Бујрум интервју со Били Хејз, чие заглавување во турски затвор е опишано во оскаровецот на Оливер Стоун, кој крена џева во Турција. Филмот е снимен во 1978 година, според книгата на Хејз, кој заради шверц на кило и пол хашиш, поминал страотна голгота по мрачните турски зандани, од каде успеал да побегне по 5 години робија и да се врати во САД. Видео интервјуто со него следува подолу, како и детално објаснување на поимот “Midnight Express”. Но да тргнеме со ред.
Режисер на овој култен филм е Алан Паркер (The Wall, Angel Heart, The Commitments), а сценарист е Оливер Стоун, кој за ова дело се закити со Оскар. Иако пред се’ познат како режисер (Born on the 4th of July, Platoon, Alexander), тој е и сценарист на повеќе дела и недела на седмата уметност: Scarface, Evita, па чак и на Conan the Barbarian Но смешките настрана. Во „Полноќниот Експрес“, Стоун го прикажува пеколот низ кој поминал Хејз, но го подзачинил со фикција и тоа лута. Неговите филмови знаат да бидат жестоки, но овој бил претеран дури и за самиот Хејз.
Навистина, казната му била несразмерно жестока: 5 години за поседување хашиш, која под обвинение за дилерство му ја преиначиле во доживотна! Бил често претепуван, а може имало и сексуални злоупотреби. Во еден момент му „пука“ и за малку не убива друг затвореник, поради што е пренесен во лудница. Таа во филмот е претставена како Деветтиот круг на Данте, што веројатно не било далеку од вистината.
Противник сум на дрогите, но пар кила хашиш не се шлепер хероин или убиство, за човек да заслужи таков пекол! Доттука гневот на Стоун е оправдан. Тој не само што ги искритикувал турските власти, но и поддршката, која ја добивале од Никсоновата администрација (во филмот се појавува и американски агент, со прекар Текс). Стоун, ветеран од валканата Виетнамска војна, е познат критичар на политиката на САД.
Но и покрај сите страдања, Хејз ги сочувал симпатиите кон Турците, па му замерил на Стоун што ги претставил крајно негативно. Во филмот, тие сите се прикажани како нецивилизирани, насилни и корумпирани, а имаше и апла шовинистички реплики, што кај нив предизвика гнев, цитирам: “For a nation of pigs, it sure is funny you don’t eat them” или “You take good care of my boy, you hear? Or I’ll have your fuckin’ head, you Turkish bastard!”.
Турците се лутеа и затоа што, наводно, тенденциозно биле ангажирани грчки или ерменски актери. Снимањето во Турција не било дозволено, па тоа е сторено на Малта, при што филмот нема ни еден позитивен турски лик. Иако Турција има добри односи со САД, тој создаде лоша слика за неа кај американската публика. Изразот „турски затвор“ влезе и во сленгот, што може да се чуе и во комедијата Има ли пилот во авионот. Тоа лошо се одрази и на туризмот.
Кога сме кај туризмот, со него и се’ започнува. Истокот бил привлечен за хипиците во доцните 60-ти и раните 70-ти. Тогаш, студентот Хејз уживал во егзотиката на Истанбул и пушењето хашиш, а можеби и се дружел со турски младичи по амамите (во филмот има и геј моменти). И не само што Хејз ја уважува Турција, а го владее и турскиот јазик. Како што вели, пораката на филмот не треба да биде „не одете во Турција“, туку „не шверцувајте дрога!“.
Хејз признава дека самиот се увалил во тој сос, па оди доттаму, помеѓу американските и турските затвори да ги претпочита вториве. Како што вели, секоја држава си спроведува свои закони, па за она што го сторил, тој ќе бил уапсен и во било која друга. Коректно кон Турција од негова страна.
Но, Истокот си е Исток. Иако Турција е секуларна и НАТО членка, човековите права не и’ се на западно ниво, уште помалку пред 30-40 години, кога демократијата таму била задушувана. Турција минувала низ нестабилност, државни удари и десничарски хунти, војна во Кипар итн. Била изложена на нарко-трговијата и тероризмот од Блискиот Исток и закани од курдските сепаратисти, комунистите и СССР (се граничи со Ерменија и Грузија), па со сето тоа брутално се справувала, во што и’ помагале САД. Погледнете турски филмови за тој период, ќе видите дека ни на слобода не било лесно, а камоли в затвор.
Тука доаѓаме до апсењето, кое се случило на на 7 октомври 1970 на истанбулскиот аеродром (ги има два, претпоставувам на Atatürk Havalimanı, каде иам летано). Хејз носел пакетчиња хашиш закачени околу телото со леплива лента. Кога стражарите му ги откриле настанала паника и залегнуење на земја затоа што мислеле дека е бомбаш – самоубица! Кога увиделе дека се работи за дрога, сите олеснувачки прснале во смеа – раскажува Хејз. Со смеа започнува неговата нималку смешна голгота, која ќе заврши точно 5 години подоцна.
Во 1975, тој се решава на бегство, кое е успешно, но не како што е прикажано во филмот. Во него, Хејз го убива стражарот, кој претходно го тепа и се обидува да го силува, а потоа се маскира во неговата униформа и излегува од затворот. Во реалноста, стражарот – садист, базиран на вистинската личност Хамиду, бил убиен од друг затвореник со огнено оружје.
Бегството на Хејз било со чамец. Од затворот на ос. Имрали во Мраморното море тој допловил до градот Бандирма, од каде оди за Истанбул да побара помош од бивш со-затвореник, кого не успеал да најде. Затоа се упатил до Едрене за илегално да ја премине грчката граница. Движејќи се кон неа поминал и преку минско поле! Границата е вдолж реката Марица, т.е. Еврос на грчки, која ги дели турската Источна и грчката Западна Тракија, па тој морал да ја преплива. На другата страна го фатиле грчки граничари.
Затегнатоста меѓу Грција и Турција била силна заради Кипар, па Грците го испитувале за разузнавачки податоци. Бил посетен и од американскиот конзул, кој преговара со нив, по што Хејз е депортиран во Франкфурт. Оттаму тој се враќа во САД.
Таму се посветува на пишување и филмови, дава интервјуа, држи предавања, советувајќи ги студентите да не ја повторуваат неговата грешка, иако тој се залага за легализација на лесните дроги. По него била пуштена потерница преку Интерпол, која подоцна е повлечена.
По подолго време, на Канскиот фестивал во 1999 година, Хејз се среќава со турскиот бизнисмен Алинур Велидедеоглу, кој му прави интервју. Во него, Хејз жали што филмот ја прикажал Турција во лошо светло и посакува повторно да ја посети, иако стравува да направи таков чекор.
Желбата му се исполни! И тоа на бизарен начин! Службеници на турското МВР го гледале интервјуто на Youtube, по што го поканиле да ги посети. Во јуни 2007 година, бившиот турски затвореник Хејз пристигнува во Истанбул како гостин на меѓународна конференција за човековите права и глобалната безбедност, организирана од турската полиција!
Тука одржал и прес конференција на која му се извинил на турскиот народ и се запознал со студенти од тамошната полициска академија, кои заминувале на специјализација во САД. Тој дури го посетил и затворот каде што лежел! 3 години подоцна, Хејз, Паркер и Стоун се поканети на проекција на “Midnight Express” во еден турски затвор. Чудни се патиштата Божји…
Од кога ја завршивме прикаската на Хејз, да се осврнеме и на самиот израз „Полноќен експрес“. Експанзија на дрогите на Западот започнува во хипи ерата. Хипиците, привлечени од егзотиката на Истокот, патувале во Индија или Непал, а поскромните се задоволувале и со Турција, која и те како имала што да понуди. Меѓудругото и хашиш, но и богати полиња афион, за оние кои преминале на појаки дроги – опиумот или хероинот.
Простиот турски селанец, кој од памтивек одгледувал афион за исхрана или лекарства, немал претстава за западниот нарко-бизнис. Афионот му го откупувала државата по ниски цени, па тој немал против да го продаде поскапо на некои чудни странци, кои барале да го купат. Тоа му било исто како да продава компири. Изобилието багателни наркотици во Турција привлекло многу нарко-дилери, кои ја пласирале оваа „роба“ во своите западни земји.
Американската влада се судрила со епидемија на наркоманијата (или не сакала конкуренција, затоа што и самата шверцувала дрога), па вршела притисок врз Турција да расчисти со овој проблем, давајќи и’ финансиска помош. Турција започнала акција против дрогата, но се судрила со низа проблеми. Прво, некои западни медиуми остро ја критикувале, прикажувајќи ги уапсените странци како недолжни жртви, што го валкало угледот на земјата.
Второ, таа имала големи трошоци за странскиве затвореници, кои, заради својот углед, не сакала да ги држи во стандардните турски апсаани. Трето, се судирала со бирократии, меѓународни заврзлами и да не редам. Па на крају крајева, можеби Турците ги фатило мрза и јавашлук, сепак сите ние сме Балканци, па барале фин начин како да се отарасат од овие странци. Нашле генијално решение, кое е просто, но е тешко објасниво.
Странскиот дилер го пикаат у воз Истанбул – Едрене по старата пруга, која тогаш била активна. Таа била поставена во Отоманско време, кога немало граница со Грција. По разграничувањето, дел од рутата останал од грчката страна. Значи, тргаш од турски град (Истанбул) и пристигаш во турски град (Едрене), но дел од патот бил на грчка територија (види мапа подолу). Низ неа само се транзитирало без пасош и виза, башка Шенген тогаш не постоел, па било попросто. На влез во Грција, на возот ќе се качеле грчки граничари и ќе се симнеле пред тој да ја напушти. Значи контрола имало, но далеку од денешниве стандарди.
Возот тргал во 22:10 од Истанбул, а пристигал во Едрене во 08:00 наутро. По пат низ Грција, странскиот дилер можел да ја искористи темницата и поспаноста на грчката контрола и да скокне од возот или да избега на попатните станици (Питио, Софико, Турио, Нео Химонио, Орестијада, Виса..). Доколку успеал, тој бил слободен! Тој бил во Грција! Во американскиот конзулат во Солун, тој можел да се претстави како турист, кој „го загубил пасошот“, по што ќе добиел нов и ќе се врател дома.
Дури и бегалецот да бил фатен од грчките органи, тие сигурно нема да го изручеле на Турција, па ќе одлежел кус период за илегален премин на границата, по што ќе бил депортиран во својата земја. Можеби не ги контам сите детали, но тоа е објаснувањето за терминот „Полноќен експрес“ на кое налетав при моето истражување.
Оваа рута е укината во 1971 година, затоа што тогаш, Турците пуштаат во употреба новоизградени делници, со цел да се избегне влегувањето во Грција. Поради тоа, Хејз не можел да ја искористи при своето бегство во 1975 година.
Слични железнички коридори има и во други земји. Со оглед дека на сајтов објавувам свои патеписи од екс-СССР, ми текна на оној кој води од руската ексклава Калининград до Москва преку Литванија.
Но сега возовите се побрзи, башка Шенгенскиот систем е построг, има разни тамо компјутерски системи, камери и чуда, па тоа не би можело да се спореди со „Полноќниот експрес“ во доцните 60-ти и раните 70-ти години на минатиот век. Патем, тој воз воопшто и не бил експрес, а некоја, за денешни услови, крнтија.