Каква иронија. На 18-ти април – Меѓународниот ден на спомениците и археолошките локалитети, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, ни ја преуредува Скопската Чаршија како да му е приватен имот. Арогантно, насилнички, без асална најава, без јавна дебата, среде пандемија на коронавирус и полициски час, и уште, со пост-фестум прес-конференција. Ние, граѓаните, во оваа приказна сме само сметала. Па ја не знам зашо сме уопште живи. А и компетентен е чоекот за археологија и историја на уметност – бивш спортски лекар на ФК Шкупи.
Сега го следам директниот пренос од концертот за поддршка на борбата против коронавирусот, со учество на Макартни, Стоунси, Лејди Гага и други ѕвезди (кои, се разбира, сега настапуваат од своите домови). Тука цел свет сплотен во едно, хуманост, солидарност, а паралелно, Ганиу копа ли копа! Никаков сенс за моментот во кој се наоѓа светот, ниту за граѓаните, ни за здравјето на тие кутри работници што му ја вршат валканата работа, а најмалку за значењето на локалитетот.
Тој и неговите апологети сега нè смируваат дека заменетите елементи, всушност, немале историска вредност, т.е. се работело за травертински плочки поставени по Скопскиот земјотрес, некаде во 1970-тите. Како прво, и 70-тите се, на некој начин, историја – треба ли да ве потсетам како сите бевме револтирани кога Грујо сакаше да си го „реновира“ Градскиот Трговски Центар? И тоа како сум свесен дека делови од Старата Чаршија, всушност, и не се така стари. Сигурно дека онаа зграда кајшто некогаш беа кафулињата „Двајскец“ и „Џаџо“ не е стара 500 години, ниту е таква стоковната куќа „Илинден“, но тоа не е причина некој Ганиу да ја руши. Тој е веројатно последниот човек на светот кој е компетентен да решава за тоа. Таа, во наводници, „калдрма“ – како што ние си ја доживувавме, а која всушност била некаков травертин, сепак си фатила патина и сраснала со просторот, генерации на неа израснале. На некој начин, таа станала автентична. Па дури и нејзината поправка да е крајно неопходна, дури и сè да се распаѓа, камо транспарентност, камо анализи, камо дискусии во стручната јавност? И зарем мораше тоа да се реши со машински сечени плочки за купатило?! И какво е тоа „унифицирање“ на дуќаните? Па тоа не е шопинг мол па сите да изгледаат како јајце на јајце! Значи, плочките се тргнати – не биле „доволно историски“, екстериерите на дуќаните се тргнати – и тие не биле „доволно историски“, епа што ви остана од Чаршијата?! Патем, нешто слично се случи на главното шеталиште во Охрид пред петнаесетина години, кога калдрмата беше заменета истотака со некакви плочки за купатило, а потоа беше продадена на некој град во Германија. Кој е виновникот за тоа и зошто никогаш не одговарал?!
Јас уште пред три години предупредував за ова со отворено писмо до тогашниот министер за култура Алаѓозовски, објавено на Okno.mk. Со цел да се спречи повторување на СК2014, од министерот барав локалитетите од извонредно историско и културно значење да се изземат од надлежноста на општините и да се стават под посебен режим, под надзор на компетентни тела, па дури и да добијат вооружено обезбедување. Ова последново можеби звучи преостро, но бев во право – пред извесно време, по кој знае кој пат беше вандализиран скопскиот Аквадукт, па на крај, на власта конечно ѝ светна да го обезбеди со полиција, токму како што јас некогаш предлагав! Да бидеме реални, Алаѓозовски сигурно не можел да им објавува војна на разните моќници и мафиози, но тој барем можеше да ги разгледа моите предлози, да ги стави на маса и да ги продискутира со компетентни луѓе, па нека се Албанци, Турци, било кои, колку да не се рече дека не се ни обидел. Во таков случај, Чаршијата секако би можел да ја раководи Албанец, зошто да не, ама да е компетентен! Но залудно, никој не ме слушаше. Никој никогаш не ме слуша, зато смо довде и догурали.
Ганиу и неговите апологети се оправдуваат и со „потребите на локалните жители“, демек, тие тука работат, имаат потреба од средени улици „за дотур на роба“ и сл. Знаете што, доколку прашате простодушен човек, без разлика дали Албанец или Македонец, кој само се бори за егзистенција и кој не е свесен за значењето на местото, тој ќе ви рече море руши све, гради станови, трговски центри. Аргументот дека „така сакал народот“ е веројатно најлошиот од досега понудените. Ајде тогаш да зациментираме каналите у Венеција! Па токму за ова го предупредував Алаѓозовски – народните маси си се турбо-фолк и ним не смее да им се дозволи да решаваат за судбината на такви локалитети! Уште еден мизерен аргумент е дека „и онака сè тече, сè се менува“, дека ова Скопје и онака „не е истото од пред опожарувањето на Пиколомини“, дека „и Грујо го правеше истото“. Аргументот дека надлежните институции дале дозвола истотака не вреди пет пари, земајќи го в предвид стравот од конфликти, политичките притисоци, непотизмот и корупцијата. Најтажно делуваат реакциите на одредени стручњаци со премногу благ и несоодветен за оваа прилика академски речник („бараме детална ревалоризација на проектот бла-бла“). Ганиу глеам се испотресе. Во албанскиот етнички корпус, за жал, не гледам некоја граѓанска свест, некој протест, некоја критика, а кога истата ќе дојде отстрана, колку и таа да е конструктивна, таа е дочекувана на нож како „албанофобија“, „исламофобија“, „говор на омраза“ и сл. Соживот, граѓанско општество, yeah sure.
Па и не е саде Ганиу, на што личеше она Shkupi 2014 на неговиот претходник Меџити, со Плоштадот Скендербег, со оние ескалатори и соц-реалистички мурали како од времето на Енвер Хоџа? Комунизам и ренесанса! И како може да се комбинира исламска уметност, која доминира во Чаршијата и која се карактеризира со аниконизам, со скулптурата на Скендербег? И личи ли борец против „клетите Турци“ каков што бил Скендербег да го ставиш усред Турска Чаршија?! И уште, тој бил носител на еден вид на крстоносна титула, Athleta Christi, врачена од римскиот папа лично! Башка, прашање е дали Скендербег бил Албанец – мајка му се викала Војислава и била ќерка на српскиот кесар Гргур Голубиќ; браќата и сестрите на Скендербег носеле имиња како што се Станиша, Костадин, Јелена, Влајка и Мамица; сестрата на неговата сопруга, Ангелина, била мажена за деспотот Стефан Бранковиќ и дури станала српска светица; нејзиниот татко, Ѓерѓ Аријанити, всушност, себеси се потпишувал како Комниниќ; а синот на Скендербег се оженил за Јерина Бранковиќ, ќерката на деспотот Лазар. Ова се трагикомедии. Па еве дури и Скендербег да бил Албанец, каква врска тој има со Чаршијата и со Скопје воопшто?! И ајде тоа, на што личи она модернистичко ругло на местото на некогашната Менада?! И камо Турци во целава приказна?! Како може во Турска Чаршија да нема ќорав Турчин?! Каде е турската амбасада да реагира?!
Секако, за овој проблем не треба да се започнуваат меѓуетнички конфликти, па можеби добро решение е за истиот да се заинтересира меѓународната јавност. Немал е бројот на странци кои ја имаат посетено Старата Чаршија и тие сигурно не би биле рамнодушни за нејзината судбина и можеби би испратиле протестни писма, со што би се извршил притисок ова уништување да престане. Деновиве стапувам во контакт со разни странски организации за зачувување на културното наследство и сите се шокирани од она што им го кажувам, како и од фотографиите кои им ги испраќам. Претставник на една таква организација од Германија беше крајно разочаран од она што му го пренесов и ми рече дека одлично знае за што говорам, затоа што лично ја има посетено Чаршијата и има работено на Балканот. Пробав да ја раширам информацијата и по туристички форуми од типот на Tripadvisor, но таму бев цензуриран, затоа што, демек, „сум политизирал“. Форумот, всушност, си има оддел кајшто луѓето промовираат разни каузи, а и не сметам дека културно-историските споменици и археолошките локалитети се offtopic за еден туристички форум, баш напротив. Јас таму не започнав дискусија за поправка на автомобили или други „леви“ теми. И не, драги мои, јас таму немав проблем со некој Американец, Западноевропеец или друг туѓинец, туку со наша Македонка. Таа смета дека со изнесување на вакви скандали се блател угледот на Македонија пред странските туристи, а иронично, оваа „патриотка“ живее во една развиена западна земја и е потполно отсечена од македонската реалност.
За крај, знаете ли дека малку фалело Чаршијата да биде целосно уништена во расчистувањата кои следеле по земјотресот во 1963 год.? Како што е познато, во Скопје тогаш пристигнала помош од сите меридијани, меѓудругото, и советска градежна механизација, која се зафатила со расчистување на урнатините. Со своите булдожери, браќата Руси тогаш тргнале да ја уриваат Чаршијата! За среќа, тука бил познатиот полски архитект Адолф Циборовски (1919-1987), кој веднаш скокнал, во стилот, немојте луѓе, тоа е култура и сл., со што успеал да ја спаси.