Во врска со мојата претходна и поопширна евровизиска статија (која можете да ја прочитате со клик тука): Благодарејќи на жестоките критики, во кои се вклучи и vbb.mk, „Империја“ на Есма и Лозано е тргната од Youtube, а следуваше и оправданието дека песната и спотот ќе биле „поправени“.
„Империја“, најблаго речено, е тотална чкартоина, која не знам дали воопшто може да се опраи (циркулираат гласини дека, наводно, тоа му било понудено на Кирил Џајковски но тој тоа го одбил). Драго ми е што за нејзиното повлекување придонесе и овој сајт, како и многуте други негативни реакции во нашата јавност. Мислам дајте без лажна скромност, судејќи по времето на објавување, многу медиуми се вклучија во критиката на „Империја“ дури откога тоа го стори vbb.mk. Поради повлекувањето на спотот од Youtube, оние кои сакаа да го видат добиваа известување дека “This video is private”, па еве го и на друга локација: клик тука.
Од спотот реши да се огради дури и МРТВ, што е доста чудно. Иако го работела приватна продуцентска куќа, за нашата евровизиска промоција е сепак задолжен националниот радио-телевизиски сервис и никој друг. МРТВ е членка на Union Européenne De Radio-Télévision со седиште во Женева, нам подобро позната како EBU (European Broadcasting Union), која е организатор на Изборот за Песна на Евровизија. МРТВ завчера го промовираше спотот, а денес си ги мие рацете од коа падна белосветска брука? Остана нејасно и чив е всушност тој Youtube канал, на кој што спотот беше промовиран? Дали е тој официјален канал или некој дошол си напраил профајл на Youtube и си закачил некое лого? Ало бре ова се озбилни работи (хех мислам, колку Евровизија може да биде озбилна, но ако више се праи – да се праи к’о ш’о треба).
Еднаш на ТВ имаше некаква дебата помеѓу Иван Мирчевски и Костадин Шурбановски – Шурбе на тема на нашето музичко претставување во странство, при што првонаведениот даваше доста значење на Евровизија (чија позитивна страна е што пружа можност за афирмација на помалите нации), а вториов рече (парафразирам по свое): „Наши вистински музички амбасадори не се оние на Евровизија, а Анастазија, Леб и сол, Кирил Џајковски, Суперхикс, Зоран Маџиров, Никола Коџобашија, Дуке Бојаџиев…“. Шурбе беше во право, нема збор. Во таа смисла, тука би потсетил на еден мој текст каде говорев за настап на Суперхикс во Берлин, каде тие беа одлично примени. Таму објавив и некои еклузивни видео снимки. За да го прочитате кликнете тука.
Сепак, јас не ја отфрлам Евровизија. Колку и да е kitschy, таа истовремено е “wonderful piece of television” како што со право вели Сер Тери Воган од BBC. Taa ималa свои блескави моменти (ABBA, Клиф Ричард, Селин Дион, Џиљола Чинквети, Volare, Puppet on a String, L’amour est bleu и др.), па ве поканувам да ја погледнете видео презентацијата на евровизиски ремек дела во претходната статија, каде говорев за моите видео/аудио журки по скопските локали под наслов Ретровизија: кликнете тука. Во таа презентација, патем, не вклучив наши изведувачи, затоа што најискрено, ни еден од досегашниве не ми фатил око, т.е. уво (освен евентуално, пародиите на Зоки од Рок Агресори, но тој и не отиде на Евровизија )