nelsonmandela

По повод 95-от роденден на Мандела, борецот против расистичкиот Апартхејд во Јужноафриканската Република (ЈАР), да се потсетиме со видео клипови на концертот посветен нему, одржан на лондонскиот стадион Вембли во 1988. Настапија: Dire Straits, Клептон, Стинг, Џорџ Мајкл, Витни Хјустон, Eurythmics, UB40, Simple Minds, Bee Gees, Sly & Robbie, Aswad, Џони Мар од The Smiths, Питер Гејбриел, Стиви Вондер, Џо Кокер, Трејси Чепмен, Фил Колинс, Брајан Адамс, Салиф Кеита, Јусу Н’Дур и др. Концертот беше организиран по повод неговиот 70-ти роденден (иако не се одржа на 18 јули, а на 11 јуни 1988 год.). Во тој момент, Мандела се наоѓаше во затвор, каде помина вкупно 27 години од својот живот.

Организатор беше британскиот продуцент, Тони Холингсворт, познат по своите политички ангажирани рок хепенинзи. Во 80-тите години на минатиот век, кога на чело на Британија е конзервативната и омразена „Челична Лејди“, Маргарет Тачер, тој организира протестни концерти за Кампањата за Нуклеарно Разоружување (CND), како и за борба против невработеноста, на кои настапуваат: култните The Smiths, акустичарскиот „фолк-панкер“ Били Брег, геј активистот Џими Самервил со своите The Communards, антифашистичките скинхедси The Redskins, регаџиите Aswad и др. Многу од тие артисти ќе се вклучат и во левичарското движење Red Wedge. Во 1990 год. пак, Холингсворт е организатор на The Wall Live (1990) на Роџер Вотерс од Pink Floyd, по повод падот на Берлинскиот Ѕид. Следната година, Холингсворт организира и хуманитарен концерт за курдските бегалци. Работел и на познати забавни настани од неполитички карактер како напр. Guitar Legends, The Greatest Music Party in the World, прославата на 850 годишнината на Москва и др.

Тони Холингсворт

Други значајни рок-активисти во 80-тите беа Боб Гелдоф, организаторот на славниот проект за гладните во Африка, Band Aid и концертот Live Aid, како и Џери Дамерс од ska групата The Specials. Дамерс во 1984 год. ја објавува песната “Free Nelson Mandela” и е еден од создавачите на движењето Артисти Против Апартхејдот. Toa ќе го инспирира Холингсворт да го организира роденденскиот трибјут концерт за Мандела (во кој учество ќе земе и самиот Дамерс). Во реализацијата на планот Холингсворт се судира со разни проблеми, кои ќе мора самиот да ги решава.

Така например, на повикот Стинг да земе учество во настанот, неговиот менаџер, Мајлс Копленд (брат му на бубњарот од The Police) одговара дека тој ќе биде зафатен со турнеја. Холингсворт лета во Швајцарија, каде Стинг е на турнеја, се сместува во хотелот во кој тој се наоѓа и преговара тој да се приклучи кон акцијата. Тој му гарантира на Стинг приватен авион и навремен транспорт до / од настанот, со што неговата турнеја не би страдала. Стинг, како ангажиран уметник, кој го кревал гласот за амазонските прашуми и против диктатурата на Пиноче во Чиле, нормално, прифаќа. Ова заобиколување на менаџментот ќе го разлути Копленд, но веќе е доцна, Стинг е регрутиран.

Следен е Стиви Вондер, кого Холингсворт цела година ќе го гњави на телефон, по што на крај ќе го убеди да се приклучи. На концертот, Вондер ќе се судри со технички проблеми заради кои за малку нема да го напушти, но за среќа тие се некако надминати. Џери Дамерс пак, ги врбвува Simple Minds, на кои им пречело што на настанот ќе настапат и „лигавите“ и комерцијални Џорџ Мајкл и Витни Хјустон. Холингсворт им укажува дека целта е пораката да стигне до поширока публика, а не само до „алтернативната“. Аргументот е прифатен и Simple Minds влегуваат. Холингсворт добивал и закани дека на концертот ќе биде подметната бомба, но дури ни тоа не го поколебало.

Кога работата веќе тргнала, во неа се вклучиле и многу други ѕвезди, при што е сочинета програма во траење од 11 часа. Како најавувачи на лајн-апот, ангажирани се: Ричард Гир, Вупи Голдберг, Дензел Вашингтон, Греам Чепмен (Монти Пајтон), Стивен Фрај (Црна Гуја), Хју Лори (Д-р Хаус), Хари Белафонте (пејачот познат по “Banana Boat”), Али Мекргоу (од филмот “Love Story”) и др. Концертот добил амин од Треворд Хадлстон, бел свештеник – борец за правата на Африканците, ментор на познатиот црн свештеник – активист Дезмонд Туту. Повеќе ТВ канали низ светот ќе откупат права за негово пренесување. Значаен учесник на концертот ќе биде и Стив Ван Зандт (од бендот на Брус Спрингстин), кој во 1985 беше предводник на една слична акција против апартхејдот, под наслов “Sun City”.

Проблем за организаторот на концертот за Мандела бил и ставот на британската влада во однос на апартхејдот, расистичкиот систем кој некогаш владееше во ЈАР. Маргарет Тачер ќе остане запаметена како поддржувач на брутални десничарски режими, како например оној на Пиноче во Чиле. Делумно, таа ја поддржувала ЈАР, со оглед дека тоа била бивша колонија на Британија, која таму имала свои економско- политички интереси и инвестиции. Кај Тачер постоел и страв од ширење на комунизмот по евентуалниот пад на изразито антикомунистичкиот апартхејд и го осудувала Африканскиот Национален Конгрес (ANC) на Мандела како „терористички“. За Западните сили (САД, Британија и др.) била од важност и борбата на ЈАР против комунизмот во Ангола и Намибија (кој пак бил потпомогнат од Куба и СССР).

Но од друга страна, Британија сепак давала азил на некои политички бегалци од ЈАР и понекогаш истапувала против апартхејдот. Накусо, додека речиси целиот свет го осудувал апартхејдот, Тачер не заземала најјасен став. Некои ТВ станици не ги емитувале политичките говори против апартхејдот, кои биле одржани на концертот, а ја оставиле само музиката.

Ставот на Британија подоцна ќе се промени, по што Тачер дури и ќе се сретне со Мандела, откако тој ќе биде ослободен во 1990 год. По ослободувањето на Мандела, следувале преговори помеѓу него и раководството на ЈАР, кои ќе резултираат со напуштање на расистичкиот систем во 1994 год. На изборите одржани истата година, Мандела станува претседател на ЈАР. Функцијата ќе ја извршува до 1999 год.

Концертот за кој тука говориме одиграл важна улога во овие процеси. Слични концерти посветени на Нелсон Мандела ќе се одржуваат и во следните години. Апартхејдот беше победен, но ЈАР сега се соочува со некои други проблеми и предизвици (сиромаштијата, криминалот, болестите и сл.).


ВИДЕО КЛИПОВИ

Подолу можете да погледнете комплетни настапи на некои од ѕвездите на концертот или нивни одделни песни, што ќе рече сто саати музика.

Клик наслов за преглед, разглеј списак со клизач десно