vbb ohrid

За правилно прикажување на vbb.mk, ви го препорачувам браусерот Google Chrome. Доколку ви се допаѓа vbb.mk споделете го со своите пријатели на социјалните мрежи и станете фан на Facebook страната. Можете и да се претплатите на feed-овите со клик тука.

Но кое е всушност значењето на скратеницата ВББ? Секој иоле интернетски писмен жител на државава, па и на регионов, знае што означува скратеницата ВББ. Сајтот vbb.mk позади себе има богата и бурна предисторија. Во куси црти: ВББ е неприкосновен блогерски бренд во земјата, па и пошироко во регионот. Како таков, тој се прослави на двете инкарнации на некогаш популарниот Блогерај, создаден од Сашо Мацановски – Трендо, особено на онаа првата, позначајната, која започна со работа некаде во средината на 2000-те. Но првите чекори се направени многу поодамна. ВББ со алтернативна форма на новинарство се бави пред интернет ерата, уште во времето на неговата активна вклученост во музичката сцена.

Најпрвин, ВББ објавуваше статии во повеќе познати скопски, но и странски фанзини, од кои би го издвоиле Жбрц на Ѓоко Зафировски – Шон, фронтменот на познатата група Дени те чува. Под своите trademark иницијали, ВББ првпат се појавува на култниот интернет портал Багра во 2005. Други, сега признати мејнстрим автори, кои твореа таму, беа например Анастас Вангели и Алекс Букарски, кого патем, таму со консензус го банираа. Потоа следуваше македонската блог револуција, во чии рамки, ВББ се наметна како еден од најзначајните играчи, што беше проследено и со повеќекратно медиумско експонирање на ТВ екраните.

Од Блогот на ВББ произлезе и емисијата Радио блог, која се емитуваше на брановите на (барем некогаш) култните скопски радио станици Равел и Канал 103, во која гостуваа повеќе еминентни личности од уметничкиот и општествениот живот на земјата, од кои посебно се издвојува проф. д-р Љубислав Цветковски. Емисијата доживува и свои live изданија, во форма на тематски аудио/видео забави во повеќе скопски клубови. ВББ објавуваше редовни колумни во некогаш тренди печатеното списание Авангарда и на порталот Окно. Во помала мера, ВББ понекогаш твори и на странските платформи, на англиски или руски јазик, што е логична рамнотежа во меѓународната констелација на силите (англиски за Западот, руски за Истокот и македонски, за Неврзаните). Инаку, сајтот понекогаш ќе објавува изменети (корегирани) реизданија на некои стари блог постови на ВББ, со цел, нивно претставување пред нова публика.

Милчо Манчевски во својата книга Dust / Прашина, инаку издадена од мојата издавачка куќа Слово, вели дека сценариото не е Свето писмо, па е подложно на промени. Така и написите на овој сајт понекогаш се менуваат. Некои се ажурираат или корегираат, се додаваат линкови, фотки, видео и сл. Моите блог-постови не се „исклесани у камен“. Самото постоење на опција за уредување, го прави блогот како медиум различен од веќе отпечатена книга. Впрочем, во светов се објавуваат изменети или дополнети реизданија на книги. Па и музички албуми и филмови, кај кои нешто се одзема или додава. Притоа, редно е да се зачува суштината.