taksirat logo 15

Во сабота, 28-ми декември, „сви марш на плес“ на јубилејното 15-то издание на реномираниот скопски музички фестивал Таксират! На неговиот стејџ (со тврдо „Џ“ како што говори Мучо), свои музички нумери изведувале повеќе видни естрадни имиња, како од земјата, така и од странство:

Iggy Pop & The Stooges, The Stranglers, The Wailers, Buzzcocks, Amorphis, Kreator, The Young Gods, Marky Ramone, Neville Staple (The Specials), Juliette Lewis, Kaiser Chiefs, Fat Joe, Atari Teenage Riot, Guano Apes, Manu Chao, Gentleman, Asian Dub Foundation, Transglobal Underground, Goldie, Alex Paterson, Timo Maas и Phil Hartnoll (Orbital).

Потоа нашите: Суперхикс, Санаториум, Архангел, Да Џака Накот, Чиста околина, Ласт експедишн, Бла бла бла, Дени те чува, Смат, Верка, Културно Уметнички Работници, Кирил Џајковски, Мирко Попов и Роботек, како и нашите бивши: Дисциплина кичме, Забрањено пушење, Влада Дивљан, Дарко Рундек, Лајбах, Рамбо Амадеус, Пекиншка патка, КУД Идијоти, Хладно пиво, Вијештице, Лет 3, Оружјем против отмичара, Дубиоза колектив итн.

Во „нашите“ требаше да ги вбројам и Бугарите Wickeda, сепак ние всичките сме си българи, т.е. един народ в две държави. И Миле Петроза од Kreator, истотака. Се глеа, Миле – наш чоек. Ој Милане, јабуко са гране (се зезам, овој германски метал музичар има италијанско потекло).

Најпрвин, прочитајте ги овие најнови важни известувања околу овогодинешното издание на фестивалот, на кое ќе се сервира следново мени: легендарниот шкотски punk бенд The Exploited, шпанските ска-панкери The Locos, американскиот технаџија Carl Craig и house-мајсторот, Денис Ферер, босанската група Дубиоза колектив, хрватската Мајке и српската Београдски синдикат, како и скопските Лоши деца, Бернејз пропаганда, ЛД Пистолеро и Гоце САФ. Па ово нема ни у Београду!

Кога сме кај Белград, на концертот на The Exploited, кој се одржа таму на 8 ноември 2005 година, некои екстремисти фрлија силен воен солзавец во публиката, по што настана општ хаос и паника. Фрката е редовен придружник на овој бенд, кој егзистира скоро три и пол децении. Тепачките, демолирањата на клубови и хотелски соби, апсењата, жестокиот звук, имиџ и протестните текстови се трејдмарк на The Exploited.

Тука би ги цитирале анти – воените стихови: “Let’s start a war said Maggie one day” – со која тие ја плукаа британската конзервативната премиерка, Маргарет Тачер, заради нејзината интервенција на Фокландите во 1982 год., потоа историската “40 Odd Years Ago”, во која велат: “Mussolini was a fascist pig, Hitler was no better, Tojo was an imperialistic nip, but Stalin managed to go one better”. Песната “Power Struggle” предупредувала на опасноста од нуклеарна војна помеѓу САД и СССР, “Fuck the USA” е критика на американската политика, “Eyes Of The Vulture” говори за израелската окупација на Либан, а “Massacre Of Innocents” за нашиот балкански регион.

The Exploited гостувале на Балканот уште во осумдесеттите години на минатиот век. Тие имаат настапувано во тогашната неврзана СФР Југославија. Во една прилика, нивниот вокалист, Валтер Бахан звани Вати, бил приведен од страна на југословенските „милицајци“ заради носење на полициски „лисици“. Во бендот, да спомнеме, свири и неговиот брат, Вилијам Бахан – Вули. Познат член на The Exploited беше и „елегантно пополнетиот“ Биг Џон Данкан. Тој во даден период бил „роуди“ за групата Nirvana на Курт Кобејн, па по потреба дури и свирел на некои нивни настапи. Се вели дека, наводно, тој работел и како вратар во геј барови (некои тврдат дека и самиот бил геј, што не можам да потврдам).

Околу The Exploited се плетат и низа контроверзи и нејаснотии, некои ги поврзуваат со една или друга екстремна политичка опција, се шират разни урбани легенди и сл. Вината за тие контроверзи, веројатно, најмногу ја сноси Вати, заради своите политички некоректни скандали и провокации (“Chaos is my life” – пее тој во една негова песна). Тој е бивш војник, кој решил да ја напушти армијата и да се посвети на музиката, па оттаму произлегуваат и многуте анти-воени песни во репертоарот на The Exploited (“Army life is killing me”). Нив можете да ги сакате или да ги мразите, да скокате на нивната музика или да ги отфрлате како антиталенти, но ќе мора да признаете дека се работи за култен бенд. Насловот на нивниот прв албум “Punk’s Not Dead” стана светски позната парола.

Изморен од жестоката експлоатација, Вати се одмара со малце шампањско во својата лимузина. Шегата настрана, The Exploited се момци од улицата, а не ѕвезди. По речиси 35 години свирење, белким заслужиле и малку комфорт.

wullie buchan

Вилијам или нагалено, Вули, братот на Вати Бахан од The Exploited.

Со The Exploited израснаа генерации. Од нивната трака “Barmy Army” произлегува и мојот надимак, кој го добив во пубертетските денови кога фурав punk. Тогаш свирев и во бендови, врз кои тие извршија силно влијание. Омилен албум од The Exploited ми беше “Troops Of Tommorow”. Јес да сум ги поминал тие фази одамна и сега сум смирен и „уозбиљен“ чоек, ал нема шанси да го пропуштам нивниов настап на Таксират! Посебно ме радува што бината со нив ќе ја дели нашата панк група Лоши деца, предводена од Ивица Маневски – Жица, како и Bernay’s Propaganda на Васко Атанасовски – Бумбикс.

Обајцата гореспоменати се легенди на скопската панк сцена, па навистина е праведно што токму тие се избрани да настапат како еден вид локална поддршка на The Exploited. А не к’о пред некоја година кога support act на Стоунси во Будва беа Елена Ристеска и сараевската поп група од Евровизија, Регина (нешто као Хари Мата Хари работава). Или кога Нокаут беа предгрупа на Duran Duran. Немам ништо лично против луѓето, нека се здрави и живи, ама кога нешто тематски не оди едно со друго, не оди бре брате. Во таа смисла, пофалба за мудрото раководство на Таксират! Партијата е секогаш во право!

Затоа, на 28-ми декември, сите на Таксират! Нема оправдание за отсуство! Знам, знам, ќе има и такви, кои ќе мрчат дека е премногу ладно да се искача, дека пивото на фестивалот било топло, а картата скапа. Ма немој да ме јебеш! Кој ти дава да изгледаш повеќе култни странски и домашни изведувачи од најразлични стилови за само 450 денари, колку што чини влезницата во претпродажба? Во повеќе земји, за тие пари ни чаша вода нема да ти даат, не па на бина да ти мешаат Иги Поп, Стренглерс или Вати Бахан лично. Што се однесува до студот, фатете такси до саем и ќе бидете раат. Оттаму всушност и произлегува името на овој фестивал, „Таксират“ (кованица од „такси“ и „раат“, затоа што тој фестивал секогаш се одржува во студените месеци на годината).

Препорачувам да бидете точни, настанот се случува во Метрополис арената на Скопскиот саем со почеток од 19 часот. Вашите омилени изведувачи не можат да чекаат на вас. Така јас се зезнав во Софија, кога сакав да ја гледам една од последните живи легенди од историјата на рокенролот, Џери Ли Луис. Great Balls Of Fire! Концертот беше најавен за 20 часот, а јас си се спремав со винце, пивце и музика во хотелската соба, мислејќи дека ќе има некои предгрупи, па решив да одам таму малку подоцна. Кога стигнав пред софиската концертна дворана НДК во 21 часот, публиката веќе излегуваше надвор. Престарениот рокенролер (1935-то годиште) не можел да свири повеќе од еден час. Затоа, мислете му ја.

Е сега, да бидам искрен, сум имал по некои неоправдани отсуства од изминатите изданија на Таксират, но генерално, фестивалот редовно го посетувам. Би ги издвоил следните сеќавања: Заедничката изведба на неколку песни од страна на Архангел и Санаториум во бурната 2001 година. Потоа моментот кога во 2004 година, турската ска-панк група, Athena, и’ предложи на публиката своевидна кореографија. На нивен знак, публиката требаше да клекне долу, за на евровизискиот рефрен “Up! I wanna bring you up!”, сите да скокнат нагоре. Тогаш некој на шега прокоментира „Пак ли ќе клечиме на колена пред Турците?!“ ;)

Интересно беше и дружењето кое го имав со екс-ју панк легендите Пекиншка патка, кои дојдоа на Таксират во 2010 год. Тогаш тие имаа гостување во Канал 103, каде јас, Марсо и Тошо Филиповски им правевме интервју, околу кое би ви раскажал подетално со снимки и фотографии во некоја следна прилика. Пекиншка патка ги гледав и на Exit 2008, кога беа предгрупа на легендите The Sex Pistols. Од првиот бран на панкот, би ги издвоил и The Stranglers (во превод „Давежи“), кои настапија на Таксират во 2002, Buzzcocks („Зујачи патлаци“) во 2007 и тапанарот Марки од Ramones во 2008 год.

Во 2003 година пак, на фестивалот отидов во друштво на скопската урбана легенда, Кристијан Поповски – Крис. Откако концертот заврши, голем дел од публиката чекаше ред за автограм од Фил Хартнол од Orbital. Овој, за многумина култен диџеј, на мене и на Крис ни е важен колку ланскиот снег. Не дека ја отфрлам електрониката, но ние таму бевме пред се’ за гитарашките бендови. Сепак, од немање занимација, решивме да се придружиме на редот за автограми. Немавме некое пусулче за потпишување, па ископавме по џебови пар десетденарки. Крисот к’о што е луд, навлече на фаца маска к’о терориста (некое вунено капче со исечени дупки за очите) и така штрчевме к’о лудаци и чекавме.

Откако дојдовме на ред, Фил Хартнол ќе го удреше шлог! Гледа тука некој човек со маска, држи во рака некакви пари и му ги пружа (?!). Почнавме на заебанција да му збориме на некаков издисторзиран англиски, што го збуни типов, па тој не’ праша да не сме случајно од Нов Зеланд (?!). Откако на крај сфати дека се заебаваме, зема полека да ја соблекува маицата, имитирајќи стриптиз, демек „ние му плаќаме да меша за нас“. Кај ти ќе доживееш на друго место некоја светска ѕвезда да ти меша за 10 денари, освен на Таксират?! :) Банкнотата со неговиот автограм се’ уште ја чувам во некоја од фиоките.

Да не заборавам да потсетам и на антологискиот настап на „вечниот талент“ Глоријан уз пратња на групата Летечки пекинезери во 2005 година. И за крај, најголемата ѕвезда која настапила на Таксират, а тоа е сигурно Iggy Pop. Со неговото гостување во Скопје, кое се случи во 2006 год. е врзан еден смешен „инцидент“ за кого пишував на моите стари блогови. Имено, Иги Поп тогаш беше во посета на премиерот Груевски, кој, наводно, бил негов голем фан. Нормално, оваа средба беше овековечена од медиумите (види фотографии подолу). Подоцна, сајтот на Канал 5 ТВ ја употреби истата таа фотографија за да илустрира средба помеѓу Груевски и Мендух Тачи! Некој неспретен фотошопер го намонтирал лицето на Мендух Тачи на телото на Иги Поп :) За да се’ биде уште посмешно, на масата, која можете да ја видите во фотографијата, се гледа ликот на Иги Поп :)

©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk



За настапот на The Exploited на Таксират, прочитајте со клик тука.