Kaj песната на Васил Гарванлиев – “You”, со која тој ќе нè претставува на Евросонг 2020, се забележува сличност со „Туманы“ (2016) на украинскиот пејач Макс Барских. Колкава е таа сличност – пресудете сами.
На минатиот Евросонг, нашата Тамара Тодевска имаше одличен настап со својата “Proud”, но за жал, дамка врз тоа ѝ фрли спотот, кој ѝ беше мошне сличен на оној за песната „Плакала“ (2018) на украинската група KAZKA. Заедничко за Тамара и KAZKA е и тоа што тематиката на нивните песни, односно спотови, беше изразито женска, да не речам, феминистичка.
Дополнителен проблем кај Тамара беше и тоа што сценографијата за нејзиниот евровизиски настап беше слична на онаа на тогашниот претставник на Русија, Сергеј Лазарев (со тие „огледалана“).
Да не излезе дека ги критикувам само нашите музичари – во далечната 2007 год., бугарските евровизиски претставници Елица и Стојан настапија со плагијат на изворна песна, иако пропозициите на фестивалот бараат строго оригинални, авторски и претходно необјавувани дела. Се работеше за песната „Вода“, всушност, преработка на изворната „Митра пере на реката“, која пред тоа веќе била изведувана, снимена и објавена на носач на звук од страна на бугарскиот женски изворен хор Бистришките баби.
Сепак, шампионската титула за „зајмење“ на туѓа музика ќе ја земе лицето В. Ј. (кое, патем, истотака беше наш евровизиски претставник). Со „позајмени“ руски и украински поп хитчиња тој дотурка до една од најголемите ѕвезди во државава, а иронично, и до нејзин официјален амбасадор на културата. Околу ова имам доста пишувано, па да не се повторувам. Но да бидеме искрени, плагијатите се мошне застапени и на екс-советските простори, за што, меѓудругото, говорам во мојата најнова е-книга.