edi-rama-teatri-kombetar

На 18-ти април – Меѓународниот ден на културно-историските споменици, ви пишував за контроверзното „реновирање“ (читај: уништување) на Старата Скопска Чаршија од страна на градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, а сега, на 18-ти мај – Меѓународниот ден на музеите, сведоци сме на тоа како во Тирана, главниот град на Албанија, нејзините власти на контроверзен начин го урнаа Националниот Театар, историска градба стара осумдесетина години. Но како што и самите албански интелектуалци признаваат, Албанија е уште одамна озлогласена по уништувањето на културно-историското наследство. Пред три години, во Драч беше изведен контроверзниот градежен проект „Плоштад Велиера“, кој сериозно го загрози културно-историското наследство во овој приморски град, познат по својот амфитеатар, кој е на тентативната (пробна) листа на УНЕСКО. Проблеми имало или сè уште има и во Ѓирокастер, Берат и Бутринт, локалитети кои се веќе под заштита на УНЕСКО. Нашите западни соседи, за жал, се озлогласени и по загадувањето на Охридското езеро. Ситуацијата не е поарна ни во етничките албански средини вон Албанија, па тука би го спомнал и уништувањето на средновековните цркви и манастири под заштита на УНЕСКО на Косово, како и минирањето на манастирот во Лешок (XIV век) и вандализирањето на фреските во Матејче (истотака од XIV век) во вооружениот конфликт во Македонија во 2001 год. Среде нашиот единствен локалитет под заштита на УНЕСКО, Охрид, неодамна никна ресторанот на Нефи Усеини, а слично нешто се случуваше и на локалитетот Матка во близината на Скопје. Кога веќе го почнавме муабетот со театри, да потсетам и на вандализмот од страна на навивачката група „Шверцери“ во Македонскиот Народен Театар во ноември минатата година. Немам намера да ширам меѓуетничка омраза и нетрпеливост, но никој не смее да бидe поштеден од критика и конечно мораме да укажеме дека, за жал, некој на Балканов се однесува неодговорно, самоволно и деструктивно.

Кога јас очајно се обидував да ја запознаам меѓународната јавност со случувањата во Скопската Чаршија, јас напишав (со пристоен и дипломатски речник) мејлови до повеќе организации за зачувување на културното наследство, а меѓу нив беше „Еуропа Ностра“, со седиште во Хаг, предводена од генералната секретарка Снешка Квадлиг – Михаиловиќ. Од нив јас не добив никаков одговор, дури ни формално „размотриќемо“, a иронично, на својот сајт тие имаат еден вид на топ-листа на најзагрозени културно-историски локалитети низ Европа, меѓу кои беше и театарот во Тирана, кој сега пред нос им го урнаа. Во 2018 год., „Еуропа Ностра“ испратила протестно писмо до албанскиот премиер Еди Рама, во кое го моли да не го урива театарот, но организацијата е очигледно потполно отсечена од реалноста и не сфаќа дека нештата на Балканот не функционираат како во просветената Европа. Една друга таква организација, но од Германија, љубезно ме удостои со одговор, но за жал, од истиот јас сфатив дека и тие се потполно отсечени од реалноста – во врска со проблемот на Чаршијата, тие ме посоветуваа да правам онлајн петиции и слични глупости. Иронично, човекот кој ми одговори од името на таа организација, во даден период работел во Албанија, па јас очекував дека тој е запознаен со не баш блескавата балканска реалност. Се надевам дека уривањето на Националниот Театар на Албанија ќе му помогне на овој потполно изгубен човек да спои два и два, да ги симне розовите очила на политичката коректност и конечно да сфати што се случува. Јас истотака пишав и до Меѓународниот центар за истражување и зачувување на културното наследство со седиште во Рим, но и од нив не добив никаков одговор, а на нивниот сајт сега нема ни збор за случувањата во Тирана, иако театарот бил дело на италијански архитект, Џулио Берте, и претставува битен пример за современата италијанска архитектура. Изградбата на театарот започнала во 1938 год., во времето на албанскиот крал Зог, кој тогаш градел блиски врски со Италија, но во следната година, таа извршила инвазија врз Албанија, па проектот бил завршен откако таа веќе станала италијанска колонија.

Решението на Рама да го урне Националниот Театар можеби некого ќе збуни, ако се земе в предвид дека човекот има уметнички бекграунд. Татко му, Кристак Рама (1932-1998), бил вајар, познат по скулптурите кои ги вајал за албанскиот сталинистички диктатор Енвер Хоџа (ако тоа соц-реалистичко ѓубре е уметност). Кристак Рама бил и член на Политбирото на комунистичка Албанија и како таков бил вмешан во бруталните репресии кои тогаш се вршеле врз нејзините граѓани. Еди Рама има завршено средно уметничко училиште и во даден период се бавел со сликарство, а кога беше градоначалник на Тирана, тој се прослави по тоа што грдите комуњарски згради ги офарба во разни бои (поради што некои ги завикаа „папагали“). Тука некаде завршува неговата богата уметничка биографија. Рама е озлогласен по своите врски со подземјето, по корупциските скандали, по обидите да ги цензурира и замолчи своите критичари, како и по своите изборни местенки, кои беа разоткриени од страна на познатиот германски весник „Билд“. На антивладините протести во Албанија е типично фрлањето на брашно, кое треба да ја симболизира дрогата, во чиј шверц Рама е наводно вмешан. Пред пар години, Рама лично попи кило брашно у фаца среде албанскиот парламент, а подоцна следуваа и јајца, мастило итн. Рама е озлогласен и по своите примитивни испади, па така, например, во 2002 год., како градоначалник на Тирана, тој дебатирал со албанските актери за тоа дали театарот треба да се урива или не, при што цинично им изјавил дека можеби и долната облека на актерката Виолета Мануши треба да се прогласи за културно наследство. За оние кои не знаат, Мануши е доајен на албанското глумиште, а во тој момент таа имала 76 години. Во 2013 год., Рама, сега веќе премиер на Албанија, гостувал во Дипломатската Академија во Виена, кајшто извршил физички напад врз Егин Цека, вработен во постојаната мисија на Албанија при ОБСЕ. Рама планира на местото на урнатиот театар да изгради нов, во соработка со негови пајташи-мафиози и ловци на тендери, кои ќе добијат дел од просторот за изградба на свои станбени или деловни објекти. Ваквата корупција го доведува во прашање Договорот за стабилизација и асоцијација на Албанија со ЕУ, затоа што, во унијата не треба да се примаат недемократски, корумпирани, криминогени и дисфункционални држави.

Кога се случи скандалот со Скопската Чаршија, мене ме интересираше каков е ставот за тоа на нашите „гушкачи на ГТЦ“, па ги разгледав нивните профили по социјалните мрежи, но таму не најдов никакви реакции или истите беа премногу млаки. Сличен молк (со чесни исклучоци) имаме и сега, по уривањето на театарот во Тирана. Меѓу албанските политичари и Груевски, практично, нема разлика, па не сфаќам зошто тие би требало да бидат поштедени од критика? И тие се длабоко корумпирани и самоволни, и тие туркаат националистички агенди (Тирански платформи), па дури и антиквизаторски проекти, не многу поразлични од нашиот „Скопје 2014“, како, например, оној по повод 100-годишнината од независноста на Албанија, кога во Тирана беа подигнати статуи на илирски кралеви и кралици. И во Албанија се туркаат дубиозни тези за „непрекинатиот континуитет“ меѓу нејзините антички жители и овие современиве, па дури се тврди дека Хомер и Аристотел „биле Албанци“. За сево ова јас веќе пишував во серијалот е-книги „Кармадонска тиквизација“. Исто како и во случајот со Старата Скопска Чаршија, уривањето на театарот во Тирана беше изведен во „груевистички“ стил, преку ноќ, и уште, среде пандемија на КОВИД-19 и полициски час, веројатно со цел да се спречат евентуални протести на граѓаните.

До протести сепак дојде, но да немаме илузии, ни албанската опозиција не е ништо поарна од Рама. Зарем треба да ве потсетам дека во 1997 год., кога на чело на Албанија беше сегашниот опозиционер Сали Бериша, се случи крах на измамничките пирамидални штедилници, што доведе и до граѓанска војна и фактички, до распад на Албанија како држава?