Фото кое го обиколи светот: Заложничката криза на Олимпијадата во Минхен, 1972

Во изминатава олимписка 2012 се навршија 40 г. од палестинскиот масакр врз израелските спортисти на ЛОИ. По тој повод: оскаровецот One Day in September и Спилберговиот Munich.

Но пред да ви ги претставам филмовите, најпрвин околу контекстот: Од 27 јули до 12 август 2012, во Лондон се одржуваа 30-те Летни Олимписки Игри. Вдовиците од Минхенскиот масакр, како и други поединци и групи, лобираа кај Меѓународниот Олимписки Комитет, овие игри да започнат со минута молчење во чест на единаесетте брутално убиени израелци. Оваа кампања доби поддршка и од Барак Обама, Хилари Клинтон, Мит Ромни, парламентите на Германија, Италија, Австрија и Канада. Сепак, МОК не го прифати предлогот заради притисокот од страна на арапските земји – учеснички.

Традицијата на Стара Грција наложувала примирје и воздржување од воени дејствија во периодот на одржувањето на Олимписките игри, но во 1972 година, таа беше брутално прекршена. На 5-ти септември 1972 година, на Летните Олимписки Игри во Минхен, тогашна Западна Германија, група палестински терористи киднапираат 11 израелски спортисти, со барање да бидат ослободени 234 нивни соборци од израелските затвори, како и предводниците на ним сојузничката, комунистичка терористичка организација, Фракција на Црвената Армија (RAF). Се работи за Андреас Баадер и Улрике Мајнхоф, кои во тој момент лежеа во затворот Штамхајм кај Штутгарт. Претходно веќе пишував за нив, во статијата за филмот Der Baader Meinhof Komplex.

Упадот на терористите во просториите на израелските спортисти, кој се случил во 4 часот наутро, не одел баш така глатко. Прв кој им пружил отпор бил судијата во борење Јозеф Гутфројнд. Овој ветеран од Синајската војна 1956 и Шестодневната од 1967, со своите 135 килограми се фрлил врз вратата низ која сакале да влезат провалниците, притоа со извици разбудувајќи ги своите колеги (не џабе презимето му значи „добар пријател“). Благодарејќи нему, петмина од нив успеале да избегаат.

Шаул Ладани

Еден од нив е Шаул Ладани (не џабе натпреварувач во брзо одење), инаку југословенски / српски Евреин, роден во Белград 1936 година. Германски авиони му ја бомбардирале куќата во 1941, по што со семејството побегнал во соседна Унгарија, а потоа е заробен и пратен во германскиот конц-логор Берген – Белзен. По војната се населува во Израел и на свои 36 години бил највозрасниот олимписки натпреварувач на таа земја во Минхен 1972.

„Добриот пријател“, Гутфројнд, не успеал долго да ги задржи напаѓачите. Следен кој им пружил отпор бил тренерот во борење, Моше Вајнберг. Тој успеал да онесвести еден од нив, а друг да рани со нож. Притоа и самиот бил ранет и присилен да ги покаже собите во кои спиеле неговите колеги. Тој намерно ги одвел терористите кај борачите и кревачите на тегови, со надеж дека тие поуспешно ќе се справат со нив. И навистина, на терористите тогаш им се спротивставува шампионот во кревање тегови и воен ветеран, Јозеф Романо. Заради својата храброст, тој, како и Вајнберг, ќе бидат убиени. Останатите деветмина израелци се земени како заложници.

Заложничката криза завршува по 18 часа, на полноќ на 6 септември. Терористите бараат авион до Каиро, па заедно со своите заложници, со хеликоптери се одведени до минхенскиот воен аеродром Фурстенфедбрук. При обид за ослободување на спортистите од страна на недоволно подготвените германски безбедносни сили, киднаперите ги убиваат сите преостанати заложници: Зеев Фридман, Давид Бергер (кревачи на тегови), Елиезер Халфин, Марк Славин (борачи), Кехат Шор (тренер во стрелаштво), Андре Шпицер (во мечување) и Амицур Шапира (во трчање), Јаков Шпрингер (спортски судија) и неговиот колега, гореспоменатиот, Јозеф Гутфројнд.

Двајца од нив биле родум од Израел, а останатите потекнувале од еврејската дијаспора (тројца родум од Романија, исто толку од бившиот СССР, и по еден од Полска, САД и Либија). Најмладиот од нив бил Славин (18), а најстариот, Шор (53 години).

Палестински плакат од „Црниот септември“, 1970 година.

Терористите се идентификуваа како организацијата Црн Септември. Наречена е според историските настани во 1970 година, кога јорданскиот крал Хусеин брутално се пресметува со палестинските бегалци, кои воспоставиле паралелна власт и воени кампови на негова територија. И Палестинците си имале свои маки. Многу од припадниците на Црниот Септември биле гневни млади луѓе, насилно прогонети од своите домови во Палестина. Тие растеле во бедата на бегалските кампови во Јордан, од каде истотака биле набркани. Некои од нив имале и лични мотиви за Минхенската акција – ослободување на нивни блиски од израелските затвори.

За разлика од денешните терористички организации на Блискиот Исток, Црн Септември не била исламистичка. Предводник на минхенската акција бил Лутиф Афиф, родум од Назарет, чиј псевдоним бил „Иса“ (Исус на арапски). Наводно, син на арапски христијанин и, иронично, еврејска мајка. Постојат разногласија околу неговиот идентитет, некои тврдат дека неговото вистинско име всушност било Мухамед. Како и да е, во редовите на палестинските милитанти имало доста христијани. Нека не ве буни тоа, Палестина е колевка на христијанството. Терористите, својата минхенска акција ја нарекле „Икрит и Бирам“ по две палестински христијански села, кои биле етнички исчистени од страна на израелските сили во 1948 година. Секако дека меѓу нив имало и муслимани, но религијата не им била најважна. Исламизмот тогаш не бил „ин“.

Многу палестинци (особено студентите од европските градови) биле под влијание на секуларниот палестински национализам и марксизмот-ленинизмот. Тие соработувале со радикални левичарски организации (како горенаведената RAF, Јапонската Црвена Армија и др.) и добивале поддршка од комунистичкиот свет. Во 1948, тој ја поддржал новосоздадената држава Израел, надевајќи се дека ќе биде социјалистичка (нели, Маркс бил Евреин). Следувало разочарување кога Израел се зближил со САД. Гневни, социјалистичките земји својата поддршка ја пренасочиле на Арапите, а по Шестодневната војна во 1967 и арапскиот пораз во истата, повеќето од нив ги прекинале дипломатските односи со Израел и широкоградо ги финансирале неговите непријатели.

Комунистите, како интернационалисти и противници на национал- шовинизмот, не го мразеле еврејскиот народ, туку Израел како про-американска и капиталистичка држава и неговата ционистичка, националистичка политика кон Палестина. Автоматските пушки Калашников, пиштолите Токарев и рачните бомби од советско производство употребени во минхенската операција, веројатно биле обезбедени од злогласната тајна служба на комунистичка Источна Германија, Штази. Со неа контакти одржувал организаторот на операцијата, Абу Дауд.

Њујорк Тајмс: Иса со бел шешир и лице маскирано со боја за чевли, преговара со германските власти.

Западна Германија се покажала некомпетентна во справувањето со оваа криза. И покрај нејзините пропусти, некако и можеме да ја сфатиме, ако ги земеме в предвид следниве околности. Ова било прва олимпијада на германско тло, по онаа, одржана во 1936 година под власта на Хитлер. Германците сакале да покажат една нова Германија, ослободена од тоа мрачно минато. Затоа и обезбедувањето на Олимпијадата било слабо, иако имало индиции дека напади се можни.

Влезот и излезот во олимпиското село бил доста слободен. Тоа било опколено со огради, но спортистите често непречено ги прескокнувале одејќи во ноќен провод. А провод имало и тоа каков: музики, журки, дружби, мување женски по соби, што е и нормално. Се случувала Олимпијада, тука биле собрани млади луѓе од најразлични нации и раси и тоа во едно такво либерално време на крајот на 60-те и почетокот на 70-те на минатиот век. Главен шизик бил американскиот пливач, Марк Шпиц, осовојувач на седум златни медали на оваа Олимпијада. Западна Германија, тогаш на чело со либералниот Вили Брант, со ништо не сакала да ја попречи оваа веселба и „славење на животот“. По бурната 1968-ма, властите сега сакале да покажат разбирање кон младите.

Доаѓањето на израелските гости било особено важно за Германците, заради поправање на односите помеѓу двата народи. Две години порано, Вили Брант клекнал на колена во знак на извинување пред споменикот на еврејските жртви од Втората Светска Војна во Варшава. Невољата во која се нашле еврејските спортисти на германска територија била многу болна и засрамувачка за домаќините, кои се труделе да не избрзуваат и да не ги доведуваат нивните животи во ризик. „Евреи нападнати во Германија“ – оваа вест звучела доста грдо.

Во олимпиското село биле присутни само 2000 поприлично „млаки“ обезбедувачи во цивил, а специјални анти-терористички единици, како денешните, тогаш не постоеле. Што е за право, група полицајци биле пратени да ги спасат заложниците, но тие немале доволно искуство да се справат со задачата. Иронично, нивниот неспретен обид за искачување врз зградата во која биле држени заложниците, бил директно пренесуван од тв камерите, а терористите го следеле секој нивен чекор на малите екрани! Никој не се сетил да ги тргне новинарите!

При крвавата разврска на аеродромот пак, за малку не пострадал и еден полициски снајперист од пријателски оган, заради тоа што бил поставен на погрешна позиција. Неспретноста на полицијата била страотна. Но и покрај се’, таа сепак успева да ги елиминира повеќето терористи. Црн септември губи пет припадници, вклучително и лидерот на акцијата, Иса. Преживеаните тројца терористи се уапсени (клик за фото од убиените и уапсените терористи тука).

Олимпиското знаме на пола копје. Во позадина го гледате и југословенското.

Но со ова приказната не завршува. Германската влада е принудена да ги ослободи тројцата терористи по грабнувањето на летот на Луфтханза 615, околу кој се плетат низа контроверзи. Некои велат дека грабнувањето на авионот е исценирано од страна на самата западногерманска влада, со цел, тројцата терористи да се пуштат и со тоа земјата да се поштеди од напади. Грабнувачите наредуваат авионот да слета во Загреб во тогашната неврзана социјалистичка Југославија. Таму пристигнуваат тројцата терористи ослободени од германските затвори, за потоа, сите заедно слободно да одлетаат за Либија, каде се дочекани како херои. Ете така нашата бивша држава ги толерираше палестинските милитанти. Тоа беше правено од солидарност со ослободителните движења на Третиот Свет, од кои повеќето беа левичарски.

И покрај страшната трагедија, Германците донеле контроверзна одлука Игрите да продолжат. Некои од спортистите биле револтирани од таа одлука и ги напуштиле, додека други сметале дека таа е исправна. Според нив, со тоа се испратила порака дека Олимпијадата не потклекнала пред притисокот на тероризмот. Американскиот шампион Марк Шпиц веднаш заминал, затоа што се стравувало дека може да биде евентуална мета, заради своето еврејско потекло. Белото олимпиското знаме, со петте разнобојни кругови било симболично спуштено на пола копје, како и знамињата на сите земји – учеснички. На ова протестирале арапските земји, чии знамиња се веднаш подигнати назад во нормална позиција.

За Минхенските настани говори документарниот филм, One Day in September, кој можете да го погледнете подолу. Добитник е на Оскар во 1999 година, режисер е Кевин Мекдоналд (The Last King of Scotland, Marley), а наратор познатиот актер, Мајкл Даглас. Посебно е интересно учеството и на последниот преживеан терорист од минхенската акција (тоа е еден од оние што ги пуштија у Загреб). Името му е Џамал Ал-Гаши. Режисерот Мекдоналд едвај успеал да стапи во контакт со него и да го убеди да даде интервју. Гаши се согласил тоа да биде во Јордан, но под услов да биде маскиран. Снимањето било на моменти прекинувано поради неговите напади на параноја.

Поучени од Минхенската трагедија, Германците ја создале специјалната антитерористичка единица, GSG 9 (Grenzschutzgruppe 9). За нивен раководител е назначен Улрих Вегенер – Рики, кој истотака е интервјуиран во овој филм (тоа е оној по малку екцентричен лик, што стално се смее, дури и кога раскажува страшни работи).

Филмот во целост (90 мин.) со српски превод, клик play и fullscreen долу десно.


Тоа беше документарен филм на темата, но снимени се и повеќе играни. Би го издвоил Munich од 2005 година на Стивен Спилберг. Како одговор на Минхенскиот масакр, премиерката на Израел, челичната лејди, Голда Меир, се решава за тактиката: „тероризирање на терористите“. Започнува операцијата на израелската тајна служба Мосад, под шифрирано име, „Гнев Божји“. Формирана е група тајни агенти чија цел е да ги ловат учесниците или организаторите на масакрот и брутално да ги убиваат насекаде по светот, и каде тие да се кријат. Следуваат спектакуларни атентати во Бејрут, Рим, Париз, Лондон, Атина и други места. Терористите паѓаат како жртви на сопствените методи. Пораката е јасна: Донт фак уит Израел. Во редовите на терористите настапува општа паника и параноја. „Тероризирање на терористите“ – за тоа говори овој филм.

Меѓутоа, иако е Евреин по потекло, Спилберг сепак се потрудил да биде избалансиран. Во филмов, тој на моменти проговорува и за палестинското гледање на работите и отвора една морална дилема. Во акциите на израелскиот тим агенти, по грешка настрадале и недолжни жртви како напр. онаа во Лилехамер, Норвешка во 1973 година (што инаку не е претставено во филмот). Тимот по грешка убива и агенти на советската тајна служба, КГБ. Иако таа соработувала со Палестинците, Израелците не смееле да си дозволат комплицирање на бездруго комплицираните односи со СССР. Истотака, во една прилика тимот извршува и лична одмазда, спротивна на службените инструкции. Според мене (и не само според мене), нивната егзекуција на девојката – платен убиец е една од најшокантните сцени икад видени на филм.

Гури, синот на убиениот Вајнберг, го глуми татка си во Munich

Вршејќи ја оваа валкана работа, израелските агенти почнуваат да се запрашуваат, дали тие и самите станале терористи? Живеејќи го тој опасен живот, главниот лик, Авнер Кауфман, ги губи нервите и запаѓа и во вртлогот на паранојата. Државата Израел, заради тајност, официјално се откажува од агентите, како никогаш да не постоеле. Филмов, инаку, го гледал и погореспоменатиот лидер на Црниот Септември и организаторот на Минхенскиот масакр, Абу Дауд. Тешко болен, пред својата смрт во 2010 година, тој ќе изјави дека не чувствува никакво каење за минхенската акција и за смртта на израелските спортисти, затоа што пред Минхен, никој не знаеше за Палестина – изјави тој.

Munich ми е еден од најомилените филмови. Со оглед дека е на славниот Спилберг, верувам веќе одамна ви е познат. Ако ипак има такви кои не го знаат, клик на следниов линк за да го изгледате во целост.

За крај, не останува ништо друго, освен да се надеваме дека еден ден, мирот конечно ќе завладее на просторите на Палестина, за сите нејзини жители.