По повод 51 година од Земјотресот, едно урбано ремек дело на скопската музичка сцена, кое многу од вас никогаш не го чуле, затоа што незаслужено е паднато во заборав, а би требало да биде химна на овој град. Песната токму така и се вика, „Градот“. Изведувач е Алгоритам, скопска synthpop / electropop група од осумдесеттите години на минатиот век. Друга позната тема им беше и „Долби“. Но покрај синтисајзерите, кај нив беа присутни и гитарите.
По својот звук, Алгоритам помалку ме асоцираа на британските Ultravox, кои се прославија со “Vienna”. Но не знам дали споредбава ми е прецизна и дали членовите на Алгоритам би ја прифатиле. Нивната музика сум ја фаќал на радиото и на ТВ уште во детството, но со неа подробно се запознав малку подоцна, благодарејќи на Зоран Трпков од групата Рок Агресори.
Со него уште многу одамна собиравме ретка домашна музика, која во најголем дел не била никогаш официјално објавена на носач на звук. Тоа беа групите: Пеницилин, Триангл, Бон тон, Цилиндер, Хаос ин Лаос, Психо, Токму така и др. Тоа беа разни стари излитени и стопати бришани касети. Беа преснимувани од радио или од други извори, ако например некој успеал да прошверца нешто вон катакомбите на националниот РТВ сервис, што е речиси невозможно. А штета, во студиото М-2 на МРТВ се снимани наши фантастични бендови и солисти. Имав собрано и по некои видео снимки на VHS.
Да не бидам арогантен, но да потсетам, дека бев првиот, кој овие заборавени домашни изведувачи ги извади од нафталин и ги претстави пред нашата интернет публика. Тоа го направив уште пред многу години на нашиот прв и некогаш многу популарен блог-сервис, кој се викаше „Блогерај“, кого неговите нови сопственици решија да го укинат. Страшно. Во неповрат отидоа илјадници блогерски ремек дела. На Блогерајот правев виртуелни тематски журки со наши „забутани“ аудио и видео клипови, што предизвика голем интерес, по што бев канет да гостувам и во некои медиуми за да говорам на таа тема.
Во тоа време, Youtube и Facebook не беа толку богати со содржини како што е тоа денес, а и интернетот беше многу побавен. Не сакам да бидам суетен, но сакам да верувам, дека тие мои музички презентации придонесоа некои бендови да се реоформат или да ја (ре)издадат својата музика. Токму тогаш излезе документарецот на Картер за нашата рокенрол сцена, тој ги реоформи и Бадмингтонс, а беа реиздадени и Бастион. Денес, ситуацијата е сосема друга и на интернет со леснотија можете да најдете многу од тие неоправдано заборавени музичари. Од пиле млеко! Сепак, оваа песна од Алгоритам останува непозната за нашиот поширок аудиториум.
Затоа, кликнете плеј и фулскрин на клипот подолу и преслушајте ја оваа песна. Или разгледувајте ја мојата ретро-фото изложба Скопје кое веќе го нема уз нејзина пратња. Јас не знам дали авторите на оваа песна ја напишале неа токму за Скопје, но така ми личи. Пред некоја година, на Пиво фест, преку еден познаник имав прилика да помуабетам со ќерката на еден од членовите на Алгоритам. За жал беа гужви и не можев да добијам од неа којзнае какви информации за оваа група, како и за песнава. Дури и таа да не напишана за Скопје, сепак, јас ја посветувам на овој град. Неможам да знам што нејзините автори мислат за неговата трансформација со проектот СК2014, но јас лично ова денешно кичесто и турбофолк „Скопје“ не го признавам.
Во зависност од периодот, Скопје го обележале: Кензо Танге, собирањата пред Ванила или на Коцка, Рок Фест во МКЦ, Кенан на Плоштад и тостови кај Чичко Стоилко или хамбургери у Аркадија (што ги срушија), плочи од Југотон у ГТЦ (што допрва ќе го рушат) или кај Манде Баги у Мавровка, Џез фестивалот на Белопета. Потоа, Драган Б. Костиќ у диско Турист, собирања пред Ани и Бони кај грчки конзулат или пред Мондријан и Арарат на угорницата у Чаршија, турски чај у Багдад кафе у Безистен, гурбет во Лондон и враќање од таму со нови музики, облеки и идеи. Скопската младина уште далеку пред интернетот следеше се’ што е актуелно во светот, без разлика дали тоа беше мејнстримот или алт-културата (музика, филм, стрип, мода, компјутери: Комодоре, Спектрум итн.).
Кога во екот на разните балкански конфликти, кај нас дојдоа голем број на странски мировници, тие најпрвин мислеа дека дошле во некаква Руанда или Авганистан, но тие останаа зинати, кога тука налетаа на една упатена english-speaking младина, која без никаков комплекс можеше да се носи со своите врсници во развиениот свет. „Саундтрак“ на Скопје беа The Smiths, Depeche Mode, The Cure, Joy Division, U2, Sex Pistols, The Clash или пак нашите Леб и сол, Бастион или Шпато, ако одиме уште наназад. Не говориме тука само за музика, туку општо за светогледот.
Ова денес не е Скопје. Ова е Ашгабат од мечтите на сулудиот туркменистански диктатор Сапармурат Нијазов. Ни во лудило не помислував, дека еден ден, јас ќе ја доживеам судбината на Старите Скопјани и дека ќе се чувствувам како странец во својот сопствен град и дека нема да можам повеќе да го препознаам. Кои се овие луѓе?! Да се разбереме, немам ништо против дојденци од внатрешноста, но само доколку го почитуваат градот во кој што се доселиле. Та некои од најславните Скопјани всушност и не се родени во Скопје, но сепак, тука растеле, твореле и го одбележале овој град. И какви се овие зданија околу нас?! Ова е тежок кич како статуите – лабуди на онаа куќа кај Кичево, која редовно ја поминувате на пат за Охрид.
Се разбира, секогаш имало и ќе има млади, кои ќе си фураат свој филм и кои ќе развиваат некаква урбана култура, без оглед на сиот овој турбофолк кој не’ опкружува. Но таа, се чини, е некако замрена во споредба со порано, па затоа, да се потсетиме на деновите кога во Скопје таа навистина цветала. Не велам дека во минатото се’ било идеално. Далеку од тоа! Кога би се вратиле сега таму, сигурно би нашле куп замерки. Секое време си имало и свои позитивни и негативни страни. Да ви кажам искрено, има моменти кога го мразам Скопје и кога се чудам што барам јас тука. Но сепак, овој град изродил многу квалитетни нешта, вклучително и песнава подолу. Вистинска електронска симфонија.
Полека, лазат улиците млитаво,
Во уште еден празен ден.
Снегулки на ноќта се топат
Во светлината на големиот град.
Стар, успорен крик,
Се тегне низ нашата судбина.
К’о пес, скитник без дом,
Го плашат новите лица.
Во нас градот зарива празни зборови,
На кожата свежи трагови.
Растат листови од бетон,
Натопени со желби и крв.
Од утробата на камениот цвет
Крик на убиен сон.
Облечени во челични оклопи,
Со песна неуморно газиме,
Преку сите, што не издржале
Во големиот град.
Од нас градот очекува нови победи.
Гладијатори се’ уште живи,
Во нас, градот зарива празни зборови,
На кожата свежи трагови…