Склепав клип за Стив Стрејнџ, запаметен по спотот “Ashes to Ashes”, групата Visage, екстравагантниот имиџ и уживањето во бисексуалноста и опијатите.

Тука ќе дознаете за неговата соработка со Боуви, кој силно влијаел на њу-романтик стилот од 80-тите, чија прва ѕвезда бил Стрејнџ. Тој бил страшно селективен вратар на лондонскиот клуб „Блиц“ и бил споредуван со Св. Петар, затоа што му одбил влез во „рајот“ дури на Господин Господин Џегер лично!

Но, на журката и’ дошол фајронт и разузданиот живот на Стрејнџ се претворил во пекол. Кој високо лета – ниско паѓа. Тој се обидел да застане на нозе и да си ја врати старата слава, но пред целосно да успее во тоа, тој веќе се нашол пред портите на Свети Петар – Вистински.

За сјајот и бедата на Стрејнџ говорат: Стив Норман и Марк Кемп (од групата Spandau Ballet), Бој Џорџ (Culture Club), Марк Алмонд (Soft Cell), самиот Стрејнџ, неговата мајка и др.

Клипот трае 16,5 мин. и е составен од инсерти од играни и док. филмови. Му напишав и превод, кој е втиснат, па не мора ништо да вклучувате. Само плеј и фулскрин.

Мотив за да го направам клипот ми беше неодамнешното упокојување на Боуви, кого, верувам, сите го ценевме и кого имав прилика да го гледам во живо.

Клипов има еден тажен, лузерски шмек. Доколку Боуви бил херој (нели, тој има песна под наслов “Heroes”), тогаш Стрејнџ бил некаков антихерој. Постојат многу такви полу-ѕвезди, кои во минатото имале по некој успех, по некој полу-хит, но денес нив нема да ги сретнете никаде, освен на VBB.mk, кој секогаш ви нуди необични и опскурни информации.

Најпрвин, во клипот гледаме екранизација на посетата на Боуви на култниот „Блиц“, каде тој го одбрал Стрејнџ за статист во “Ashes to Ashes”, по што, вториов му се фалел за тоа на својот конкурент Бој Џорџ, тогаш гардеробер во клубот. Стрејнџ бил и моден советник за спотот и тој го поврзал Боуви со стилистот Ричард Шара, кој бил задолжен за шминката.

Понатаму, клипот говори за групата Visage. Како разузданоста и опасните супстанци довеле до пад на њу-романтизмот, и како, во 2005 год., Стрејнџ се обидувал да се излечи и да се врати на сцената. На крај, го гледаме неговиот погреб. Тој почина од срцев удар на 12.02.2015 год., во Шарм ел-Шеик, Египет.

Денес, 3 февруари, е „Денот кога умре музиката“. На овој датум, во 1959 год., во авионска несреќа загинале рокенрол легендите Бади Холи, Ричи Валенс и Биг Џеј Бопер, околу што веќе имам пишувано. Во мај истата година, се родил Стивен Херингтон алиас Стив Стрејнџ, (анти)јунакот на нашава приказна.

Тој почнал да музицира во времето на панкот. Но имиџот нему му бил поинтересен од музиката, па тој формирал некаков „бенд“, кој повеќе се сликал по списанија, отколку што свирел. Сепак, бендов снимил барем „една и пол“ песна и низ него поминале некои познати фаци. Многумина го мразеле Стрејнџ заради неговото позерство, па скинхед групата Combat 84 има песна против него – “Poseur”.

На многу од младитте им здодеал панкот и бавењето со општествените проблеми, па тие бегале од нив во луди забави и фантазии за некои минати времиња и егзотични места. Така, во раните 80-ти, се развило движењето на новите романтичари.

Во нивниот имиџ сепак имало елементи од панкот, но и од глем-рокот од раните 70-ти, со кој тие растеле. Кај обата бил присутен травестизмот, кого њу-романтиците го презеле и доста го практикувале. Мајстор за тоа бил Боуви, кој силно влијаел врз сите овие движења, но тој бил толку иновативен и разновиден, што ние не би можеле да го категоризираме во ниту едно од нив.

Боуви го испративме со заслужени почести, а смртта на Стрејнџ не доби толкав публицитет, што е нормално. Стрејнџ немал толкав талент. Иако Visage имале некои квалитети (напр. хитот “Fade to Grey”), тоа бил повеќе студиски проект, отколку вистинска група. Прашање е колкав бил музичкиот придонес на Стрејнџ во неа. Нејзин член бил и славниот Миџ Јур (од Ultravox), кој придонел многу повеќе.

Боуви бил вонвременски и прилагодлив на трендовите (често, тој самиот ги создавал), додека Стрејнџ бил врзан за точно определен стил и период. Откако тој период изминал, Стрејнџ повеќе не бил „во мода“ и завршил на буништето на муз. историја. Кога тој се обидувал да си ја обнови кариерата, него го канеле главно во ретро-шоуа од типот „Ѕвезди од нафталин“.

Во 2013 год., Visage објавиле албум по пауза од речиси три децении, а еден оркестар од Чешка направил симфониски преработки на нивните стари хитови и групата била поканета таму да настапи. Обидите на Стрејнџ да се извади од калта се за почит, но тој никогаш не успеал да се врати на нивото од 80-тите.

Во голема мера, Стрејнџ самиот сносел вина за својот пад, пред се’ заради своите пороци, но, сепак, каењето кое тој го изразува во клипот и искреноста со која говори во него, верувам, не ве остави рамнодушни.

Во списокот на титули на Стрејнџ, покрај вратар на „Блиц“, статист на Боуви и прва њу-романтик ѕвезда, стои дека бил осудуван за џапање по самопослуги. Во 2000 год., медиумите јавиле дека: „Некојси заборавен пејач од 80-тите украл женска чанта, козметика и Телетабис кукла за внуците“. Тој бил во толку лоша здравствена и финансиска состојба, што судот се сожалил и му дал условно. Ете до кое дереџе паднал бившиот поп-аристократ.

Неговите некогашни соборци: Сајмон Ле Бон од Duran Duran, членовите на Spandau Ballet, Миџ Јур, па дури и неговиот конкурент Бој Џорџ, изразија искрено жалење по повод неговата смрт и некои од нив му го носеа ковчегот.

П.С. И Скопје имаше свој „Блиц“ во бифето на градежниот факс кај Саво Педерот, али не беше све баш толку гламурозно. Поточно, беше хаос, Алан Форд, у тоа скапаните бараки. K’о што викаше еден: „Таму коа ќе влезам ми доаѓа тавче гравче да зеам да јадам“ (така некако го асоцирало местово).

ashestoashesstevestrange

Ashes to ashes, funk to funky, we know Major Tom’s a junkie, strung out in heaven’s high, hitting an all-time low…