©Vangel Bashevski - Barmi vbb.mk

Споменик на чернобилските „ликвидатори“, кој го сликав во рускиот град Азов. Во санацијата на Чернобил учествувале луѓе од сите краишта на СССР.

Во рамки на моите патеписи низ Украина и екс-СССР, редно е да се спомене и Чернобил. Се разбира, јас го немам посетено тоа место (иако тоа е возможно, додуша со извесни потешкотии и ризици). Сепак, би сакал да проговорам за неговото значење. Ви претставувам музика, која говори за Чернобилската катастрофа од 1986 год., како и за храбрите луѓе, т.н. „ликвидатори“, кои учествувале во нејзиното санирање.

За да сфатите за што говорат тие песни, прочитајте го текстот подолу, а по него следува и документарен филм со превод. Изведувач на овие песни е рускиот кантавтор Сергеј Уривин. Како офицер на бившата советска армија, тој бил еден од петстотините илјади „ликвидатори“. Оваа статија им е посветена ним. Во овие песни, тој говори за нивната пожртвуваност, за корумпираноста и лагите на тогашниот еднопартиски систем, за падот на советските идеали по чернобилската катастрофа итн.

Клик наслов за преслушување, разгледај список со лизгач десно

„Можноста за хаварија е една во 10 илјади години. Реакторот има безбедна и доверлива контрола, кои се заштитени од секаков крах со три сигурносни системи“. – Виталиј Скљаров, министер за енергетика на Украинската Советска Социјалистичка Република, февруари 1986 год.

На 26 Април 1986 год., во 1 часот 23 минути и 58 секунди по полноќ се случила експлозијата на реакторот бр. 4 на нуклеарната електрична централа во Чернобил, Украина, тогаш една од републиките на Советскиот Сојуз. Тоа била најголемата несреќа во историјата на мирнодопското користење на нуклеарната енергија. Несреќата однела многу човечки жртви, како директно од самата експлозија, така и индиректно, од радијацијата. Контаминираната територија не може да се исчисти со векови, а со тоа и тамошното земјоделство и стопанство биле уништени.

Стар туристички проспект за Припјат, кога тој бил млад и перспективен „атомгород“, изграден за вработените во нуклеарката.

Цели градови и села биле набрзина евакуирани, како например градот Припјат. Tој бил наменски изграден за вработените во нуклеарната централа на почетокот на 1970-тите години (еден од т.н. атомградови). Чернобилската електрана тогаш претставувала симбол на успехот на советскиот социјализам. Сега, Припјат е град на духови. Напуштената контаминирана територија (во радиус од околу 30 километри) е оградена и е позната под називот „Зона на отуѓување“. Во неа владее посебен режим на движење контролиран од украинските власти. Мал број на научници, новинари, па и некои туристи се осмелуваат да ја посетат (повеќе туристички агенции организираат дури и тури). Оттаму, тие се враќаат со драгоцени снимки и фотографии, кои покажуваат како жителите на Припјат и другите места ги оставиле своите домови, зграбувајќи го само најнеопходното. За да не се оптоваруваат со премногу багаж, властите им тврделе дека преселбата ќе биде само привремена.

Гас маска (лево) и мечето Миша, маскотата на Летната Олимпијада во Москва 1980 (десно).

Напуштена градинка

Заборавена кукла

Сенишни домови

Во Припјат некогаш се живеело весело: Прв училишен ден.

Тие градови и села сега претставуваат своевиден „музеј“ на советската ера. За некогашниот живот на тие простори сведочат расфрланите детски играчки и кукли, семејните фотографии, матурантските таблоа, празните училници и болници, напуштените касарни. Во Зоната останал да живее само мал број на упорни (воглавно постари) лица, кои не сакале да ги напуштат родните огништа и да умрат некаде далеку во носталгија. Тие сега лутаат наоколу како фантоми. Во чернобилската катастрофа за малку не бил контаминиран и главниот украински град Киев, кој го имам посетено, за што веќе сум ви пишувал. Тој е оддалечен од Чернобил само 110 километри. За среќа, правецот на ветерот го однел радиоактивниот облак далеку од Киев, иако некои негови делови биле делумно контаминирани. Облакот заминал на север, поради што пострадале јужните делови на соседна Белорусија (Гомељската и Могилевската област). Фактички, Белорусија претрпела повеќе штети од радијацијата отколку Украина.

Младинци

Но во целата трагедија, најстрашно од сè е тоа што советските власти не им кажувале на своите граѓани што точно се случува. Сакајќи да прикажат дека сè е во ред, властите, како и секоја година, организирале соц-реалистичка Првомајска парада во Киев, на која марширале насмеани румени пионери, русокоси девојчиња во народни носии украсени со цвеќиња и сл. На парадата присуствувал дури и лидерот на Украинската Советска Република, Владимир Шербицки, сосе своите внуци. Нему му се припишува вина за затскривањето на фактите за катастрофата, со што тој ги изложил своите сограѓани на опасност. Тој починал под нејасни околности во 1990 год., но некои тврдат дека тој извршил самоубиство.

Други го оправдуваат Шербицки, тврдејќи дека тој само спроведувал директиви дадени од сојузната престолнина, Москва, и дека не можел да стори многу во дадената ситуација. Самата нуклеарна централа, да спомнеме, не била во украинска, републичка надлежност, туку во сојузна. Со неа се раководело директно од главниот град на СССР, Москва, а не од Киев. Самоубиство извршил и академикот Валериј Љегасов, чија задача била да ги истражи причините за катастрофата. Причината за самоубиството, наводно, било незадоволството од тоа како државата се справила со проблемот, како и тоа што таа го прикривала истиот. Како главен виновник за катастрофата се наведува инжињерот Анатолиј Ѓатлов. Тој бил раководител на тимот во нуклеарката во моментот на катастрофата, заради што, тој потоа бил суден. До својата смрт од срцев удар во 1995 год., тој ги отфрлал обвинувањата дека се работело за негова лична грешка.

Свеченото отворање на новиот забавен парк било осуетено од катастрофата

„Позади кулисите“, советските власти ревносно работеле на тоа, надворешниот свет да не дознае за катастрофата. Тоа било време на Студената војна, па советското раководство се плашело за ова да не дознае непријателот, односно Западот. Истотака, советските власти долги години ги криеле вистинските бројки на жртвите од радијацијата, кои ги имало илјадници. Сепак светот ја дознал вистината, па така таа стигнала и во нашата земја. За разлика од СССР, во тогашната неврзана СФР Југославија отворено се говорело за проблемот. Нашите граѓани биле редовно известувани преку ТВ екраните за текот на настаните, за последиците по здравјето, за тоа како треба да се однесуваат, како да го мијат овошјето и зеленчукот, да избегнуваат излегување надвор, особено на дожд и сл. К’о за беља, токму тогаш биле првомајските празници, кои многу наши граѓани ги поминувале во природа.

Но како всушност светот дознал што се случува во Чернобил? Набргу по катастрофата, било забележано зголемено присуство на радиоактивни материи околу нуклеарната електрана Форсмарк во Шведска. Откако Швеѓаните констатирале дека нивниот реактор е во ред, тие сфатиле дека радијацијата е всушност дојдена од надвор, при што, тие коректно го лоцирале нејзиниот извор „некаде во западниот Советски Сојуз“.

Припјатчаните кои по долги години го посетуваат својот град оставаат контакт инфо на таблата во напуштеното училиште за да се најдат со старите пријатели.

Москва конечно морала да признае што се случува, што бил невиден преседан. Дотогаш советското раководство не признавало никакви грешки. Партијата е секогаш во право! Меѓутоа, ова отворено признание дека нешто тргнало наопаку, придонело за забрзување на процесот на демократизација на СССР. Токму во тоа време, советскиот лидер Михаил Горбачов започнал со т.н. Перестројка и Гласност, со цел да го либерализира советското општество. Но, подоцна, тоа довело до пад на комунистичкиот режим и до распад на СССР. Ете така светот дозна за чернобилската катастрофа. Се вели дека тогаш се родила песната “Panic” на британската група The Smiths. Нејзиниот фронтмен, Мориси, слушал извештај за Чернобил на радио, по што, била емитувана тралалајката “I’m Your Man” на тогаш актуелната поп група Wham на Џорџ Мајкл. Изнервиран од ова немање сенс за страдањето на луѓето, Мориси го напишал сега култниот рефрен “Hang The DJ” (Обесете го диџејот).

Заради опасноста да дојде до катастрофа неколкукратно пострашна од Хирошима и Нагасаки и со тоа пола Европа да стане невозможна за живот, советското раководство презело операција за гаснење на пожарот и за затрупување на експлодираниот реактор, од чии руини непречено излегувале радиоактивните материи. За таа цел биле ангажирани околу полумилион луѓе, кои се познати како „ликвидатори“. Во нивен состав биле војници, работници и пожарникари од сите краишта на Советски Сојуз. Многу од нив не знаеле, ниту пак им било прописно објаснето со каква опасност ќе се сретнат во Чернобил, но дури и оние поупатените не можеле или не сакале да ја одбијат наредбата. Воспитани „по-советски“ и живот да дадат за Татковината и Партијата, тие не поставувале прашања. „Кој, ако не ние?“ – ќе рече еден од нив во документарниот филм, кој можете да го погледнете подолу. Меѓу нив, особено се истакнале рударите од Тулската област на Русија, благодарение на кои, било спречено радиоактивниот отпад да ги загади подземните извори.

Илјадници ликвидатори починале како последица на радијацијата. Оние кои преживеале, до ден денес се борат со тешки последици по своето здравје и живеат во мизерни економски услови. Со натчовечки напори тие изградиле бетонска конструкција над реакторот, која се нарекува „Саркофаг“. „Саркофагот е гробница на загубени идеи“ – како што вели една од песните погоре. На врвот на Саркофагот, ликвидаторите победнички го развеале црвеното знаме на СССР, што била сцена слична на онаа од заземањето на берлинскиот Рајхстаг во 1945 год. Разликата меѓу победата над фашизмот на 9 мај 1945 год. и онаа во Чернобил е во тоа што, во вториов случај, се работело за борба против невидлив непријател. Ликвидаторите дале жртва каква не е видена во историјата.

015_chernobyl_pripyat

Орден за ликвидаторите

По катастрофата и затворањето на уништениот реактор бр. 4, другите делови од нуклеарната централа биле оставени и понатаму да работат заради недостигот на електрична енергија во Украина. Централата била исклучена во целост дури во 2000 год. Но приказната за Чернобил продолжува и до ден денес. Саркофагот поставен во 1986 год. не може вечно да ја држи радијацијата под контрола и веќе пропушта извесно количество од неа во атмосферата. Се тврди дека неговиот рок на траење е околу 30 години. Потребна е изградба на нов, но со тоа се доцни. Пазете се во 2016 год.

Што е за право, нуклеарни несреќи се случувале и во други земји, па дури и во оние најразвиените, како например во САД (инцидентот во Три Мајл Ајленд, Пенсилванија, во 1979 год., кој е опеан и во песната “London Calling” на групата The Clash), како и во Јапонија (Фукушима, 2011 год.). Меѓутоа, овие несреќи не можат да се споредат со онаа во Чернобил. Дотолку повеќе што демократските механизми и развиеното еколошко движење во тие земји овозможило отворена дебата на таа тема. Во некои земји тоа довело и до потполно напуштање на ваквиот вид на производство на електрична енергија.

Во СССР тоа не било возможно. Како што рековме, тамошните власти се труделе да ја забошотат катастрофата и нејзините последици. Уште во 1979 год., одредени документи на советската тајна служба КГБ укажувале на пропусти во чернобилската централа, но тие биле игнорирани од страна на политичарите и за нив јавноста никогаш не била предупредена. Интересно, во таа година е снимен филмот „Сталкер“, во кој се појавува чернобилската централа. Филмот е на култниот режисер Андреј Тарковски, авторот на „Соларис“ и „Андреј Рубљов“. Во „Сталкер“ тој како да ја предвидел чернобилската катастрофа. Овој дистописки научно-фантастичен филм говори за група луѓе, која патува низ некаква ненаселена „пост-апокалиптична дивина“, наречена „Зона“, во која се случила некаква необјаснива катастрофа. По пат се среќаваат и со некакви чудни феномени непознати на науката.

Напуштени села во Чернобилската Зона

Филмот е сниман на локации од типот на фабрики, хидроцентрали и друг „футуристичко – апокалиптичен декор“, при што екипата била изложена на тешки загадувања и труења, а можеби и на радијација. Според некои, тоа довело до заболувања и прерана смрт на некои од членовите на филмската екипа. И самиот Тарковски починал од рак, што според некои, можеби било поврзано со евентуалната изложеност на радијација. Чернобилската централа се појавува при крајот на тој филм. Дали нејзиното појавување во филмот, како и на изразот „Зона“, се само за бизарни коинциденции или пак, се работи за претскажување на катастрофата од страна на славниот режисер?

Но, подолу гледаме еден друг филм. Се работи за документарецот “The Battle of Chernobyl” (Битката за Чернобил), снимен во 2006 година, по повод 20 годишнината од катастрофата. На филмот му додадов и превод (работи на компјутер, но не и на сите видови на смартфони и таблети). Кликнете на плеј и фулскрин долу десно.