За правилно прикажување на VBB.mk, онака како што го замислил авторот, повеќе се препорачува компјутер или лаптоп, отколку мобилен уред, како и браусерот Google Chrome. Доколку ви се допаѓа VBB.mk споделете го со своите пријатели по социјалните мрежи и потпишете се на неговата Facebook страна, а можете и да донирате средства за негово одржување.
Но кое е всушност значењето на кратенката ВББ? Секој иоле интернетски писмен жител на државава, па и на регионов, знае што таа означува, па тука нема никаква мистерија – тоа се иницијалите на авторот (просто, од немање друга идеја за ник). ВББ е неприкосновен блог-бренд во земјава, па и пошироко, во регионот, а се прослави на некогашната блог-платформа „Блогерај“, создадена од Сашо Мацановски – Трендо во средината на 2000-тите години. Но првите чекори на ВББ се направени многу поодамна, додуша, не под таа трејдмарк кратенка. Со алтернативна форма на новинарство, авторот се бави уште пред интернет ерата, во времето кога учествуваше во музичката андерграунд сцена.
Најпрвин, ВББ објавуваше статии во повеќе домашни и странски печатени фанзини, од кои би го издвоиле „Жбрц“ на Ѓоко Зафировски – Шон, фронтменот на групата Дени те чува. Под своите трејдмарк иницијали, ВББ за првпат се појави на култниот веб-портал Багра во 2005 год., кајшто други поекспонирани автори беа Анастас Вангели и Алекс Букарски. Потоа следуваше легендарниот „Блогерај“, во чии рамки, ВББ се наметна како еден од најзначајните играчи, со што заслужи и повеќекратно експонирање во печатот и РТВ програмите. Пишуванките на ВББ некогаш беа промовирани од Off.net.mk.
Од блогот на ВББ произлезе емисијата „Радио блог“, која тој ја водеше на скопските радија „Равел“ и „Канал 103“, во која гостуваа еминентни личности од уметничкиот и општествениот живот, од кои посебно се издвојува проф. д-р Љубислав Цветковски. Емисијата доживеа и лајв изданија, во форма на тематски аудио-видео журки по скопските клубови („Менада“, „Дамар“, „Ла Кања“ и др.). ВББ беше и колумнист во печатеното и мошне тренди списание „Авангарда“, како и на порталот Okno.mk. Во помала мера, ВББ понекогаш твори и на странските платформи.
Понекогаш, тој апдејтира некои свои постови со нови податоци, па не е лошо читателот да им се навраќа.