Сторија за Вујче Михалков, Саше, Коља, Унковски и Фамилијата, која е значајна за Македонија и која држи високи позиции во автократскиот режим, вклучително и во Државната Безбедност.
Во оваа „династија“ се истакнува еден човек, кого си дозволив да го именувам во деминутив – Саше, по тоа што со него започнува нејзината современа историја и затоа што, наводно, имал психички пореметувања. Медиумски е слабо експониран, за разлика од неговиот внук, кој градејќи автократски режим, остави силен белег во општествено – политичкиот живот на државата.
Државата на која мислев е Русија. Неа повеќепати ја имам патувано уздуж и попреко, за што понекогаш пишувам и патеписи на овој сајт. Александар Михалков или како што си дозволив нагалено да го именувам по-русски: Саша (1856-1913) бил офицер на царската коњица. Тој е еден од дворјанската лоза Михалкови, која првпат се спомнува во далечниот XV век. Негова сопруга била Варвара, ќерка на познатиот руски морепловец и адмирал, Иван Унковски. Со неа Александар Михалков го добива синот Владимир (1886-1932). Тој пак стапува во брак со Олга Глебова, од кој ќе се роди славниот Сергеј Михалков (1913-2009), т.е. внукот на Александар.
Иако имал аристократска крв, а негови предци имале значајна улога во Царска Русија, Сергеј Михалков активно се вклучил во изградбата на автократскиот сталинистички режим во СССР и е значаен како автор на химната на оваа некогашна суперсила. Една од нејзините наследнички е Руската Федерација, која се’ уште ја употребува истата химна со одредени измени на текстот.
Сергеј Михалков бил автор на низа познати дела (но и соц-реалистички недела) од областа на прозата, поезијата, драмата и филмските сценарија, но ќе остане запомнат по ликот од детските книги „Вујче Стјопа“ или „Чичко Стјопа“ (во рускиот јазик, зборот дядя покрива и чичко и вујко, како и англиското uncle). Стјопа поминува низ разни авантури, некогаш е морнар, железничар или пожарникар, а екранизиран е и во цртаниот филм Вујче Стјопа – милиционерот во кој тој помага на бабички да преминат улица и ги влече за уво невоспитаните неранимајковци.
Заради популарноста со која се здобил овој лик, Сергеј Михалков бил и завикан „Вујче Стјопа“ од страна на неговите колеги – писатели. Прекаров не бил пријателски, а ироничен, тие му замерале за режимското полтронство. Михалков учествувал во хајки против неподобни интелектуалци. Тој го осудил физичарот-дисидент Сахаров, како и славниот писател Солжењицин, поради делата Архипелагот Гулаг (кое говори за логорите на Сталин) и Пирот на победниците (за советските воени злосторства). Браќата на Сергеј Михалков, Александр и Михаил истотака се занимавале со пишување. Вториов во даден период работел за репресивната државната безбедност, чија жртва и самиот станал. Одлежал неколку години под обвинување за шпионажа.
Критичарите на Сергеј Михалков велат дека тој бил миленик на сите режими. Најпрвин на Сталин, кому пишувал песни и под чија наредба, во 1943 ја напишал новата советска химна, која ја заменила дотогаш користената Интернационала. Во времето на десталинизацијата на Хрушчов, иронично, Михалков станува уредник на сатиричниот кино-журнал Фитил во кој се критикувале недостатоците во општеството. По соборувањето на Хрушчов од страна на Брежњев, Михалков станува претседател на Друштвото на Писателите на Русија. По падот на комунизмот, Михалков е автор на изменетата химна и добива одликувања од Путин. Накусо: дворски уметник за сите системи.
Тој не бил доследен ниту во политиката, ниту во бракот. Се женел двапати. Во 1936 тој стапува во брак со писателката Наталија Кончаловскаја (предци и’ биле сликарите Пјотр Кончаловскиј и Василиј Суриков). Крушата под круша паѓа, па од уметничкиов брак ќе се родат и сега светски познатите филмски режисери, Никита Михалков и Андреј Кончаловскиј.
Својата филмска кариера, Никита Сергеевич Михалков ја започнува во времето на владеењето на имењакот, Никита Сергеевич Хрушчов (btw Никита е машко име, да не ве збуни песната на Елтон Џон, тој или мислел дека е женско име или како геј намерно пеел за машко). Во 1964 е снимен филмот Јас чекорам по Москва, во кој Никита Михалков го глуми главниот лик Коља. Ова не му била прва улога, но прва главна. Со ова започнува неговата филмска кариера. Подоцна тој ќе се прослави како режисер, како и неговиот брат.
Па добро, какво тоа значење има Фамилијава за Република Македонија?! – со право ќе прашате. Во 1994 год., со својот филм Изгорени од сонцето, Никита Михалков му го зема пред нос Оскарот за најдобар странски филм на нашиот Милчо Манчевски, кој тогаш беше номиниран со својот Пред дождот. Пукај бе брачед, пукај! Да ми го бриЧиШ со зелено дЖамЧе!
И Андреј Кончаловскиј е исто така на свој начин поврзан со нашата земја. Нему толку му било убаво во СССР, што се преселил во САД, каде снимил неколку холивудски филмови, меѓу кои и акциониот Танго и Кеш од 1990 год. со Силвестер Сталоне и Курт Расел во главните улоги. По овој филм беше наречена бурекџилницата Танго и Кеш во Чаир. Баравте поврзаност со Република Македонија, добивте поврзаност со Република Македонија.
Дали Кончаловскиј и Михалков биле по бурекот, тоа не знам (во Русија бурек нема, но има чебуреки, тоа е к’о мекица или питулица полна со мелено мефце, ја прават Татарите и други муслимани од екс-СССР). Она што знам е дека Никита Михалков бил против хамбургерите. На прес-конференција одржана во Белград во 2008, Михалков, како поддржувач на Србија, изјави дека на Косово се води војна против православието, затоа што „тоа е сила која се спротивставува на ’културниот и интелектуалниот Мекдоналдс’ од Западот“ (а холивудскиот Оскар не ти пречеше јел да?). „Но што е подобро: Мекдоналдс или Сталинизам?“ – го прашаа новинарите. „Како коме“ – се извади Никита.
Михалков е поддржувач на автократски, националистички, панславистички и панортодоксни политики (заборави како уживаше во времето на хрушчовската либерализација). Тој се декларира како монархист, искачен е високо во културните институции на Русија и е близок со нејзиниот лидер Владимир Путин. Ангажиран е и како режисер на неколку паради на Денот на Победата 9 мај (сум присуствувал на неколку од нив).
Михалков е познат и по своето автократско однесување како претседател на кинематографското здружение на Русија. Својата „царска“ суета и самоволие тој ја манифестираше и така што, во својот филм Сибирскиот берберин, тој самиот себеси си ја додели улогата на Царот, а граѓаните на Москва беа револтирани од неговото возење низ улиците со вклучено сигнално светло, какво користи полицијата и брзата помош (московските улици се познати по своите гужви – „пробки“).
Михалков изрази поддршка за српскиот национализам, како и за претседателскиот кандидат на српските радикали Томислав Николиќ, кого и го посети во Србија. Таму имал средби и со Коштуница и Кустурица (кај се погодија вака ко Ивица и Марица), како и со православното студентско здружение Номоканон, за кое се вели дека промовира религиозен фанатизам и национализам. Исклучок од неговата великоруска определба е неговиот филм Дванаесет, кој ја прикажува малку и гледната точка на Чеченците – муслимани.
Држењето високи позиции во општествено – политичкиот и културниот живот е карактеристика на фамилијата Михалковци. Нејзините поддржувачи ќе речат дека таа изродила извонредни таленти, кои со своето творештво ја прославиле Русија низ светот (што не може да се спори), но критичарите укажуваат дека се работи за една лоза непоправливи режимски дупелисци и полтрони, верни на секоја можна гарнитура: јал царистичка, јал стаљинистичка, јал хрушчевистичка, јал путинистичка… you name it. „Како коме“ – што би рек’о Никита Михалков.
Што е до мене, политиките кои тој ги промовира (владеење со цврста рака, империјализам, православен фанатизам и сл.) се несоодветни за земји, кои се стремат кон вистинска демократија. Мене например ме изреволтира неодамнешната репресија над Pussy Riot (иако онаа глупост не им требаше). Но таквите политики во Русија се и очекувани. Русија нема демократски традиции, а има богата и континуирана историја на самодржавие и империјализам (Иван Грозни, Петар и Јекатерина Велики, Стаљин, Путин итн.). Таа во себе има голем процент на азијатски елементи (со поголем дел е во Азија, тука поминале ордите на Џингис Кан итн.), па затоа деспотизмот во Русија е природна појава као палма на Палма Де Мајорка. Не го поддржувам сето тоа, само кажувам како е.
Идеологијата на Никита Михалков се повикува на поранешните империи (Русија била на 3 континенти: Европа, Азија и Аљаска во Америка), потоа на разни цареви и вождови: Суворов, Кутузов, Жуков и др., кои извојувале победи над Наполеон или Хитлер, во кои загинале милиони луѓе итн. Рака-под-рака со императорите била и црквата, Русија била нарекувана „Третиот Рим“ (по католичкиот Ватикан и византискиот Константинополи), па и религиозниот фанатизам на тие простори има богата историја (дури имале и своја „инквизиција“: репресии против старо-обредците и сл.).
Значи, политиките на Михалков, колку и да се груби, стојат на цврсти темели, кои се во континуитет градени со векови. Никој нормален во светот не спори дека тие историски личности и воени победи, биле руски. И никому не му пречи црквата Св. Василиј Блажениј на Црвениот плоштад во Москва, затоа што дури и за најголемите атеисти, тоа е автентичен руски културно-историски споменик, кој таму стои 5 векови. И никому не му пречи барокот, рококото или неокласицизмот во Санкт Петербург, кој е подигнат пред 300 години од Петар Велики.
Проблемот е тоа што, некои други Фамилии и Михалковци, кои владејат во некои други земји, сакаат вештачки да го ископираат сето тоа, немајќи за тоа никаква историска основа. Тие немаат вековен континуитет на државност (напротив, се работи за млади држави и нации), тие немале империи, царски династии и триумфи над славни светски војсководци, немале барок и рококо, немале јак национализам, моќна црква и инквизиции, нит го освоиле Париз, нит Берлин, нит Вселената, нит се нуклеарни сили, нит имаат богати ресурси како нафта, гас, јаглен, челик и сл. Куче нема за шо да ги апне. Немајќи со што да се топорат, тие прибегнуваат кон псевдо-историја.
Тие слават историски личности и настани, за кои е спорно дали се нивни. Тие се срамат од сопствениот идентитет и измислуваат нов, вршат ревизија на историјата и плукаат на се’ што е постигнато пред нив. Во име на некаква непостоечка „традиција“ градат архитектура која никогаш не постоела и создаваат религиозен фанатизам кој истотака никогаш не постоел. Своите национални херои ги прикажуваат како императори на коњи од типот на Наполеон, иако такви немале, а обратно, имале борци за слобода – герилци, како Че Гевара, да речеме. Бунцаат за потекла од Атлантида, тврдат дека од нивната нација настанале сите други и дека од неа се постари само амебите и сонцето, разговараат со духови и остала патологија, која во нормални земји се лечи.
После сиот тој бучкуриш, тие земји заличуваат на лошо нашминкан травестит или на архитектурата у Лас Вегас со фејк „Ајфелови кули“ и „Статуи на Слободата“. Во таа смисла, барокните триумфални порти на рускиот национализам и апсолутизам се автентични и стојат на цврсти темели, за разлика од некои други јадни копии на „национализам“, „апсолутизам“ и „барок“. Многу интелектуалци го опишуваат тој трагикомичен феномен како „џуџест путинизам“. Една таква „палма“ може да расте во Русија, но да ја откорнеш и вештачки да ја бапнеш кај тебе на тараса, ќе скапе, нема да пушти банани. Тоа е туѓо, не е твое. Не може ти да отвориш стриптиз бар усред Техеран, ниту Техеран да им го бапнеш усред Амстердам.
Ви здосадив со филозофии к’о Славој Жижек (зеваат луѓе у публика, гледаат на саат), па сите овие муабети би сакал да ви ги илустрирам со еден видео клип. Што ќе видиме во овој инсерт од Парадата на Денот на Победата во Москва 2010? По повод 65 год. јубилеј, покрај руската армија, на парадата беа поканети и сојузниците: USA, UK, Полска и Франција, како и екс-советските републики: Украина, Белорусија, Ерменија, Азербејџан, Молдавија, Казахстан итн.
Како што ќе видите, по воведниот марш на почесната гарда (кај која има некои царистички детаљи), настапуваат руски војници во автентични историски униформи, какви носеле нивните дедовци- црвеноармејци со сите салтанати: петокраки, шлемови, одликувања. Но веднаш потоа, почиње тотален МОНТИ ПАЈТОН! На сцената стапува претставникот на Туркменистан качен на коњ. Облечен е во некаква кичаста „античка-барокно-рококо-турбо“ униформа, која нема благе везе со историјата на Туркменистан и каква не би скроил ни најгејастиот стилист. Тотална Боки 13-ка. Очигледен е комплексот на Туркменистан да се прикаже како некаква славна империја. Коњот е наводно правнук на оној, на кој јавал маршалот Жуков во 1945, што служи како оправдание за циркусов, кој е навреда за оваа велелепна парада.
Ќе беше смешно, да не беше страшно. Во Туркменистан владее апсурден тоталитарен режим кој почива на „идеологијата“ на од неодамна покојниот Сапармурат Нијазов („Туркембаши“). Тој остана запаметен по преименувањето на деновите на неделата и месеците по имињата на своите роднини, затворањето на библиотеките („туркмените и онака не читале“), забраните за операта, балетот, пеењето на плејбек и за пуштањето брада (самиот бил ќос). Тој спроведуваше „преродба на туркменската нација“ и ревизија на историјата и азбуката, си подигаше неавтентични и мегаломански споменици и палати, ја тероризираше опозицијата итн.
Оние што ги читале моите патеписи од екс-СССР, веќе знаат дека таму сум имал и доста цури. Имало русинки, украинки, татарки, мешани и секакви, па така и една од Ашгабат, Туркменистан. Ја запознав во Москва, каде студира, па ја прашав околу Туркембаши. Таа ми раскажа како на школо биле терани да ја учат неговата книга Рухнама, една болесна мешавина од псевдо-религија и историја, национализам, култ на личноста и што ли уште не.
Наводно, Бог му кажал на Нијазов дека оние кои трипати ќе ја прочитаат „гарант ќе одат во Рајот“. Туркмените се муслимани, па Нијазов ги терал оџите да ја вклучат книгава во своите проповеди, на што некои од нив протестирале, па некои џамии биле урнати. На Рухнама и’ е подигнат и кичаст hi-tech споменик, кој секоја вечер автоматски се отвора како книга, при што се открива видео екран на кој се читаат нејзини извадоци.
Во дебата на слични теми со еден мој познаник, кој е малку националистички ориентиран, тој рече: „е ако де, нација се гради со помпа и театралност“. Нека е така, еве за пример да ја земеме британската кралица и сета таа помпа околу неа. Ама тоа е автентично, се темели на реални историски факти, има непрекинат континуитет и традиција и науката не спори дека сето тоа е британско.
Еве и великоруската идеологија на Никита Михалков, колку и да е груба, некако и ќе ја сфатиме (не ја поддржувам, ама еве некако ќе ја сфатам). Таа има НОЗЕ. Може да се сфати и улогата на Михаловци како „дворски уметници“, тоа си имало традиција, како во царска Русија, така и во СССР. Покрај царевите и вождовите секогаш седел по некој уметник (и тоа талентиран), кој ги овековечувал во платна, скулптури или песни. Да, грдо е, полтронски е, ама тоа таму си има историја.
За разлика од тоа, „идеологијата“ на некои други Фамилии и Михалковци, кои владејат во некои други земји, стои на куси нозе од лаги, магла и бајки (и жабата сакала потковица, па кренала нога…), а нејзини медиумски промотори се кафански ашљаци и дворски будали.
P.S. Глеате какви познавања имам, треба мене да ме пратите за амбасадор у Москва, и онака у задње време на дипломатијава некако слабо и’ иде…