Во третиов дел од репортажата од фестивалот Слободна зона, кој се одржуваше од 27-ми до 30-ти август во Виница, ќе се осврнеме на убавините на градот – домаќин и неговата околина. Во богатата фото-галерија ќе го видите Виничкото Кале, Градскиот парк, улиците, старата и новата архитектура, спомениците, ноќниот живот и др. На крај ќе отпатуваме и во некои соседни села. За жал немам многу фотки од убавите Виничанки Доколку пак, сакате да ги прочитате претходните делови од оваа репортажа, за првиот кликнете тука, а за вториот тука.
Сите фотографии подолу се мои, освен четири, за кои му благодарам на Виничанецот Драган Димитров и тие се уредно обележани како негови. Тоа е еден интересен урбан момак, кој во даден период живеел и работел во USA, со кого има многу што да се поразговара. Нему му заблагодарувам од се’ срце и за помошта што ми ја пружи при мојот престој во Виница (забораив да понесам некои ствари, кои тој ми ги позајми), а и за тоа што ми покажа некои битни места низ градот и околината.

Организаторот на Слободна зона, Кирил Арсов пред Домот на културата, каде се одржаа некои од настаните. Го прашав дали Тошо Арсов му бил роднина, вика не.

Виница има црква на плоштад, што е малце (повеќе) контроверзна тема за нас Скопјаните Нејзиното име, инаку, е Св. Павле.

DJ Марсо од Канал 103 шета инкогнито по виничките улици, обидувајќи се да ги избегне бројните обожаватели

Најбоља кафана у свет: Сојуз на пензионери и инвалиди. Порциите се огромни и многу вкусни. Шо и да побараш, чичкото увек вика дека има. Еве рецимо имате печен лаф? Вика има. Тука со Марсо акнавме огромни шопски, чорби и омлети. Пукнавме. Околу нас пензионери играа карти, табла и сл.

Необично беше што тука има и игралиште за „бочање“ или како се вика тоа, као куглање на отворено, кое е омилена занимација на пензионерите.

Дело на Дејан Јефремов (тапанарот на групата Green Fuzz) и на Маријана Иванова, обајцата учесници во организацијата на фестивалот.

Капетан Кирчо Димитриов, загинал во конфликтот во 2001 кога неговото возило налетало на нагазна мина недалеку од Танушевци.

Возиме кон соседното село Зрновци. Ги спремаме пасошите за да ја преминеме границата меѓу опш. Виница и опш. Зрновци

Зрновци има културно-историски споменици: археологија, манастири и др., а колку што можев да забележам, има и убави девојки.