Честото паѓање на нетот, заради кое го пцујам својот провајдер, ме потсети на една интересна вест од пред неколку години:
Интернет и телефонските врски меѓу Европа и Азија се во прекин поради оштетувањето на три подморски кабли во Средоземното море.
Вчера, поради оштетување на каблите имаше тешкотии во интернет комуникацијата помеѓу овие два континенти. Подморскиот кабел се простира од Италија до Египет, а оштетување е забележано на делот меѓу Сицилија и Тунис. Француската компанија „Франс телеком“ соопшти дека причините за оштетувањето не се познати, отфрлајќи можност кабелот да е намерно оштетен. Бродот за поправка ќе стигне на одредиштето дури во понеделник, а поправката треба да биде завршена до крајот на годината. Вкупно во прекин се 65% од сообраќајот кон Индија, 59% кон Сингапур и 44% кон Малезија. Интернет сообраќајот кон Саудиска Арабија беше блокиран 55%, на Египет 52% и на Тајван 39%. По воочувањето на проблемот, поголемиот дел од сообраќајот е пренасочен преку САД, но проблемот со комуникацијата меѓу Европа и Азија и натаму е присутен. – како што тогаш јавија медиумите.
А јас наивно мислев веќе 21-ви век, технологии, сателити, чуда, а ете ти, гајтанот да ти се цвикнал. И покрај постоењето на сателити и други форми на телекомуникација, се гледа дека всушност, технологијата и не напреднала премногу од пред 150 години. Првите подводни кабли се поставени уште во тие времиња. Особено фасцинантнантна е историјата на првиот Трансатлански Телеграфски Кабел, кој бил поставен некаде во средината на 19-от век.
Кабелот се протегал од Ирска до Њуфаундленд, Канада, значи илјадници и илјадници километри и тоа под водите на Атланскиот Океан, а бил поставуван со помош на бродови во доста тешки услови. Можете само да замислите како изгледал тој револуционерен проект во она време, со таа стара технологија. Телеграфската конекција (кованица од античките зборови „теле“ и „грав“) овозможила енормно забрзување на комуникацијата меѓу двата континенти. Ако дотогаш за едно писмо биле потребни недели, па и месеци да стигне на своето одредиште со брод, сега телеграмите стигале за само неколку минути! Земајќи го сето горенаведено в предвид, јас сум запрепастен колку напредни биле тие луѓе тогаш (колку за споредба, во тоа време кај нас владееле спахии, аги и бегови, а по шумите шетале ајдуци и арамии). Првиот телефонски Трансатлански Кабел пак, започнал со работа во 1956 г., иако идејата за негово поставување датира од многу порано.
На друга страна на светот, истотака во средината на 19 век, Американците се обиделе да воспостават телеграфска комуникација помеѓу САД и тогашна Царска Русија со кабел, кој би терал од Сан Франциско до Москва! Петсто квадриљони седумсто дваес осум миљони и четрсто триес два километри! Според замислата, кабелот требало да тргне од Сан Франциско, па би терал преку териториите на Орегон и Вашингтон, населени со диви индијански племиња, по што би продолжил во Британска Колумбија, Канада, за на руска територија да влезе кај Ескимите во Аљаска. Потоа, тој би слегол во леденото Берингово Море на северот на Пацификот (крајот на светот) и преку Беринговиот мореуз, каде косооки Чукчи во кожуфи ловат фоки и моржеви, би пристигнал на рускиот Далечен Исток. Патувајќи преку бескрајните тундри и тајги на Сибир, кабелот конечно би стигнал до својата цел, Москва! Иако проектот завршил неуспешно, земајќи в предвид во кое време бил започнат, човек стварно да се запрепасти од таквото визионерство, кое е непојмливо дури и за денешни услови!
А денес? Епа гледате од веста цитирана на почетокот на текстов, ваљда некојси „рибар Климе“ од Сицилија или Малта си веслал со кајчето (одел по риба или шетал туристки швеџанки, холанџанки „без платно“) и оп, со весло го закачил гајтанот. Ај ебаго. Оде у три лепе и телефон и интернет помеѓу Европа, Африка и Азија.
Во време кога интернетот не е пука забава, туку сериозно средство за бизнис, новости и др., можете да замислите какви се економските последици од евентуален пад на конекцијата. А за поправка на кабелот потребно е да се испратат бродови едно- друго… Како што реков, и покрај сите оние сателити и чуда, фактички уште користиме технологија базирана на онаа од пред 150 години! Секако усовршена, но… Еве читам дека прекините се вообичаена работа и дека постојано се случуваат, а причинители можат да бидат бродови, чамци, рибари к’о горенаведениот, дотраеност, сеизмички потреси и други природни непогоди, па дури и ајкули и други риби (види International Cable Protection Committee).