш, ордења како нашите, на пазар не можеш да ги купиш“.
Ние ја вртиме Земјата – Кога говориме за рускиот воен шансон, мора да се спомне и култниот бард – дисидент, Владимир Висоцкиј (1938-1980). Ќе остане запаметен по своите песни за животот, болката, за проблемите во општеството, за полусветот (алкоси, џепароши и проститутки), како и за војната. Иако бил син на полковникот од еврејско потекло, Семјон Висоцки, учесник во битките за Берлин и Прага и носител на 20 ордени, тој не служел армија, затоа што имал проблем со срцето. Тој и не бил создаден за војник, а бил своеглав поет – боем, склон кон чашката и други опасни субстанци, кои во комбинација со срцевата маана го одвеле во гроб, кој инаку го имам посетено. Сепак, автор е на некои од најславните песни со воена тематика. Тие се без никаков изнасилен ентузијазам, а доста реално и горчливо ја опишуваат војната, поради што му пишувале ветераните од Втората Светска, прашувајќи го дали можеби им бил соборец. Имено, заради цензурата во СССР, тој слабо се појавувал на ТВ и ретко му се издавале плочи, па многумина немале податоци за него, а го слушале главно на стопати преснимени магнетофонски ленти, кои оделе од рака в рака (т.н. магнитиздат). Подолу го гледаме во Црна Гора, во неврзаната СФР Југославија, каде гостувал заради снимање на воена копродукција (бил и добар актер). Напишал и песна за Црногорците, чија воинственост го воодушевувала (исто како и Пушкин, патем). Клипот е со превод.
Црвени афиони на Монте Касино – Песна за Полјаците, кои се бореле во Италија во 1944 заедно со западните сојузници. Тие покажале хероизам, каков не е виден во историјата. Во 1939 Полска била поделена меѓу Хитлер и Сталин, по што многу од нив завршиле во советско заробеништво, каде биле мачени и убивани. Откако Хитлер го нападнал СССР, Сталин ги мобилизирал. Дел од нив се вклучиле во про-советската полска армија и учествувале и во заземањето на Берлин, а оние, кои биле лојални на полската избегличка влада во Лондон, тргнале на пат од илјадници километри од Русија до Иран (тогаш под англо-советска окупација), со цел да се придружат на Британците. Патувале на товарни возови, сточни камиони, а и пеш, при што умирале од глад и болести. Најпосле, со бродови за јаглен преку Каспиското море, тие допловиле во Иран. Оттаму, Британците ги превезле низ Ирак до Палестина, каде бил формиран 2-от Полски корпус на Владислав Андерс, кој ги водел своите верни војници низ оваа Голгота. Но не биле баш сите верни. Некои од Полските Евреи решиле да останат во Палестина, каде придонеле за создавањето на Израел. Андерсовата армија понатаму била пренесувана по разни фронтови. Нејзини војници гинеле во С. Африка, па и во Италија. Со нив таму бил и официјално регрутираниот мечок Војтек, кој пренесувал муниција. Тој патувал со нив дури од родниот Иран. Во 4 мес. битка против Германците за ридот Монте Касино, Полјаците дале големи жртви, по што го кренале своето знаме на неговиот врв. По сите страдања низ кои поминале, тие не смеле да се вратат во Полска заради комунистичкиот режим, кој таму го поставиле советските ослободители. Иако заслугите на СССР во војната се неоспорни, гнасотиите кои тој ги направил се страшни. Андерс починал во Лондон во 1970. Војтек пак, својот пат го завршил во зоолошката во Единбург, каде живеел до 1963.
Лили Марлен – Многумина не знаат дека песнава е всушност антивоена (говори за разделба на војникот со својата девојка). Напишана е во 1915, далеку пред појавата на нацизмот со кого е обично поврзувана. Навистина, таа била популарна кај германските војници во Втората Светска, затоа што им побудувала спомени за нивните љубени. Многу од нив и не сакале да војуваат. Тука мислам на оние кои биле насила мобилизирани во регуларната армија, Вермахтот, наспроти есесовците, кои биле паравојска на Наци партијата. Министерот за пропаганда, Гебелс, барал песната да се забрани, поради „поткопувањето на борбениот морал“. Пејачката Лале Андерсен била под негов силен притисок, не само заради песната, туку и поради нејзината поранешната соработка со музичари – Евреи. Таа била натерана да сними режимски подобна верзија на песната и други пропагандни нумери. По војната, Андерсен ја продолжила кариерата и настапила на Евровизија 1961. За време на војната, „Лили Марлен“ се емитувала на Радио Белград (тогаш под германска окупација), па обожавател ѝ станал Фицрој Меклејн од сојузничката мисија при Титовите партизани. Сигналот „се фаќал“ и во С. Африка, каде таа станала хит меѓу Британците, кои снимиле нејзина преработка. Своја верзија имала и германската актерка Марлен Дитрих, која како противник на нацизмот ја пеела на американските трупи. Преработка е снимена и кај нас во 1995. Беше објавена на касета од страна на ДПМНЕ, заедно со други крајно невкусни кавери (напр. „Е, мој друже београдски“ преработена како „Еј братче егејче“ или „Дајте ни сонце“, патриотска верзија на мировната “Let The Sunshine In”). За македонската „Лили Марлен“ клик тука. Во неа, девојката ентузијастички го испраќа своето момче во војска (Гебелс завидува).
Мостот Аленби – Израелска граничарска песна од 1971 за мостот именуван по британскиот ген. Аленби на р. Јордан. Тој ги одделува Западниот брег на Палестина (тогаш под Израел) и Кралството Јордан, каде е нарекуван „Мостот на крал Хусеин“. Рефренот заличува на советската шоферска песна „Дорожка фронтовая“, но не знам дали има поврзаност. Не би ме зачудило да има, затоа што мнозинството Израелци не се автохтони жители на тие простори, а се доселеници од еврејската дијаспора, вкл. и од Русија. На израелската политика кон Палестинците имам многу да ѝ замерам, но признавам дека изведувачов на песнава, Јехорам Гаон, е талентиран пејач и актер. Татко му, во зависност од изворите, е сараевски или македонски Евреин – Сефард. Во песнава тој раскажува за животот на границата, за Арапите, кои ја преминуваат и за војниците и за цариниците, кои ја чуваат: „Мостот се пече под сонцето / Во замирањето на попладнето / Мостот се ниша над топлата река / Тоа е помеѓу областите Јудеја и Ефраим / И Гад Рубен и пола од Менаше / Помеѓу еукалиптусите и палмите / Акацијата, портокалите и лимоните / Преку речните камења и треви / Абдула оди во земјата на Амон / Мостот Аленби / Помеѓу зелените речни брегови / Но какви се овие ровови и митралески гнезда? / Мостот „се пече“ и попладнето одминува / Товари во голем број / Абдула чека во редот / Во англиско палто или наметка „на риги“ / Жештината е напорна / Движењето е бавно / Цариникот ги проверува камионите / Илјадници шофери пушат во меѓувреме / Цигари „Фарид“ или „Ел Ал“ / Радиото свири / Војникот мрда во ритамот на џезот / Абдула ефенди се врати од Мека / Светата земја на Хиџаз / Абдула ќе оди во Арам Нахараим / Абдула ќе скита се’ до Кувајт / Мостот се пече во попладнето / А луѓето заминуваат / И нивни роднини од далеку пристигнуваат…
Во името на Алах, Алах е најголем – Песна за египетската војна против Израел, која избувна на хебрејскиот празник Јом Кипур (1973), што се поклопи со исламскиот Рамадан. Автори се поетот Абдул Рахим Мансур и муз. Балигх Хамди. Војната започнала со напад на Египет и Сирија врз Израел и е од големо значење за Арапите. Во неа тие постигнале успеси, кои им ја вратиле гордоста по Шестдневната војна (1967), во која Египет го загубил полуос. Синај. Иако песнава има религиозна нота, тогаш исламизмот не бил „ин“. Египет добил помош од секуларните соц. земји: СССР, Куба, НДР Кореја и неврзаната СФР Југославија. Оттаму е и наоружањето во клипот долу: Калашњиков, МИГ, Каќуши, тенкови Т-55, ракети земја-воздух С-75 Двина, РПГ фрлачи. Тогаш за првпат е употребен проектилот Скад, при што загинале само 7 Израелци. Тие пак, биле помагани од САД. Египетскиот лидер Ел-Садат подоцна преговарал со нив, по што го добил Синај назад. Со тоа Египет повторно станал транс- континентален (не е само во С. Африка, а и во Југозап. Азија). Поради помирувањето на Ел-Садат со Израел и САД, советската КГБ понудила огромна сума на белосветските терористи (вкл. и на венецуелецот Карлос Шакалот) за тој да биде убиен. И навистина ќе биде убиен, но не од комунистите, туку од исламистите, на кои исто им пречел.
Колку е добро кога браќата се сложни – Оваа хебрејска традиционална песна, чиј наслов го преведов слободно, не е воена. Сепак, таа се прослави со филмот „Препадот на Ентебе“, кој говори за една од најславните командо акции во историјата, која се случила на 4 јули 1976. Се работи за ослободувањето на стотина израелски заложници од летот на Ер Франс бр. 139, грабнат од палестински и германски левичарски терористи. Тие го присилуваат да слета во (кон нив пријателски настроената) Уганда, на чие чело тогаш е сулудиот диктатор Иди Амин. Таму, заложниците се затворени во просториите на аеродромот Ентебе. Израелските специјални единици (Сајерет маткал) организираат храбра акција за нивно ослободување. Тие ги елиминираат сите терористи, но се судираат и со угандските вооружени сили. Притоа загинува Јони Нетањаху (брат на израелскиот премиер Бењамин Нетањаху), кој е оттогаш сметан за херој. Како што имам пишувано, имам доста критики за израелскиот третман на Палестинците, но оваа акција предизвикува стравопочит. Дотолку повеќе што нејзина цел била спасување на недолжни цивили. Во сцената која ќе ја видите подолу, израелските специјалци летаат кон Уганда, при што спонтано ја запејуваат оваа песна, која на хебрејски е насловена како „Хине Ма Тов“.
Велик е нашиот војник – Химна на бугарската армија. Напишана е на Галичица покрај Охридското езеро во 1916, во времето на Првата Светска Војна. Автор на стиховите е Константин Георгиев Попов, потпоручник на 23-от Шипченски пешадиски полк. Роден е во Казанлак во 1884, завршил воено образование во Бугарија и Русија, а починал во Софија во 1954. Мелодијата пак, е на Михаил Шеќерџиев, војник на 8-мата Тунџанска пешадиска дивизија. Роден е во Габрово во 1889, се образувал на Софиската духовна семинарија и бил учител по музика, а починал во 1958. Најпрвин песната била химна на единицата на Попов, но подоцна станала општоармиска. Официјален статус добила во 2001. Во текстот на песната се спомнуваат разни места, каде нејзините автори војувале против српската војска. Меѓу другите, во неа се спомнуваат и Маврово, Ботун во Дебарца, реката Црн Дрим и секако Охрид, каде таа настанала. Патем, песната се изведува и во една куса трагикомична сцена во бугарскиот филм „Всичко е любов“, за кого веќе пишував. Таа доживеа и своја турбофолк (буг. чалга) пародија, која предизвика негодувања во бугарската јавност.
Марш на Дрина – Најпознатиот српски марш. Преработен е од повеќе светски познати музичари, вкл. и од The Shadows во 1966. Компониран е од Станислав Бинички во чест на Битката на Цер, во која Србите ги поразиле Австро-Унгарците, што била прва победа на Антантата во Првата Светска. Таа започнала со атентатот на Босанскиот Србин Гаврило Принцип врз престолонаследникот Франц Фердинанд во Сараево (тогаш под Австро-Унгарската Империја). Интересно, во книгата „Мојата борба“, Хитлер изразува зачуденост од атентатот, затоа што го сметал Фердинанд за попустлив кон Словените во Империјата. Таа ја обвинила Србија за вмешаност во атентатот, што довело до војна, во која се вклучиле и други земји, со што таа добила карактер на светска. Патем, во австро-унгарската армија служел и Хрватот Јосип Броз (Тито). Таа извршила инвазија врз Србија преку р. Дрина, која ги одвојувала двете држави, при што била „потучена до ногу“ и „бачена у реку“. Многу Австро-Унгарци се удавиле при паничното повлекување (Дивизија Рикверц). И Србите имале слична епизода, дури и полоша, кога се дале во „јуначко“ бегство преку Албанија до Крф, кога текот на војната се свртел во нивна штета (Бежанијска бригада). Сепак, на крај тие биле на победничката страна. Со Србите на Цер командувал пол. Миливоје Стојановиќ. Одушевен од него, српскиот крал Александар го симнал од себе Караѓорѓевиот орден и му го доделил нему. Подоцна Стојановиќ ќе загине во борба, а кралот ќе ја доживее судбината на Фердинанд. Убиен е од атентаторот на ВМРО, Владо Черноземски, во Марсеј во 1934.
Маршот на полковник Боги – Дефинитивно најпознатиот британски марш и веројатно најпознатиот марш во светот. Компониран е во 1914 од страна на поручникот Фредерик Џозеф Рикетс, кој понекогаш објавувал свои музички дела под псевдонимот Кенет Алфорд, од причина што армијата не дозволувала офицерите да печалат „на страна“. Мелодијата е инспирирана од еден офицер, љубител на голфот, кој имал обичај да свирка при играта (“Colonel Bogey” е термин кој се користи во тој спорт). Маршот уживал голема популарност и во Втората Светска Војна, кога врз неговата мелодија британските војници пееле стихови од типот: „Хитлер има едно јајце / Геринг има две, ама многу мали / Химлер има нешто слично / А Гебелс ги нема воопшто“ (постои непотврдена теза дека Хитлер го изгубил едниот тестис во битката на р. Сома во Првата Светска Војна во 1916). Светска афирмација овој марш ќе добие во интерпретација на композиторот Малколм Арнолд за потребите на филмот „Мостот на реката Квај“ од 1957 (за антологиската сцена со маршот на воените заробеници).
Света војна – Култна советска песна од Втората Светска. Помалку зазвучува како црковна. Започнува со „напад“ на страшен хор „Станувај земјо огромна! Станувај на смртен бој! Со фашистичката сила темна, со проклетата орда! Не смеат крилја црни над Татковината да летаат, полињата нејзини просторни, не смее врагот да ги гази!“. Напишана е од поетот Василиј Лебедев – Кумач, само два дена по германскиот напад врз СССР, кој се случил на 22 јуни 1941, што се одбележува како Ден на сеќавањето и жалоста. Изведувач е Ансамблот на Црвената армија. Основан е во 1928 од диригентот, композиторот и офицерот, Александар Александров (1883-1946). Тој е и автор на музиката на оваа песна, како и на советската, а денес руска химна. Сталин бил изненаден од нападот, затоа што според договорот со Хитлер од 1939, тие фактички биле сојузници. Тие меѓусебно си ја поделиле Европа на интересни сфери, пришто пострадале Полска, Молдавија, Балтикот итн. Хитлер го погазува договорот со ненадејниот напад, за што „дебело“ ќе плати. Со оглед дека СССР имал контрола над речиси сите комунистички партии низ светот, во тој момент, тие започнале со вооружен антифашистички отпор (претходно тие се воздржувале од акција заради договорот).
Несвета војна (Хероин и нафта) – Според штурите и не баш проверени податоци, изведувач и/или автор на оваа песна е извесниот руски војник Контантин Дубинин. На кои единици тој припаѓа(л), не знам, но се обидувам да сфатам од клипот, според црвениот шеврон на десната рака на неговиот другар, кој е тешко да се разгледа заради лошата слика. Но тоа не е ни важно, песната е општо војничка. Во неа тој со огорченост вели: „Ние не сакавме да убиваме / Но се’ за нас решивте вие / Вам за загубите не ви е гајле / Па што, ние сме и онака веќе мртви / Војната ви носи доход / Животот и смртта е лесно да се продадат / Да се наполни во банката нова сметка / И сите нас позади грб да не’ предадете / Несвета војна / Таа ви беше потребна само вам / Душманот знаеше за што тој се бореше / А што ни остана нам? / Ние ја исполнивме должноста за нашата земја и народ / И во туѓина ја најдовме својата смрт / Но ние не гиневме за чест и за слобода / А за вашите хероин и нафта“.
Мојот брат десантник – Руската женска група Блестјашие (Блескави) со песна за Воздушно-десантните единици (ВДВ), чиј текст вели: „На Родината да ѝ служиш – тоа е романтика“. Навистина, руската армија предизвикува стравопочит, но служењето во неа е далеку од романтика. Една од дамките врз нејзиното реноме е т.н. дедовштина, екстремно малтретирање на новите регрути (рус. духи) од страна на поискусните војници, џомбите (дједи). „Дедовците“ брутално ги претепуваат, ограбуваат и понижуваат „гуштерите“, на што генералите замижуваат. Тие дури ги користат како бесплатна работна сила за изградба на своите викендици и сл. Се случуваат и сексуални иживувања. Како последица на дедовштината имало и смртни случаи, а некои од жртвите извршиле самоубиство. Непишаните „закони“ на дедовштината, нејзината „хиерархија“ и жаргон, кои наликуваат на затворските, се појавиле уште во советската армија, кога заради недостаток на машко население, таа дозволила регрутирање на криминалци. Се смета дека дедовштината ќе се надмине со скратувањето на воениот рок и со воведувањето на „служба по контракту“. Сепак таа е се’ уште присутна, поради што многумина ја избегнуваат воената обврска (уклонисти). За дедовштината е пишувано многу, а по интернетот има и вознемирувачки видеа. Имало и случаи на оружена одмазда од страна на малтретираните. Романтика?
Не се каам за ништо – Песна на Едит Пјаф, усвоена од Легијата на Странците. Објавена е во 1960, кога Франција војувала против востаниците во Алжир. Претседателот Де Гол организирал референдум на кој Французите се изјасниле дека на колонијата треба да ѝ биде дозволено самоопределување. Со тоа, тој си го навлекол гневот на конзервативните офицери. Тие формирале таен кружок, чија цел била негово соборување. Пучот започнал на 22.4.1961 со заземање на стратешки објекти во Алжир од страна на 1-та Странска падобранска регимента. Де Гол апелирал до армијата и граѓаните да не го поддржат пучот. Тие му останале лојални и пучот завршил неуспешно. Региментата била расформирана, а нејзините припадници ја напуштиле касарната пеејќи ја оваа песна. Подоцна, таа била и официјално усвоена од легионерите. Пјаф ги отпеала и „Мојот легионер“ и „Знамето на легијата“, но ним многу повеќе им се допаднала оваа песна, иако не е воена. Со оглед дека тие извршиле и злосторства, стиховите „Не се каам“ добиваат лош тон. Легијата е формирана во 1831 и прибира луѓе од сите нации, кои ги надминуваат меѓусебните разлики и работат сложно, вкл. и белосветски протуви, на кои таа им овозможува да се општествено корисни. Од нив се бара челична дисциплина, натчовечки труд и саможртва. Оттаму се и девизите: „Легијата е наша татковина“, „Чест и верност“ и „Марширај или умри“. Празник ѝ е Денот на Битката на Камарон, 30.4.1863, кога 65 легионери се судриле со 3000 Мексиканци. Само двајца останале живи. Одушевени од таа храброст, Мексиканците ги поштедиле. Важна реликвија од таа битка е дрвената рака на загинатиот француски ген. Данжу.
Јаболче – Славна морнарска песна и танец во Русија, Украина и другите земји, кои некогаш припаѓале на Руската Империја, подоцна на СССР. Авторот на песната е непознат и се смета дека е изворна „частушка“ (брза и шеговита фолклорна песна со рима), а танецот пак, го осмислиле морнарите на Црноморската флота, среде кои таа била мошне популарна (што е и ден денес). Постојат најразлични варијанти на текстот на оваа песна, вкл. и воено-политички. Во времето на Граѓанската војна (1917-1922), песната ја пееле сите завојувани страни: про-царистичките белогардејци, бољшевиците на Ленин, анархистите на Нестор Махно итн. Подоцна ќе биде популарна и во советската, како и во современата руска воена морнарица и тоа не само во Црноморската флота, каде се смета дека настанала, туку и во другите (Балтичката, Касписката, Северната, Тихоокеанската). Дел е од репертоарот и на многу фолклорни ансамбли.
Оркестарот ја свиреше „Валцер со Матилда“ – Секој 25-ти април во Австралија се одбележува трагедијата на нејзините трупи во Првата Светска Војна, која се случила во Галиполи, Турција, 1915. Со оглед дека сум поврзан со Австралија (печалбарска жица), доста ме интересира нејзината историја. Нивна цел била освојување на Истанбул, гл. град на Османлиската Империја, која била на страната на Централните Сили (Австро-Унгарија, Германија, Бугарија), како и заземање на Дарданелите, теснецот кој ги поврзува Егејското и Црното Море, заради слободен премин на руските бродови. Планот осмислен од британскиот политичар Черчил доживеал крах. Австралија дала илјадници залудни жртви во борбата со Турците, со кои командувале: Мустафа Кемал, подоцна Ататурк (родум од Солун), Мехмед Шефик (од Костур) и Хусеин Авни (од Битола). Турците биле добро мотивирани, затоа што ова била одбрана на нивната империја од британскиот империјализам (Австралија потпаѓа под британската круна). Подоцна, Австралија и Турција развиле пријателски односи, по што, во Галиполи е подигнат споменик со зборовите на Ататурк: „Вашите синови сега почиваат во мир на нашата грутка. Губејќи ги своите животи тука, тие станаа и наши“. Во 1971 австралискиот музичар од шкотско потекло, Ерик Богл, ја напиша оваа антивоена песна. Во нејзиниот наслов се спомнува една друга, австралиската народна песна, „Валц со Матилда“, која се пеела меѓу војниците. За повеќе инфо читајте тука.
Ден на АНЗАК – Песна посветена на Новозеландските ветерани од разните историски конфликти. Во Првата Светска Војна, новозеландските сили биле здружени со австралиските во еден корпус кој бил именуван со кратенката АНЗАК. Ден посветен на корпусот е 25-ти април, на кој во Австралија и Нов Зеланд ја одбележуваат трагичните загуби, кои тој ги доживеал во Галиполи, Турција, 1915. Новозеландците како и Австралијците учествувале и во Втората Светска, Корејската, Виетнамската, Заливската и во други војни. Изведувач на песната е новозеландскиот музичар Глен Моуфет. Таа е од неговиот прв албум снимен во 1995. Во неа тој вели: „Денес е ден на АНЗАК, нашите момци беа разнесени и никому не му е грижа за жртвата што ја направија. Сите продавници вдолж кејот се отворени денес, Бог знае дали тие знаат дека денес е Денот на АНЗАК“.
Умираа момците – Песна за илјадниците млади руски војници, кои загинаа во војната во Чеченија. Изведувач е познатиот рок поет Јуриј Шевчук (условно, тој е нешто како што е Џони Штулиќ кај нас). Роден е во 1957 во Јагодное во Магаданската област на Русија (читај: на крајот на светот), од татко Украинец и мајка Татарка, обајцата ветерани од Втората Светска Војна. Подоцна се преселил во Уфа, гл. град на Башкортостан, една од републиките на Руската Федерација. Во 1980, таму ја формирал групата ДДТ, која ужива култен статус низ цела Русија. Носител е на титулата Народен Уметник на Башкортостан. Познат е по своите протестни песни, поради кои бил на удар на власта уште во СССР. По неговиот распад, тој е критичар на власта и во современа Русија. Апелирал за мир во Чеченија и Јужна Осетија, а се спротивставил и на бомбардирањето на НАТО на Србија. Во 1995 заминал за Чеченија, во која тогаш беснеела војна. Ризикувајќи живот, тој одржувал концерти како за Русите, така и за Чеченците. На некои од нив истовремено присуствувале руски војници и чеченски бунтовници (и едните и другите – вооружени), при што се воздржувале од меѓусебна престрелка. Оттаму тој се вратил со интересна, но потресна видео-репортажа. Сцени од неа се употребени и во музичкиот спот подолу.
Против Третата Светска – Песната е во изведба на рускиот пејач Иља Резник и хорот на Внатрешната војска на Мин. за Внатрешни (ВВ МВД). ВВ настанала во советските времиња и е наменета за операции стриктно во границите на Русија (напр. против сепаратисти, банди и сл.). Таа не е дел од руската армија, туку е во надлежност на МВР, иако користи војнички униформи и потешко вооружување од она на полицијата. Всушност, правилно е да се каже „Внатрешни единици“. „Војска“ на руски значи „единици“, „трупи“ или „род“. Заради разликување на овој хор од оној армискиот, овој се нарекува „Јелисејевски“, а другиот „Александровски“ според нивните раководители. Хорот на ВВ е формиран во 1973, значи е далеку помлад од армискиот. Го гледаме заедно со Иља Резник, кој ни порачува: Секој војник се моли само за едно. Никогаш да не дојде до Трета Светска Војна. Затоа што, кога ќе се испалат нуклеарните ракети, од таа војна ветерани ќе нема…