Да се осврнам на песната „Империја“ на Есма и Лозано, која ќе не’ претставува на Евровизија, а подолу следува и ретроспектива на евровизиски ремек дела. Како што наложува редот, да почнеме со „химната“. Но за да не се повтараме како сите други портали – папагали, чест ми е да ви претставам еден екслузивен и досега необјавен ремикс на „Империја“.
Оригиналната верзија нема да ја видите на овој сајт. Тука тоа нема да пројде. Ако ептен сте запнале, тогаш еве кликнете тука, но претходно спремете си легенче (на времето коа свирев у андерграунд бендои, имав соученик кој истотака свиреше, па еднаш праеше списак со еден другар шо све треба да понесат пред наступ у МКЦ и му диктира: „Апарат пиша? Пишав. Трзалици пиша? Пишав. Жици резерва пиша? Пишав. Палици пиша? Пишав, а да зеам и легенче? Зашо ти е легенче? Па да повраќам од вашата музика – го зеза другаров).
Знаејќи дека Евровизија е главно kitschy фестивал, очекуев свашта, али вакво нешто к’о „Империја“ ни во лудило. Коа би се изразил со тинејџерски панкерско – металски речник, песнава стилски припаѓа у некој морбиден black / death / gothic turbofolk или укратко, ba-rock. Спотот пак, со својата помпа и крајње кичаст антички национал-њу-романтизам, страшно потсетува на Туркменистан кога беше под апсурдниот тоталитарен режим на Сапармурат Нијазов звани Туркменбаши и неговата архитектура во Ашгабат. Или на оние „барокни“ лабуди на онаа куќа на патот Скопје – Охрид негде кај Кичево, родниот град на Лозано.
Едвај издржав да го изглеам еднаш. Не можев, поједе ме туџа срамота. Море зошто „туџа“, песнава официјално ќе не’ претставува сите нас како држава, зад неа стои националниот РТВ сервис. Све си викам можда авторите на песната и спотот уствари се зезале? Може свесно напраиле само-пародија, “camp” ш’о би рекли енглези и им го увалиле на изведувачите на песната, дуетот Влатко Лозаноски – Лозано и Есма Реџепова? C’mon this can’t be serious!
Меѓутоа, гледајќи што се’ ни се случува во последниве години, ова за жал е FOR REAL – како што на Евровизија 2004 год. пееја турските ска-панкери Athena. Луѓево си се сфаќаат озбилно. За ова лекот е само Борат да направи некоја сулуда пародија, нема друго. Злосторството е дотолку пострашно, затоа што во него учество зема и Кралицата на Ромската песна, Есма. Зошто и’ требаше ова и зошто воопшто да учествува на Евровизија? Тоа е деградација за нејзе како светски признат уметник.
The Empire Strikes First – како што беше ироничниот наслов на еден албум на Bad Religion (игра на зборови со насловот на петтиот дел од Star Wars). Империјата ни зададе удар, но ми га узврачамо. За да ги деконтаминираме сетилата за вид и слух по оној ужас кој ви го претставив погоре, ќе ве замолам да погледнете подолу некои навистина квалитетни и бесмртни евровизиски теми. Да, Евровизија е воглавно кич, шунд, тралалајки, розево бонбонче за на свадба, таму обично не настапуваат релевантни поп и рок изведувачи, но сепак, во нејзиното полувековно постоење, таа исфрлила и некои ремек дела.
Тоа и беше целта на тематската аудио / видео журка Ретровизија која лани ја направив во кафе-баровите Менада и Дамар – откопување на бисери на буништето наречено Евровизија. Мисијата беше успешна, се направи фина журкица, на платно се прожектираа евровизиски наступи и спотови од педесеттите па до ден денес, имаше познати фаци Трендо, Борјан Јовановски итн. Подолу би ви испрезентирал само мал дел од сето тоа. Ќе ве замолам да изгледате се’, па да видам кој ќе се дрзне тоа да го нарече кич.
Доста луѓе се чудат како тоа чоек ко мене ш’о се градел со рокенрол, може толку фанатично да го интересира Евровизија?! На тоа стално одговарам со цитат од славниот водител на BBC, Сер Тери Воган “Eurovision is rubbish, but I like the rubbish”. У смисла, пуштање мозак на испаша или така нешто. Како што ви докажав погоре со корпус деликатес, од Евровизија сепак произлегле некои квалитетни композиции.„Империја“, се разбира, не е една од нив.
Мислам (не мислам туку сум убеден) дека требаше да се одржат и повеќе изданија на таа моја журка Ретровизија ради културна деконтаминација на градов со музика која ем е комерцијална (значи носи гости у кафана, не е некоја тешка алтернатива), а ем е одбрана со вкус (не е турбофолк), но за жал журката бидна само пар пути и толку. Јас сум благодарен на тие локали кои ја прифатија идејата, но се надевав дека можеби и други ќе пројават интерес за неа и дека таа ќе подзаживее низ градов. Ал ташак. Епа драги мои, коа не цените позитивни иницијативи, шо да ви кажам. Сеа лепо-фино си ја имате „Империја“, па тражили сте – глејте си ја.
UPDATE: Благодарејќи на жестоките критики, во кои се вклучи и vbb.mk, „Империја“ на Есма и Лозано е тргната од Youtube, а следуваше и оправданието дека песната и спотот ќе биле „поправени“. За подетални информации кликни тука.