Знаме со лого на асоцијацијата за борбен хопак

Во некои од моите патеписи ја спомнав украинската боречка вештина „борбен хопак“, базирана на козачките борбени традиции и фолклорни танци (напр. во текстот за Запорожје – лулката на украинското козаштво, како и во оној посветен на Украинскиот фолклор), па редно е да се каже нешто повеќе за неа.

За украинската капуера

Самото име на оваа вештина укажува дека се работи за боречка адаптација на популарниот украински народен танец гопак, кој се изговара како „хопак“ заради „х’кањето“, специфичниот украински изХовор на буквата „г“. Овој темпераментен танец, меѓудругото, содржи и акробатски скокови, кои употребени во борба би можеле да ви заличат на некакво си кунг-фу. Да речеме, танчерот скока при што во воздухот прави шпага како да шутира имагинарни противници, кои го напаѓаат од двете страни.

Ваков микс на танц и борба имаат и други народи. Верувам на сите ви е позната бразилската боречка вештина капуера (видео тука). Во неа се употребуваат удари со екстремитетите на телото, главно нозете. Познат филм, во кој таа беше прикажана беше американскиот Only the Strong од 1993 година, во кој бивш специјалец тренира група ученици за да ги оттргне од улицата, криминалот и дрогата.

Други народи пак, имаат борбени танци со оружја како напр. сабји, копја и сл. Борбениот хопак го вклучува и едното и другото: борба со голи раце и нозе, но и ракување со одредени видови на студено оружје и сето тоа проследено со музика.

Борбениот хопак употребува оружја од украинската козачка традиција како: сабја, копје, булава (као боздоган), секира, но и реквизити од селскиот живот: камшик, коса и украинската верзија на окинавското нунчаку – цип. Tоа е „чукало“, вршалка, млат, за одвојување на зрното од сламата, земјоделска алатка која во разни форми се среќава кај многу народи. Се состои од два стапови врзани со јаже, ремен или синџир. Оттаму и потекнува изразот „млатење празна слама“, а со него може да се премлати и противник (фото тука).

„Татко“ на борбениот хопак е украинскиот мајстор за боречки вештини Володимир Степанович Пилат (роден во Лавов, 1955 година). Претходно тој се има усовршувано во карате, борење и други вештини. Црн појас прв дан добива во 1977 година, кога воедно станува и тренер.

Изведувачите на борбениот хопак се облечени во традиционална облека на украинските козаци: везени кошули (сорочки вишиванки), шаровари (шалвари) и јавачки чизми (чоботи), а козачки се и фризурите: хохол, оселедец и чуприна (главата се бричи при што се остава перчин). Меѓу нив има не само момчиња, туку и девојки. Познат тренер е Катерина Тарновска.

Документарен филм за борбениот хопак

Иако борбениот хопак се темели врз древни традиции, тој е дефиниран како боречка вештина не така одамна, во 80-тите години на минатиот век. Првите експериментални тренинзи започнале во 1985 година, за во 1987 вештината веќе да биде систематизирана. Зошто токму тогаш?

Можеби причината лежи во тоа што далекуисточните боречки вештини (карате, кунг фу и сл.) биле во дадени периоди репресирани од страна на советскиот режим, па се одело на создавање на домашни вештини или пак, причината е во либерализацијата која ја донела Перестројката на Горбачов во доцните 80-ти години. Тоа овозможило послободен развој на боречките спортови, а истовремено, дошло и до будење на идејата за украинска самобитност и ривајвл на козачките традиции.

Општо за боречките спортови во СССР

Бојовиот хопак бил создаден кога Украина била дел од бившиот Советски Сојуз, кој имал силно развиени спортови, вклучително и боречки, но односот на власта кон нив бил променлив и варирал од поддршка преку сомничавост до отворени забрани.

Во периодот меѓу двете светски војни, џудото во СССР го развивал Русинот Василиј Ошепков, родум од пацифичкиот полуостров Сахалин, кој во даден период бил под јапонска власт. Овој познат јапонист и разузнавач, бил ученик на славниот мајстор Џигоро Кано и е еден од ретките не-Јапонци кои постигнале црн појас втор дан во познатиот институт Кодокан. Ошепков пострадал во сталинистичките чистки во 1937 година.

По ова, за боречките вештини не се говорело многу, додека нивното изучување била привилегија на елитните припадници на безбедносните сили. За нивните потреби била создадена советската боречка вештина самбо (самооборона без оружия) од страна на ученикот на гореспоменатиот Ошепков, Анатолиј Харалампиев.

По десталинизацијата на Хрушчов, во 60-те доаѓа до извесна либерализација и отвореност кон светот. Популарноста на каратето во СССР започнала во 1964 година по демонстрацијата на овој спорт на Олимпијадата во Токио. Тогаш, овој феномен се раширил на глобално ниво, па дури ни СССР не останал имун на него. Во развојот на каратето во СССР помогнало и пристигнувањето на јапонскиот мајстор Тецуо Сато како трговски претставник, како и илјадниците странски студенти на московскиот универзитет Патрис Лумумба, меѓу кои, покрај Африканци, Латиноамериканци и Арапи, имало и Источни Азијци.

СССР бил и азиска држава, која се граничи со Јапонија (поморски), Кина и Кореја, од каде потекнуваат познатите вештини како: карате, кунг-фу, теквондо и др., па и тоа допринело за нивна популаризација. Башка, во границите на СССР живееле и народи од жолтата раса, па некои од нив можеби и самите негувале слични вештини.

Во советските кино сали пристигнале и по некои филмови со боречка тематика, кои некако добиле дозвола за прикажување од страна на режимските цензори. Голем хит бил јапонскиот Санширо Сугата на славниот Акиро Куросава, преведен како „Гениј на џудото“, прикажан на Московскиот филмски фестивал во 1965 година.

Така започнува развојот на каратето, кунг-футо и другите боречки спортови на екс-советските простори. Еден од првите тренери бил Алексеј Штурмин. При враќање од тренинг со такси, тој разговарал околу каратето со возачот, кој се заинтересирал да се занимава со оваа вештина и му станал ученик. Бившиот таксист дотурка до карате мајстор и ѕвезда на советските боречки филмови, а неговото име е Тадеуш Касјанов.

Можеби не сте знаеле, но по огромната популаризација на боречките спортови во 70-те, снимени се и советски играни филмови со таква тематика, кои не заостануваат многу зад источно азиската продукција: Пирати на 20-от век (1979), Не плаши се, јас сум со тебе (1981) и др. На крајот на 70-те, околу 6 милиони советски граѓани се занимавале со карате.

Клик на насловите за преглед

Развојот на боречките спортови бил те поддржуван, те сопнуван од страна на државата. Така например, во дадени периоди каратето било забранувано, па повторно дозволувано и пак назад. Недоволно упатените властодршци под изразот „карате“ ги збутале скоро сите далекуисточни боречки вештини, како самото јапонско карате, така и кинеското кунг-фу и многу други. Па и кај нас некои луѓе мешаат поими, напр. Брус Ли и Џеки Чен не се јапонски каратисти, туку Кинези – кунгфуисти.

„Каратето“ било осудувано од страна на советските власти како „туѓо“ и некомпатибилно со домашниот систем на физичка култура. Режимот го плашела можноста граѓаните да владејат со боречка вештина, со која би можеле да му се спротивстават. Загрижувала и употребата на каратето од страна на деликвенти и криминалци. Печатот започнал да објавува бомбастични текстови за случаи на хулиганство, при кои биле употребувани овие вештини.

Но далекуисточните боречки вештини не се само „тепање“, туку, многу пострашно за режимот, тие вклучувале и филозофско – религиозни елементи (од будизмот), кои биле сметани за неподобни во атеистичкиот социјалистички систем.

Периодов се поклопува и со развојот на хипи движењето во земјата. Во вежбањето источни вештини како: карате, кунг фу и јога, како и во нивната филозофија, советската младина наоѓала ескапизам од репресивната идеологија, со која била опкружена. Затоа, каратето било осудувано како секташка работа или пак, како помодарство раширено од кичастите филмови „со тепање“.

Проблем било и тоа што каратето доаѓало од Јапонија, со која Царска Русија, а потоа и Советскиот Сојуз, имале повеќе конфликти: Руско-Јапонската војна (1904-1905), спорови околу Курилските острови, Манџурската офанзива на СССР против Јапонија во 1945 итн. Јапонија била неподобна и како про-западна и капиталистичка земја.

Кинеското кунг-фу пак, било непожелно заради конфликтите на СССР со соседна Кина. Иако обете земји биле социјалистички, тие се разотишле во ставовите, што довело дури и до кус вооружен конфликт во 1969 година, по што, Кина се зближила со САД. Русија и Кина имале и територијални конфликти уште во царските времиња.

Згора на се’, се појавиле и тренери, меѓу кои и не баш стручни, кои го искористиле ова помодарство и си започнале „бизниси“ со илегални приватни школи. Притоа заработувале добри пари, иако буржујскиот приватен сектор во СССР бил забранет. Чашата била прелеана, па во раните 80-ти години, „каратето“ во СССР било забрането.

Настапиле тешки денови за боречките спортови во СССР. Повеќе тренери завршиле на тешка робија, како напр. Валериј Гусев, кој покрај тоа што негувал кунг-фу, бил женет и за Кинескиња, што во очите на режимот го правело сомнителен. Поради невработеноста, некои тренери прифатиле да тренираат припадници на милицијата, армијата и тајната служба КГБ, кои смееле да владејат со овие опасни вештини, се разбира, идеолошки „прочистени“ од секаква источна филозофија и религија. Други тренери дрско продолжиле со давање илегални тренинзи.

Ефектот на „забрането овошје“ довел до тоа многу млади луѓе да се заинтересираат за овие вештини. За нив се заинтересирале дури и некои антиспортисти, како напр. многу боемски дисиденти, поети и сл. Нив ги заинтересирал теоретско-филозофскиот дел на источните вештини. За жал, тие се популаризирале и меѓу деликвентските групи.

За разлика од СССР, нашата бивша неврзана СР Македонија / СФР Југославија беше далеку послободна за развој на боречките спортови и за онаа хонгконшка популарна култура. Верувам, нема човек кој го фатил тој период, а да не го интересирале Брус Ли, Џеки Чен и обавезно – нинџите, кои рамо до рамо со „Отпишаните“ Тихи и Прле беа дел екс-југословенската поп култура (филмови, стрипови и др.). Поседувам и сериозна литература на таа тема, издадена во екс-ју периодот: Аикидо на Љубомир Врачаревиќ, Кунг Фу на Бранимир Шегвиќ и Станко Стоиљковиќ и други книги.

Истовремено, љубителите на боречките спортови во СССР многу тешко стигале до книги и видео касети, па тие морале да се шверцуваат. Поседувањето такви материјали можело да доведе и до проблеми: бркање од училиште, дисциплински мерки на работното место и сл.

Следувала и загадочната смрт на советската ѕвезда од боречките филмови, Талгат Нигматулин, во 1985 година. Актерот бил родум од Киргизстан, од полу узбечко и полу татарско етничко потекло и бил првак на Узбекистан во карате. Бил претепан до смрт како казна за напуштање на една секта во која тој забегал. Овој инцидент одлично му се погодил на режимот, кој заради ова го осудил каратето како некаква езотерична и секташка работа.

Исклучено од овие забрани било единствено џудото. Како прво, тоа било вклучено како олимписки спорт во Токио 1964 година, што допринело да биде подобно и во СССР. Башка, тоа било повеќе одбранбена, а не напаѓачка вештина во која нема силни удари, туку исфрлање од рамнотежа. Како што знаеме, џудо во седумдесеттите години започнал да тренира и сегашниот руски лидер Владимир Путин.

Во рамки на советските вооружени сили се развила и боречката вештина наречена система, која се држела во тајност до крајот на Студената војна.

Боречка вештина или шарлатанство

Политиката на „перестојка“ и „гласност“ во втората половина на 80-те донела поголема слобода, како на планот на политиката, така и на спортот, што овозможило послободен развој на боречките вештини. Истовремено се буди и украинското движење за независност, во чии активности учество ќе земе и Володимир Пилат. Како што тој вели, далекуисточните боречки вештини треба да се почитуваат, но истовремено треба да се негуваат и сопствените традиции, па затоа тој го развил борбениот хопак.

За многу Украинци борбениот хопак е национална гордост, базирана на нивниот фолклор и на нивната вековна борба за слобода и самобитност, но други го сметаат овој спорт за некакво новокомпонирано шарлатанство, измислено од националистички побуди или заради заработка, кое има мала врска со традицијата. Некои му замераат на Володимир Пилат и за претераната себе-промоција.

Но да не ја шириме темата, туку да привршиме со музика. Таа, како и танцот се неодвоив дел од борбениот хопак, па еве еден спот од украинската рок група Тартак, во кој се изведува оваа боречка вештина.