Убиен опозицискиот лидер! Протести и контрапротести! Автомобил влетува среде митинг! Десна диктатура и лева опозиција! Сличноста со реални настани и лица е намерна.
Со последнава фраза започнува Оскаровецот на францускиот режисер од грчко потекло, Коста Гаврас, под наслов “Z” (1969). Не се работи за знакот на имагинарниот маскиран одмаздник Зоро, туку за грчкиот збор „зи“ што значи „живее“. Графитот “Z” осамнувал на многу ѕидови низ Грција во бурните шеесети години на XX век, по загадочното убиство на левичарскиот политичар и мировен активист Григорис Ламбракис (1912-1963), во кое биле вмешани безбедносните структури на државата.
По убиството следуваат низа бурни политички настани, а кризата ќе кулминира со воениот удар на 21 април 1967 год., кога на власт доаѓа десничарската хунта или т.н. Режим на Полковниците. Кралот Константин II (за оние кои не знаат, Грција беше кралство), најпрвин ги поддржал полковниците, за подоцна да им се спротивстави, по што побегнал од државата. Хунтата вовела страховлада и цензура, ги забранила сите политички партии, а нејзините неистомисленици биле апсени, брутално мачени или убивани.
Филмот во целост со англиски превод. Клик play и fullscreen доле десно.
Детално околу контекстот
Пучот бил поддржан од САД, со цел спречување на евентуална комунистичка револуција во Грција. Комунистичка револуција во Грција веќе се случи претходно, во времето на Граѓанската Војна 1945-1948, но заврши со неуспех од повеќе причини: силната западна поддршка за грчките монархистички власти, нереагирањето на Сталин (заради договорот со западните сојузници во Јалта), како и неговата шизма со Тито. Тоа е широка тема, околу која може многу да се дебатира. Како и да е, по овој крах, комунистите (Демократската Армија на Грција) завршија во егзил во социјалистичките земји или беа убивани или затворани на каменитите острови како Макронисос.
Позната жртва на овие репресии е комунистот Никос Белојанис, по кого е наречена и една бегалска населба во Унгарија и кој беше овековечен во цртежот на Пабло Пикасо „Човекот со каранфилот“. Во 1948 год. се случи и егзодусот на нашите сонародници од Егејот. Во редовите на монархистичките сили кои го спроведувале овој терор биле и бивши соработници со фашистичкиот окупатор во Втората Светска Војна. По нејзиното завршување, тие како антикомунисти биле врбувани од страна на Западот. Меѓу нив бил и идниот лидер на Хунтата, Георгиос Пападопулос.

Режимот на Полковниците

Денот на Хунтата
Овој диктатор, како и други личности од Хунтата се референцирани во “Z”, но тоа е сторено на завиен, „Езоповски“ начин. Например, во филмот никаде не е објаснето во која земја всушност се одвива дејството, но ту и тамо има по некои “hints” кои на гледачот му даваат до знаење дека се работи за Грција. Се разбира, заради политичката ситуација и содржината на самиот филм, Гаврас не можел да го сними во Грција, па тоа е сторено во Франција и Алжир.
Гаврас, инаку, е роден на Пелопонез во 1933 год. во семејство, кое било репресирано во повоениот период заради своето учество во антифашистичкото и левичарско движење ЕАМ-ЕЛАС. Заради тоа, тој не можел да се запише на грчките универзитети, одбиено е и неговото барање за студирање во САД, па затоа тој емигрира во Франција, каде започнува успешна филмска кариера. Негов trademark се политичките трилери, жанр кој особено ме интересира. Во нив тој главно се занимава со десничарските недемократски режими (Хунтата во Грција, Пиноче во Чиле и сл.), но не значи дека го поштедил и комунистичкиот тоталитаризам (пример за тоа е филмот „Признание“ од 1970 год., чие дејство се случува во Чехословачка).
Филмот “Z” се закити со Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и тој се темели врз истоимената книга на грчкиот политичар и писател Василис Василикос. Главните улоги во филмот ги играат славниот француски актер Ив Монтан (како опозицискиот лидер) и Ирена Папас (неговата сопруга). Оваа славна грчка актерка (и според мене фасцинантно ружна жена) остана запаметена по изјавата „Ирена Папас никогаш не доби Оскар, но и Оскарот никогаш не ја доби Ирена Папас“, како и по улогите во класиците „Гркот Зорба“ и „Топовите на Навароне“, а во поново време, и во „Мандолината на капетан Корели“ (со Николас Кејџ и Пенелопе Круз).
За нас Папас е интересна затоа што глумеше во „Сутјеска“ (1973) со Ричард Бартон, Бата Живојиновиќ, Борис Дворник, Коле Ангеловски и Мите Грозданов, а во „Одисеј“ (1968), партнер и’ беше светски познатиот југословенски актер од косовско – албанско потекло, Беким Фехмиу. Ирена Папас, инаку, се има занимавано и со музика. Таа имала соработка со славниот Вангелис, како и со музичарот за кој ќе проговориме подолу.
Тука доаѓаме до авторот на саундтракот на “Z”, славниот грчки композитор, Микис Теодоракис. Покрај тоа што се прослави со „Гркот Зорба“, интересно е тоа што тој е автор и на музиката за „Сутјеска“. Тој е комунист и како таков бил жестоко репресиран, затворан, тепан и прогонуван во Грција, а бил добредојден во социјалистичките земји. Левичарската идеја е присутна во многу негови дела и тој соработувал со повеќе уметници со таква политичка ориентација, како напр. грчкиот поет Јанис Рицос (Златен венец на Струшките Вечери на Поезијата 1985) или чилеанскиот поет и нобеловец, Пабло Неруда (СВП 1972).
Теодоракис и на свои 87 години е се’ уште политички активен и се произнесува по разни актуелни прашања: кризата, глобализацијата, американската политика, НАТО, ММФ, Кипар, Палестина, Србија и Косово и др. Иако е левичар, тој не е имун на национализмот. Односот кон Македонското прашање знае да му биде жесток, но понекогаш и умерен (како што и КПГ имала променливи ставови). Така например, во 1997 год., тој ја изведе операта „Гркот Зорба“ во МНТ, на која присуствуваше и претседателот Киро Глигоров, што беше позитивно оценето како чекор кон подобрување на односите помеѓу двете земји.
Пар години подоцна, гости на неговиот концерт на ос. Ахил во грчката Преспа беа премиерот Љубчо Георгиевски и министерот за надворешни, Александар Димитров, кои таму беа на средби со колегите Симитис и Папандреу. Теодоракис и’ се обрати на нашата јавност по повод ТВ размената помеѓу Скопје и Атина, во време кога беше актуелно Косово и бомбардирањето на Србија, па ни говореше за добрососедство, за тоа како не смееме да дозволиме „американците да не’ завадат“ и сл. (тие му се дежурни виновници).
Но и покрај тие ретки моменти на добра воља, крвта сепак не е вода, па Теодоракис знае и жестоко да изреагира на „крадењето на античката историја од страна на Скопјаните“, како и нивните „претензии кон грчките територии“. Тој тврди дека „САД и Фондацијата СОРОС работат против Грција и ги помагаат Скопјаните и Албанците“ и дека „го помагаат отцепувањето на Епир (Чамерија) и промовираат постоење на ’Егејски Македонци’ како FYROM-ско малцинство во Грција“. Грците уште одамна се убедени дека „Сорос работи за Скопја“, иако кај нас владее сосема обратно мислење. Но не треба да изненадува. Се’ што гледаме кај нас во последно време е копи / пејст од Грција: почни од националистичката реторика, православниот фундаментализам со византиски знамиња по плоштади, барањето завери и соросоиди, па се’ до античките кациги и штитови од стиропор.
Теодоракис е одамна изматуфен и досаден со својата шизофрена комунистичко / националистичка политика. Таков е човекот, ексцентрично, бушаво и избувливо старо аро. Неговите темпераментни испади знаат понекогаш да бидат и политички некоректни. Така например, критикувајќи ја суровата израелска политика кон Палестинците, тој на моменти ја мина границата на антисемитизмот, за што беше и остро критикуван, па се вадеше, се правдаше и сл. Понекогаш тој соработува и со турски музичари, иако знае да ја пљука Турција, особено заради нејзината интервенција на островот Кипар. Сепак, гледано чисто како композитор, јас многу го ценам. Тоа е голем уметник и поседувам доста негова музика. Има тука и подубоки теми, не е све само сиртаки.
Неговиот гнев кон САД и би можел донекаде да го сфатам. Грција доста пропати од тие пусти Јенки. Нивните служби можеби имале директно или индиректно учество и во убиството на Ламбракис, кое го инспирира филмот “Z”. Ламбракис е роден во 1912 год. на Пелопонез (исто како и режисерот Гаврас). По професија бил лекар – гинеколог и како таков често помагал на сиромашните. Тој се занимавал и со атлетика и имал освоено повеќе златни медали на Балканските игри, во кои учествувале спортисти од Грција, Бугарија, Југославија, Турција и Романија. Учесник е на антифашистичкиот отпор во војната, а по неа се вклучува во политичкиот живот, како член на ЕДА, единствената левичарска партија, која во дадениот момент не била забранета, инаку формирана во 1951 год. по завршувањето на бурната Граѓанска Војна.
Ламбракис придонел за развојот на мировното движење во Грција и учествувал во демонстрации против нуклеарното вооружување и политичките репресии како во земјата, така и во странство. Иако се залагал за излегување на Грција од НАТО, тој не бил просовјетски настроен, а се вели дека со симпатии гледал на неврзаноста на Тито, Насер и Нехру (политика која била популарна кај доста Грци, како напр. кај кипарскиот лидер Макариос). Во 1961 год., Ламбракис е избран за пратеник во грчкиот парламент. Кога власта го забранува мировниот марш Атина – Маратон (42 км.), закажан за 21 април 1963 год. и ги апси неговите учесници, Ламбракис го искористува својот пратенички имунитет и тргнува да маршира сам. Во негова чест, на истата рута секоја година се одржуваат маршеви или трки.
Во тоа време премиер на Грција бил конзервативецот Константин Караманлис, инаку родум од Серско, Егејска Македонија. Неговиот внук Костас го помните како премиер на Грција 2004-2009 и по изјавата дека е „Македонец“ (во регионална смисла: етнички грк од географскиот регион Македонија). Грција под Караманлис во раните 60-ти била формално „демократска“, барем за етничките Грци, иако и тоа е дискутабилно, затоа што во рамки на системот тајно дејствувале екстремистички и недемократски структури.
Во армијата, полицијата, разузнавањето и другите служби, клучните позиции ги држеле ултра-десничарски настроени офицери и политичари, кои се залагале за владеење со цврста рака. Фактички, се развил таен и паралелен систем на владеење (παρακράτος – паракратија), кој можеби бил спонзориран од американската CIA заради заштита на Грција од евентуална комунистичка револуција. На овие структури им се припишува и убиството на Ламбракис, кое се случило на 27 мај 1963 год. во Солун.
Таму, Ламбракис држел говор на антивоен протест организиран од опозицијата, кој што бил попречуван од страна на контра-протестанти мобилизирани од парадржавните структури. Иако сообраќајот бил блокиран, како гром од ведро небо, среде митингот влетало мало пикапче со три тркала (слично на она на браќата Родни и Дел од серијата “Only Fools and Horses”). Човекот качен во откриениот товарен дел на возилото успеал да зададе брз и силен удар со метална шипка по главата на Ламбракис. Полициското обезбедување на митингот не презело ништо, ниту за спречување на напаѓачите, ниту за помош на постраданиот Ламбракис, но затоа посебна храброст покажал извесниот солунчанец Манолис Хаѕиапостолу звани Тигар, кој баш како тигар скокнал врз задниот дел на возилото, кое со голема брзина тргнало во бегство по солунските улици.
Среде таа трка, Тигарот водел борба со напаѓачот, Емануел Емануилидис, кого успеал да го совлада, а потоа некако го натерал возачот, Спиро Гоцамани, да го застане возилото. Двајцата напаѓачи биле уапсени од страна на полицаец позорникар кој случајно се нашол на местото. Со истражувањето на случајот се зафаќа правникот Христос Сарѕетакис (мајка му е инаку од Зелениче, Леринско). И покрај притисоците и сопките од неговите претпоставени тој останал упорен во истерувањето на правдата, која за жал не била задоволена. Дел од извршителите, односно организаторите на нападот се извлекле со контроверзна судска одлука, а останатите добиле благи затворски казни.
Наскоро маските сосема ќе паднат, кога ултра-десничарските сили во земјата ќе го извршат воениот удар. „Парадржавата“ излегува од сенка и отворено ја зазема власта во 1967 год. Сарѕетакис ќе биде затворен и малтретиран од страна на пучистите, за по нивниот пад, тој да се вклучи во политичкиот живот на земјата, пришто дотурка дури и до претседател на Грција. Функцијата ја извршуваше во периодот 1985-1990 год. Ликот на бескомпромисниот трагач по правдата, Сарѕетакис, во “Z” го толкува актерот Жан Луј Тринтињан.
Со падот на Хунтата во 1974 год. започнува нов период на демократија (хмм… барем за етничките Грци де), кога на чело на земјата повторно стапува Караманлис, тогаш свежо вратен од егзил во Франција. Оттаму и произлегува називот на неговата партија, Нова Демократија (десен центар). Јас сум инаку роден во Атина две години по падот на Хунтата (немам никакво грчко потекло, моите биле дописници на Нова Македонија, долга приказна).
Како што видовте и од текстов и од филмот, Грција во никој случај не може да го носи епитетот „колевка на демократијата“. Ништо националистички од моја страна, еве дури и ако го тргнеме настрана кршењето на правата на етничките малцинства, испаѓа дека Грција не била демократска дури ни за самите Грци. Каква „колевка на демократијата“, таа има една богата историја на репресии, граѓански војни, хунти, државни удари, преврати, влади кои паѓаат к’о крушки, тенкови кои газат студенти, диктатори (Пангалос, Метаксас, Пападопулос… you name it, све генералисимус до генералисимуса).
Грција имала силна воена каста, која редовно се мешала во политичкиот живот на земјата (многу нејзини припадници биле бивши наци – колаборационисти), а имала и влијателни бизнис картели и семејства од типот на Караманлиси и Папандреовци, кои се менувале како Курто и Мурто. Екстремизмот, и крајно десен (фашистички) и крајно лев (комунистички, како оној на терористичката организација 17 Ноември) биле па и се’ уште се доста силни. Иако номинално дел од развиениот Западен свет, многу аналитичари велат дека Грција по својата суштина е third world country. Географски, историски, економски и според менталитетот, таа е поблиску до Либија, Египет или Либан, отколку до една Шведска или Белгија. Не дека сме ние поарни, тапа сме, но барем не сме сметани за полноправен член на семејството развиени и цивилизирани европски земји.
Читајќи за бурната современа историја на Грција (античката ја исклучуваме, таа како држава е формирана во 1822 год.) и гледајќи го “Z”, се добива впечаток дека Грција честопати потсетувала на Чиле, Ел Салвадор, Панама или друга латиноамеричка банана држава, на чие чело стои брутална десничарска хунта, потпомогната од крупните сопственици и инквизиторскиот клер, отколку на некоја стабилна, либерална и просперитетна западноевропска земја. Единствена споредба на европско тло би можел да направам со Шпанија во времето на Франко. Да, убаво е да одмараш по убавите грчки туристички места, да се журкаш на Санторини, Иос или Миконос, но јас сум ја шетал таа земја уздуж и попреко сам со ранец, посетувајќи притоа и не баш атрактивни места, во кои сиромаштијата, невработеноста и незадоволството беа реалност дури и пред големава економска криза во која неодамна западна таа земја.

Да не беше на Крит во Грција, фотографијава можеше да биде на Блискиот Исток во Исусово време или можеби во Мексико? Још Панчо Вила да дојаше.
Но да го привршиме текстов онака како што завршува и филмот. Одјавната шпица ни покажува список на забрани наметнати од Хунтата во Грција. Забранети биле: мировните движења, штрајковите, синдикатите, долга коса кај мажите, Битлси и друга модерна популарна музика, делата на Софокле, Лав Толстој, Есхил, тврдењето за хомосексуалноста на старогрчките философи како Сократ например, потоа делата на Ежен Јонеско, Жан Пол Сартр, Антон Павлович Чехов, Харолд Пинтер, Едвард Алби, Марк Твен, Семјуел Бекет, Леон Троцки, адвокатските комори, социологијата, странските енциклопедии, слободата на печатот… и све више. Истотака била забрането и испишувањето на буквата “Z”, со која отпорот симболично порачувал дека Григорис Ламбракис и понатаму живее…