Клик за зголемено: Затворската ќелија на свештеникот и антифашист Мартин Нимулер. Ја фотографирав во конц-логорот Саксенхаузен.

Свештеници – револуционери од разни конфесии, историски периоди и делови на светот, некои славни, а некои помалку познати. Со некои од нив првпат ќе се сретнете, а меѓу нив вклучив и теолози и духовни мислители, кои не биле свештеници по професија. Списокот може да биде и дополнуван. Кликнете на сликите за зголемен преглед, а на дното на текстот можете да погледнете и видео клипови поврзани со темата.


martin-luther-king-jr-1

Мартин Лутер Кинг (1929-1968) – Баптистички пастор, борец за правата на Афроамериканците, благодарејќи на кого е укината расната сегрегација во САД. Под влијание на Исус, Ганди и Толстој, проповедал ненасилен отпор. Пред точно пола век, го предводел Маршот на Вашингтон, еден од најголемите протести во историјата. Во таа прилика го одржува славниот говор “I Have A Dream”. На собирот настапиле Боб Дилан, Џоан Баез и неговата пријателка, Махалија Џексон. Протестирал и против Виетнамската војна и за сиромашните во Латинска Америка. FBI го оценува како commie и го следи. Кинг имал контакти со левицата (извесен период советник му бил екс-комунистот и геј активист, Бајард Растин) и го читал Маркс, прифаќајќи некои негови елементи, но сепак го отфрлил како атеист. Кинг падна како жртва на атентат извршен од криминалецот и расистот, Џејмс Ерл Реј, пред 45 год. во Мемфис. Постојат теории на заговор, кои тврдат дека зад убиството стоеле владини структури. Како и секој човек Кинг имал слабости. Наводно бил женкар. Се вели дека песната “If I Can Dream” на Елвис е посветена нему.

Ганди (1869-1948) – Духовник и политичар, предводник на ненасилната борба за ослободување на Индија од британска власт. Иако образуван како правник во Лондон, тој се враќа кон корените, па го заменува колонијалното сако за традиционална облека и инспириран од индиската филозофија проповеда пацифизам и аскетизам. Бил хиндуист и џаинист, но и добар познавач на сите религии и проповедал толеранција. Бил носител на ептитетот „Махатма“ (светец), но и лидер на секуларниот Индиски Национален Конгрес, партија со силно лево крило. Се залагал за економија независна од странскиот капитал, традиционално производство и живот во комуни. Една од неговите комуни била именувана по Толстој, кој силно влијаел врз него. Бил близок до анархизмот и комунизмот. „Се нарекувам комунист“ – ќе рече во една прилика, но неговиот концепт за „комунизам“ е различен од западниот и е соодветен на индиските услови и вредности. Тој го отфрлал болшевизмот, класната борба, атеизмот и индустријализацијата. Убиен е од страна на Натурам Годсе, симпатизер на Хинду Махасаба (десна национал-религиозна партија) и на Раштрија Свајамсевак Санг (про-фашистичка). Тој го сметал Ганди за препопустлив кон муслиманите – сепаратисти, кои во 1947 го создаваат Пакистан. За да нема забуни, Махатма Ганди не бил во сродство со Индира Ганди.

Лев Толстој (1828-1910) – Руски писател и анархо-христијанин. Роден е во Јаснаја Пољана во Тулската област на Русија во благородничко семејство. Бил склон кон коцката и алкохолот, но ги отфрла и под влијание на Исус се посветува на аскетизам, пацифизам и социјална борба. Бил под влијание и на индиската, кинеската и грчката филозофија, анархистот Кропоткин, Кант, Шопенхауер и др. Пацифизмот му го вообличиле воените искуства од Чеченија и Крим. Студирал во Казањ, Татарстан, со слаб успех заради одбојност кон дисциплината. Ова го инспирира да отвори неконвенционални школи. Покажал успех во татарскиот јазик (професор му бил ориенталистот Казим бег), учел и англиски, француски, грчки и латински, а ги симпатизирал и космополитските есперантисти. Патува низ Европа, каде ужива во либерализмот, но го шокира социјалниот јаз. Се среќава со Иго, Дикенс и анархистот Прудон. Потресен од гиљотинирање во Париз, одлучува да не служи ниту на една власт. Селаните му биле помили од европската снобарија, затоа не бил за модернизација, а за рурални комуни. Создавач е на Толстојското движење, кое било против воената обврска, даноците и црквените догми. Црквата го екскомуницира како богохулник. Одговара со писмо во кое изразува несогласување со некои догми, но сепак останува христијанин. Ги поддржал духоборците, еретичка секта слична на безпоповците и старо-обредците. Сочувствувал со кинеското анти-колонијално востание во 1900, апелирал до јапонскиот будист Сојен Шаку да истапат против Руско-Јапонската војна и му пишувал на индискиот деец Таракнат Дас околу борбата за независност. Писмото залутува среде индиската дијаспора во Ј. Африка, му паѓа в рака на Ганди и тој станува толстоист.

Martin Niemoller

Мартин Нимулер (1892-1984) – Германски лутерански пастор и противник на нацизмот. Како и други Германци во 30-те год. на XX век, Нимулер бил националист и конзервативец и поддржувач на Хитлер и дури имал средба со него, но подоцна ќе му се спротивстави, заради што ќе биде репресиран. Се смета дека е автор на познатите стихови: „Прво дојдоа по комунистите, јас не се бунев, затоа што не бев комунист / Потоа дојдоа по Евреите, јас не се бунев затоа што не бев Евреин / На крај дојдоа по мене…“. Тие се често цитирани за да се укаже дека никој не е безбеден под тоталитарните режими, дури ни оној кој „не се меша во политика“ и „си ја гледа својата работа“. Заради своите критики против нацистичките власти, Нимулер го навлекол на себе гневот на Хитлер и во 1938 бил затворен. Бил наречен „Хитлеровиот личен затвореник“. Лежел во конц-логорите Дахау и Саксенхаузен (ја имам посетено неговата ќелија). По војната се ангажира во движењето за мир и нуклеарно разоружување. Протестира против Виетнамската војна и се среќава со северновиетнамскиот комунистички лидер Хо Ши Мин. Во 1961 станува претседател на Светскиот Совет на Црквите, организација чии политики биле прилично левичарски (подетално подолу). Во 1966 СССР му ја доделува Ленинската Награда за Мир (други добитници се: Брехт, Пабло Неруда, Микис Теодоракис, Индира Ганди, Махмуд Дарвиш, Мандела…).

Оскар Ромеро (1917-1980) – Католички бискуп и борец за социјални и човекови права во Ел Салвадор, од многумина сметан за светец и маченик. Иако црквата се смета за блиска со десничарските режими, во Латинска Америка тоа не било случај. Среде свештениците, кои биле блиски со кампесиносите (сиромашните селани), се рашириле левичарски идеи, поради што властите жестоко ги репресирале. На почетокот на кариерата, Ромеро важел за конзервативец, но по убиството на прогресивниот језуит Рутилио Гранде во 1977, тој отворено ќе почне да ги критикува негативностите во општеството, за што ќе плати со својот живот. Во 1979 на власт доаѓа брутална хунта, која ќе му изврши атентат. Ромеро е убиен среде миса на 24.3.1980. Околу 250 илјади луѓе ќе дојдат на неговиот погреб, кој ќе прерасне во протести. Контра-демонстранти ќе се обидат да ги растераат со истрели и солзавец, при што паѓаат повеќе жртви. Организатор на атентатот е Роберто Аријета Д’ Обизон, лидер на „Одредите на смртта“, кои спонзорирани од САД, безмилосно масакрираа недолжни граѓани во тамошната Граѓанска војна.

Камило Торез Рестрепо (1929-1966) – Колумбиски римокатолички свештеник и комунистички револуционер. Се образувал на престижни универзитети во Богота, каде доаѓал во судир со професорите. Станал свештеник во 1954. Служел во сиромашните средини на Колумбија и се вклучил во борбата за социјална правда. Заминал на специјализација на Лувенскиот Католички Универзитет во Белгија, каде докторирал во 1958. Следната година се враќа во Колумбија, каде е еден е од основачите на Факултетот за Социологија. Се обидел да создаде идеологија која би ги помирила и обединила христијанството и марксизмот. Останува запаметен по изјавата „Ако Исус денес беше жив ќе беше герилец“. Се вклучил во Ejército de Liberación Nacional (ELN), левичарска герилска организација инспирирана од Кубанската револуција, предводена од радикални свештеници. Загинал на 15.2.1966 при својата прва борбена акција против колумбиските вооружени сили. Инспирирал создавање на револуционерна организација во Доминиканската Република, која го носи неговото име.

Хелдер Камара (1909-1999) – Католички надбискуп, борец за социјални и човекови права против десничарската диктатура во Бразил. Таа доаѓа власт на 31.3.1964 со воен удар потпомогнат од CIA, со кој бил соборен легитимниот претседател Жуан Гуларт звани Џанго, чиј грев бил тоа што бил премногу лево ориентиран. Диктатурата во Бразил трае 21 год., при што илјадници луѓе се затворени или егзекутирани, медиумите се цензурирани, а на оние, кои ќе се дрзнеле да ја критикуваат, им бил упатен слоганот: “Brasil: Ame-o ou deixe-o!” (Сакај го Бразил или оди си!), по што многумина и заминале. Меѓу репресираните бил и текстописецот на славната песна “Garota de Ipanema”. Во даден период се постигнале некои економски успеси, но во нив не можела да ужива ниската класа, за чии права се борел Камара. Создавач е на социјалната населба Крузада Сао Себастијао и на банката Провиденција, која давала поволни кредити на сиромашните. Камара го критикувал режимот и повикувал на ненасилен отпор, заради што бил наречен „Црвениот надбискуп“. На тоа тој прокоментирал: „Кога давам храна на сиромасите, ме нарекуваат светец, но кога ќе прашам зошто тие се сиромашни, ме нарекуваат комунист“.

enriqueangelelli

Енрике Ангелели (1923-1976) – Аргентински католички бискуп и борец за социјална правда. Свештенослужел среде сиромашните земјоделци и рудари, кои ги охрабрувал да се здружуваат во синдикати и кооперативи за производство на храна, текстил, ќерамиди и сл. Со својот активизам си го навлекол на себе гневот на реакционерите и велепоседниците, кои во една прилика дури и организирано ќе го каменуваат, што на приказната и’ дава еден библиски и маченички шмек. На 24.3.1976 во Аргентина се случува воен удар и се формира десничарска диктатура, која ќе владее со земјата се’ до 1983. Во тој период, илјадници луѓе се исчезнати и нивната судбина останува неразјаснета. Ангелели побарал објаснување од властите во врска со некои исчезнати лица, на што бил „предупреден“ малце „да се припази“. Тој чувствувал дека нешто му се подготвува, велејќи им на колегите „Јас сум следниот“. На 4.8.1976 Ангелели загинува во контроверзна „сообраќајка“. Се смета дека е убиен во т.н. „Валкана војна“, која власта ја водела против своите левичарски противници, во која пострадале и многу недолжни граѓани.

makarios_tito

Макариос III (1913-1977) – Православен архиепископ и прв претседател на Кипар. Во 50-те започнува борба за ослободување на Кипар од Британците, заради што Макариос лежи притвор на Сејшелите. Се водат преговори за иднината на Кипар, при што се јавуваат две опции. Првата е националистичката организација ЕОКА на десничарот Дигенис (грчки офицер, наводен соработник со нацистите и борец против комунистичката ЕАМ – ЕЛАС). Тој се залагал за насилно протерување на Британците и обединување со Грција (гр. Ένωσις, Енозис). Втората опција е Макариос. Тој најпрвин бил за Енозис, но сфаќајќи дека е неостварлив заради турското противење, прифаќа компромис: независен и би-национален Кипар, чии гаранти би биле Грција, Турција и Британија. Постојат тези дека тој прифатил компромис откако Британците се заканиле дека ќе ја обзнанат неговата хомосексуалност. Се залагал за добри односи со Атина и Анкара и за неврзаност. Учествува на Самитот на Неврзаните во Белград во 1961. Се среќава со Тито, Нехру, Насер, Арафат. Политиката му одела се’ повеќе „во лево“. Станува опасен за Западот, кој го оценува како „Кастро на Средоземјето“. Потпишува соработка со СССР и добива советско наоружање преку Египет. Во 1963 спроведува реформи, кои се отфрлени од Турците, што води до конфликт. Грчките екстремисти го спроведуваат тајниот план „Акритас“ за етничко чистење и за Енозис. Постојат тези дека Макариос тајно го поддржал планот, но тој демантирал. Среде Турците пак, делувала организацијата ТМТ, чија цел е обединување со Турција (Taksim). Помеѓу два огна, Макариос до крај се залагал за независност. Во 1974 хунтата во Атина и CIA му организираат пуч. Макариос бега во егзил, а на негово место го поставуваат Никос Самсон. Ова провоцира Турција да изврши инвазија (под оправдание дека е гарант). Хунтата паѓа, а со неа и Самсон. Макариос се враќа и неуспешно преговара со турскиот лидер Денкташ за федерација. Островот останува поделен на Република Кипар и непризнатиот Северен Кипар.

mugica4

Карлос Мугика (1930-1974) – Аргентиски католички свештеник, левичарски и перонистички активист. Проповедал во бедните диви населби и се залагал за дијалог меѓу католиците и марксистите. Во 1967 заминува во Боливија во неуспешна потрага по посмртните останки на Че Гевара и учествува во историските протести во Париз во 1968. Членувал во Движењето на Свештениците на Третиот свет и соработувал со Младите Католички Студенти, кои ја формираат герилската група Монтонерос. Заради ова, тој бил обвинуван во печатот како поддржувач на тероризмот, се судирал со проблеми во црквата и бил следен од тајните служби. Во 1971 извршен му неуспешен атентат со бомба. Мугика се зближува со екс- претседателот Хуан Перон, познат по популизмот и сопругата Евита. Перонизмот кокетирал и со левицата и со десницата. Во перонистичката Хустицијалистичка партија (од justicia social) имало и лево и десно крило. Така, по нејзината победа на изборите во 1973, претседател на Аргентина станал левиот перонист Хектор Кампора, а министер за социјала, сулудиот фашист и окултист, Хозе Рега (десен перонист). Во кус период левичарскиот свештеник Мугика работел како советник на десничарскиот министер – окултист. Ваквата шизофренија довела до раскол и војна помеѓу левата и десната фракција, при што првата пострадала. Мугика дава оставка, дистанцирајќи се од обете. Убиен е од Аргентинската Антикомунистичка Алијанса, организација предводена од Рега, кој си ја спонзорирал од буџетот на своето министерство за социјала.

cardenal pope

Ернесто Карденал (1925) – Католички свештеник и сандинист од Никарагва. Во 1965 формира парохија на о. Солентинаме, каде проповедал на малубројното бедно население. Бил близок со герилците на марксистичкото движење Frente Sandinista de Liberación Nacional (сандинисти), именувани по Августо Цезар Сандино, борец против американската окупација во 20-те и 30-те. Во 70-те тие креваат револуција против бруталниот десничарски режим на Анастасио Сомоза Дебајле. Во текот на воените операции, трупите на Сомоза ја срамнуваат со земја парохијата на Карденал. Во 1979 Сомоза е соборен и сандинистите воспоставуваат власт на чело со Даниел Ортега. Карденал е назначен за министер за култура, а брат му, Фернандо (истотака свештеник), е министер за образование. Нивната соработка со сандинистите не му се допаѓа на антикомунистичкиот Папа Јован Павле II и тој бара да дадат оставка, што тие не го извршуваат. Кога во 1983 тој ја посетил Никарагва, Карденал клекнал пред него во знак на почит и му ја земал раката за да го бакне папскиот прстен, а Папата ја тргнал и го укорил да си ги среди односите со црквата. Карденал сепак останува министер се’ до 1987. Во 90-тите ја напушта сандинистичката партија, оценувајќи ја за авторитарна, но останува левичар. Важи за еден од најценетите поети во Ј. Америка и номиниран е за Нобеловата Награда за Литература во 2005.

Клеменс Август Граф Фон Гален (1878-1946) – Германски католички бискуп и гроф, противник на нацизмот. Фон Гален бил конзервативец, кому му бил одбоен либерализмот на предхитлеровската Вајмарска Германија и бил националист, огорчен од поразот во Првата Светска Војна. Сепак, политиките на Хитлер за него биле преекстремни и вулгарни. Наци идеологијата била спротивна на христијанската етика, пропагирала паганизам, расизам и евгеника, го отфрлала еврејскиот Стар Завет и создавала култ на Хитлер, што создало одбојност кај дел од свештенството. Иако Ватикан соработувал со фашистичките режими, тоа не секогаш било идеално, особено не со Хитлер, кој имал антипатија кон католицизмот. Во 1937 Папата Пие праќа енциклика (циркуларно писмо) до германското свештенство позната како “Mit brennender Sorge” во која изразува загриженост од наци политиките. Иако е напишана со претпазлив тон, со внимателно читање пораката е јасна. Нацистите ја сфатиле и започнале со запленување на примероците од писмото. Еден од неговите автори е Фон Гален. Енциклика е напишана и на тема на Мусолиниевиот фашизам (Non abbiamo bisogno). Гален започнал и јавно да проповеда против гестаповските методи, конц-логорите, евтаназијата, принудната стерилизација, конфискацијата на црковниот имот итн. Нацистите сакале да го убијат, но започнала војната и тие не сакале да изгубат поддршка во католичките средини. По војната, тој ги критикувал и армиите на антихитлеровската коалиција, кои ја освоиле и поделиле Германија, при што имало случаи на силувања, разбојништва, убивање цивили и сл. Во 1946 Папата го назначил за кардинал.

pop_vlado_zecevic

Владо Зечевиќ (1903-1970) – Српски православен поп и партизан, учесник на Народно-Ослободителната Војна на Југославија. Роден е во Лозница, Србија, завршил богословија во Сремски Карловци и теолошки факултет во Белград. По окупацијата во 1941, како и други српски попови, тој најпрвин ги поддржува четниците на Михајловиќ, но подоцна ќе ги напушти и ќе прејде на страната на Тито. Притоа повлекол со себе 500 четници да прејдат во партизани. Станува член на КПЈ во 1942, по што служи како заменик политички комесар. Учествува во АВНОЈ како повереник за верски прашања. По ослободувањето врши низа високи функции: сојузен министер за внатрешни, републички министер за градежништво и сообраќај, претседател на Сојузното Собрание, член на владата (Савезно Извршно Веќе), член на Сојузниот Одбор на Социјалистичкиот Сојуз на Работниот Народ и на Сојузот на Борците итн. Имал чин на резервен потполковник и носител е на повеќе одликувања. Погребан е во Алејата на Заслужните Граѓани во Белград. Претпоставувам дека послужил за ликот на партизанскиот поп во филмот „Сутјеска“, толкуван од Столе Аранѓеловиќ. Пред пробивањето на непријателскиот обрач, тој се обраќа кон небото со зборовите: „Ако те има Боже, биди на наша страна, а ако те нема… ќе поминеме!“.

Theodosios Hanna-arafat

Теодосиј Атала Хана (1965) – Верски лидер на православните Палестинци, архиепископ на Себастија (мало христијанско место во Палестина). Покрај тоа што е активист за ослободување на Палестина од израелската окупација, тој истотака се спротивставува и на доминацијата на грчкото свештенство во Ерусалимската Патријаршија, канонски призната автокефална црква, во која тој служи. Се школувал во Солун, каде и магистрирал во 1991. Иако е школуван во Грција и работи во црква управувана од Грци, тој се залага за отфрлање на нивната хегемонија, која влече корени уште од византиските времиња и бара поголем број на свештеници – Палестинци и служби на арапски јазик. Бил близок пријател и соработник на Јасер Арафат, лидерот на PLO, која е секуларно движење, во кое покрај муслимани членуваат и голем број на православни Палестинци. Тоа не треба да чуди, имајќи в предвид дека Палестина е колевка на христијанството (Витлеем, родното место на Исус е сега во составот на Државата Палестина). Познати палестински револуционери од православна вероисповест биле комунистите Жорж Хабаш и Вади Хадад.

desmondtutu

Дезмонд Туту (1931) – Првиот црн надбискуп во англиканската црква во Јужноафриканската Република, борец против расистичкиот апартхејд и добитник на Нобеловата Награда за Мир во 1984. Негов голем почитувач е Нелсон Мандела. Активизмот на Туту бил силно инспириран од неговиот ментор, Тревор Хадлстон, бел свештеник и борец за правата на Африканците. Туту се образувал во Британија, по што се вратил во Ј. Африка, каде организирал мировни протести и апелирал до странците да не инвестираат во неа, со цел да се изврши економски притисок врз режимот. Покрај тоа што бил бескомпромисен борец против апартхејдот, Туту се произнесувал и по други социо-политички прашања: се залага за социјална правда и борба против сиромаштијата и сидата, противник е на хомофобијата и сексизмот, критичар е на автократскиот режим на Мугабе во Зимбабве и на израелската репресија врз Палестинците, поддржувач е на тибетскиот духовен водач Далај Лама и апелираше за бојкот на Олимпијадата во Пекинг во 2008, заради кинеската окупација на Тибет. Туту бара и ослободување на Бредли Менинг, припадник на американската армија, кој беше уапсен во Ирак под обвинување за објавување на доверливи документи на познатиот сајт Викиликс.

jpopieluszko

Јержи Попjелушко (1947-1984) – Католички свештеник, противник на комунистичкиот режим во НР Полска. Како резултат на недемократско владеење и сиромаштијата, се развило силно опозициско движење во кое црквата играла важна улога, со оглед дека Полска е изразито католичка земја. Во 1979 земјата ја посетува Папата Јован Павле II (самиот Полјак и противник на режимот), кој го охрабрува народот со историската изјава „Не плашете се!“. Се формира синдикатот Солидарност, предводен од Лех Валеса, кој ќе ја води борбата за демократизација. Интересно, НР Полска формално била плуралистичка, во неа функционирале три партии: Полската Работничка Партија, Народната Партија и Демократската, но првонаведената имала апсолутна моќ. Сакајќи да се справи со Солидарност, полскиот премиер ген. Јарузелски на 13 декември 1981. прогласува воена состојба. Армијата излегува на улица, повеќе луѓе се уапсени или убиени, а собирите се забранети. Црквите останале единствено место каде можеле да се одржуваат. Попјелушко бил жесток антикомунист и соработник на Солидарност. Снимки од неговите проповеди биле емитувани на Радио Слободна Европа (од Минхен, Западна Германија), преку кое Полјаците добивале нецензурирани вести. Во 1984 полската тајна служба му организира сообраќајка, која тој ја избегнува. Шест дена подоцна, тој е киднапиран и убиен од група агенти. Телото е фрлено во реката Вистула. Над четврт милион луѓе се собираат на неговиот погреб. 5 год. подоцна, режимот паѓа. Во 2010 Попјелушко е беатифициран, со што ја добива титулата „Блажен“. На церемонијата присуствувала и неговата 100 годишна мајка, Маријана.

Далај Лама (1935) – Будистички монах, лидер на Тибет и борец против кинеската окупација. Од 1912-1950 Тибет е независен, а Далај Лама стапува на негово чело на свои 15 год. Кинезите го окупираат Тибет, присилувајќи го да потпише приклучување кон Кина, по што владеел со извесна автономија. Тој гостува кај Мао, каде се одушевува од кинескиот социјализам, од кого подоцна ќе се разочара. Иако бил пацифист, Далај Лама соработувал со CIA, која тренирала Тибетанци за борба против Кина. Меѓу нив биле и неговите браќа. Во 1959 избувнува востание, тој стравува дека ќе биде уапсен и бега во Индија (земја во лоши односи со Кина, кои доведоа до војна). Таму формира влада во егзил. Во 70-тите доживува удар кога односите Вашингтон-Пекинг се затоплуваат. Помошта од САД се прекинува. НР Кина е примена во ОН и притиска Непал да ги елиминира тибетските герилци. Далај Лама апелира со аудио снимка тие да се предадат. Тој се откажува од идејата за независност, но не се помирува со окупацијата и се решава за широка автономија (Среден Пат). Со тоа си го навлече гневот на максималистите од Тибетскиот Младински Конгрес. Помош му нуди СССР (Далај Лама го посетува во 1979, конкретно будистичката Бурјатија). Исплашен од советската закана, кинескиот лидер Денг Ксјаопинг му нуди преговори. Денг сакал и да ја либерализира Кина и да ги исправи неправдите од времето на Мао. Далај Лама ги прифаќа преговорите. Негови делегации ја посетуваат Кина во 80-тите. Поканет е да се врати дома под услов да биде лојален, при што би уживал привилегии. Тој тоа го отфрла, укажувајќи дека не се бори за личниот статус и бара: поголема автономија за Тибет и национални права, прекин на колонизацијата со кинеско население, демилитаризација итн. Барањата не важат само за кинеската Автономна Покраина Тибет, туку за сите делови на Кина населени со Тибетанци, што некои го толкуваат како барање за „Велики Тибет“.

Тик Кванг Дук (1897-1963) – Будистички монах, кој се самозапалил во знак на протест против репресивното владеење на Нго Дим Дием во Јужен Виетнам. По ослободувањето на земјата од француската власт во 50-те, таа е поделена на: комунистичката ДР Виетнам (Север) и капиталистичката Република Виетнам (Југ). Со помош на САД, жестокиот антикомунист Дием станува претседател на Ј. Виетнам со победа на нечесни избори. Под негова власт, илјадници неистомисленици се убиени или затворени. Како фанатичен католик, сакал да ја преуреди земјата според своите верски сфаќања. Абортусот и разводот биле забранети, католиците (остаток од колонијализмот) биле привилегирани, а будистичкото мнозинство – репресирано. Тоа довело до протести, кои биле жестоко задушени. На 8.5.1963 властите убиваат девет будистички демонстранти. Започнува криза. На 11.6.1963 во гл. град Сајгон се одржува протест, на кој Дук се полива со бензин и ритуално се запалува. Моментот е овековечен од новинарот Малколм Браун, кој ќе ја добие Пулицеровата Награда. Додека горел, Дук седел во медитативна поза, а многумина му се поклонувале, вкл. и некои полицајци. Телото подоцна ќе му биде кремирано, но неговото срце ќе остане неизгорено. Зачувано е како света реликвија. Владеењето на Дием ќе биде штетно дури и за САД, кои ќе му организираат пуч. Тој ќе биде убиен и заменет со ген. Дуонг Ван Мин. Денес, Дук е почитуван во обединетата СР Виетнам, а на местото на самозапалувањето стои споменик. Меѓутоа, некои негови колеги – свештеници сега се репресирани од комунистичкиот режим. Тука би ги спомнале будистите Тик Кванг До и Тик Хујен Кванг и католикот Нгујен Ван Ли. Секое време со свои предизвици.

Јозеф Миндсенти (1892-1975) – Унгарски католички кардинал и монархист, репресиран од фашистите и комунистите. Во 1919 по падот на Австро-Унгарија, Миндсенти е уапсен заради судир со републиканското уредување на Михаљ Карољ. Додека Миндсенти е во затвор, Карољ ја губи власта и се формира Советската Унгарија на Бела Кун, по што започнува „црвениот терор“. Миндсенти е ослободен по падот на Кун, кој бега во СССР, каде ќе стане жртва на Сталин. Следува десниот „бел терор“, по кој Унгарија станува монархија на чело со регентот, адмиралот Хорти („кралство без крал, водено од адмирал без море“). Миндсенти го поддржувал. Унгарија војува на страна на Хитлер, но односите им се влошуваат, по што тој ја окупира. Хорти бара примирје со СССР и е соборен. На власт доаѓаат порадикални фашисти, њилашите, кои вршат масакри врз Евреите. Миндсенти им се спротивставува и е затворен. По заземањето на Будимпешта од советската армија, њилашкиот лидер Салаши е обесен, а Миндсенти ослободен. Следува кус период на плурализам, во кој Миндсенти ја поддржувал Малостопанската партија (конзервативна и аграрна), која нанела изборен пораз на комунистите. Нивниот лидер Ракоши („најдобриот сталинов ученик“) сепак освојува власт користејќи валкана, т.н. салама тактика, по што, се создава НР Унгарија. Миндсенти му пружа отпор, заради што е приведен во Државната Безбедност на ул. Андраши 60 (бившиот њилашки штаб). Суден е под обвинување дека: подготвувал Трета Светска Војна против комунизмот со помош на САД, по чија победа, на власт би дошол Ото Фон Хабзбург, кој би бил крунисан со украдената круна на Св. Стефан (важна унгарска реликвија, која Миндсенти тајно ја дал на чување во САД за да не падне во комунистички раце). Во 1956 започнува десталинизација, Ракоши е тргнат и принудно преселен во СССР. Промените го охрабруваат кревањето на Унгарската Револуција на чело со реформскиот комунист, Имре Наѓ. Миндсенти е ослободен, по што и’ се приклучил. Откако таа е задушена со советска интервенција, по совет на Наѓ, Миндсенти бара азил во амбасадата на САД, во која ќе живее 15 год. без можност да излезе. Наѓ пак, бара азил во амбасадата на неврзаната СФР Југославија, но под нејасни околности ќе биде фатен од советските сили. Ватикан и Унгарија преговараат на Миндсенти да му се дозволи напуштање на земјата. Папата прави и отстапки за таа цел, која се остварува во 1971. Миндсенти се преселува во Виена, каде починал 4 год. подоцна.

Ласло Текеш (1952) – Калвинистички пастор од редовите на унгарското малцинство во Романија, противник на диктаторот Николае Чаушеску. Иако Романија и Унгарија биле социјалистички земји, тие имале историски спорови околу регионот Трансилванија, поради кои Чаушеску негувал омраза кон Унгарците. Во 1968 тој ја укинал Унгарската Автономна Покраина во Романија, затворил повеќе унгарски школи, отпуштил повеќе унгарски кадри и ги заменил со новодоселени Романци. Во 80-тите, започнува сулуд градежен проект наречен „систематизација“ поради кој пострадале и многу унгарски села, вкл. и цркви. Текеш го критикувал во некои илегални весници и повикувал Унгарците и Романците здружено да му се спротивстават. Организирал и прослави на верски празници и унгарски културни настани. Поради сето тоа, бил често репресиран. Во Унгарија пак, се градел по мек, „гулаш комунизам“, што придонело демократизацијата таму да почне порано отколку во Романија (Чаушеску велел дека во Романија ќе има промени „кога тополата ќе роди круши“). Во јули 1989, унгарска ТВ екипа оди во Темишвар, Романија за да направи интервју со Текеш, кој изјавил: „Романците не се свесни за своите човекови права. Не мораме повеќе да го трпиме Чаушеску“. Тоа била самоубиствено храбра изјава. Романските медиуми не ја пренеле, но таа стигнала до гледачите во пограничните места, каде „се фаќала“ унгарската ТВ. Ова бил почетокот на крајот на Чаушеску. Властите се обиделе да го уапсат Текеш, но граѓаните на Темишвар, без оглед на етничката и верска припадност, масовно ќе се соберат да го одбранат. Во оваа битка, до него била и неговата бремена сопруга Едит. На протестите почнале да се приклучуваат и луѓе, кои не знаеле ни зошто тие започнале. Овој single-issue протест прераснува во Револуција. Во нејзина поддршка, Југословените ќе закачуваат круши по тополите пред романската амбасада. Чаушеску е соборен, а Текеш влезе во политиката. Стана пратеник во Европскиот Парламент, а потоа и негов потпретседател. Бил мераклија по жени, заради што Едит побара развод.

Фаја Мартанеши (1919-1947) – Исламски бекташки дервиш (баба) и партизански командант во Втората Светска Војна во Албанија. Во 1942 е еден од основачите на Народно-Ослободителниот Фронт на Албанија, заедно со комунистичкиот лидер Енвер Хоџа, кој го прима во редовите на Комунистичката Партија. Следната година, станува член на Главниот штаб на Народно-Ослободителната Војска на Албанија. Во тоа својство се среќава со британската сојузничка мисија, во состав: полковник Нил Меклин и мајор Дејвид Смајли од Одделот за Специјални Операции (SOE), кои со падобрани се спуштени во соседна Грција, од каде пристигаат во Албанија. По војната, Мартанеши извршува високи функции во Народното Собрание и во бекташката верска заедница. Некогашните борци за слобода стануваат жестоки властодршци. Енвер Хоџа започнува со зацврстување на својата диктатура, а Мартанеши спроведува контроверзни реформи во бекташките храмови: на монасите им се дозволува да стапуваат во брак, да ги избричат своите бради и да не носат свештеничка облека, со што ги навредува чувствата на верниците, особено оние поконзервативните. Еден од нив е свештеникот Абас Хилми. Мартанеши и неговиот про-реформски истомисленик Баба Фејзо Дервиши му се закануваат на Хилми дека ќе има проблеми доколку не ги прифати нивните политики. На тоа Хилми одговорил со вадење пиштол, по што на лице место ги убил и обајцата, а најпосле и самиот себеси. Секое време со свои духовници – бунтовници. Хоџа ќе продолжи со репресија врз верските заедници, која ќе кулминира во 1967 со официјално прогласување на Албанија за атеистичка држава, при што ќе биде единствена таква во светот.

gleb_yakunin

Глеб Јакунин (1934) – Православен поп, дисидент и активист за човекови права во СССР и политичар во Руската Федерација. Иако СССР промовирал атеизам и ја репресирал црквата, таа не била укината (единствена атеистичка држава била Албанија). На РПЦ и’ било дозволено да делува, но власта и’ се мешала во работата. Во 1965 Јакунин и неговиот колега Николај Ешлиман пишуваат отворено писмо до Патријархот Алексеј I, во кое бараат РПЦ да се ослободи од контролата на власта, заради што се казнети со забрана за свештенослужење. Нивната акција добива поддршка од познатиот дисидент Солжењицин. Во 1976 Јакунин го основа Комитетот за Верски Права и ја документира анти-религиозната репресија во земјата. Бил член и на Московската Хелсиншка Група. Именувана е по Хелсиншката Декларација од 1975, која се однесува на човековите права и мирот во Европа. Иако СССР бил еден од нејзините потписници, тој ги прекршувал буквално сите нејзини точки. Поради својата активност, во 1980 Јакунин е уапсен и лежи во московскиот затвор Лефторово и во работен логор близу Перм. По ослободувањето принудно е преселен во далечната Јакутија. Во 1987 реформистот Горбачов го амнестира и дозволено му е свештенослужење. Јакунин служи како поп во селото Жегалово се’ до демократизацијата, кога се кандидира на изборите и станува пратеник. Во 1993 Јакунин ги проверува архивите на тајната служба КГБ, по што објавува имиња на великодостојници – кодоши. Распопен е со образложение дека неговата политичка кариера и свештенослужењето „не одат заедно“. Во 1995 бил физички нападнат во собранието од националистот Николај Лисенко, кој сметал дека распопениот Јакунин нема право да носи мантија. Во нападот се придружил и Жириновски, познат по своите шовинистички и примитивни испади. Јакунин работи во неканонската Апостолска Православна Црква. Се произнесе и за акцијата на Pussy Riot, која ја оцени како јуродивост.

Махмуд Талегани (1911-1979) – Ирански исламски (шиитски) ајатолах, теолог и политичар, учесник во Револуцијата од 1979, противник на шахот (кралот) Реза Пахлави и на Ајатолахот Хомеини. Талегани бил борец против шахот, кој со помош на САД и својата тајна служба САВАК, сурово се пресметувал со опозицијата. Неа ја сочинувале разни групи: исламисти, секуларни комунисти и либерали, движења кои обединувале елементи од исламот и левичарството и др. Талегани поминал 15 год. по шаховските зандани. Тој бил следбеник на исламизмот и се спротивставувал на про-западниот и секуларен шах, кој ги навредувал муслиманите со своите нетактични реформи за модернизација и со декадентниот начин на живот. Меѓутоа, Талегани во затвор дошол во допир со марксизмот, по што делумно го вклучува во своето учење. Во 1961 Талегани го создал Движењето за Слобода на Иран, а во 1979 бил член на Револуционерниот Совет. По револуцијата, формирана е Исламската Република, а на власт се наметнува крутиот Хомеини, кој ќе започне чистка на своите соборци. За разлика од него, Талегани важел за полиберален и потолерантен. Помеѓу нив доаѓа до судир, по што Талегани со жалење констатира дека „Иран се враќа кон деспотизмот“, за што ќе добие поддршка од граѓаните, кои го нарекле „Душа на Револуцијата“. Талегани починал под нејасни околности во септември 1979, само неколку месеци по победата на револуцијата. Неговото Движење за Слобода на Иран денес е забрането, но и понатаму делува во илегалност.

Shariatmadari

Мухамед Казем Шаријатмадари (1905-1986) – Ирански ајатолах, критичар на режимот. За разлика од Хомеини, Шаријатмадари важел за полиберален и за пацифист. Тој бил за дистанцирање на свештенството од политиката, бил против идејата за република, а предпочитал уставна монархија, во која власта на шахот би била ограничена од парламентот. Иако ги поддржувал протестите против шахот, апелирал тие да бидат мирни. Во 1963 шахот го апси Хомеини, но го поштедува под услов да замине во егзил, благодарејќи на ургенциите на Шаријатмадари. По револуцијата, Шаријатмадари е разочаран од режимот на Хомеини, кого го осудувал за ненародно владеење, како и за организирањето на референдумот од март 1979 со кој е формирана Исламската Република (регистрирани се 99% гласови „за“). Во 1982 Шаријатмадари е обвинет за учество во државен удар. Наводно, него требало да го изврши група свештеници и офицери на чело со Садех Хотбзадех, близок соработник на Хомеини. Обвинувањата против Шаријатмадари делувале неубедливо, земајќи ја в предвид неговата возраст и пацифизам. Сепак, тој е притворен и брутално тепан. Режимот го тероризира и неговото семејство и започнува медиумска хајка за негово оцрнување. Бил принуден јавно да го признае својот „грев“ пред ТВ камери и да го моли за милост Хомеини, кому пред многу години му го спасил животот. Шаријатмадари починал во домашен притвор во 1986.

Хусеин Али Монтазери (1922-2009) – Ајатолах и борец за демократско исламско уредување во Иран. Учествувал во Револуцијата во 1979, заради што бил затворан и одиграл важна улога во пишувањето на уставот на Исламската Република. Бил противник на водењето на државата од страна на свештенството, а предпочитал тоа да има советодавна улога. Најпрвин бил во добри односи со Хомеини, кој сакал да го постави за свој наследник, но подоцна паѓа во немилост. Барал да се воведе повеќепартиски систем, власта да се самокритикува себеси, да се почитуваат правата на жените и верските малцинства и да се прекине со „извозот на револуцијата“ (Иран спонзорира повеќе терористички организации низ светот: Хезболах, Хамас, Исламски Џихад). Во 1989 Монтазери ја критикувал фатвата (смртната пресуда) на Хомеини врз британскиот писател Салман Ружди (авторот на „Сатански стихови“). Монтазери прокоментирал: „Луѓето низ светот ќе помислат дека ние во Иран ништо друго не правиме освен што убиваме луѓе“. Ова го разгневило Хомеини, заради што Монтазери го губи местото на наследник и титулата ајатолах. Хомеини наскоро умира, а Монтазери се судира и со новите лидери. Тој ги става под знак на прашање свештеничките квалификации на Ајатолахот Хаменеи, по што завршува во домашен притвор, а ја критикува и нуклеарната политика на Ахмадинеџад. Учествува и во протестите против контроверзните избори во 2009, на кои Ахмадинеџад го победи реформистот Мир Хусеин Мусави. Монтазери го осуди и убиството на Неда Ага Золтан, кое го потресе светот. Почина во декември 2009. Стотици илјади граѓани се собраа на неговиот погреб, што прерасна во протести.

Виктор Попков (1946-2001) – Руски новинар, мировен активист и хуманитарец во војните во Чеченија, Нагорно Карабах и Абхазија, служител (послушник, пономар) на неканонска православна црква. Детството го минал во разни делови на СССР, што придонело за запознавање со разни култури. Во 90-тите членува во движења за човекови права, граѓанско општество, етничка и верска толеранција. Попков патувал во кризни региони, каде апелирал за мир, посредувал при преговори, спасувал животи, помагал на ранети и делел помош без дискриминација. Учествувал во анти-воени маршеви и штрајкувал со глад во знак на солидарност со чеченскиот народ. Имал средби со чеченскиот лидер Масхадов, при кои успеал да издејствува пуштање на заробеници. На Нова Година 31.12.1994, по наредба на контроверзниот ген. Павел Грачов, руската армија започнува напад врз чеченскиот гл. град Грозни, при што главната цел, Претседателската Палата, е гаѓана од сите можни оружја и орудија. Во нејзиниот подрум тогаш се наоѓа Попков. Во 1999 тој неуспешно организира мировен марш од Хаг до Белград, кој тогаш е бомбардиран од НАТО. Во 2001 Попков разнесува помош низ Чеченија, кога непознати лица пукаат врз неговото возило, при што е ранет. На пат кон болница е задржан еден час на воен контролен пункт заради „проверка на документи и утврдување на идентитетот“. Едвај пристига во болница и паѓа во кома. Префрлан е низ разни мед. установи. Починал во воената болница Вишњевскиј во Красногорск на 2.6.2001. Убиството останува мистерија. Некои го поврзуваат со другите убиства на новинари и активисти, како она на Ана Политковскаја, при што како можни извршители се наведуваат автократските путинистички структури. Конкретни докази нема. 11 год. по смртта на Попков, во истата болница почина и ген. Грачов.

Џанани Лувум (1922-1977) – Надбискуп на англиканската црква во Уганда и противник на сулудиот диктатор Иди Амин, чија титула била: „Неговата Екселенција, Доживотен Претседател, Фелдмаршал Ал Хаџи Доктор Иди Амин Дада, одликуван со Крстот на Викторија, Орденот за Посебни Заслуги и Воениот Крст, Господар на Сите Живи Суштества на Копното и Рибите во Морето и Освојувач на Британската Империја во Цела Африка и во Уганда Конкретно“. Неговиот режим е опишан како: „Расистички, избувлив и непредвидлив, брутален, примитивен, агресивен, ирационален, апсурден и милитаристички“. Тој доаѓа на власт на 25.1.1971 со воен удар потпомогнат од Британија. Подоцна таа ќе ги прекине односите со него и ќе си ја повлече амбасадата, на што тој ќе прогласи „победа над Британците“. Од про-западен лидер, тој подоцна се прешалтува кон Исток. Во текот на неговото осумгодишно владеење, илјадници луѓе се затворени, мачени, убиени, ограбени, протерани или исчезнати (или изедени, има тези дека бил канибал). Точниот број на жртвите е непознат, а меѓу нив имало припадници на нему омразени етнички групи, неистомисленици, политичари од претходната гарнитура, интелектуалци, па и странски државјани. Всушност, никој не бил поштеден, па ни надбискупот Лувум. Тој отворено го критикувал диктаторот и му упатил протестна нота, заради што е уапсен, по што му е организирано јавно „судење“ среде гл. град Кампала, на кое „признал“ дека е „предавник“ и дека „подготвувал преврат“. Утредента, власта јавува дека „загинал во сообраќајка при обид за бегство“. Неговото тело е дадено на семејството, кое забележало дека тоа е полно со прострелни рани. Се тврди дека бил егзекутиран од Амин лично.

Карлуш Филипе Хименез Белу (1948) – Римокатолички бискуп од Источен Тимор, активист за човекови права и национално ослободување од суровата индонезиска окупација, добитник на Нобеловата Награда за Мир во 1996. По падот на автократскиот режим во Португалија во 1974, нејзината колонија И. Тимор прогласува независност, која нема да трае долго. Наскоро тој е окупиран од страна на соседна Индонезија, која го анектира како своја провинција. Индонезискиот окупатор и домашните предавници сурово се пресметувале со источнотиморското движење на отпорот и извршиле повеќе масакри врз цивилното население, како напр. оној во местото Крарас во 1983, потоа во Санта Круз во 1991 или во Ликвика во 1999, кога околу 200 лица се убиени во локалната црква. Бискупот Белу апелирал до Папата и до Генералниот Секретар на ООН за интернационализација на источнотиморското прашање, со кое меѓународната јавност била слабо запознаена и пружал засолниште и хуманитарна помош на бегалците и повредените. Во 1996 тој ја дели Нобеловата Награда заедно со својот соборец, Хозе Рамос Хорта, кој подоцна ќе ги извршува функциите претседател и премиер на сега независната Демократска Република Источен Тимор, прогласена на 20.5.2002 год.

Никодим Царкњас (1942) – Православен свештеник и борец за правата на нашите сонародници во Егејска Македонија од гратчето С’ботско (кое го имам посетено). Замонашен е во 1973 и работел во Леринската Митрополија, каде се спротивставил на сулудиот грчки митрополит Августинос Кандиотис од ос. Парос, познат како „Хомеини од Македонија“ (Χομεϊνί της Μακεδονίας). Митрополитот бил ултра-конзервативец, шовинист и антикомунист, поставен е во 1967 од злогласниот архиепископ Иринеј I и воената хунта. Кандиотис е познат по својот православен „џихад“: собрал 1500 фанатици и протестирал против Изборите за Мис, ја критикувал Олимпијадата и карневалите како „пагански“, уривал стари храмови во Леринско, правдајќи се со зборовите „зар да оставам цркви изградени од бугарски раце?!“ или пак, ги „реновирал“, уништувајќи ги црковнословенските натписи. Царкњас е расчинет, по што заминува да служи во други епархии. Заради неговата национална борба, започнува хајка за негово оцрнување, по што е распопен во 1992. Нарекуван е „шпиун на Скопје и на Сорос“ (Грците го сметаат Сорос за наш поддржувач). Му прават и геј афера со објавување на (веројатно монтирани) порно фотографии. Продолжува да работи независно од ГПЦ, заради што е суден за неовластено свештенослужење. Иницијатор е на изградбата на храмот Св. Злата Мегленска во С’ботско, кој бил често напаѓан. Во 2002 лежи 6 мес. затвор заради „напад“ врз момчето Аристидис Тасиос (кое, патем, го каменувало храмот), што била 15-та или 16-та пресуда против Царкњас (веќе и самиот изгубил евиденција). И покрај се’, тој продолжува со активизмот и истапува во грчките медиуми. Иако е национален деец, тој не е шовинист. Во 2009 тој изрази согласност со предлогот „Северна Македонија“ како решение на спорот за името. Тој ги поддржува и правата на другите малцинства. Во една прилика, тој укажа на трагикомичниот факт дека Грците ги прогонувале Чамеријските Албанци, но го презеле нивниот народен танец „Цамико“ (грчки изговор за „Чамико“).

Dorothy_Day_1934

Дороти Деј (1897-1980) - Бенедиктински облат (незамонашен следбеник на монашки ред), основач на Католичкото Работничко Движење. Била под влијание на социјалниот писател Џек Лондон, анархистот Кропоткин, комунизмот и дистрибутизмот. Тоа е католичко социјално учење, кое се залага секој да поседува свое средство за производство („3 акри земја и крава“), наместо да работи во фабрика или на нива, која е во туѓа, приватна или јавна сопственост (како што е во капитализмот и социјализмот). Дистрибутизмот се залага за мали фирми и фарми, кои по потреба може да се здружат. Деј отвора аграрни комуни во кои се доселуваат бездомници и ненасилно протестира за мир и соц. правда, заради што често е апсена. Била предан, но неконвенционален католик. Била одушевена од револуциите во Русија и Кина и блиска со Компартијата на САД и ја напаѓала (изразито католичката) фашистичка диктатура на Франко во Шпанија. Во младоста се залагала за еманципација и сексуална револуција, но подоцна проповедала морализам. Деј е популарна среде хипиците во 60-те и ги прима во комуните, иако и’ пречи нивната разузданост. Таа ги толерира и се моли за нив, но во една прилика губи нерви и шутира група хипици надвор. Патува во Куба во најлошото можно време (Нуклеарната Криза 1962). 10 год. подоцна Деј во Индија ја посетува Мајка Тереза, а во Москва, гробот на Џон Рид (бољшевик од САД и нејзин колега – новинар). Во СССР таа изразила и поддршка за писателот-дисидент Солжењицин. Носител е на епитетот “Servus Dei” (Слуга Божји).

Edith_Stein_1926

Св. Тереза Бенедикта (1891-1942) - Германска католичка калуѓерка од еврејско потекло, филозоф и противник на нацизмот. Родена е под световното име Едит Штајн во Бреслау, Германија (од 1945, Вроцлав, Полска). На триесеттина години се конвертира во католик. Преведува дела од познатиот средновековен теолог Тома Аквински и предава на педагошкиот факултет. Во 1933 нацистите носат антиеврејски закони, заради што таа ја напушта работата. Пишала писмо до Папата Пие, апелирајќи тој јавно да истапи против нацизмот. Писмото не било одговорено, но по неколку години, Папата ќе ја објави енцикликата (папско писмо) насловена како “Mit brennender Sorge”, во која ќе ги критикува нацистите (иако соработувал со нив, односите им биле сложени). Штајн се замонашува во Редот на Босоногите Кармелити и пишува теолошки трудови. Заради опасност од нацистите, ја преместуваат во манастир во Холандија. Кога на 20.7.1942 холандските бискупи објавуваат здружена декларација против нацизмот, германската окупациона управа на чело со Артур Зајс – Инкварт започнува чистка на оние Евреи, кои преминале во католицизам (претходно тие биле изземени од прогон). Едит Штајн и сестра и’ Роза се одведени во Аушвиц, каде умираат во гасните комори. Подоцна, Папата Јован Павле II ја прогласува за маченица и светица. Во 1945, Инкварт е заробен од британски војник (од еврејско потекло), по што на Нирнбершкиот Процес е осуден на бесилка. Пред смртта побарал свештеник и се конвертирал во католицизам.

Светски Совет на Црквите - Меѓународна екуменистичка асоцијација на христијански верски заедници со седиште во Женева. Формирана е во 1948 и многупати досега го кревала гласот по разни социо-политички прашања: изразувала поддршка за латиноамериканските револуционери, палестинската независност, борбата против јужноафриканскиот апартхејд и сл., па дури пружала и материјална помош на милитантни движења низ светот. Помогнала и за скопскиот земјотрес. Во неа членуваат повеќе православни, протестантски, англикански и старокатолички цркви (не и Римокатоличката, која праќа свои набљудувачи). Противниците на Советот тврдат дека тој промовирал поприлично комунистички политики, и тоа радикални. Се тврди и дека меѓу руските православни свештеници во Советот имало доста агенти на советската тајна служба КГБ. Бугарскиот историчар д-р Момчил Методиев говори дека во Советот се инфилтрирала и Државната Сигурност на НР Бугарија, преку свештеници на БПЦ. Рускиот поп – дисидент, Глеб Јакунин, кој ги истражувал архивите на КГБ, тврди дека нејзин агент бил Митрополитот Ленинградски Никодим (1929-1978). Како претседател на Советот, тој „туркал“ одредени комунистички каузи. При посетата на Ватикан по повод назначувањето на Папата Јован Павле I, Никодим одеднаш се онесвестил и починал. 33 дена подоцна починал и Папата, што е предмет на разни теории на заговор. Следниот папа, Јован Павле II, за малку не падна како жртва на атентат. Препукувањата меѓу Западот и Истокот се пренеле и на црковен терен. Претседател на Советот во даден период бил и познатиот германски антифашист, пасторот Мартин Нимулер, кој во повоениот период отишол поприлично „во лево“ (се среќавал со северновиетнамскиот комунистички лидер Хо Ши Мин, ја добил советската Ленинова Награда итн.). Истовремено, Советот поприлично ја занемарувал репресијата врз верските заедници во социјалистичките земји – како што вели унгарскиот пастор-дисидент од Романија, Ласло Текеш. Некои го напаѓаат Советот и заради неговиот „мек“ став кон LGBT заедницата.

Движење на Свештениците од Третиот Свет – Движење во рамките на католичката црква во Аргентина (1967-1976), инспирирано од теологијата на ослободувањето. Важен втемелувач на оваа идеологија, која го комбинира христијанството и борбата за соц. правда е перуанскиот свештеник Густаво Гутиерез. За појавата на вакви идеи во црквата придонел Вториот Ватикански Собор, на кој се спроведени реформи, кои довеле до либерализација („проветрување на црквата“ – како што се изразил Папата). Црквата почнала да се залага за поправеден свет, против сиромаштијата и војните и сл. Свештенството, кое обично било блиско до богатите владејачки елити (конзервативните десничарски и фашистички режими), почнало да се оддалечува од нив и да се зближува со сиромашните народни маси и со левицата. Овие тенденции биле особено силни во Ј. Америка, каде бил свеж споменот на Камило Торез и Че Гевара. На Бискупската Конференција во Меделин, Колумбија во бурната 1968, се донесува декларација со која се критикува експлоатацијата на Третиот Свет од страна на мултинационалните корпорации. Сето тоа влијаело на создавањето на ова аргентинско движење. Дел од него го следел марксизмот, а дел перонизмот. Многу од тие свештеници ќе паднат како жртви на разните десничарски диктатури, по што движењето ќе згасне. Антикомунистички настроените великодостојници ќе се пресметуваат со ваквите појави во црквата.


ВИДЕО КЛИПОВИ

Клик наслов за преглед, разглеј списак со клизач десно