Во мојата е-книга „Послушајте путриоти“ спомнав дека на 16.09.2019 год., во руското гратче Кољцово дошло до експлозија во истражувачкиот центар за вирусологија и биотехнологија „Вектор“. Податокот можете да го најдете во поглавјето „2.11. Митот за руското здравство“. „Вектор“ поседува една од најбогатите колекции на смртоносни вируси на светот, меѓу кои има: ебола, хеморагијска треска Марбург, туларемија, антракс, чума, сипаници, САРС и др. Руските власти тогаш изјавија дека „простор за паника нема“, па инцидентов (како и многу други во Русија) беше забошотен и подзаборавен, но пандемијата на коронавирусот ме потсети на него. Инаку, Кољцово се наоѓа недалеку од Новосибирск, кого јас го имам посетено.
Како што пишував во поглавјето „2.3. Митот за руската наука, технологија и индустрија“, техногените катастрофи, пожарите, поплавите, рударските несреќи, експлозиите на гас, инцидентите во нуклеарните електрани, падовите на градежни објекти и авиони се дел од руското секојдневие. И уште, ова не бил прв инцидент во „Вектор“. Во април 1988 год., раководителот на лабораторијата за вирусот Марбург, Николај Устинов, се заразил со истиот и починал, а во мај 2004 год., лаборантката Антонина Пресњакова се заразила со ебола, истотака со смртен исход. Специјалните „научни“ населби каква што е Кољцово, односно т.н. наукоградови, биле формирани уште во времето на СССР и во нив биле сместувани институти за нуклеарно, хемиско и биолошко војување, иако, иронично, СССР бил потписник на Меѓународната конвенција за забрана на биолошкото оружје (1972). Симптоматично е тоа што по последниов инцидент во „Вектор“ дојде до ширење на коронавирусот во соседна Кина, а потоа и низ светот, па дали тука навистина има некаква поврзаност? Иронично, во Русија постои пиво „Сибирскаја корона“, што кога ќе се поврзат сите овие факти звучи прилично злокобно.
Што е за право, кинескиот град Вухан кој стана озлогласен како епицентар на коронавирусот е мошне далеку од Русија, но не смее да се занемари тоа дека таа се граничи со Кина и дека меѓу двете земји има (или барем доскоро имаше) голем проток на луѓе. Руско-кинеската граница е една од најдолгите во светот (околу 4200 км.) и е втора по величина граница на една држава со Кина по онаа меѓу неа и Монголија. Токму Монголија ја разделува руско-кинеската граница на два сектори – источен и западен. Протокот меѓу Русија и Кина се одвива преку источниот сектор, додека на оној западниот нема гранични премини, но сепак, меѓу двете земји постои “shortcut” кој оди преку североисточниот дел на соседен Казахстан. Ова ни кажува дека Новосибирската Област, кајшто се наоѓа Кољцово, и тоа како имала комуникација со Кина, со што постоела и опасност за евентуално ширење на вирус кој „процурил“ од лабораториите на „Вектор“. Е сега, Кољцово се наоѓа на околу 1000 км. до Кина, колку што, например, изнесува растојанието од Скопје до Љубљана, што не е баш малку, но не е ни така џенем.
Истотака да додадам дека во поглавјето „2.10. Митот за руската економија“, јас раскажував за тоа дека во делови од Сибир и рускиот Далечен Исток, Русите им даваат под наем земјиште на кинески компании кои се бават со експлоатација на тамошната тајга (шума), но и со земјоделие, рударство и други стопански дејности, па илјадници кинески работници доаѓаат во тие делови на Русија и за нив таму се подигаат населби. Од друга страна, Русите доста патуваат во соседна Кина за шопинг и туризам, особено оние од пограничните места како што се Благовешченск, Хабаровск, Биробиџан, Владивосток и др. За тамошните Руси шопингот во Кина е исто како што за нас е оној во Солун, да речеме.
Земајќи го сето тоа в предвид, крајно неубедливи се уверувањата на путинскиот режим дека состојбата со коронавирусот во Русија e под контрола. „In Soviet Russia корона нема!“ – како што би се рекло во оние познати вицови од времето на Студената војна. Корона во Русија всушност врие, но се вели дека нејзините здравствени служби тоа го заташкуваат, така што на заболените им впишуваат лажни дијагнози (напр. пневмонија), а овие манипулации ги откри д-р Анастасија Васиљева од организацијата Алијанса на лекарите.
Наместо да им помогне на своите сограѓани да се справат со епидемијата, Путин зема да ѝ испраќа хуманитарна помош на Италија, но се разбира, не од хумани побуди, туку за виши политички цели. Во Русија тоа веќе никого не го изненадува – додека нејзините жители сè повеќе осиромашуваат, гладуваат, се мрзнат или заболуваат, Путин уништува тони увозна храна како одговор на западните санкции; тој им простува билионски долгови на Узбекистан, Киргизстан, Монголија, Северна Кореја, Виетнам, Ангола, Мозамбик, Етиопија, Алжир, Сирија, Авганистан, Куба, Никарагва и други земји врз кои Москва сака да има влијание уште од советските времиња; и тој постојано сече ленти на нови гасоводи кон странство, додека огромен дел од Русија е сè уште негасифициран, иако таа изобилува со гас. Ете така Путин го шири своето економско-политичко влијание низ светот, а обичните Руси можат да одат курбан за неговите виши цели. Истовремено, путинската пропагандна машинерија зема да пласира вести дека ете, „Европа пропаѓа“, дека „Русија ѝ помага на Италија да се справи со пандемијата, додека нејзините западни сојузници се пасивни и незаинтересирани“, дека „Путин е мадафака кој удрил по маса и им забранил на аптеките да ги поскапуваат заштитните маски“, дека „тој ја држи ситуацијата под контрола“ и сл. Всушност, кога сиот нормален свет започна да презема мерки против коронавирусот, во Русија најнормално се планираше да се одржи референдум за уставните поправки на Путин (читај: тој си го препиша уставот по свој терк за вечно да остане на власт) и таму најнормално се планираше традиционалната Деветомајска Парада на Победата и дури се предлагаше префрлање на овогодинешната Летна Олимпијада од Јапонија во Русија. Но вирусот веќе продре и во вишите ешалони на руското општество – среде естрадните ѕвезди (напр. Игор Николаев, Лев Лешченко) и дури и во претседателската администрација, па можност за прикривање или минимизирање на проблемот повеќе нема.
На градоначалникот на 12-милионската Москва, Собјанин, дури завчера му светна да ги затвори јавните места како што се кафулињата, дискотеките, театрите, кината, библиотеките и спортските сали, а рускиот премиер Мишустин истото дури допрва ќе го спроведува во преостанатите делови на земјата. Мерките се релативно млаки и нецелисходни и ќе траат само една недела, а не е воведена ни вонредна состојба, затоа што „епидемија нема“ – како што изјави претседателскиот портпарол Песков. Па побогу, дури и малата Македонија се покажа далеку поодговорна и поорганизирана од оваа извикана „суперсила“, иако, да бидеме искрени, тоа не помина без одредени пропусти. Така, например, директорката на скопската клиника за дерматологија престојувала во Италија, од кајшто се вратила со корона, по што зела учество на еден симпозиум кајшто изложила на опасност стотици свои колеги. Но ако е некаква бедна утеха, вакви случаи на неодговорно однесување во Русија има многу повеќе, а такви се регистрирани не само во здравството, туку и во полицијата, собранието и други државни служби. И по сето тоа, руските здравствени служби тврдат дека во земјата има само „околу илјада луѓе заболени од корона“, од кои „само четворица починале“, што не би убедило ни мало дете.
Руските граѓани деновиве забележуваат масовно транспортирање на воено-полициски сили кон Москва, во некои случаи во автобуси замаскирани со натписи „Внимателно, деца!“, небаре се работи за училишни екскурзии. Некој ќе рече дека можеби се работи за мерки за справување со коронавирусот, но притоа се заборава дека Русија не е демократска земја и дека зад овие мерки можеби се кријат некои мрачни политички цели, можеби поврзани со „уставните поправки“, односно, државниот удар што Путин сака да го спроведе. Официјалното објаснување е дека овие сили се подготвуваат за Деветомајската парада, но зарем сега е време за деветомајска парада или било каква парада?!
Со цел да ја спаси руската економија од кризата предизвикана од коронавирусот, Путин дури реши да ги оданочи штедните влогови на граѓаните, кои сега масовно трчаат кон банките за да ги извадат своите пари! Капак на сè е однесувањето на Руската Православна Црква, која сега зема да организира разни „одочестија“ и изложби на свети реликвии (напр. икони и сл.), што привлекува голем број на верници, кои дури ги бакнуваат истите, што создава уште поголем ризик од ширење на вирусот.
П.С. Заради коронавирусот во сенка падна еден друг и можеби уште пострашен проблем во Русија – нејзините нуклеарни инциденти. Во последно време, нејзините граѓани организираат протести против изградбата на новата автотраса во Москва, наречена Југоисточна хорда, околу која веќе пишував во книгата, а која ќе минува низ земјиште во кое „генијалните“ советски стручњаци некогаш закопувале нуклеарен отпад! Изградбата на оваа траса може да доведе до нов Чернобил!