1968. Студентски радикализам и тероризам, црвени бригади и универзитети, секс револуција. Од продуцентот на “Der Untergang”, со Бруно Ганц, кој го глумеше Хитлер во истиот.

“Der Baader Meinhof Komplex”, германски филм номиниран за Оскар во 2008 год., за комунистичката терористичка организација, Rote Armee Fraktion (RAF), која дејствувала во доцните 60-ти и 70-тите години на XX век. Формирана е во капиталистичката Западна Германија и најпрвин била именувана по Андреас Бадер, нејзиното насилно „лице“ и новинарката Улрике Мајнхоф, интелектуалното.

Не ги поддржувам нивните методи, но од едукативен аспект, интересно е да се види овој моќен филм, кој без идеализирање ја прикажува тенката линија меѓу борбата за правда и фанатизмот / насилството.

Трејлер за филмот.

Детално околу контекстот

Тоа е време на огромни студентски протести по американските универзитети, како и во Париз, Рим, Лондон, Мексико Сити, Прага и други места. Хипиците, со долги коси, облечени во маици со ликот на Че Гевара и со џоинти во устите, протестираат против Виетнамската Војна при што паѓаат и жртви (напр. во Кент, Охајо), за правата на Афро-Американците (тогаш е убиен Мартин Лутер Кинг), против капитализмот и загадувањето на природата, за феминизмот и геј рајтс, за сексуална револуција и легализација на лесните дроги, против советското задушување на Прашката пролет во Чехословачка (Јан Палах се самозапалува), за Северна Ирска, Палестина и други социо-политички и еколошки прашања. Ни Скопје не останало имуно на глобалните тенденции, па започнува со излегување алтернативното списание Фокус, во кое пишуваат Милчин, Чомовски и др., кое подоцна било забрането (ова не е списанието на Никола Младенов, кое ќе се појави многу подоцна).

Битлси ја пееле Revolution при што се залагале за ненасилен отпор, додека други не го делеле тој став. Во акција стапила ултра- левичарска урбана герила, која се решила за вооружена борба: Црвените бригади во Италија, Црните пантери во САД, Јапонската Црвена Армија, баскиската ЕТА во Шпанија, грчката 17-ти Ноември и многу други. Некои од нив се анархистички, други пак, комунистички (кои понатаму се делат на разни подправци: марксистичко- ленинистички, троцкистички, про-совјетски, про-кинески маоистички и така до бескрај). Тие понекогаш биле меѓусебно спротивставени или по потреба, обединети заради заеднички цели.

Бранот на младински револт не ја заобиколува ни Германија. Во Западна Германија конкретно, младите протестирале и против учеството на повеќе бивши нацисти во владејачката гарнитура. Таков бил например канцеларот Курт Георг Кизингер. Слично нешто подоцна се случи и во соседна Австрија, кога се откри дека претседателот Курт Валдхајм служел како воен разузнавач во окупираниот СССР, Југославија, Грција и Италија. Овие млади германски левичарски радикали биле родени во 40-те години на XX век (т.н. „деца на Хитлер“) и се бунтувале против своите родители, кои молчеле кога нацистите биле на власт или уште полошо, му служеле на режимот. Оттаму, овие млади луѓе чувствувале обврска никогаш да не дозволат повторување на нацизмот во својата земја. Се развило богато радикално ултра-левичарско движење, пред се’ во младинските комуни во Западен Берлин. Особено т.н. Autonomen движење.

Такви движења опстојуваат во Берлин и ден денес. Како што имам пишувано во своите репортажи од тој град, при обидот за марш на неколку илјади неонацисти по повод 60 годишнината од победата на фашизмот на 8 мај 2005, ним им се спротивставија дупло повеќе антифашисти. “Berlin bleibt Rot” (Берлин остана црвен) е нивното мото. Левичарството има богата историја на тие простори. Тоа е родина на Маркс и Енгелс, таму се случила неуспешна револуција во 1918 година, при што пострадале нејзините предводници, спартакистите Карл Либнехт и Роза Луксембург.

Дополнителна причина за развој на левичарскиот радикализам во Западен Берлин е и тоа што, под окупација на Западните сојузници (САД, Британија и Франција) од 1945 год., градот имал посебен статус и не бил полноправен дел од западната Сојузна Република Германија, па во него не важеле сите нејзини прописи. Така например, жителите на градот биле ослободени од воената обврска. Исто така, градот бил физички оддалечен од Западна Германија (т.е. бил ексклава). Поради тие причини, тој станал безбедно прибежиште за илјадници ултра-левичарски студентски радикали, кои таму живееле во сквотови (урбани комуни) во кои вриел политички екстремизам, секс, дрога и рокенрол.

Во една таква атмосфера се родила и организацијата, за која говори овој возбудлив филм кој ви го претставив погоре. А подолу, некои детали во врска со него…


Не читај даље пред да го изглеаш филмот! Spoiler Warning!

Занимливости врзани со филмот и со организацијата, за која тој говори

Силке Маер Вит во Скопје

  • Бивша припадничка на РАФ престојуваше во Република Македонија. Се работи за Силке Маер Вит, членка на втората генерација на РАФ (филмот говори за првата). Татко и’ бил есесовец во војната, што кај неа предизвикало револт, кој ја одвел во редовите на марксистичката РАФ. Во неа, таа имала поминорна улога, но сепак учествувала во некои акции. Во една од нив, пострадал и недолжен минувач, по што таа решава да ја напушти организацијата. Започнува мирен живот во Источна Германија, која ги толерирала комунистичките радикали, а некои тврдат дека ги помагала злогласната источногерманска тајна служба Штази, како и советската КГБ. Силке Маер Вит е уапсена по падот на комунизмот и осудена е на десет години робија, од кои одлежува пет, по што се посветува на мировниот активизам. Како претставник на германска хуманитарна и хјуман рајтс организација, таа работи на меѓуетничката толеранција во Косово и Македонија, каде е интервјуирана од страна на Утрински весник: клик тука за текстот. Терористи су меџу нама! ;)
  • И покрај тоа што бил застрелан во глава, студентскиот лидер Руди Дучке го преживеал атентатот, извршен во 1968, но со страотни последици по здравјето. Мозокот му бил повреден, па морал повторно да научи да зборува, да чита и да оди. Во неговата марксистичка ориентација имало и елементи на социјал – христијанство. Бил член на Ситуационистите и Студентскиот Социјалистички Сојуз (Sozialistischer Deutscher Studentenbund), чија скратеница, SDS, е иста како онаа на познатата американска организација од тоа време, Students for Democratic Society, како и на една политичка партија кај нас ;) Иако бил марксист и анти-капиталист, тој соработувал и со дисиденти од повеќе комунистички земји: ГДР, Полска, Чешка, па и Југославија, во која истотака се случиле студентски протести во 1968. Животот го завршува во 1979 со давење при епилептичен напад во када.
  • Неговиот атентатор, антикомунистот Јозеф Бахман, извршува неуспешен обид за самоубиство со испивање на апчиња, со цел да не падне во рацете на полицијата. Фатен е и осуден на седум години затвор, каде се самозадушува со најлонска ќеса.
  • На едно од протестните собранија на универзитетот, Руди Дучке го скандира името на Хо Ши Мин (1890-1969), познатиот лидер на народно-ослободителното движење на Виетнам, со чии знамиња е украсена салата, каде тоа се одржува.
  • За радикализацијата во Западна Германија придонело и убиството на студентот Бено Онесорг, кое е прикажано во филмот. Тоа се случува при протестите против посетата на иранскиот шах (крал) Реза Пахлави на 2 јуни 1967. Тие се одржуваат пред Берлинската опера, каде Шахот пристигнал да ја одгледа изведбата на Моцартовата Магична флаута. Шахот бил про-западно настроен и помаган од САД, но и познат по недемократското владеење и расипничкиот живот. Соборен е во 1979, по што Иран станува исламска република. Ова бил прв и последен протест на кој Онесорг учествувал. Зад себе тој немал никакво политичко искуство.
  • Убиец на гореспоменатиот Онесорг е полицаецот во цивил со интересно презиме, Карл Хајнц Курас, кој бил ослободен од одговорност во контроверзна судска постапка. Подоцна, на површина излегува ироничната информација дека Курас всушност бил комунист и таен агент на Штази, но не е утврдено дали убиството на студентот било со свесна намера за провоцирање на младински бунт, кој би ја дестабилизирал Западна Германија. Овој настан довел до формирање на германската анархистичка група Движењето 2 јуни.
  • Типовите у одела кои се појавуваат на дочекот на Шахот се негови агенти. Тие си даваат за право да ги тепаат студентите, кои дошле да протестираат против него. Нешто као оние „контра-протестанти“ кај нас.
  • Андреас Бадер, таф сан оф а ган.

  • РАФ во своите редови прибрала луѓе од најразличен бекграунд. Додека Улрике Мајнхоф била интелектуалка и новинарка, добро поткована во револуцинерната теорија, Андреас Бадер, како што е прикажан во филмот, делува како обичен авантурист и криминалец од типот на Бони и Клајд, за кои се вели дека ги обожувал. Сакал кожни јакни, добра цуга и трава, јаки пичиња и имал посебна страст кон крадење скапи спортски аута. Во затвор е посетен од славниот француски филозоф и марксист, Сартр, кој по средбата, разочарано го опишал Бадер како идиот. Петер Јурген Боок, бегалецот од младинскиот шелтер центар, бил нарко- зависник, а на РАФ и’ се приклучил и „Колективот на социјалистички пациенти“. Се работи за комуна психијатриски случаи, создадена од д-р Волфганг Хубер, кој сметал дека нивната состојба е последица на капитализмот и дека може да се излечи само со марксистички начин на живот.
  • Улрике Мајнхоф во име на каузата се откажала од своите две деца, кои се дадени на чување. Нејзината, сега возрасна ќерка, Бетина Рул, која е по занимање новинар, јавно се дистанцира од мајка си и жестоко го критикува нејзиниот политички фанатизам. Уште пофанатична била Гудрун Енслин, типката со цицињата во кадата. Растена како примерна девојка и добра ученичка во свештеничко семејство, забегува во фанатизам, при што, како што е прикажано во филмот, таа е бескрупулозна дури и спрема своите соборци. И таа зад себе го остава својот син, тогаш шестмесечниот Феликс. Денес, тој работи како музејски куратор, драматург и професор и е критички настроен кон насилството на РАФ.
  • Хорст Малер, еден од основачите, воедно и адвокат на комунистичката РАФ (проќелавиот тип со наочари во филмот), кој заради тоа има одлежано долги години робија и кој е автор на манифестот на организацијата, подоцна забегал во сосема спротивна политичка насока и стана неонацист. Моментално лежи затвор заради ширење неонацистичка пропаганда и негирање на Холокаустот што во Германија е казниво дело. Неговата сопруга, адвокатката Силвија Штолц е осудена за истото, на што се пожалила дека власта ја гуши слободата на говорот (btw зар има поголема иронија нацисти да се повикуваат на демократија, кога самите ја задушија во 1933?! Сум имал разговори со такви пациенти и кај нас).
  • Заедничко кај меѓусебно спротивставените неонацисти и комунисти на крајот на 60-те и почетокот на 70-те е непријателството кон Израел. Имено, комунистичкиот свет, иако најпрвин бил наклонет кон Евреите, ги раскинал дипломатските односи со Израел, заради неговото зближување со САД, и пружил поддршка на Палестинците, Сирија и Египет. По ова, лепењето етикети од типот „ционисти“ и „соросоиди“ од страна на комунистичките режими врз своите противници станала вообичаена појава. Комунистичкиот анти-ционизам е засебна тема која другпат ќе ја чепнеме. Заедничка на неонацистите и комунистите била и нетрпеливоста спрема еврејските банкари и бизнисмени. Кај неонацистите тоа било на етно-религиозна основа, а кај комунистите, на класна и анти-капиталистичка. Референци на таа тема можат да се сретнат и во филмот. Можеби оттука започнал да се вообличува антисемитизмот на горенаведениот Хорст Малер, кој подоцна прераснал во отворен нацизам.
  • Палестинската организација, со која РАФ соработувале, е Народниот Фронт за Ослободување на Палестина (Popular Front for the Liberation of Palestine). Се работи за секуларна марксистичко-ленинистичка палестинска организација (значи не-исламистичка). Поради внатрешни несогласувања, од неа се отцепиле повеќе фракции: Фронт на Палестинската Народна Борба, Демократски Фронт за Ослободување на Палестина, Народен Револуционерен Фронт за Ослободување на Палестина и куп други, а и таа самата се издвоила од PLO, во која претставувала втора подгрупација по Фатах на Арафат. Можеби овие расколи ги инспирирале Монти Пајтоновците за тоа како ги прикажаа востаниците во Life of Brian. Основачот на оваа организација е Жорж Хабаш, палестински арап од православно-христијанско потекло. Близок соработник му бил Вади Хадад, истотака православец, кој останува запомнет по грабнувањето авиони. Се вели дека вториов бил агент на советската КГБ. Тој умира во Источен Берлин од затруена чоколада, подметната од израелскиот Мосад.
  • Улогата на Хорст Херолд, управникот на криминалистичката полиција, е толкувана од страна на швајцарецот Бруно Ганц, кого го знаете како Хитлер од Der Untergang (кој стана internet meme) или како ангелот Дамиел од Небото над Берлин. Херолд е сметан за најдобар полицаец, кого Германија воопшто го имала. Бил поручник во Втората Светска, бил тешко ранет и има побегнато од советско заробеништво. По војната работи како судија, обвинител и полициски службеник, прославен во борбата против РАФ. Во филмот, независно од неговиот воен бекграунд, тој е прикажан како умерен, разумен и демократски настроен човек, кој се обидува да ги разбере младите. Државата не му се оддолжила прописно за заслугите. Поради несогласување со министерот за внатрешни работи, предвремено е пензиониран во 1981. Дадено му е земјиште од бивша касарна, на кое е подигната монтажна баракичка на негов трошок, каде тој се’ уште живее. Во таа смисла, тој иронично коментира: „Јас сум последниот затвореник на RAF“. Член е на Социјалдемократската Партија на Германија (лев-центар).
  • Меѓудругото, Херолд во филмот вели дека по заминувањето од власт на конзервативецот и бивш нацист, Кизингер, и доаѓањето на умерениот и либерален Вили Брант, ќе дојде до опаѓање на студентскиот радикализам. Брант е познат како германски лидер кој се залагал за подобрување на односите со комунистичките земји, за поголемо разбирање за потребите на младите, а легендарно е и неговото клечење пред споменикот на еврејските жртви во Варшава, во знак на извинување за германските нацистички злосторства. Поради своите мировни залагања се здобил и со Нобелова награда во 1971 година. Сепак, РАФ продолжиле со своите активности, па се вели дека дури имале во план и негово киднапирање.
  • Ханс Мартин Шлејер, бизнисменот- заложник, кого го егзекутираат на крајот на филмот, бил крајно непопуларна личност во Западна Германија. Бивш есесовец и олигарх, познат по жестокото задушување на штрајкови и по примитивните испади во медиумите. Типот кој го убиваат заради неговото пружање отпор при киднапирањето во својот дом е банкарот Јурген Понто. Друг особено омразен лик од страна на РАФ-овците бил Аксел Шпрингер, сопственикот на познатиот таблоид „Билд“, кој во своите статии жестоко го критикувал студентскиот левичарски радикализам, поради што е нападната и неговата редакција.
  • На 13.10.1977 неколкумина Палестинци со маици со ликот на Че Гевара го грабнуваат летот бр. 181 на германската Луфтханза, со цел: пуштање од затвор на групата Бадер-Мајнхоф. По летање низ повеќе, главно блиско-источни земји, последна дестинација е Сомалија, каде заложниците се ослободени во акција на западно- германската специјална антитерористичка единица GSG 9. Овој настан се спомнува во филмот. Подетално е опишан во еден друг, истотака германски филм, кој другпат ќе ви го претставам. По неуспехот на ова грабнување, членовите на Бадер-Мајнхоф извршуваат колективно самоубиство во своите затворски ќелии.
  • Терористите оперирале низ повеќе земји, во кои често добивале поддршка од локалните радикални движења, па безбедносните служби имале голема мака да ги фатат. Тоа и’ успевало само на една држава. Погодете која… СФР Југославија. Славниот и неуловлив терорист, Карлос Шакалот, е уапасен во белградскиот хотел Метропол по пижами. Во Загреб пак, на 11.05.1978 се уапсени и неколку РАФ-овци, меѓу кои и гореспоменатиот Боок. Како социјалистичка земја, Југославија ги толерирала левичарските терористи (особено палестинците), а понекогаш и ги помагала. Но таа била и неврзана земја во добри односи со Западот. Затоа, СФРЈ и’ понудила трампа на Западна Германија: РАФ-овците за терористи од усташката емиграција. Германија тоа го одбила, по што СФРЈ ги пушта уапсените да заминат каде сакаат. Веројатно се пренесени на Блискиот Исток, како што и Карлос е прошверцан во Ирак, маскиран како градежен работник на југословенскиот Енергопроект.

Клик за зголемено: Припадници на РАФ уапсени во Загреб, СФР Југославија