Естрадната ѕвезда и официјален Амбасадор на културата продолжува со „зајмење“ руски песни, но сега страшно е тоа што се работи за предизборна химна на нашата најсилна политичка партија. Предизборна промоција снова!
За оваа вест веќе јавија неколку медиуми такашто и не ви откривам топла вода (клик тука за подетално). Сепак, би сакал да потсетам дека ВББ пишуваше по интернетов за оваа незгодна „навика“ на овој наш познат пејач уште пред пола деценија!
Читателите на овој сајт знаат дека ги иам шетано екс-советските пространства како Русија и Украина уздуж и попреко, такашто релативно добро сум запознаен со тамошната музичка сцена. Тоа ми овозможи уште одамна да идентификувам повеќе руски песни, „позајмени“ од страна на нашиот познат пејач.
Такви се напр. “Электричка” на Алёна Апина, “Позови меня со собой” на Алла Пугачёва и други. Во неговиот репертоар се застапени и песни „позајмени“ од Род Стјуарт, италијанскиот фестивал Сан Ремо и други извори. Најнова „жртва“ е песната „Москва“ на руската естрадна ѕвезда Олег Газманов, преработена под наслов „Напред“. Сите тие песни можете да ги чуете подолу.
Неколку збора за оригиналниот изведувач, како и за самата песна. Олег Газманов (р.1951) е повеќекратно наградуван поп-рок пејач и композитор во Русија. Тој е носител на официјалните титули Заслужен уметник и Народен уметник на Руската Федерација и ужива голема популарност и на пошироките екс-советски простори (Украина, Белорусија итн.). Според некои извори тој има мешано етничко потекло, татко му наводно бил Татар, а мајка му Еврејка, а можеби има во себе и нешто руско, па и белоруско. Својата музичка кариера ја започнал во раните 80-ти години на минатиот век, а песната „Москва“ ја објавува во 1996 год., за која оскаровецот Никита Михалков сними и спот. Песната толку се прославила што станала неофицијална химна на руската престолнина и таа се пушта на московските железнички станици (ги има неколку). Секој град во Русија си има своја trademark песна (не мора да е официјална химна) која прозвучува на разгласите кога тргнуваат или пристигаат возовите. Тоа е, например, како кај нас да се пуштаат „Битола мој роден крај“ или „Ова е само наше Скопје“ (мелосов на вторава, патем, ми е доста сомнителен и стравувам дека е… well, „позајмена“, но не би сакал да шпекулирам).
Музиката на Газманов знае да звучи кичасто (како и сиот руски поп впрочем, од типот на Филип Киркоров и компанија), но сепак тој има и некои поозбилни теми. Песна која особено се истакнува во неговиот репертоар е славната војничка балада „Господа Офицеры“ (таа не е лоша, само, што ми требаше да ја спомнам и неа да не ја „позајмат“?!). Изведбата на таа песна публиката во Русија обично ја проследува стоејќи со почит (десетици милиони жртви дадени во разните војни: Втората Светска, Авганистан, Чеченија и други, сепак не се играчка). Газманов е од татко-офицер и од мајка воена болничарка, па можеби затоа воено-патриотската тематика и советската носталгија се чести во неговите песни.
Тој, како и многу негови колеги, е помалку или повеќе близок со власта (још да запева „друже Путин ми ти се кунемо“) и некои би го нарекле и режимски уметник, но сепак, некои негови песни содржат и општествена критика како например “Новая заря” од 2005 год., чиј сатиричен анимиран спот беше забранет на некои руски ТВ станици. Тој феномен на „дворски уметници“ во Русија веќе го елаборирав во текстот: Вујче Михалков и Фамилијата (во него, патем, проговорев и за тоа како некои корумпирани лидери на мали држави во недостаток на сопствени воени, политички, економски или творечки триумфи, имаат потреба да се китат со туѓи перја).
Човек не мора да е музички образован за да го почувствува изразито РУСКИОТ мелос на песната „Напред“ кој се гледа, односно слуша и од Спејс Шатл. Една од карактеристиките на многу руски поп песни (не на сите, но на многу) се оние „молски“, меланхолични хармонии (не сум музиколог, па може треснав глупост, но ме контате). Како што за Грците и Турците е практично невозможно да искомпонираат стандардна западњачка поп песна (ги издаваат вечно присутните фолк елементи), така е и во руската популарна музика. Дури кога би биле отпеани на англиски или на свахили, песниве просто се гледа дека се руски.
Друго што ја издава „Напред“ се оние војничко-маршевски и хорски елементи, кои не се застапени толку многу во нашата традиција (да не речам ич). Тоа е стара руска школа уште од царските и советските времиња и глув би ја препознал. Прост пример, “День Победы” на Лев Лещенко (популарна композиција посветена на Денот на Победата 9 мај 1945 год.). Следува аудио/видео илустрација со некои песни кои беа досега спомнати.
Наравоучение од бајкава: во животот, очигледно, успеваат само безобзирните (со чесни исклучоци). Истовремено, вистинските таленти или пропаѓаат несфатени или потценети или пак, многумина од нив среќата си ја бараат на други места низ светот. Но свои аргументи има и другата страна. Во одбрана на нашата позната естрадна ѕвезда, некои луѓе укажуваат на тоа дека „зајмење“ музика и онака има насекаде. Како пример ги наведуваат дрските плагијати на наши новосоздадени народни песни од страна на разни бугарски народњаци (за шокантен пример кликни тука). Со тоа се соочив уште при мојата прва посета на Бугарија. Во софиската стоковна куќа ЦУМ, од разгласот ме дочека песна мазната од Фолкфест Валандово.
Но како прво, дали е тоа оправдание и наши музичари да го прават истото? И како второ, и многу поважно, кога такво нешто прави официјално назначен Амбасадор на културата на една држава и кога се работи за официјална химна на една политичка партија, работите добиваат сосема друг тон – кажано со музички речник.
За слична тема, прочитајте ја статијата: Бугарски Евросонг скандал.