avariya doch menta ft

Жесток руски филм со “underground” тематика од бурното време на Перестројката во СССР. Панкери, металци, хипици, бајкери и шминкери збеснуваат како кучиња пуштени од ланец, по реформите за демократизација на Горбачов во доцните 80-ти години на XX век. Неговите политики наречени Гласност и Перестројка носат нови слободи, дотогаш незамисливи во тоталитарниот Советски Сојуз. Но со транзицијата доаѓаат и низа општествени болести: дрогата, малолетничката деликвенција и проституција, социјалниот јаз и крахот на економијата и моралните вредности. Деструкција и автодеструкција!

Настанува недоразбирање и конфликт помеѓу младите и нивните „маторци“, кои во советски дух биле воспитувани да бидат послушни пионери, ударници и војници. Младите почнуваат да им поставуваат незгодни прашања за репресијата, демагогијата и корупцијата, како и за други табу теми, кои советскиот режим ги „метел под тепих“.

avariya doch menta scene

Паралелно со политичката транзиција, се случува и економската. Дисфункционалното советско стопанство крахира. Сиромаштијата и несташицата се влошуваат. Граѓаните чекаат во бескрајни „опашки“ пред полупразните продавници за да купат најелементарни продукти со тогаш воведените купони за следување. Од ова понижување не се поштедени ни одликуваните ветерани, ни хероите на социјалистичкиот труд, ниту другите заслужни граѓани, кои ги вложиле своите животи во изградбата на таа, сега непостоечка држава, СССР. Кризата ја користат разни снаодливи ганстери, кои шверцуваат дефицитарни стоки (особено западни, кои во советското време биле недостапни) и со тоа стануваат новокомпонирани богаташи.

Родителите и учителите се збунети од новата ситуација и не знаат што да прават со децата, кои наместо училиштето, ги воспитува улицата. Особено очаен е Алексеј Николајев, прост милиционер – сообраќаец, или на руски „гаишник“ (од ГАИ – Госавтоинспекция). Неговата ќерка, Валерија, живее незауздан и опасен уличен живот под надимакот „Хаварија“ (нејзината улога ја толкува тогаш 16 годишната Оксана Арбузова). Оттаму е и насловот на овој филм, снимен во 1989 година: “Авария – дочь мента”. Криминалниот израз „мент“ во рускиот јазик означува нешто како „цајкан“ или „џандар“.

Валерија се дружи со припадниците на разните субкултури: панкери, металци и др., кои во рускиот јазик се вбројуваат под општиот термин: неформалы. Противници на таквата „неформална младина“ биле т.н. мажоры (шминкери, шемаџии, привилегирани деца на партиски моќници и новопечени богаташи), потоа т.н. люберы (тепачишта у тренерки као кај нас од Драчево, кои претепувале панкери и насилно шишале хипици) и секако, милицијата.

Александар Залдостанов од „Ноќни волци“ во филмот.

Меѓу Хаварија и нејзиниот татко – милицаец избива „војна“, во текот на која, секој од нив ќе помине низ своја лична транзиција. Што ќе се случи на крај, останува да видите во овој филм на режисерот од грузинско потекло, Михаил Туманишвили. Иако во времето на снимањето тој веќе бил средовечен човек, тој сосема успешно го сработил овој филм со младинска тематика. Сценариото пак, е на Јуриј Коротков, кој е познат по филмот за советската воена интервенција во Авганистан од 2005 год., чиј наслов беше „9 рота“.

Ликот на Хаварија е базиран на реална личност, извесната Ирина, култна „фаца“ на московскиот андерграунд. Во 1987 год., при настапот на панк групата Чудо-юдо во клубот „Московска рок лабораторија“, Ирина се соблекла гола на сред бина, што предизвикало огромен и дотогаш невиден скандал, како и медиумска хајка. Групата, инаку, се појавува и во самиот филм, но музиката во него има споредно значење. Во него епизодна улога има и Александар Залдостанов попознат под псеводнимот Хирург, основачот на сега познатиот моторџиски клуб „Ноќни волци“. Тој, патем, се има појавено и во друг филм со улична тематика, „Луна парк“ од 1992 год. Тој некогаш бил еден вид бунтовник, но сега е близок со властите на Русија.

„Хаварија – ќерката на цајканот“ претставува сурова социјална и криминалистичка драма и веднаш да ви укажам дека тој не е „забавен“ и „откачен“ амерички филм и не е за сечии нерви. Откако ќе го изгледате, западните филмови како напр. “Trainspotting”, “Sid & Nancy”, “Romper Stomper” или “Requiem for a Dream”, ќе ви делуваат „млако“ и „бледо“.

Заради неврзаната политика на бившата СФР Југославија, нашиве простори не беа под културното влијание на СССР, туку повеќе под западното, поради што, нашата публика е слабо запознаена со советските филмови со ваква, урбана тематика. Тоа е причина повеќе да го гледате овој филм. Јас лично доста сум патувал по просторите на Русија и Украина, за што ви пишувам патеписи на овој сајт, така што сум троа подобро запознаен со тамошната кинематографија.

Актерската игра во филмов е добра, ликовите не се црно-бели, туку во секого има понешто добро и понешто лошо, но има и некои „киксерски“ сцени, кои денес делуваат смешно и анахроно. Тоа е нормално, земајќи го в предвид местото и времето во кои е снимен овој филм.

Филмот можете во целост да го изгледате на официјалниот Youtube канал на компанијата “Мосфильм”. Секоја им чест, таму се качени уште многу ремек дела на руската кинематографија. Превод немам, но не сте дотолку антички за да не разберете еден словенски јазик. И онака веќе ви дадов еден вовед околу неговата содржина.

ЗА ГЛЕДАЊЕ НА ФИЛМОТ КЛИКНЕТЕ ТУКА

avariya doch menta mosfilm

 


Доколку ве интересираат слични филмови, погледнете го и бугарскиот: Всичко е любовь.