Денес е 65-от роденден на британскиот музичар formerly known as Cat Stevens, кој уживаше голема популарност во доцните 60-ти и 70-тите години на XX век. Откако се конвертира во муслиман во 1977 год., тој се преименува себеси во Јусуф Ислам. Всушност, неговото вистинско име е Стивен Георгиу (аман со имињава!).
Роден е во Лондон на 21 јули во информировската 1948 год. кога Тито и Стаљин си вадеа очи, како дете од мешовитиот брак на Кипарскиот Грк Ставрос (славјански еквивалент: Крсте) и Швеѓанката Ингрид. Во Британија има голема дијаспора од Кипар, со оглед дека островот некогаш бил нејзина колонија (друг познат Кипарски Грк е Георгиос Киријакос Панајоту попознат како Џорџ Мајкл). Стивен Георгиу го добива уметничкиот псеводним Кет Стивенс во средината на 60-тите, кога започнува неговата музичка кариера.
„Кој би побарал плоча од Стивен Георгиу?!“ – си помислил тој, па решил да смисли псевдоним, кој публиката полесно би го запаметила. Интересно, првиот сингл на „мачоров“ Кет Стивенс бил насловен како “I Love My Dog”, издаден во септември 1966 год. Оваа песна ќе се најде и на неговиот деби албум, издаден следната година, чиј наслов е “Matthew and Son”. Следуваат повеќе успешни хитови како напр. “Lady D’Arbanville”, “Wild World” и “Father and Son” од 1970, потоа “Peace Train” “Moon Shadow” и “Morning Has Broken” од 1971 год. Во зависност од периодот, стилски тој припаѓал на: акустичарскиот фолк-рок (западното сфаќање на фолкот од типот на Дилан и Донован, а не Мирослав Илиќ и Лепа Брена, на нашe разочарување), како и на психоделичниот рок, барок-попот и поп-рокот, а при крајот на кариерата го заинтересирале и синтисајзерите, па избацил дури и некои траки со електронски шмек (што било изненадување за оние кои го знаеле како дугокос и брадат тип у ѕвонарки со акустична гитара). Во текот на 70-тите Стивенс се здобил со огромна популарност, која ќе трае се’ до неговото преминување во ислам и повлекувањето од музичката сцена.
Стивенс повеќепати во животот се наоѓал во смртна опасност. Во доцните 60-ти, тој боледувал од туберклоза, што ќе придонесе тој подлабоко да се заинтересира за религијата. Тој интерес е евидентен на албумот “Buddha and the Chocolate Box” од 1974 год., на кој се наоѓа и песната “Jesus”. Насловот на албумот произлегува од едно негово патување со авион, при кое тој во едната рака држел статуа на Буда, а во другата – бомбоњера, што го симболизирало неговото колебање помеѓу духовното и материјалното. Подоцна, тој дефинитивно ќе се реши за првонаведеното.
Интерес за исламот кај него се појавил при патувањето во Маракеш, Мароко, а неговиот брат му донел примерок од Куранот од својата посета на Ерусалим (Ал-Кудс, како би рекле Арапите). Во 1976 год. Стивенс за малку не се удавил во водите на Тихиот Океан во Малибу, Калифорнија, при што упатил молитва до Алах: „Ако ме спасиш, ќе работам за тебе“. Молитвата е услишана, Стивенс е спасен и преминува во ислам во декември 1977 год. Тогаш кај него се јавила дилема дали да ја продолжи својата музичка кариера. Неговиот имам не бил против тој и понатаму да твори музика, доколку таа не ги нарушува исламските морални начела. Сепак, Стивенс решава да се повлече од шоу бизнисот, заради пороците, кои можеле да го одвратат од неговиот духовен пат.
Поради договори со дискографските куќи, тој е принуден да објави уште еден албум, “Back to Earth” во 1978 год., кој е последен албум на Кет Стивенс. Во јули 1978 год., тој се преименува себеси во Јусуф Ислам. Две години подоцна, со помош на својата мајка, тој влегува во договорен брак со Фаузија Мубарак Али, со која ќе има пет деца и три внуци. Тој се повлекува од музиката, при што ќе се занимава со духовна, образовна и хуманитарна работа. Токму од хуманитарни причини, тој ќе се согласи да направи исклучок и да настапи на легендарниот рок концерт за гладните во Африка, Live Aid на 13 јули 1985 год. Меѓутоа, заради исполнетата програма, нема доволно време за неговиот настап, што тој ќе го протолкува како „Божја волја“ и повторно ќе се повлече од јавноста.
По повеќегодишно отсуство од јавниот живот, тој ќе го привлече вниманието на медиумите во 1989 год., кога ќе биде запрашан да се произнесе околу фатвата (смртната пресуда) изречена од иранскиот лидер, Ајатолахот Хомеини, против британскиот писател од индиско потекло, Салман Ружди, авторот на (според муслиманите) богохулната книга „Сатански стихови“. Контроверзниот одговор на Јусуф Ислам ќе биде протолкуван како поддршка за фатвата, по што тој ќе биде жестоко критикуван. Некои медиуми ќе објават бомбастични наслови дека „Јусуф Ислам сака да го убие Ружди“, а во САД, групи граѓани јавно ќе уништуваат негови плочи, преминувајќи преку нив со парни ваљаци (ситуација слична на онаа кога Ленон изјави дека „Битлси се поголеми од Исус“ во средината на 60-тите). Салман Ружди ќе возврати со критики на адреса на пејачот. Некои сметаат дека еден од ликовите во книгата е инспириран токму од Јусуф Ислам. Ружди ќе изјави дека во студентските денови бил обожавател на Кет Стивенс, но дека подоцна се разочарал од него. „Тој одамна не е Кет Стивенс“ – иронично ќе рече тој.
Подоцна, Јусуф Ислам ќе се обиде да објасни дека не бил поддржувач на смртната казна за Ружди, иако ја смета неговата книга за богохулна. Тој ќе укаже дека бласфемијата се смета за грев не само во исламот, а и во христијанствто и јудаизмот. Тој ќе ги оправда своите контроверзни изјави и со своето неискуство и со влијанието на некои поконзервативни елементи од исламската заедница врз него. Кога во 90-тите години Јусуф Ислам решава повторно да се занимава со музичко творештво, во него ќе бидат евидентни конзервативните сфаќања, кои тој ги следел во определен период од својот живот. Тој снима повеќе песни со религиозна тематика, во кои, согласно на конзервативните исламски начела, тој го користел само својот глас и малку традиционални ударни инструменти. Подоцна тој ќе ги напушти овие строги гледишта.
Во текот на 90-тите, тој се занимава со испраќање на хуманитарна помош на Босна и Херцеговина, во која тогаш беснееше војна. Станува близок пријател со босанскиот министер за надворешни, д-р Ирфан Љубијанкиќ. Овој министер и хирург по професија, во слободно време се занимавал со музика. При својата посета на Јусуф Ислам во Лондон, тој му подарил аудио касета со демо снимка од својата песна „Ја немам топове што грме“. На 28 мај 1995 год. Љубијанкиќ загинува кога неговиот хеликоптер е погоден од страна на српските сили, што силно ќе го потресе неговиот пријател Јусуф Ислам. Тој го посетува Сараево во 1997 год., каде носи хуманитарна помош и одржува концерт. Во 2000 год. Јусуф Ислам објавува компилација посветена на Босна во соработка со познатиот босански пејач Дино Мерлин и други исламски музичари, на која вклучува и англиски превод на песната на Љубијанкиќ, под наслов “I Have No Cannons That Roar”.
Во 2000-тите години, Јусуф Ислам ќе се реши да се врати кон секуларното творештво и кон гитарите. Тој ќе изјави дека неговите ставови околу исламот и музиката биле претерано крути, но сепак останува посветен муслиман и твори во рамки, кои се морално прифатливи од исламска гледна точка. Неговата одлука да се врати на поп и рок сцената ќе добие поддршка од голем дел од исламскиот свет. Тој ќе ја оправда оваа своја одлука со тоа што во Куранот не нашол забрани, кои се однесуваат на ваквото творештво, како и со теоријата дека токму исламските освојувачи ја донеле гитарата во Шпанија (арапски: Ал Андалус), од каде таа подоцна се проширила по целиот свет.
По нападот врз кулите-близначки во Њујорк на 11 септември 2001 год. Јусуф Ислам јавно ќе истапи против исламистичкиот тероризам, со што ќе ги побие обвинувањата дека бил негов поддржувач. И покрај тоа, во септември 2004 год. нему ќе му биде одбиен влез во САД, заради сомнение за вмешаност во спонзорирање на терористички организации, што тој остро го демантирал. Тој дури и тужел некои медиуми, кои тоа му го припишувале. Неколку години подоцна тој без проблем ќе ги посети САД, каде ќе ја сними песната “Boots and Sand” со Доли Партон и Пол Макартни. Соработувал и со Питер Гејбриел, со кого настапи на концертот за Нелсон Мандела во Јужна Африка во 2003 год. Во 2006 год. Јусуф Ислам настапува на концертот по повод доделувањата на Нобеловата Награда за Мир, а во 2007 год. и на големиот хепенинг Live Earth (за разлика од Live Aid, ова не беше настан за собирање на средства, а за кревање на еколошката свест низ светот).
Јусуф Ислам и понатаму е активен како на музички, така и на мировен и хуманитарен план, за што е добитник на повеќе меѓународни признанија и почесни академски титули на неколку универзитети. Во 2003 год. Светскиот Самит на Нобеловците му ја додели наградата „Човек на Мирот“, која му беше врачена од страна на другарот Михаил Сергеевич Горбачов. Други добитници се Боб Гелдоф, Боно од U2, Роберто Бенини, Џорџ Клуни, Ени Ленокс, Шон Пен и др.
Во 2006 год. Јусуф Ислам го издава “An Other Cup”, својот прв мејнстрим албум со секуларен, западњачки тип на гитарашка поп и рок музика. Објавен е речиси 30 години по последниот албум на Кет Стивенс. Три години подоцна следеше и албумот “Roadsinger”, кој е засега негов последен.
Интересно, на еден од тие албуми е поместена и негова преработка на познатата песна од The Animals чиј наслов е “Don’t Let Me Be Misunderstood”.
P.S. Песната “Vincent” позната по воведните стихови “Starry, Starry Night” не ја изведува тој, туку Дон Меклин. Многумина погрешно мислат дека песната е на Кет Стивенс, што се раширува и по интернетов.
ВИДЕО КЛИПОВИ