Погледнете видео од манифестацијата „Портрет на лауреатот“, одржана во склоп на Струшките вечери во охридската Св. Софија на 23-ти август. Потоа следи и биографија на овогодинешниот добитник на Златниот венец, Ко Ун од Јужна Кореја.
Воодушевен од убавините на Охрид, каде што се одржа таа манифестација, Ко Ун го поздрави отстранувањето на 300 години старата охридска калдрма и нејзината замена со современи бетонски плочи, по што таа е продадена во Германија. И навистина, што ќе ти е таа старудија? Локалната самоуправа знае најдобро!
Тој изрази и поддршка за владиниот проект Охрид 2017, со кој ќе се изгради еден уште поубав и уште постар Охрид со барокни фасади на Св. Софија и Канео. И обавезно сонца од Вергина, како она на подот на древната Св. Климентова црква изградена во 2001 год. Кај Св. Наум ќе никне хотел на Субрата Рој, а езерото ќе стане еден убав аеродром за хидро-авиони. Се шегувам, се разбира. Та и самиот Ко Ун понекогаш знае да се пошегува.
На снимката од „Портретот на лауреатот“ ќе видите како тој со почит се поклони пред олтарот на црквата Св. Софија, на што публиката реагираше со аплауз. Но потоа, тој раскажа и една зафрканција, која малце се „изгуби во преводот“ и публиката не ја сконта.
Чоекот ваљда сакаше да каже: „Па нормално ќе се клањаш, црква е, не е кафана, да не речете дека сум грешник“, по што театрално се насмеа: „Хо-хо-хо“ како корејски Дедо Мраз. Симпатичен момак. Иако тој бил будистички монах, тој не е толку „крут“ кога е во прашање религијата. Тој има и своја бунтовна страна. Некогаш тој бил поет – револуционер.
Околу неговите политички ставови подоцна, на прво место е поезијата. За неа ќе дознаете од воведното слово на проф. д-р Зоран Анчевски. После него, Ко Ун ги читаше своите стихови на нам неразбирливиот корејски јазик, но за среќа имаше и превод во изведба на актерите Арна Шијак и Роберт Вељановски.
На крај, Ко Ун дури и запеа корејска мелодија со некакви „сценски“ покрети, што беше малце бизарно за нашата публика. Но во секој случај, беше интересно. Како што кажаа водителите, со неговата песна започна музичкиот дел на манифестацијата.
Во него настапи пијанистката Жана Џибулова со “Fantasie und Fuge” у А-мол од Бах. И нејзината изведба ми зазвуче чудно, ал ај да не судам, не сум експерт. „Дали е Бах машко или е Бах женско, не знам, но знам дека е Бах татко на музиката“ што вика Цацко од К-15. Откако ви го раскажав целото видео, сега можете да го погледнете подолу. Хо-хо-хо.
Дали на Ко Ун му се допадна Бах, не знам, затоа што е наглув како Бетовен. Слухот во едното уво го изгубил при еден од обидите за самоубиство, а второто уво му пострадало кога бил претепан од јужнокорејската полиција заради својот политички активизам.
Иако Република Кореја (Јужна) е далеку послободна и побогата од својата северна сосетка, во определени периоди, таа била под сурови десничарски диктатури, против кои Ко Ун се борел и поради тоа сносел последици. Ј. Кореја не е само Gangnam Style. Позади таа фасада се крие мрачна историја. Поради недостатокот на демократски традиции, во Ј. Кореја и денес има кршење на човековите права. Навистина, не како во С. Кореја, но сепак…
Кореја била независна до 1910 год., кога потпаднала под Јапонците, против кои се создало движење на отпорот. Во 1945 год. северот на Кореја бил ослободен од советските трупи, а југот, според меѓусојузничките договори, потпаднал под Американците. Тие го зазеле југот без борба откако Јапонија капитулирала.
Отпорот во Кореја формирал левичарска привремена влада, која Американците не ја признале. Тие се пресметале со неа и со помош на про-западните Корејци (меѓу кои имало и бивши соработници со Јапонците), тие на југот на Кореја воспоставиле систем соодветен на американските интереси. Во 1946 год. тоа предизвикало неуспешно анти-американско востание.
На северот на Кореја пак, СССР и корејските комунисти создале свој тоталитарен режим. Создавањето на два системи довел до поделба на Кореја на две држави: Јужна и Северна. И обете ги кршеле човековите права и имале свој план за Обединета Кореја, кој би се остварил со покорување на соседната држава. Прва се обидела тоа да го реализира С. Кореја. Со помош на НР Кина и СССР, таа извршила инвазија врз Ј. Кореја, во чија одбрана скокнале САД и скоро сиот Запад: Британија, Австралија, Канада, Франција и др. Па дури и Грција и Турција.
Започнала Корејската војна 1950-1953, која оставила трауми кај главниот лик на нашава приказна, Ко Ун. Тој бил роден во 1933 год. и војната избувнала во неговите најубави години. Во неа му загинале блиски роднини, како и неговата прва љубов, по што се случил и неговиот прв обид за самоубиство. Бил спасен од еден будистички монах, кој му предложил да се замонаши. Во будистичките манастири Ко Ун барал лек за душевното страдање. Во нив поминал една деценија. Кај него се јавиле дилеми за монашкиот живот, поради што, во 1962 год., тој решил да го напушти, по што имал тешкотии да се вклопи во нормалниот свет.
Тој нашол работа како учител на островот Џеџу. Неговото население има карактеристичен дијалект, силен регионален идентитет и про-комунистички симпатии, поради што, тоа било тероризирано од јужнокорејските власти и нивните американски помагачи. Тоа се кревало на востанија, кои биле крваво задушувани. Таму, Ко Ун преку ден работел како учител, а ноќите ги минувал во опивање. Истотака, тој страдал и од своето здравје. Во текот на животот, тој боледувал од туберкулоза.
До 1960 год., со Ј. Кореја владеел автократот Сингман Ри и неговата Либерална партија, која не била баш либерална. Исто како што и соседната Демократска Народна Република Кореја (Северна) не е нималку демократска. Формално, Ј. Кореја била слободна земја, но во неа имало репресии, корупција и изборни махинации. Сингман Ри бил соборен со Априлското востание во 1960 год., но во кусиот период на демократија кој следел, Ј. Кореја западнала во криза и нестабилност.
Во 1961 год. се случил воениот удар на генералот Парк Чунг Хи, кој се оправдувал дека земјата била во хаос и дека морала да биде ставена во ред. Се формирала сурова десничарска хунта, која владеела до 1963 год. Тогаш биле одржани претседателски избори, на кои, пази чудо, победил самиот генерал Парк Чунг Хи. Со наместени избори и уставни измени, Парк си обезбедил неограничена власт за себе и за својата Демократска Републиканска Партија, која не била воопшто демократска.
Генералот Парк бил соработник со Јапонците во Втората светска војна, а по неа, тој бил обучуван од Американците. Откако станал претседател, тој со нив започнал плодна соработка. Во Виетнамската војна, тој дури им испратил на помош јужнокорејски единици. Во времето на Парк, изборите биле фарса, собранието служело „за украс“ и била воведена вонредна состојба. Повеќе противници на режимот биле уапсени или убиени.
Што е за право, тогаш биле постигнати големи економски успеси. Ј. Кореја станала една од „Азиските тигри“, заедно со Хонг Конг, Тајван и Сингапур. Но цената на тој успех била висока, а кајмакот го собрале само корпорациите блиски до власта (т.н. чеболи). Обичните смртници добиле шипинки. Тие ’рмбале од утро до мрак во разноразни “sweatshops” (како што е тоа и денес во Азија) со никакви услови за работа и исти такви плати. Синдикати во Ј. Кореја немало. Штрајковите се сметале за „комуњарски“ и „непатриотски“ и биле жестоко разбивани.
Ко Ун во тој период бил преокупиран со лични проблеми. Во 1970 год., тој заминал во ридиштата околу Сеул со одлука да се самоубие со отров. Во последен миг, тој бил спасен од некои војници, кои тука случајно патролирале. По 30 часа кома, тој се вратил во живот во болницата во која тие го однеле. Ова му бил последен обид за самоубиство.
Еден настан засекогаш му го променил животот. Еднаш, тој пијан заспал на подот на една кафеана и откако се разбудил, тој забележал некаков фрлен весник. Тој известувал дека борецот за работнички права Чон Те Ил се самозапалил во знак на протест. Овој историски настан се случил во ноември 1970 год. (бизарно, баш на петок 13-ти). Тогаш Ко Ун решил да се вклучи во движењето за човекови права, во кое одиграл важна улога.
Кај Севернокорејците владее идеологијата наречена чухче, а кај нивните јужни сонародници некогаш постоела јушин. Jушин значи обнова или подмладување. Или преродба во 100 чекори, ако сакате. Таа десничарска идеологија на диктаторот Парк содржела елементи на: автократија, национализам, конзервативизам, антикомунизам и корпоративизам.
Јушинот формално станал политика на Ј. Кореја со уставот од 1972 год. На наместен рефрендум, уставот бил „одобрен“ од граѓаните, што нив силно ги изреволтирало. Следувале протести, во кои се вклучиле: интелектуалците, студентите, работниците и секако Ко Ун. Диктаторот Парк нив ги етикетирал како „комуњари“, „шпиуни“ или „платеници на северниот сосед“, иако многу од нив просто барале демократија, фер избори, слободни медиуми и синдикати, што е загарантирано во секоја нормална западна земја.
Што е за право, севернокорејски агенти и симпатизери навистина делувале во земјата. Еден од нив се обидел да го убие генералот Парк, кога тој држел говор во Националниот театар во Сеул на 15 август 1974 год., но куршумот го промашил и ја погодил неговата сопруга. Откако атентаторот бил совладан, Парк продолжил со говорот како ништо да не се случило. Сопругата му починала во болница, а Парк тврдел дека тоа „многу го погодило“. Се чинело дека ништо не може да го спречи тоа ладнокрвно војничиште. Во истата година, Ко Ун за првпат завршил зад решетки.
Во 1979 год. Парк паднал како жртва на атентат. Тој не бил извршен од некакви „комуњари“ или „странски платеници“, туку од неговиот најдоверлив човек од јужнокорејската тајна служба, Ким Џае Ѓу. Дали тој го убил диктаторот од револуционерни побуди, желба за власт или лична нетрпеливост, не е јасно. Битно, на Парк му дошол крајот.
Но тоа не е се’! Ова бил само почеток на нови проблеми! По смртта на Парк, на негово место стапил премиерот Че Ѓу Ха, кој ветил демократски промени и слободни избори, на кои самиот победил без никаков противкандидат. Но набргу тој бил соборен со пучот на генералот Чун Ду Хван.
Наместо да се демократизира, Ј. Кореја сега стенкала под новата диктатура на Чун Ду Хван и т.н. Демократска Праведна Партија. Ем „демократска“, ем „праведна“. Ко Ун бил по втор пат затворен и жестоко претепан, при што го изгубил слухот. Тој донекаде му се вратил дури по неколку сложени операции.
На 17 мај 1980 год. диктаторот Чун прогласил воена состојба. Граѓаните излегле на протести. Особено масовни тие биле во градот Кванџу, поради што, стотици негови жители биле брутално масакрирани од страна на вооружените сили. Чашата била прелеана. Граѓаните започнале напади врз полициски станици и касарни, од каде заплениле оружје. Избувнало вооружено востание.
Иако тоа било задушено по само неколку дена, тоа оставило силна трага во јужнокорејската историја. Ова придонело и за зголемување на анти-американските чувства, со оглед дека САД ја поддржувале диктатурата. Исто како што го поддржувале Пиноче во Чиле, хунтите во Ел Салвадор и Грција и слични брутални десничарски режими.
Во таа година, Ко Ун бил уапсен по трет пат и бил осуден на 20 години робија, од кои одлежал само две, по што бил амнестиран. Сепак, тие две години биле и тоа како измачувачки. Откако излегол на слобода, тогаш средовечниот Ко Ун се оженил и добил ќерка, по што се повлекол во тивок семеен живот.
Во 1987 год. диктаторот Чун размислувал за свој наследник, по што го одбрал генералот Ро Дае Ву. Откако диктаторот ја објавил својата одлука, низ цела Ј. Кореја започнале огромни и дотогаш невидени протести. Граѓаните барале слободни и непосредни претседателски избори. Иако имало апсења, тепања и жртви, Чун овојпат се воздржал од примена на жестока воена сила. На тоа влијаеле претстојните Олимписки игри во Сеул. Светската јавност била свртена кон Ј. Кореја и диктаторот не сакал да го извалка своето реноме. Неможејќи да се справи со масовното незадоволство, на крај, тој попуштил и ги прифатил барањата на граѓаните.
Режимскиот претседателски кандидат Ро Дае Ву заземал реформски курс, со што ги придобил симпатиите на гласачите. За првпат во новата историја, во Ј. Кореја биле одржани слободни избори и тој станал нивен победник. На 23 ноември 1988 год., последниот диктатор Чун се извинил за своите злосторства преку тв екраните и ветил дека ќе ги врати сите милиони што ги расџапал додека бил на власт.
Мртвите, се разбира, тој не можел да ги врати. Во деведесеттите, на чело на Ј. Кореја стапиле некогашните борци против диктатурата на Чун. Многу од нив биле жестоко репресирани кога тој бил на власт. Тие започнале истрага за неговите злосторства и тој бил осуден на доживотен затвор. По само две години, тие великодушно решиле да го амнестираат. Сепак, амнестијата не значи и простување за украдените пари, па поранешниот диктатор до ден денес ги отплаќа. Нешто во кеш, нешто во скапоцени уметнички дела, кои му се наоѓаат по дома.
Доцните осумдесетти навистина донеле демократизација во Ј. Кореја. Можеби не идеална, но сепак, тоа бил голем чекор напред. Променета била не само внатрешната политика, туку и надворешната. Ј. Кореја ги нормализирала односите со НР Кина и СССР, каде тогаш се случувале демократските реформи на Горбачов – Перестројката. Се отворило и прашањето за обединување на двете Кореи, кое е болно за секој Кореец. Самиот Ко Ун има напишано песни на таа тема.
Тогаш Јужнокорејците добиле право слободно да патуваат. Првите патувања на Ко Ун во странство биле во Јапонија и САД, каде тој ја претставил својата поезија во 1987 год. Охрабрен од тоа, во 1989 год., тој се обидел да ја посети и С. Кореја. И покрај новите слободи, Јужнокорејците не смееле да патуваат во С. Кореја без одобрение од своите власти, ниту пак таа им дозволува на странците слободно да ја посетуваат. Ко Ун бил уапсен, пасошот му бил одземен и тој одлежал куса затворска казна. Тоа било неговото четврто и последно апсење.
Во 1992 год., тој повторно добил пасош. Патувањата му станале пасија. Низ годините, во пасошот му се собрале печати од: Британија, Франција, Италија, Шведска, Германија, Чешка, Полска, Мексико, Колумбија, Канада, Австралија… Во 1997 год. тој дури тргнал на опасна 40 дневна експедиција низ тибетските Хималаи со своите шеесет и кусур години и со прилично лошото здравје. Откако ги совладал Хималаите како да се Водно, во 1998 год., Ко Ун совладал и една многу поважна пречка. Тој конечно успеал да ја посети С. Кореја. Како член на една делегација тој две недели ги разгледувал тамошните културно – историски споменици и природни убавини.
Две години подоцна, тој повторно отпатувал во С. Кореја. Овојпат, тој бил во друштво на јужнокорејскиот претседател Ким Дае Џунг, наречен „Jужнокорејскиот Мандела“, заради својата некогашна борба против диктатурите. Демократската партија на Ким спаѓа во политичкиот центар или левиот центар. Ким работел на затоплување на односите меѓу двете Кореи, за што ја добил и Нобеловата награда за мир.
При ова гостување, Ко Ун имал прилика да ги чита своите стихови на своите северни браќа. Дали меѓу нив некогаш ќе се појави некој нивен Ко Ун или Ким Дае Џунг? И дали конечно ќе дојде до демократизација на С. Кореја и нејзино обединување со нејзината јужна сестра? Кај и да е, еден ден тоа ќе се случи.
По толку многу премрежја и скитања низ светот, Ко Ун ете дојде и кај нас. Притоа, тој изјави дека нашата земја и Јужна Кореја се слични во страдањата. Можеби мислел на диктаторите, репресиите, наместените избори, корупцијата, лоповлукот и сл.? Хо-хо-хо.
За претходната снимка од СВП 2014, од манифестацијата „Меридијани“, кликнете тука.