Пред 40 години, на Кипар, каде пламтела силна етничка тензија, се случил пуч, со кој од власт бил соборен архиепископот Макариос III, а на негово место дошла гарнитура помогната од тогашната воена хунта во Грција. Тоа испровоцирало интервенција на Турција. Започнала војна и етничко чистење. Многу Кипарски Грци и Турци биле убиени, станале бегалци или исчезнале. Последиците од тој конфликт се чувствуваат и денес.
Островот, како и неговиот главен град, Никозија, е поделен со т.н. „Зелена линија“ на: доминантно грчката Република Кипар и непризнатата Турска Република Северен Кипар. Таа линија е всушност појас, демилитаризирана тампон зона, контролирана од мировниците на ООН. На островот се јавуваат некои тенденции за помирување на двете меѓусебно закрвени етнички групи, но сепак кипарското прашање останува нерешено. Најдолу под овој текст, ви претставувам и неколку одлични документарни филмови околу оваа тема.

Горе: Кипарски Гркинки си ги бараат своите исчезнати сопрузи. Долу: Кипарски Турци добиваат лоша вест за своите блиски.
Како што веќе сте читале на овој сајт, јас сум роден во Атина, Грција (две години по падот на хунтата), заради репортерско – дописничката печалба на моите родители. Иако немам етничка конекција со таа земја, мене ме интересираат теми поврзани со неа. Сепак јас во себеси имам новинарска крв. Островот, за кој говориме во оваа статија, не и’ припаѓа на Грција, туку на независната Република Кипар. Како и да е, помеѓу луѓето во Грција и Кипар постои силна емотивна врска. Случувањата на Кипар претставуваат една голема национална траума за Грција, која условно можеме да ја споредиме со Егејската за нас.
За да го сфатиме конфликтот на овој остров, кој на грчки се нарекува Κύπρος, а на турски Kıbrıs, ќе треба да се вратиме во неговото минато. Во антиката, на Кипар цутела богата старогрчка култура. Според некои митови, Кипар бил родно место на Афродита, старогрчката божица на љубовта и на Адонис, богот на убавината. На островот владееле кралевите Кинир, Тевкр Теламонид и Пигмалион. Кипар се наоѓа во Источното Средоземје (Левантот) и тој потпаѓал под власта на различни освојувачи од соседството. Во зависност од периодот, Кипар бил под: Феникијците, Египќаните, Асирците, Персијците, Александар Велики, Римјаните, Византијците, Арапите, Крстоносците и Венецијанците. Христијанството на островот било донесено уште во првиот век од апостолите Варнава, Павле, Марко и Андреја. Една од најстарите автокефални православни цркви во светот е кипарската. На островот постојат нејзини храмови, кои се подеднакво почитувани како од Грците, така и од Турците. Кога сме кај вториве, да спомнеме дека тие го освоиле островот во 1571 год.
Како што тоа било типично за Османлиската Империја, на Кипар бил воведен т.н. „милет систем“, кој ги изедначувал етничката и верската припадност. Така, поглаварот на месната православна црква имал улога не само на верски водач, туку и на водач на грчката етничка заедница, т.е. етнарх (гр. ἐθνάρχης). Зошто е ова важно, ќе образложиме подоцна. Под отоманската власт, грчкото население на Кипар било угнетувано и тоа честопати кревало востанија, кои биле во крв задушувани. Формирањето на независната грчка држава во 1822 год., ги охрабрило оние Грци, кои не биле вклучени во нејзините граници, да бараат присоединување кон неа, што на грчки се нарекува „Енозис“ (Ένωσις). Или во превод, „обединување“. Тоа е иредентистички концепт каков што имало кај речиси сите народи, па така и кај нашиот.
Современата грчка држава најпрвин ги опфаќала просторите на Пелопонез, Атика, Централна Грција и само дел од островите (Кикладите, Спорадите и Сароничките), но во неа не биле влезени многу територии, кои Грците ги сметале за свои. Тука би ги навеле: Мала Азија, Понт, Крит, Додеканските, Северноегејските и Јонските острови, Тесалија, Епир, Егејска Македонија, Тракија и секако, Кипар. Среде грчкото население на островот се јавиле стремежи за енозис, но тие биле жестоко репресирани.
Османлиите им дозволувале на христијаните да ја исповедаат својата вера, но сепак тие биле третирани како граѓани од втор ред. Понекогаш, при задушувањата на нивните востанија, страдале и нивните храмови. Затоа, еден мал број од нив решиле да преминат во ислам. Според милет системот, тие биле вбројувани во турското население на островот. Многу од нив во тајност продолжиле да го практикуваат христијанството, т.е. биле крипто-христијани (гр. Λινοβάμβακοι). Интересно е да се спомне дека исламот на Кипар пристигнал далеку пред Турците, уште со арапските освојувања во VII век.
Се вели дека тетката на пророкот Мухамед, Ум Харам, била испратена од Алах во света мисија за ширење на исламот преку морето, при што таа со брод допловила до Кипар. Патувајќи по островот качена на магаре, во градот Ларнака таа ненадејно паднала од самарот. Со оглед дека веќе била во поодмината возраст, таа тогаш починала и била погребана на самото место. Подоцна, во отоманските времиња, таму била подигната џамијата Хала Султан Теке, која денес е еден од најзначајните исламски споменици на островот и таа се’ уште опстојува во нејзиниот јужен, грчки дел.
Во текот на тривековното османлиско владеење, демографската структура на Кипар се променила со доселување на Турци, кои допловувале од Анадолија, која е оддалечена само 75 километри. Сепак, православните Грци останале мнозинство на островот. Соодносот помеѓу Кипарските Грци и Турци изнесува приближно 4:1.
Да спомнеме, патем, дека на Кипар живеат и Ерменци, од кои повеќето припаѓаат на Ерменската Апостолска Црква, една од најстарите на светот, потоа присутни се и Маронити, арапскојазични унијатски христијани, кои се дојдени од блиските Либан и Сирија, како и римокатолици, остаток од владеењето на Венецијанците и крстоносците. На островот има и уште некои помали етнички и религиозни групи (Евреи, Роми, новодојдени емигранти од Источна Европа и др.).
Доминантните заедници на островот, грчката и турската, не секогаш си ваделе очи, како што ние мислиме. Меѓу нив имало и моменти на соживот, соработка, па дури и некои заеднички буни против агите и беговите (напр. во XVIII век). Но, генерално, односите меѓу нив биле и останале тензични.

Првиот претседател и потпретседател на независната и би-национална Република Кипар: Кипарскиот Грк Макариос III (десно) и Турчинот Фазил Ќучук (лево).
Владеењето на Османлиите на Кипар завршило со Руско-Турската војна во 1878 год. Нивната царштина почнала да се распаѓа. Со Сан-Стефанскиот и Берлинскиот договор помеѓу големите сили, територијата на Османлиската Империја започнала да се расцепкува и да влегува во составот на тогаш младите држави: Бугарија, Србија, Црна Гора, Романија и Грција. Меѓутоа, за жал на Кипарските Грци, нивниот остров не бил приклучен кон грчката држава. Со тајната Кипарска Конвенција, потпишана помеѓу Османлиите и Британците на 4 јуни 1878 год., второнаведените добиле контрола врз островот. Целта на Британците во тој момент била да го искористат како база при евентуален судир со Царска Русија, што на Османлиите им одговарало. Кипар станал британска колонија.
Осумдесет и кусур годишното британско владеење на Кипар било подобро од отоманското, во смисла на слободите и економијата. Многу жители на Кипар емигрирале во Британија, а нивни познати наследници денес се например: Георгиос Киријакос Панајоту попознат како Џорџ Мајкл и Стивен Георгиу алиас Кет Стивенс. Познат Кипарски Грк, кој во даден период живеел и работел во Британија бил и Мајкл Какојанис, режисерот на Оскаровецот „Гркот Зорба“ (1964) и на „Ифигенија“ (1977), кој се закити со Златна Палма во Кан.
И покрај подобрените услови за живот под британска власт, идејата за енозис и понатаму опстојувала среде Кипарските Грци. Новите слободи придонеле таа идеја уште повеќе да се развива. Во периодот помеѓу двете светски војни, дошло до радикализација среде Кипарските Грци. Во 1931 год., се случиле насилни протести, нереди, саботажи, престрелки, при што паднале и првите жртви. Британскиот колонизатор одговорил со масовни апсења на Кипарски Грци и укинување на некои од слободите, кои тие дотогаш ги уживале. Кипарските Турци пак, жестоко се спротивставувале на идејата за обединување со Грција. Поради таа лојалност, Британците ги регрутирале Кипарските Турци во своите колонијални полициски единици, што предизвикувало уште поголем револт кај грчките жители на островот.
Насилството кулминирало во педесеттите години на минатиот век, кога се формирала милитантната националистичка организација на Кипарските Грци, ЕОКА (Εθνική Οργάνωσις Κυπρίων Αγωνιστών). Нејзин раководител бил десничарот Георгиос Гривас (1898-1974), попознат по псевдонимот Дигенис (или по нашки, деген). Иако родум од Кипар, тој бил офицер на армијата на Грција, во чии воени академии се образувал. Наводно, тој бил колаборационист во времето на нацистичката окупација на Грција. Тогаш, тој во Атина формирал некакво минорно и прилично контроверзно „движење на отпорот“ под тајниот назив Οργάνωσις Χ. Цел на тоа движење не била толку борбата против Германците, колку спречување на заземањето на власта од страна на комунистичките партизани на ЕАМ-ЕЛАС, кои во војната претставувале најсилно ослободително движење. Како што знаете, во нивните редови се бореле и наши сонародници од Егејот. Дигенис бил жесток грчки националист и антикомунист, па откако заминал од Грција на Кипар со цел кревање на востание, мета на неговата организација ЕОКА биле: Британците, Кипарските Турци, умерените Кипарски Грци и секако, припадниците на АКЕЛ (Кипарската Комунистичка Партија).
Кипарските комунисти се залагале за ненасилен, „гандиевски“ отпор кон Британците и за меѓуетничка толеранција, поради што ЕОКА нив ги етикетирала како „предавници на грчкиот народ“. Наспроти грчката ЕОКА, Кипарските Турци ја формирале својата националистичка организација TMT (Türk Mukavemet Teşkilatı). На грчката идеја за енозис, Кипарските Турци ја спротивставиле својата идеја за “Taksim” (поделба на островот). ТМТ, како и ЕОКА, била истотака антикомунистички настроена, па како нејзини жртви паднале и повеќе Кипарски Турци – комунисти.
Стремежите на Кипарските Грци за ослободување од Британците и за енозис со Грција предизвикале гнев во Турција. Во септември 1955 год., гневна толпа извршила погром над грчкото малцинство во Истанбул, при што повеќе Грци биле убиени, претепани или силувани, а нивните имоти биле ограбени и уништени.
Битен кипарско-грчки активист во тоа бурно време бил православниот архиепископ Макариос Трети (1913-1977). Тој за православните Кипарски Грци претставувал етнарх (термин кој веќе го спомнавме претходно). Поради неговиот силен авторитет кај Кипарските Грци, во 1956 год., британските колонизатори го депортирале на далечните Шејселски острови, каде што тој лежел притвор една година. Меѓутоа, во тој период, Велика Британија почнала да станува „мала“. Нејзината колонија Индија се осамостоила, во Малезија избувнало востание, се случила и Суецката криза итн. Неможејќи да го запрат процесот на деколонизација низ својата империја, Британците понудиле преговори за иднината на Кипар.
Како и мнозинството Кипарски Грци, Макариос најпрвин бил жесток борец за енозис, но кај него надвладеал прагматизмот. Откако тој сфатил дека идејата за енозис била неостварлива заради турското противење, тој прифатил компромис: независна и би-национална држава Кипар, чии гаранти би биле Грција, Турција и Британија, кои би држеле одреден број на бази на островот. Постојат тези дека Макариос се откажал од идејата за енозис и дека го прифатил компромисот понуден од Британците, дури откако тие се заканиле дека ќе ја обзнанат неговата (наводна) хомосексуална ориентација. Дали во тоа има вистина, не знаеме, но битно, на 16 август 1960 год., на светската политичка мапа се појавила нова независна држава: Република Кипар, со главен град Никозија. Макариос бил избран за нејзин прв претседател, додека на функцијата прв потпретседател стапил Кипарскиот Турчин, Фазил Ќучук (1906-1984).
Во текот на своето раководење со Кипар во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, Макариос Трети се залагал за добри односи со Атина и Анкара и за политиката на неврзаност. Учествувал на Самитот на Неврзаните во Белград во 1961 год. Другарувал со Јосип Броз – Тито од СФР Југославија, Џавахарлал Нехру од Индија, Гамал Абдел Насер од Египет и Јасер Арафат од Палестина, земја со истотака тешка судбина, за која веќе детално ви пишував. Кога веќе го спомнавме палестинскиот лидер Јасер Арафат, еден израелски телевизиски канал се потсмеваше со големата блискост, која постоела помеѓу него и Макариос, алудирајќи на неговата наводна хомосексуалност, која веќе ја спомнавме погоре (за видео клик тука).
Дали хомосексуалноста на Макариос била само тенденциозна гласина, пуштена од тајните служби MI-6, CIA или Мосад, со цел тој да биде дискредитиран, јас не би знаел, но факт е дека тој станувал се’ поопасен за Западот, кој го оценил него како „Фидел Кастро на Средоземјето“. Политиката на Макариос одела се’ повеќе „во лево“. Среде Студената Војна, тој дури ја посетил и Москва и потпишал договор за воена соработка со Советскиот Сојуз, по што добил советско вооружување преку Египет. Можеби некои од читателите ќе ги зачуди што еден свештеник имал про-левичарски револуционерни тенденции, но за слични личности од историјата, главно од Третиот Свет, јас веќе пишував во својата статија: Духовници бунтовници.
Во 1963 год., Макариос предложил одредени уставни амандмани, кои биле жестоко отфрлени од страна на Кипарските Турци, затоа што тие сметале дека со нив им се ограничуваат правата. Тоа довело до меѓуетничко насилство и излегување на Кипарските Турци од органите на власта. Кипарско-грчките екстремисти започнале со спроведување на својот таен план „Акритас“ за етничко чистење на Кипарските Турци и за енозис со Грција. Тогаш се случил и масакрот на т.н. Крвав Божиќ (декември 1963 год.), во кој пострадале повеќе Кипарски Турци.
Како автор на планот „Акритас“, некои го наведуваат кипарскиот министер за внатрешни работи Поликарпос Јоргаѕис (1932-1970). Тој бил поранешен член на ЕОКА и жесток националист, познат по изјавата: „Нема место на Кипар за некој кој не е Грк, кој не размислува како Грк и кој не се чувствува како Грк“. Во даден период, министерот и Макариос имале добра соработка, но подоцна патиштата им се разминале.
Според некои турски тврдења, Макариос потајно бил национал-шовинист и го поддржувал планот „Акритас“, но тој тоа го демантирал и тврдел дека доследно се борел за соживот на Кипарските Грци и Турци и за независност на Кипар, како од Грција, така и од Турција. Од грчка страна пак, некои обвинуваат дека насилството било намерно испровоцирано од страна на турската организација ТМТ, со цел, тоа да доведе до поделба на островот (таксим) и со тоа да се спречи било каква можност за енозис во иднина. Обвинувањата за тоа „кој прв почнал“ помеѓу Кипарските Грци и Турци траат до ден денес.
Во 1964 год., на Кипар морале да пристигнат мировните трупи на Обединетите Нации. Тогаш, британскиот генерал мајор Питер Јанг (1912-1976) со зелен молив ја нацртал линијата на разграничување помеѓу Кипарските Грци и Турци на една воена мапа на островот. Затоа, таа станала позната под називот „Зелената линија“.
Во Грција, земја која особено се интересирала за кипарскиот проблем, во 1967 год. се случил државен удар. Со помош на американската CIA, власта во Атина ја заземала сурова десничарска воена хунта. Околу тоа, можете повеќе да прочитате во мојата статија под наслов: Z ама не е Zorro. Хунтата врбувала свои шпиуни среде кипарските безбедносни сили, развивајќи на островот тајна паралелна власт (паракратија). Целта на хунтата била соборување на про-комунистичкиот Макариос од власт, по што, на негово место би бил инсталиран претседател, кој би и’ бил послушен на Грција.

Тенкови на улиците на Атина, при заземањето на власта од страна на воената хунта на 21 април 1967 год.
Најпрвин, хунтата се обидела да се отараси од Макариос со помош на гореспоменатиот министер Поликарпос Јоргаѕис, кому му била дадена задача да организира атентат врз архиепископот (т.н. Операција Хермес). Обидот за атентат, извршен на 8 март 1970 год., завршил неуспешно. Вооружени луѓе организирани од министерот отвориле оган врз хеликоптерот во кој се наоѓал Макариос, но тој успеал да се спаси. По ова, Јоргаѕис изјавил: „Сешто може да се случи сега. За Макариос, луѓето се како лимони: откако ќе ги исцеди, тој ги фрла“. Една недела подоцна, Јоргаѕис бил убиен под нејасни околности. Меѓу хунтата во Атина и Макариос започнал конфликт, кој наскоро преминал во отворена војна.
На 15 јули 1974 год., на Кипар бил извршен пуч против Макариос. Единиците на про-атински настроените кипарски офицери ги заземале сите стратешки места на островот, додека соборениот Макариос побегнал во егзил. Со помош на хунтата од Атина, раководството со Кипар го презел Никос Самсон (1935-2001), бивш терорист на ЕОКА. Новата власт на Кипар започнала со ширење на дезинформации преку брановите на Радио Никозија дека „Макариос е мртов“, но тој веќе се наоѓал на безбедно во Лондон, каде ги демантирал тие тврдења. Тој се обратил пред Советот за Безбедност на ООН со зборовите: „Пучот на грчката хунта е инвазија и од нејзините последици ќе страдаат и Грците и Турците“. Со ова, Макариос фактички ја обвинил Грција за агресија врз независната држава Кипар.
Пучот ја испровоцирал соседна Турција воено да интервенира. Оправдувајќи се со фактот дека таа била една од државите – гаранти на Кипар, Турција извршила инвазија врз островот на 20 јули 1974 год. Воената хунта во Атина и нејзиното марионетско раководство на Кипар на чело со Самсон биле затечени од новата ситуација. Нивниот план за ставање на Кипар под капата на Атина доживеал потполно фијаско. Шокирани и неподготвени да се соочат со изненаден напад на надмоќен непријател, тие западнале во тешка политичка криза. Бродот наречен Грција почнал да тоне.
Постоела опасност за војна помеѓу Грција и Турција, а незадоволството и паниката кај грчките граѓани биле големи. Разочараноста била голема и кај грчките политичари и офицери, во чии очи, хунтата го изгубила својот авторитет. Воедно, Грција била политички и економски изолирана од „нормалниот свет“, заради диктатурата, која тогаш владеела со неа. На крај, сето тоа довело до паѓање од власт на воената хунта во Грција, а со тоа и на пучистите во Кипар. Кипарската криза претставувала и огромна закана за единството на НАТО пактот, кого Грција, гневна од турската интервенција, го напуштила, за неколку години подоцна да се врати во него.
Турската интервенција на Кипар имала две фази. Првата операција, која Турците ја спровеле, го носела шифрираното име „Атила“ (јули 1974), а потоа, тие се решиле да напраат нејзин “sequel” под наслов „Атила II“ (август 1974). Со втората етапа на турското заземање на Северен Кипар се врзува една трагикомична анегдота. Турскиот министер за надворешни работи Туран Ѓунеш и премиерот Булент Еџевит се договориле операцијата да започне откако првиов телефонски ќе му ја соопштел на другиов следната шифра: „Ајше треба да оди на одмор“ (тур. Ayşe Tatile Çıksın). Имено, кај нив постоел сомнеж дека нивните телефонски линии се прислушкувани. Така „Ајше заминала на одмор“ на песочните брегови на Кипар, каде таа и ден денес се’ уште се сонча. “Endless Vacation” – како што пееја Ramones.
Според Гарантниот Договор од 1960 год., потпишан помеѓу Британија, Грција и Турција, последнава, како држава – гарант, навистина имала право да интервенира, но само со цел спречување на пучот и враќање на уставниот поредок во Република Кипар. И ништо повеќе од тоа. Турците немале право да го одделат северниот дел од островот во засебна, турска држава, туку тие биле обврзани да го почитуваат територијалниот интергритет и суверенитет на Република Кипар. Овие меѓународни обврски Турција ги прекршила. Иако таа тврдела дека интервенира заради заштита на своите сонародници, таа окупирала околу 37 проценти од островот, што било далеку поголема територија од онаа, која била населена со Кипарски Турци. Кипарските Грци, кои се нашле под турска окупација, биле подложени на терор и етничко чистење. Турските сили вршеле и силувања, поради што, кипарските власти донеле одлука за либерализација на законите за абортус. Грозоморни воени злосторства биле извршени и од грчка страна. Многу луѓе од обата етникуми завршиле во јами и нивната судбина до ден денес е неразјаснета. Биле уништени или ограбени и верски објекти: цркви и џамии.

Кипарските Турци со радост ги дочекале турските војски, затоа што биле загрижени за својот опстанок.
Турците ја однеле победата во оваа војна. Откако ги зацврстиле своите позиции, тие започнале да притискаат за федерализација на Кипар и за размена на население со неговиот грчки дел, со што практично би била спроведена идејата за таксим. На 13 февруари 1975 год., тие ја прогласиле т.н. Турска Федерална Држава Кипар. Овој чекор бил критикуван од страна на меѓународната заедница, поточно со Резолуцијата на Советот за Безбедност на ООН бр. 367 од 12 март 1975 год. Следувале осум години напорни преговори за решавање на проблемот, кои не довеле до резултат.
Откако идејата за федерација на две кипарски држави (грчка и турска) пропаднала, на 15 ноември 1983 год., турскиот дел на Кипар прогласил независност под името Турска Република Северен Кипар. Нејзин прв претседател бил Рауф Денкташ (1924-2012), кој на таа функција бил реизбиран се’ до 2005 год. На грчките бегалци не им било дозволено враќање на своите имоти, додека тие биле систематски колонизирани со доселеници од Турција, кои со Кипар немале ништо заедничко, што предизвикувало дополнителен револт кај меѓународната јавност. Турската Република Северен Кипар не е меѓународно призната, а нејзината територија, според меѓународното право, се смета за „окупирана територија на Република Кипар“.
Ова, меѓудругото, создало и проблеми со нормалниот проток на луѓе и стоки помеѓу северниот и јужниот дел на островот. Така например, странските туристи кои во своите пасоши имале севернокипарски печати, можеле да бидат вратени од границата на Република Кипар и да се соочат со проблеми при влез во Грција. Денес, ваквите проблеми се во голем дел надминати, но сепак, многу други се’ уште остануваат нерешени. Некогашната престолнина на островот, Никозија, била поделена на јужен и северен дел. Првонаведениот е главен град на Република Кипар, додека вториот, на Северен Кипар.
Кога сме кај поделбите, во доцните осумдесетти и раните деведесетти години на минатиот век, се случил Падот на Берлинскиот Ѕид, како и Обединувањето на Германија, која потоа влегла во новосоздадената Европска Унија. Меѓутоа, овие интегративни процеси го заобиколиле Кипар. Во 1996 год., Кипарската Мотоциклистичка Федерација иницирала протестен марш (поточно бајкерски конвој), кој симболично би тргнал од некогаш поделениот Берлин до се’ уште поделената кипарска престолнина Никозија. Таму бил закажан протестен собир, кој требало да се одржи пред севернокипарските гранични пунктови. Паралелно, турската националистичка организација Сиви волци се подготвувала на бајкерите да им приреди „соодветен пречек“. Тогашниот генерален секретар на ООН, Бутрос Гали, апелирал до бајкерите да го напуштат својот план, за да не дојде до ескалација на меѓуетничките тензии на островот. Патувањето било откажано, но некои Кипарски Грци сепак решиле да го одржат планираниот протест.
Протестот се одржал на 11 август 1996 год. Тогаш, некои од грчките демонстранти успеале да се пробијат низ кордонот на мировниците на ООН и да навлезат во тампон зоната, која ги дели двата закрвени кипарски ентитети. Откако демонстрантите се нашле на турска територија, тие веднаш биле нападнати од припадници на Сивите волци, вооружени со палки, при што, 24 годишниот Грк, Тасос Исак, бил претепан до смрт. Како што ТВ камерите регистрирале, турските безбедносни сили, присутни на местото на настанот, не сториле ништо за да го спречат насилството. Инцидентот предизвикал огромен револт кај грчката јавност. Три дена подоцна, роднината на убиениот Исак, 26 годишниот Соломос Солому, земал учество во протестен собир, кој се одржувал на местото на убиството. Притоа, тој се обидел да се искачи на јарболот на кој се веело знамето на Турција, со цел да го симне, при што бил смртно погоден од страна на турските стражари. Телевизиските снимки од тој инцидент го обиколија светот.
Се сеќавам дека многумина кај нас тогаш ликуваа што нашите пријатели Турците убиле Грк. Донекаде ги разбирам. Со Грците, за жал, нашиот народ имал не многу пријатна историја. „Непријатна“ е всушност преблаг збор! Но сепак, сметам дека нашата јавност треба да се запознае со позадината на тој, сега историски настан. Соломос Солому не го ризикувал својот живот просто така, од бес. Солому не само што бил изреволтиран од убиството на својот роднина, Исак, туку тој бил и еден од илјадниците грчки бегалци од турската окупација на Северен Кипар во 1974 год.
Солому бил бегалец од приморскиот град Фамагуста, кој се наоѓа на североистокот на Кипар. Пред турската окупација на градот во 1974 год., во него Грците претставувале мнозинство. Тогаш тоа бил убав и мошне просперитетен град на економски, културен, туристички и секаков друг план. Фактички, тоа била најатрактивната туристичка дестинација на сиот остров и таа поседувала половина од целиот сместувачки капацитет на Кипар. Во Фамагуста се слевале многу инвестиции и илјадници странски туристи. Во нејзината јужна населба со интересно име Вароша, никнале бројни луксузни хотели и апартмани, во кои отседнувале Ричард Бартон, Елизабет Тејлор, Брижит Бардо, Ракел Велч и други познати ѕвезди. Условно, тоа било нешто како Титовите Бриони, да речеме.
Меѓутоа, оваа идила била брутално прекината во летото 1974 год., кога Фамагуста била нападната од страна на турските сили. Градот бил бомбардиран од турската авијација, при што загинале многу негови жители и била причинета голема материјална штета. Турски тенковски единици навлегле во градот, по што започнале крвави улични борби со кипарските одбранбени сили, кои биле поразени. Грчките жители во целост го напуштиле градот, земајќи го со себе само најнеопходното, а многумина заминале без ништо. Потоа, тие гниеле по разни бегалски кампови. Откако Фамагуста била заземена од турските трупи, некогаш елитната туристичка населба Вароша најпрвин била комплетно испразнета од луѓе и ограбена, а потоа била опколена со стражи, бодликави жици и други препреки. Влез во населбата повеќе не му бил дозволен никому.
Оттогаш, Вароша опстојува како „град на духови“, отсечен од остатокот на светот. Некогаш луксузните хотели и трговски центри се распаѓаат под забот на времето, ’рѓосуваат или зараснуваат во коров. Населбата сега претставува еден „жив музеј“ од просперитетните времиња пред поделбата на островот, но никој не смее да ја посети, особено не нејзините поранешни жители, на кои им е забрането да се вратат. Вароша помалку потсетува на „градот на духови“ Припјат, кој се наоѓа недалеку од Чернобил во Украина, за кој веќе ви пишував.
Ако ја тргнеме настрана населбата Вароша, остатокот од Фамагуста и понатаму си опстојува нормално како град, но сега со доминантно турско население, додека неговите некогашни грчки жители се раселени по разни места во јужниот дел на Кипар, меѓу кои е и местото Паралимни. Таму израснал и јунакот на нашата приказна, Соломос Солому. Да, тој бил Грк, што на повеќето од нас може не ни е симпатично, но поентата на приказнава е дека неговиот гнев кон турското знаме и тоа како бил заснован. Клучот за решавање на проблемите е да сфатиме како се чувствува другиот, односно да се обидеме за момент работите да ги погледнеме од негова перспектива.
Така, Гркот треба да ги сфати нашите Егејци – бегалци од Лерин (денес Флорина), Костур (Касторја), Воден (Едеса) или Кукуш (Килкис), потоа Албанците – бегалци од Чамерија (грчкиот Епир), како и обесправените Турци во грчката Западна Тракија, напр. во Искече (грчки: Ксанти), Ѓумулчине (Комотини) или Деде Агач (Александрополис). И секако, турските бегалци од јужниот дел на Кипар. Ние треба да ги сфатиме грчките бегалци од турската Мала Азија, Понт и Источна Тракија, како напр. оние од Смирна (денес Измир), Константинополи (Истанбул), Адрианополи (Едрене), Трапезунда (Трабзон), Халикарнасос (Бодрум), Неа Ефесос (Кушадаси), Јераполис (Памуккале), Палиокастро (Баликешир) и други места. И нормално, грчките бегалци од Северен Кипар. Турците треба да ги сфатат Курдите и Ерменците, а последниве пак, Азербејџанците – бегалци од Нагорно Карабах. Бугарите треба да ги сфатат Турците, кои во времето на Тодор Живков беа насилно набркани од своите огништа во Бугарија. Албанците пак, треба да ги сфатат српските бегалци од Косово. Тие пак, Хрватите и Бошњаците, кои бегаа од Вуковар или Сараево. И така редум…
Обид за решавање на кипарскиот проблем и за помирување на двата кипарски ентитети имаше во 2004 год. Тогашниот генерален секретар на ООН, Кофи Анан, понуди реформи, со цел создавање на Обединета Република Кипар, некој вид на федерација или швајцарски тип на конфедерација на двата народи, кои на таков начин здружено би влегле во Европската Унија. Планот беше ставен на референдум, одржан на 24 април 2004 год. Мнозинството Кипарски Турци гласаше за планот, затоа што со него Северен Кипар би излегол од меѓународната изолација. Кипарските Грци пак, гласаа против, затоа што сметаа дека во планот на Анан, Кипарските Турци се фаворизирани. За Кипарските Грци беа спорни следниве точки:
Иако бројот на Грците на островот изнесува 77%, а на Турците 18%, со планот на Анан, застапеноста на двете заедници во раководењето на заедничката држава би била 50%-50%. Под знак на прашање за Грците беше и статусот на дојденците од Турција. Дали тие би имале право да учествуваат во донесувањето на одлуките, кои се важни за островот? Дали тие би останале да живеат во новата Обединета Република Кипар и дали би добиле државјанства? Или би била спроведена нивна репатријација во Турција? Проблем за Грците беше и тоа што планот предвидуваше Турција и натаму да има влијание врз кипарската политика и економија, па дури да има право да интервенира.
Грците замерија и што планот не се занимаваше со воените злосторства на Турција и нејзиното евентуално компензирање на истите, ниту пак со враќањето на конфискуваните имоти. Планот истотака не понуди решение за британските бази на Кипар: Акротири и Декелија (чие функционирање било предвидено со преговорите од 1960 год.). И така натаму. Како и да е, со референдумското изјаснување, планот на Анан беше отфрлен од Кипарските Грци. Една недела подоцна, Република Кипар, која по меѓународното право (de jure) го претставува целиот остров, а de facto има суверенитет само врз неговиот јужен дел, стана членка на Европската Унија. Така, Република Кипар влезе во ЕУ како некаква „крња држава“. Замислете си, например, само дел од Шведска да влезе во ЕУ, додека остатокот од нејзината територија е под норвешка окупација или така некако. Европската перспектива на Северен Кипар останува нејасна.
За крај, интересно е да се спомне кипарското село Пила. Тоа е единственото населено место на островот, во кое до ден денес Грците и Турците се’ уште живеат заедно. Во него има околу 850 Грци и 500 Турци. Тоа поседува три цркви и една џамија, како и доста развиен туризам. Селото се наоѓа во тампон зоната, воспоставена од страна на ООН помеѓу Република Кипар и Северен Кипар. Ширината на тој појас, во зависност од локацијата, варира од 3 метри до 7 и пол километри и во него се потпаднати неколку населени места. Можеби токму во тоа село се крие рецептот за решавање на проблемот?