Јапонски игран филм од 1980 год. со македонски превод. Вирус создаден како биолошко оружје процурува од лабораториите и го уништува човештвото, а последните преживеани со подморници се спасуваат во истражувачките бази на Антарктик. Свои бази таму имаат: САД, СССР (сега Русија), Британија, Австралија, Нов Зеланд, Франција, Јапонија, Чиле, Аргентина и други земји, па собраната екипа е мултинационална, што доведува до повремени „закачки“ (тоа е, нели, времето на Студената војна). Сходно на тоа, и актерската екипа е истотака измешана, па во неа ќе препознаете некои американски актери.
Последните осумстотини припадници на човечкиот род создаваат ново општество и си поставуваат за цел да го продолжат истиот. Но вонредната состојба во која се наоѓаат бара редефинирање на општествените норми („нужда закон менува“), па така, заради недостаток на женско население, се промовира полиаморијата и промискуитетот. Но тука се јавува уште еден и многу поголем проблем – заради крахот на човечката цивилизација, американските и советските нуклеарни арсенали се оставени без никаква контрола, што создава закана од нуклеарен холокауст! Што ќе се случи понатаму – видете сами во овој апокалиптичен филм, кој своевремено бил најскапиот во јапонската кинематографија.
Нормално, за денешниот гледач филмов и неговите специјални ефекти ќе делуваат подзастарено, но тоа сепак не е најбитното. Неговиот оригинален наслов е „Фукацу но хи“, што на јапонски значи „Суден ден“ или сл., но низ светот тој е познат просто како „Вирус“. Неговото времетраење е околу 2,5 часа, но за американскиот пазар била направена скусена верзија од околу 1,5 час. Со оглед дека Јапонците ги преживеале стравотиите на Хирошима и Нагасаки, опасноста од оружјето за масовно уништување (нуклеарно, хемиско, биолошко и др.) е честа тема во нивните филмови, а друг пример за тоа е славниот „Годзила“. Друг проблем кој се споменува во „Вирус“, а со кој Јапонците се добро запознаени, се и земјотресите.
Подолу можете да ја погледнете целосната верзија на „Вирус“, на која ѝ додадов македонски превод, а ако не ви се вклучи, кликнете на соодветното копче во плеерот.