По повод 110 год. од Илинденското востание, ви презентирам сериозна литература врзана со тој период, наспроти антиквизаторската псевдо-историја која ви се продава сега. Од книгите, кои ќе ги видите подолу, ќе сфатите дека денешново „ВМРО“ нема никаква поврзаност со идеалите за кои гинеле Гоцета и Дамета.
Причина за пишување на оваа статија е следнава: Пред извесно време се расправав на тема историја и политика со еден мој познаник, при што му ветив дека лично ќе му купам книги, кои ја аргументираат мојата позиција. И верувајте, уште утредента отидов во книжарница, но книгите кои ги барав, веќе одамна ги нема. I wonder why? Наместо тие сериозни дела од областа на историјата, сега на рафтовите се Ниче Македон, кој ви раскажува за „Македоноиди до Тихи Океан“, потоа Донски, кој „разговараше со духот на Александар“, па разни „историчари“, кои тврдат дека сме „по потекло од Атлантида“ и слична „наука“.
За да се спротивставиме на тоа псевдо-историско лудило, апелирам до вас да ги прочитате следниве наслови:
- И.Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Ј. Сандански, М. Герџиков, д-р Х. Татарчев: „Спомени“, ИК Култура, Скопје, 1995 ISBN 9989-32-022-5
- С. Арсов, П. Кљашев, Л. Џеров, Г.П. Христов, А. Андреев, Г. Папанчев, Л. Димитров: „Спомени“, ИК Култура, Скопје, ISBN 9989-32-077-2
- Алберт Сониксен: „Исповед на еден македонски четник“, ИК Култура, Скопје, 1997 ISBN 9989-32-068-3
- Павел Шатев: „Солунскиот атентат и заточениците во Фезан“, ИК Култура, Скопје, 1994
- Никола Киров – Мајски: „Страници од мојот живот“, ИК Култура, Скопје, 1994
- Христо Силјанов: „Од Витоша до Грамос“, Винсент Графика, Скопје, 2010
- Германос Каравангелис: „Македонската борба“, ИК Култура, Скопје, 2000, ISBN 9989-32-181-7
- Албер Лондр: „Комитаџии – Тероризмот на Балканот“, ИК Култура, Скопје, 1996, ISBN 9989-32-067-5
- Извештај на Карнегиевата балканска комисија: „Поранешните Балкански војни 1912-1913“, ИК Култура, Скопје, 2000, ISBN 9989-32-275-9
- Димитар Влахов: „Мемоари“, ИК Слово, Скопје, 2003, ISBN 9989-103-22-4
- Константин и Димитар Миладинови: „Бугарски народни песни“, фототипно издание, ИК Култура, Скопје, 2000, ISBN 9989-32-176-0
- Григор Прличев: „Автобиографија“, Детска радост, Скопје, 1995, ISBN 9989-30-031-3
- Крсте Петков Мисирков: „За Македонцките работи“, фототипно издание, Книгоиздателство Кочо Рацин, Скопје, 1953
Важно е да се нагласи дека сите овие книги се објавени во нашата земја и поминале рецензија на наши еминенти стручњаци (како например академик д-р Иван Катарџиев), така што не може да се отфрлат како некаква „странска пропаганда“ или сл. Доста од овие книги можат да се најдат и онлајн.

Илинденско знаме на охридската чета, го сликав во спомен – домот на Христо Узунов во Охрид. Нема Аминти, Прометеи и Хунзи, ал затоа го има бугарското знаме. These colors don’t run.
Што ќе научите од овие книги? Следува еден Q & A (Questions and Answers) од кој ќе дознаеме за односот на Македонската Револуционерна Организација спрема социјализмот, националното прашање, соживотот меѓу разните етнички заедници, религијата и црквата и сл.
Q: Дали во овие книги ќе научиме за тоа како храбрите вмровци се бореле против клетите комуњари?
A: Не. Од овие книги, меѓудругото, ќе дознаете дека куп значајни дејци на ВМРО биле тешки „комуњаришта“ – кажано со денешен речник (не сите, но добар дел од нив). Социјалистички идеи имаш уште во времето на Карев и Крушевската Република во 903-ќата.
Од „Солунскиот атентат и заточениците во Фезан“ на гемиџијата Павел Шатев (некогаш под влијание на анархизмот, подоцна комунист):
„Гоце Делчев беше во тек со сиве овие наши работи. Гарванов честопати го известувал Гоце, дека ние божем постојано сме агитирале против Организацијата. Гоце беше добродушен, и секогаш се вслушуваше во сe’. Еднаш ни рече: „По душа јас сум анархист, по убедување социјал-демократ, а по дела револуционер”. Сакаше да ни каже дека има симпатии за нас, но дека е ангажиран со револуционерното дело, со Организацијата, па затоа не може да ни дава подддршка за сe’. Тој често потпаѓаше пoд влијание ту на Ѓорче Петров, ту на Туше Дели Иванов и други.“
„Ордан поп Орданов замина за Женева, за да се сретне со Бориса, за да го убеди да му даде пари, и второ, да се запознае поблиску со руските револуционери. Отиден во Женева, тој се запознал со група руски социјалисти и комунисти. Тој им го изнел своето мислење, како смета да дејствува во Македонија, и тие му дале поддршка, и во потполност го одобриле неговиот план. Тие му дале на Орце и револуционерни книги, подарок за нас – „Анархијата и општеството што умира” од Жан Граф, на руски и француски јазик и “La conquête de paine, au jour apres la Revolution” од Кропоткин. Ние ги читавме тие дела. Имаше и други брошури: „Историски писма”, од П. Лавров, прочуен социјал-демократ и др.“
Од книгата „Исповед на еден македонски четник“ на американскиот новинар Albert Sonnichsen (1878-1939), кој во 1906 год. како доброволец се приклучува на комитските чети на ТМОРО и учествува во борбите против османлиските власти и грчките андарти.
„Понекој пат среде расправањата, некој младич ќе стане и ќе започне да се распростира врз доктрината, којашто дури тогаш проникнуваше во масите на градовите – социјализмот. Неговите идеи по тоа прашање, собрани од некој селски учител, можеше да не бидат сосема определени, но тие го обгрнуваа целото човештво.“
„По првиот предмет тие беа повеќе склони кон реализмот на Зола, Виктор Иго, Мопасан и најповеќе кон руските писатели, кои ги читаа во оригинал. При таа тенденција ништо не беше поприродно од тоа што нивната политичка економија ќе ги доведе до социјализам.“
„Таа отиде до една полица и ја покажа етажерката, исполнета со подврзани книги и брошури. Јас зедов неколку и ги прегледав. „Сила и материја“ од Бихнер и Карл Маркс, преведена од некој непознат бугарски писател. Имаше брошури од Кауцки, Вандервелд, Мил, Бернштајн и еден роман на руски јазик од Леонид Андреев.“
Цацко од К-15 згреши кога во еден од своите скечеви се зезаше дека „само уште ВМРО-Комунистичка не е имало“. ВМРО (Обединета) на Димитар Влахов, формирана во 1925 год. е баш ВМРО-Комунистичка. Таа се залагала за Балканска Федерација. Некои од „жртвите на комунизмот“, кои можете да ги видите во истоимениот скопски музеј, не само што биле тешки комуњаришта, туку дури и тајни агенти на советските тајни служби во времето на Стаљин (последниот гемиџија Павел Шатев, например, кој заради тоа пострадал во периодот на Информбирото).
Q: Дали од овие книги ќе научиме за Александар, Филип, Аминта и Прометеј?
A: Не, ова не се книги на тема старогрчки митови и бајки, туку во нив ќе се сретнете со нашите илинденци, кои се декларирале како „етнички Бугари од географскиот регион Македонија“ или накусо „Македонски Бугари“. Тоа не се некои „странци“, тоа сме самите ние. Бугарско самосознание имале сите припадници на Организацијата, без оглед на своите леви или десни убедувања, освен, се разбира, нејзините влашки, младотурски, албански, еврејски или други поддржувачи. И нема во тоа ништо страшно. Тоа не значи дека таа била марионета во рацете на официјална Бугарија! Напротив, таа си имала свој концепт за решавање на македонското прашање, поинаков од оној на бугарската влада, со која често доаѓала во судир (и јас сум доаѓал во судир со луѓе од Бугарија, иако не спорам дека нашите истории се поврзани).
Од мемоарите на основачот на ТМОРО, Иван Хаџи Николов (Кукуш, 1861- Софија, 1934).
„Имав околу 10 години, кога за прв пат почнав да учам бугарска историја од учебникот на Д.В. Манчов. При учењето од таа историја си велев: „Значи ние сме си имале царство ама ни го зеле Турците”. Од истава историја дознав дека некогаш и Тесалија била населена со Бугари, кои Грците ги погрчиле. И тогаш пак си велев: „Значи и Грците се наши непријатели. Па, зошто нашите татковци не се дигнат да си го земат царството од Турците и да си ја вратат погрчената Тесалија? По средината на бугарските земји се протега Стара Планина. Тука можат да се соберат сите останали Бугари и од таму да тргнат кон Цариград, Солун и Тесалија”.
„Со кого најнапред да ја споделам мојата тајна? Најсетне по долги размислувања се решив својата тајна да му ја доверам на мојот бивш соученик Гоце Вангелов – Грбавиот, едно 3 до 4 години постар од мене. Септември 1875 г. беше кога се решив да отидам кај него со предлог да формираме револуционерен комитет, што ќе ги подготви Бугарите да востанат против Турците и да ја ослободат Бугарија.“
„Кога стигнав на слободната бугарска земја, не обзеде силна возбуда, и плачев од радост како дете, го скинав фесот, го фрлив настрана и паднав коленички, бакнувајќи ја слободната бугарска земја. Па и сега, кога ќе си спомнам за поминувањето на турско-бугарската граница, ме обзема истото чувство на душевна возбуда.“
„Пред да го напуштам селото, ги собрав учениците, им дадов упатни совети и им подвлеков дека никогаш не треба да ги заборават другите поробени бугарски земји, што треба да ги милуваат, како што ја милуваат слободна Бугарија.“
„Накај ноември учителите, родум од Бугарија, поднесоа молба до директорот, да им се дозволи да се хранат во пансионот, при што да си ја плаќаат храната. Им се дозволи. Хранејќи се заедно бев сведок на нивните постојани префрлувања на сметка на македонските Бугари, обвинувајќи ги за слаб патриотизам – „ќе ми дајш пари, ќе се чинам Бугарин“ и сл. на тоа. Јас им ја истакнував борбата на македонските Бугари против туѓите пропаганди, која борба е поинтензивна и поголема одошто е борбата на Бугарите од другите бугарски географски области, Добруџа, Мизија и Тракија, туку тие постојано продолжуваа да ги исмејуваат своите југозападни сонародници, чии деца беа повикани да ги обучуваат и воспитуваат.
Еден ден бевме излегле крај морето, да пиеме кафе во кафеаната „Белви“. В. К’нчев беше многу зборлест, и меѓу другото во своите прикажувања рече дека тој дошол за учител во Солун, за да ја побугари Македонија. Тоа беше претерано и силно речено. Му приговорив дека не бива да зборува така и да се натценува себеси, бидејќи Македонија одамна е бугарска и дека македонските Бугари одамна водат борба против рутината; нејзе и` е потребна просвета што треба вистински да ја шират сите учители и духовници.“
„Бугарската влада е на погрешен пат, – му одговорив, -Пред се присоединувањето на цела Македонија е невозможно, затоа што спрема нејзини делови претендираат Грците и Србите. Присоединувањето на цела Македонија кон Бугарија може да стане само во случај на една победоносна војна против Турција, во помош на која ќе и` дојдат Грција и Србија. А ако Грците и Србите војуваат заедно со Бугарија против Турција, тие ќе бараат делови од Македонија: тие ќе бидат за распарчувањето на Микедонија. А ние сакаме Македонија да ја запазиме цела во нејзините географски граници, што може да биде остварено преку бараната од нас автономија. Така ослободена Македонија ќе претставува една втора Бугарија, иако неприклучена кон мајката татковина. Од автономијата Бугарија и бугарскиот народ само добиваат.“
Дури и најголемиот македонист, Мисирков, во своето дело „За македонцките работи“ ќе признае: „Ние се велевме Бугари“, „комитетот се велеше бугарски“ или „четите се велеа бугарски“ и сл. Тој се залагал за одделување на Македонците од Бугарите, но никаде не спомиња ни Александар, још мање Аминта, а правилно говори за Македонски Славјани, иако е роден усред античка Пела, т.е. село Постол, кое, патем, го имам посетено.
Сеа тоа е така, било некогаш едно (бугарско), но поради некои историски околности, се создало нешто друго (македонска нација). И во Горски вијенац на најславниот Црногорец, Његош, зборот „Срби“ се спомиња 485237636 миљарди пати, но подоцна Црногорците се издвојуваат од српството и тргнуваат по свој пат.
Пред осамостојувањето на Македонците како засебна нација, поимот „Македонец“ претставувал регионализам како „Тиквешанец“, „Тракиец“, „Добруџанец“, „Шумадинец“, „Славонец“ или „Далматинец“. Под поимот „Македонци“ се подразбирал секој оној кој живеел во регионот Македонија, без разлика дали бил етнички Бугарин, Турчин, Влав, Албанец, Грк или др.
Покрај Македонски Бугари, во книгиве ќе сретнете и со припадници на ТМОРО родени во Бугарија (не Пиринска Македонија), како и со оние од Одринско, што не спаѓа во Македонија, туку во регионот на Тракија (тогаш Одрински вилает, во кој истотака живееле Бугари).
Q: Ама чекај, нели имало судир на линија етнички Македонци versus етнички Бугари?
A: Не. Навистина, во нашето револуционерно движење дошло до повеќе шизми и судири (јал на линија централисти – врховисти или левица-десница или михајловисти-протогеровисти итн.) и во нив паднале многу жртви. Овие книги се осврнуваат и на таа тема. Но тој судир не бил од меѓуетнички, а од идеолошки карактер (едни Бугари убивале други Бугари).
Иронично, среде централистите, кои искрено се бореле за Автономна Македонија, имало куп луѓе родени во Бугарија, а среде врховистите пак, имало куп луѓе родени во Македонија.
Славни членови на ТМОРО родени во Бугарија (не во Пиринска Македонија) се например: Михаил Герџиков (р. Пловдив, 1877), анархист и водач на Преображенското востание во Одринско и Тодор Паница (р. Орјахово, 1879), левичар, извршител на атентатот врз Борис Сарафов и Иван Гарванов во 1907 год., подоцна убиен од љубовницата на Ванчо Михајлов, Менча Карничиу.
Q: Ама нели нашите илинденци се повикувале на Александар и помеѓу нив има „непрекинат континуитет“?
A: Не. Илинденците се повикуваат на Александар само во текстовите на списанието „Македонско сонце“ и во ниедна сериозна историска литература во светот. Во реалниот свет, на Александар се повикувале нашите непријатели, грчките андарти.
Од „Македонската борба“ на Германос Каравангелис (Стипси, Лезбос, 1866 – Виена, 1935), грчки патријаршиски митрополит, кој водел борба за асимилација на нашиот народ во Егејска Македонија, како и против ТМОРО, честопати соработувајќи со Турците (дури и ним им се згадиле неговите „Црна Гуја“ методи):
„Вие сте Грци уште од времето на Александар Велики, но поминаа Словените и ве словенизираа. Вашиот изглед е грчки и земјата што ја газиме е грчка. За тоа сведочат и спомениците што се скриени во неа, и тие се грчки и монетите што ги наоѓаме се грчки и натписите се грчки.“ (од разговорот со предавникот Коте Христов од с. Руља, кој го напуштил ТМОРО и прешол на грчка страна, поведен, меѓудругото, и од бајките за Александар, заб. на vbb.mk).
Q: Дали во овие книги ни раскажуваат за борбата на нашите вмровци против „клетите Турци и Шиптари за чиста македонска нација“?
A: Не, такво нешто кај ТМОРО не постои, тоа го измислија некои чичковци сега. Тоа го нема ниту во програмата, ниту во делата на Организацијата. Напротив, овие книги се полни со интересни, понекогаш и необични примери на соработка помеѓу ТМОРО и припадници на разните етнички групи во Македонија.
Така например, во времето на Балканските војни во 1913 год., охридскиот војвода Петар Чаулев крева востание против великосрпската окупација заедно со Албанецот Сефедин Пустина. Овие настани ги спомнува во своите мемоари Никола Киров – Мајски (инаку ко-авторот на „Крушевскиот манифест“), кој во даден период ќе најде засолниште во Албанија.
ТМОРО си имала некој свој концепт за тоа како да се реши македонското прашање, кој не бил етно-центристички и шовинистички. Тој концепт е нешто како „Швајцарија на Балканите“ – мултиетничка Македонија, во која живеат разни етникуми, но во која по својата бројност сепак доминира бугарскиот. Подоцна, во нашето ослободително движење се појавува и идеја за Балканска Федерација.
Од „Исповед на еден македонски четник“ на Сониксен:
„Ми се чини дека тоа беше силата на апстрактната мисла, којашто тие ја чуваа во својата свест, мисла, што беше далеку од шовинизмот, затоа што слободата за нив стоеше погоре од владеењето на Бугаринот; таа беше еден совршен систем, еднакво применлив за Бугари, Грци и Турци, еден вид рај кон кој треба да се стреми целиот свет.“
Сониксен за соработката со Младотурците:
„Турскиот офицер ги изгледал подозриво.
– Вие сте револуционери – рекол тој.
– Не сме – одговорил еден од учителите. – Ние се собравме да го обмислиме барањето за поголеми плати – и тој покажал едно писмо, коешто почнале да му го пишуваат на бугарскиот владика во Битола. Капетанот им рекол на војниците да излезат надвор.
– Драго ми е – рекол тој, – што немам работа со комити. Самиот тој седнал и пројавил жив интерес за нивната положба, нивните плати и скапотијата на животот.
– Ги сакам луѓето, кои сакаат да си ја подобрат својата положба – продолжил тој. – Вие, учителите, треба да се организирате насекаде во Македонија. Зошто не ви помогне комитетот?
Ним им станало малку незгодно при тоа деликатно прашање.
– Браќа – рекол тој, откако си ја ставил едната рака врз своите гради, – не сакам никој да се издава. Знам дека сите сте револуционери. И макар што мојата сегашна должност ме прави ваш непријател, моето срце е со вас. Не кажувајте ништо, што да компромитира одделни лица, но да го расправаме прашањето воопшто. Јас сакам да го научам вашето мислење, а вие ќе го дознаете моето.
Неговите уверенија биле така убедливи, што учителите станале слободни и почнале да зборуваат за предметот на своето советување до доцна вечерта. Најпосле еден од учителите рекол:
– Се гледа дека вие сте младотурчин.
Јас сум таков и уште повеќе – одговорил офицерот, – мојата вера е поширока од Турција – јас сум социјалист.“
Сониксен за необичната официјална посета на роднината на турскиот султан, Ахмед Кемал Бег, кај војводата Апостол Петков (1869-1911):
„Тој го покани Апостол да отиде во Цариград, како гостин на Султанот еден месец. Негово Величество го признава Апостол за човек со восхитувачка воена и административна способност и како водач на народот. Негово Величество сака да ги изучи подробно желбите на народот, но директно од неговиот водач. За време на посетата во Цариград, аскерот ќе биде повлечен од реонот на Апостол и тој ќе може да одржува врски со своите подвојводи секој ден преку специјални курири. Апостол ќе биде примен и нагостен во дворецот со царски почести.
Не верувам дека Шеикот беше многу изненаден, кога Апостол, откако молчаливо го ислуша целиот предлог, решително го отфрли. Јасно беше дека тој ја знаеше подобро положбата, отколку самиот Султан. Наспроти напишаните десет книги, секоја една од автор дипломат, јас сум убеден дека префаленото знаење на Абдул Хамид за својата империја не е точно. Најмалку барем, Султанот имал маглив поим за револуционерното движење, кога мислел дека Апостол е единствениот важен фактор во него.
Потоа Шеикот го замоли Апостол да го потврди своето одбивање писмено; во таа смисла се напиша писмо до Неговото Величество, со кое се призна од нас исплонувањето на мисијата од страна на Шеикот. Во тоа писмо беше додадено. „Ако сите чиновници се како Шеик Кемал, многу малку недоразбирања ќе има меѓу народот и неговиот Господар.“
Во тоа време јас му го покажав мојот „кодак“ на Шеикот. Тој се израдува и извика:
– Фотографирајте ме Апостол и мене заедно. Тоа ќе биде еден драг спомен за мојата посета.
Јас ги фотографирав двајцата заедно, седнати рамо до рамо. Потоа излезе дека немам доволно течност за развивање. Шеикот се натажи, но јас му реков:
– Јас ви го давам неразвиениот негатив, но под услов вие да ми испратите една снимка. Еве ви ја мојата адреса во Бугарија.
Тој вети. Тогаш јас го завиткав негативот во една црвена хартија и му го дадов.
Шеикот си отиде попладнето.
– Ако некогаш дојдете во Цариград – ми рече тој, – побарајте ме. Да, знам дека вие сте илегален… но јас не сум полициски чиновник. Не можам да ве претставам во дворецот, но би ве примил царски во мојот дом.
Кога тој исчезна зад трските со чунот, четниците го поздравија со: „Ура“. Тој стана, направи темане, а потоа неочекувано си го симна фесот и го размафта во воздухот.
Другата зима, кога пристигнав во Софија, најдов едно писмо адресирано до мене и облепено со турска поштенска марка. Внатре имаше една снимка од прочуениот негатив, не многу чиста, но јасна. Имаше и едно писмо, што завршуваше со зборовите: „Господ да ве чува во вашите авантури.“ На грбот на фотографијата беше напишано само „Кемал“.
Сониксен со воденскиот војвода Лука Иванов (р. Панаѓуриште, Бугарија, 1867) во посета на еден албански бег:
„Тој е Албанец – одговори Лука – и ние сме во неговиот дом. И друг пат сме му биле гости. Некој ден може да ми ја отсече главата, но сега тој е роб на своите племенски традиции. Ако дојде аскер и не’ нападне, тој прв ќе пука против него.
Бегот беше важен, сериозен млад човек. Тој зборуваше, макар и расипано, на бугарски, затоа што ниту Лука, ниту јас знаевме турски. Во почетокот разговорот беше неповрзан. Тој ни кажа дека дошол за една недела на лов и дека во градот не бил многу добро со здравјето. Подоцна зборувавме за Грците, за изгорувањето на Ниси и за месната администрација, којашто јас не ја познавав. Од држењето на домаќинот разбрав дека во мене го позна Американецот, којшто кревал толку врева во Воден, но не зададе никакви прашања за тоа. Не сметаше дека е негова работа што барам јас меѓу бугарските комити. Не нe’ облеа ни со ориенталското ласкање, ниту ја осуди, ниту пофали нашата работа. Направи алузија за младотурската партија, давајќи ни да разбереме дека тој и’ е симпатизер.
Вечерата ја ставија двајца прислужници, кои беа го симнале своето оружје. Имаше едно цело печено јагне, неколку варени пилиња, чорба и чудесно сирење. Управителот на чифликот седна кај нас на трапезата, сите бевме пет души. Бегот и управителот на чифликот доста вешто го раскинаа со раце месото и ни го поднесоа. Немаше ножеви и виљушки. Подоцна се стави вино. Двајцата муслимани пиеја, макар што Коранот го забранува тоа.
Беше полноќ, кога се разделивме со разменување на бакнежи како порано. Еден од прислужниците беше испратен да ја извести четата дека доаѓаме; ја најдовме да не чека на отворено. Веднаш тргнавме кон планините, затоа што близу до селото минуваше железница.
Подоцна јас сретнав и други бегови. Во интерес на мнозина од нив беше да се пријатели со четите, затоа што објавениот бојкот од револуционерниот комитет сосипал многу турски земјовладетели. Комитетот, од своја страна, сметаше дека е корисно да го укинува бојкотот во однос на пријателски настроените бегови, затоа што не само што селаните страдаа од него, бидејќи требаше да работат полоша земја, туку и затоа што во присуството на земјовладелецот во селото, аскерот и андартите не можеа да го гибаат народот. Справедливо е да се додаде дека имаше и нешто повеќе од личен интерес во пријателството на некои од тие муслимански земјовладетели. Некои беа искрени приврзаници на младотурците, а имаше дури и многумина порадикални со отворени социјалистички тенденции.“
Од книгата „Од Витоша до Грамос“ на Христо Силјанов (1880-1939), деец и хроничар на ВМОРО, учесник во Преображенското востание во Тракија и во Првата Балканска Војна во Македонија:
„Низ турските села се сретнуваа и такви типови, кои воопшто не се тревожеа од средбите со вооружените ѓаури. Речиси секогаш тоа беа сиромашни луѓе, слуги, аргати, свирачи и секаков вид голтари, кои и во времето на турското владееење никогаш не се чувствувале господари и аги. Средбите со нас за нив беа интересни глетки, кои внесуваа малку различност во нивните нерадосни животи. Загинувањето на турската држава не ги засегаше. Не ги засегаа ни уништувањето на спокојството или имотите на богатите Турци. Во тој вид дејствија тие гледаа наплатување и на својот долг за неправдите и нееднаквоста, кои им биле нанесувани. Па така, еден таков голтар, наивен момок по име Сајфедин се приврза кон нас. Нему му беше задоволство да гледа како разни дојденци располагаат со житото и стоката на избеганите богатници. Му беше задоволство што може дури и самиот да ги посети недостапните беговски конаци, и да земе едно грне слатко или некое аливче. Сајфедин не сакаше да се оддели од нас. Молеше да му дадеме пушка за да стане и тој комита. Тој не’ изведе далеку над селото. Еве една потврда на социјалистичката теорија, дека класната омраза е посилна од расната.“
Силјанов за културната интеракција помеѓу нашиот народ и Албанците:
„Во овој дел на Костурско, слабоста кон албанските мелодии и луѓе е голема. Дури и бугарските песни се пејат на арнаутски. А бавните албански мелодии се натопени со длабока тага и на некои места предизвикуваат солзи. Така Албанецот ги оплачува своите сурови карпи, со кои младите рано се простуваат за да заминат на печалба во далечната туѓина. И по секое пеење, пејачот изговара по едно проклетство кон непознатата земја, која ги прибира албанските синови:
- Шкрета мори Америка! – Проклета биди Америко!
Чудно. Делата на загинатите бугарски револуционери се воспеани многу повеќе и потрогателно од арнаутите, на арнаутски јазик. Оваа сурова раса со буен темперамент и рицарска нарав умее да се восхитува и да го цени јунаштвото и смртта во полето на честа, како дома, така и кај непријателот. Бугарите ги пејат со задоволство и не без гордост арнаутските песни за Митре Влашето, за Лазар поп Трајков и за други херои.“
Q: Дали во овие книги ќе научиме за светата борба на нашиот благочестив православен христијански народ против неверниците?
A: Не. Да ја поврзуваш Илинденската епопеја со борба за православието е нонсенс. Православен фанатизам кај нашиот народ немало и го нема никаде во програмата на ТМОРО. Неспорно, нашиот народ си бил побожен и нашите борци давале заклетва на Евангелието, се користеле и изрази од типот „Се колнам во Бога“ и сл., но ТМОРО е секуларна и нерелигиозна организација, отворена за припадници од сите етникуми и конфесии. Православен фанатизам имало кај нашите непријатели, грчките андарти и фанариоти. Среде нашето револуционерно движење, имало дури и појава на прилично радикални социјалистички идеи во однос на црквата.
Од „Исповед на еден македонски четник“ на Алберт Сониксен:
„Во лицето на „Оџата“ имавме еден весел другар, кој беше смеаџија како Сотир од карафериските блата. Тој знаеше безброј комични песни, повеќето од нив пародија на народни сентиментални мелодии. Но, тој сакаше повеќе да ги имитира револуционерните оратори во Бугарија, кои го помагаа делото само со своето ораторство. Ако присуствуваше некој свештеник, особено некој, кој е над просечната интелигентност на својот сталеж, „Оџата“ држеше типична социјалистичка реч. Во овие земји, каде што свештеникот е така влијателен, социјалистичките оратори стануваат особено гневни, кога зборуваат за црквата. Заклучокот обично се искажуваше со страшна распаленост: „Нема да има мир на земјата, додека последниот цар не биде обесен со појасот на последниот поп.“ Бугарите се особени луѓе, тие се надарени со хумор, што може да истргне смеење дури од личности, кои се сметаат свети.“
Православниот фанатизам, кој сега го гледаме околу себе е скорешна измислица (всушност, тоа е грчка копија). Од овие книги ќе сфатите дека самиот наш народ бил сметан за невернички, расколнички и еретички, со оглед дека мнозинскиот дел од него се молел / крштевал / школувал / женел / погребувал во канонски непризнатата Бугарска Егзархија, наместо во канонската и изразито грчка Цариградска патријаршија, која уште од византиските времиња е централа на Православниот свет. Сходно на тоа, Патријаршијата не го признавала нашиот народ за православен. Тоа ти е као да направиш католичка црква без амин од Ватикан и Папата да не те признава за католик.
Гледано строго канонски (by the book), нашиот народ не бил православен, односно бил „православен“ само by numbers, според обредот, но не бил признат како таков од „централата на Православието“. Мене тоа и не ми пречи, но е во спротивност со каноните. Патријаршијата праќала свои свештеници од типот на Германос Каравангелис и грчки андартски чети (како оние на Павлос Мелас), чија задача била насила „да ги вратат залутаните бугарски офци назад во Православието“.
Според османлискиот „милет“ систем и традициите останати од Византија, православието најпрвин се изедначувало со грцизмот (сите православни под турско биле сметани за „урум милет“ – грчки народ). Нашиот народ уште во периодот на преродбениците, како браќата Миладиновци или Григор Прличев, пружал отпор на таа великогрчка политика на Патријаршијата. Оваа црковно-просветна борба ќе резултира со создавањето на Бугарската црква во 1870 год., по што Султанот признал постоење и на „булгар милет“ односно бугарски народ, кого Грците сакале да го вратат назад под своја контрола. Оттаму е изразот славофони или бугарогласни Грци (Славјани, Бугари, значи наши, кои биле под јурисдикција на Патријаршијата и како такви броени за „Грци“).
Од „Македонската борба“ на Германос Каравангелис:
„Во почетокот на 1901 година, јас направив една голема обиколка по сите славофонски села на Корештата. И така селата Рулја и Трново, Трсје и Дреновени, Габреш и Чарновишта му се вратија на православието. Другите села, Косинец, Смрдеш, Брезница, Поздивишта итн., беа мешани. Но, во сите имав литургии со грчката партија, што започна да ме охрабрува Во Кономлати, селото на Митре Влаот, Бугарите не сакаа да ни ги дадат клучевите од црквата. Тогаш јас, заедно со мојот курир Емин, со пушките на рамо, јас со малихерка, а тој со гра, ја скршивме вратата со блатии и влеговме во црквата каде што ја одржав литургијата без никој да се осмели да ме попречи.“
„Хусеин Хусни-паша на моја молба и укажување не ги запалил мешовитите села, ниту некогашните грчки села, туку само чисто бугарските, Бобишта, Бомбоки, Вишени, Дреновени, Болгароблаца и уште некои други, вкупно околу дваесет и пет села. Тогаш околу триста бугарофони селани се засолнаа во Митрополијата заедно со своите деца и жени. Доаѓаа со кајчиња преку Костурското Езеро во Костур право во Митрополијата. Скоро сите беа бугарофони Грци. Но, заедно со нив дојдоа и некои роднини наклонети кон Бугарите и ми бараа проштевање, велејќи дека Бугарите ги излажаа и ме молеа да ги спасам. А други, пак, Бугари, ми напишаа заедно со нашите од еден манастир над Загоричани, на Светите Анаргири (Бедњаци) со кое ме молат „Спаси нè”. Тогаш најдов шанса и им наложив да изјават дека се враќаат во православието и дека ѝ припаѓаат на Патријаршијата.“
Организацијата со религија не се занимавала и не градела цркви по плоштади. Со црква и религија се бавеле Грците. Во овие книги ќе сретнете и интересни ситуации, кога при ослободување на одредени населени места од турската власт, населението ги прашува нашите војдводи која црква (егзархиската или патријаршиската) ќе биде официјална, на што овие одговараат дека тоа не ги интересира.
Да ја поврзуваш нашата ослободителна борба со православието и при тоа од неа да ги отуѓуваш своите сонародници, кои се припадници на други верски заедници (напр. Торбешите) е нонсенс. Дапаче, родното место на Гоце Делчев, Кукуш, прифатило унија со Римокатоличката црква (што во православието е издаја и грев пар екселанс) само за да се отараси од влијанието на Патријаршијата. Вулгарно интерпретирано тоа би звучело како: „Море и католик ќе се праам, само тргни ми ги православниве Грци!“. Други пак се приклучувале кон странските протестантски мисии (види: Мис Стон).
Православниот фанатизам бил типичен за грчките андарти, кои украсени со крстови како некакви „крстоносци“ и самонаречени „Христови војници“ го колеле нашиот „шизматички“ народ. Знаете дека јас често патувам низ Русија, за што и пишувам патеписи на овој сајт, па во некои прилики некои религиозни Руси ми поставувале прашања од типот „А вие сте раскољники?“ (не злонамерно, просто од љубопитност). Гледано канонски, да, ние сме раскољники.
Се работи за една карактеристика на нашата религија, со која и многу наши верници не се запознаени. Но мене лично не ми пречи, некако ми е интересно тоа што сме „чудаци“. Мене ме згрозуваат овие новокомпонирани верски фанатици, кои се прават големи патриоти, а всушност како некакви грчки фанариоти говорат за „православие или смрт“ или сл., не знаејќи всушност што говорат.
Од „Исповед на еден македонски четник“ на Сониксен.
„Директорот на училиштето, кој беше вистински Грк, дошлак, зборуваше германски. Јас не бев дојден да опсудувам политички прашања со него, но почнав да гледам дека политичката омраза на тие луѓе е така напрегната, да е речиси несфатлива за странец. Тука луѓето се будат и почнуваат својата дневна работа со лута омраза во своите срца на прво место. Денот го поминуваат со планови да ги уништат другите и легнуваат да спијат со цел да ги сонуваат перспективите на својата злоба. Пазете се од Бугарите – беа последните зборови на директорот при нашата разделба, – тие се предавнички народ. Тие се еретици.“
„Грчкиот владика веднаш разбрал дека неговото стадо во Сланица ја поканило четата на Лука. После разбрал уште полошо дека селаните и’ помагале на четата, давале храна и водачи, дека престанале да и’ го плаќаат данокот десеток на црквата, дека не ги посетувале грчките училишта и дека купувале пушки и муниција од шверцерите. Тоа го разгневило владиката, тој го повикал капетанот на своите банди и му рекол:
– Коста, ние треба да ја зачуваме чистотата на нашите луѓе. Пиши им братско писмо и предупреди ги за подлоста на тие бугарски разбојници. Биди кроток, но тврд.
Капетанот Коста си го ставил моливот во устата и се замислил. Инспирацијата дошла направо од Христа, чијашто фигура на крстот била отпечатана на чело на писмото. Тој напишал:
„7 февруари 1906 г.
До моите браќа од селата Мориново, Лековиштица и Јанчишта.
Разбравме дека сте биле гонети од Бугарите-разбојници, кои насила сакаат да се откажете од својата народност и вера. Слушаме дека тие ве принудувале да протестирате пред Европејците против војниците на верата, лажејќи дека тие ве прогонуваат.
Јас ве молам да си ги отворите очите. За во иднина не правете такви протести. Оние, што не ќе слушаат, ќе ги казнам. Таквите ќе бидат убиени; нема да бидат поштедени и нивните жени и деца; нивните тела ќе ги раскинеме на парчиња. Ќе го убиваме секој, кој не е со нас.
Се надевам дека ќе ме разберете и слушате. Вашиот брат по вера (п.) Константин Акритас.“
Тоа послание, растурено меѓу селаните, му било предадено на Лука од нив, а подоцна испратено до Балканскиот комитет во Лондон, за да добијат претстава во Англија за типичниот современ „грчки хумор“.“
Од друга страна пак, припадниците на ТМОРО понекогаш се судирале и со Бугарската Егзархија, иако самите и’ припаѓале. Многу од нив биле учители во нејзините образовни институции (напр. Бугарската Машка Гимназија во Солун, од каде произлегле основачите на ТМОРО). Сепак, Егзархијата била конзервативна и реакционарна институција блиска со официјална Бугарија, поради што овие млади револуционери (многу од нив социјалисти) имале несогласувања со неа. Накусо, односот на ТМОРО со црквата бил далеку од идеален.
Навистина, среде борците имало и по некои свештеници, но тие биле онакви к’о од мојата статија Духовници бунтовници, некои неконвенционални ликови к’о Камило Торез или Толстој, што на магариња оделе среде народот и ја делеле неговата судбина. Или можеби к’о Пимен, ако сакате (патем, ми се допаѓаат неговите реакции на ова што ни се случува).
Q: Но што правиме со АСНОМ? И дали борбата против бугарскиот фашизам била исправна? Зар сме пукале на своите браќа?
A: Борбата против фашизмот како една злосторничка идеологија е секако исправна, а во неа зеле учество и многу антифашисти од Бугарија.
Еден од првите истакнати антифашисти во светот бил Георги Димитров, лидерот на Бугарската Комунистичка Партија, подоцна и премиер на Бугарија. Познатo е неговото спротивставување на нацизмот на Лајпцишкиот процес во 1933 год., кога Хитлер го обвинува за палењето на Рајхстагот.
Во Бугарија, како и кај нас, се развило партизанско движење, во чии редови загинал и прилепчанецот Методи Шаторов – Шарло. По 9-то септемврискиот преврат во 1944 год. и доаѓањето на советските трупи, Бугарија учествува на страната на антифашистичката коалиција во ослободувањето на Македонија, Југославија, дури и во операции во Унгарија и Австрија. Бугарскиот народ направил и многу за спасувањето на Евреите во Бугарија (но за жал, не помогнал на нашите Евреи).
Да се припишува „фашизоидност“ на целиот бугарскиот народ, како што тоа го прават некои наши „усијани глави“, е нонсенс. Значи, борбата против злото на фашизмот не е под знак на прашање. Контроверзно е тоа што во текот на таа борба, се одело на прекинување на „линкот“ помеѓу Македонците и Бугарите. Дали на тоа влијаел Белград или пак Коминтерната, тоа е широка тема, која можеме другпат да ја анализираме.
Како и да е, како резултат на АСНОМ (историски настан спрема кој негувам голема почит), сега постои македонска држава и нација, која 70 год. си гради свои институции, своја наука и култура, при што има постигнато значајни резултати, кои мора да се почитуваат и да се чуваат (а не да се поништуваат со партизиранава и пристрасна „лустрација“). Сепак, тоа не значи дека треба да се заборави на се’ она што му претходело на АСНОМ. И она пред и она по АСНОМ си е дел од нашата историја.
Заклучок
Се’ она што денес ви го продаваат како „ВМРО“ е кратко и јасно – лага. Авторитарниот начин на владеење, кој кај нас се устоличува во последниве неколку години, нема никаква врска со (за своето време) доста демократичната Крушевска Република (цитирам: „Бугаринот, по својот темперамент, е склон кон демократија и го мрази империјализмот. Тоа е темперамент, кој природно се насочува кон социјализам“ – Сониксен). Автократското однесување било типично за Тодор Александров и Ванчо Михајлов, кои според мене се прилично негативни личности во нашата историја и во никој случај не можам да ги ставам во ист кош со оние оригинални вмровци од крајот на XIX и почетокот на XX век. Не е проблемот во тоа што тие двајца се декларирале како Бугари (сите се декларирале како Бугари), туку во тоа што многу докажани илинденци паднале како нивни жртви, етикетирани како „предавници“ (со оваа тема се занимава книгата „Комитаџии – Тероризмот на Балканот“ на познатиот француски новинар Албер Лондр).
Понатаму, целава оваа антиквизација, национал-шовинизам и православен фанатизам од византиско-фанариотски тип, кои сега се појавуваат кај нас, немаат благе везе со историското ВМРО, а се директен copy/paste од Грција. Дури и скопскиот Музеј на Македонската Борба е директна копија од оној солунскиот, андартскиот Μουσείο Μακεδονικού Αγώνα („Музеј на Македонската Борба“, онака како Грците си ја сфаќаат), кој инаку одамна го имам посетено. Истотака, и оние знамиња со сонцето или пак, со двоглави орли (симбол на грко-византиското православие), кои во последно време се веат по митинзите кај нас, се преземени од Грција и немаат врска со нашата илинденско-комитаџиска традиција.
Дури и песните и симболите на една скопска навивачка група, која се повикува на некаков комитски континуитет, не се воопшто наши. Тука мислам на аркановската песна „Изађи момче право на терасу“ на Тони Монтано и на оној графит со крст во средината, околу кој, наместо четирите српски „С“ („Само Слога Србина Спашава“) е напишана годината на основање на таа позната навивачка група, „1987“.
Всушност, тој српски симбол е преземен од Византија, а наместо четири „С“ околу крстот имало четири „В“, кои на грчки означуваат: Βασιλεύς Βασιλέων Βασιλεύων Βασιλεύουσι. Под тој симбол, Византискиот цар Василиј II Бугароубиец им вадел очи на нашите Самуилови војници на Беласица 1014 год. Сега, нивните пра-пра-внуци мафтаат со истиот тој грчки/српски симбол, слават Илинден со песни на Цеца и Аца Лукас, се колнат во старогрчки митолошки херои и сл. Каква врска има сето ова со нашата историја и традиција?
Таа навивачка група изразува и силен скопски локал-патриотизам, но Скопје нема богата комитска историја. Кажете ми еден војвода, едно востание, една значајна битка од илинденскиот период во Скопје или скопско? Тишина… циу-циу (штурци). По часови размислување едвај ископав еден војвода, а тоа е бугарскиот офицер Борис Дрангов (1891-1917). Истовремено, во Битолскиот револуционерен округ се случувала Трета Светска Војна! Во него потпаѓале Крушевско, Костурско, Леринско, Демирхисарско, Кичевско и Охридско и сите знаете какви битки се случувале таму. И сеа, која навивачка група треба да се повикува на комитска традиција, онаа од Скопје или онаа од Битола?
Некои ќе укажат дека Скопје е сепак главен град и дека нормално е во него да се негуваат традициите на целата земја. Но дали има историска основа тој да биде главен град? Колку што знам, Скопје бил тешка периферија на географска Македонија. Битни центри биле Солун, Битола и други места. Скопје е прогласен за главен град во времето на Вардарска Бановина од страна на Србите, можеби заради неговата близина до границата или некои историски причини (крунисувањето на Цар Душан, можеби?). Од каде сега Скопје некој сака да го прикаже како некаков битен историски центар на Македонија, град со богата „комитска традиција“ или сл.?
Како што национализмот денес се врзува со религиозниот фанатизам, така сега некој сака да го претвори Скопје и во некаков „духовен“ град, со цркви на плоштад и сл. Цркви во Скопје имало, не е спорно, но градов никогаш не бил нешто многу „продуховен“. Скопје е град на чалами, боеми, на искачања, кафани и проститутки и тоа не од сега, а уште од пред векови (види: скопскиот хроничар Данило Коцевски и серијата „Досие Скопје“). Како сега ти сакаш да му наметнеш некаков талебанско-фанариотски „морализам“? Духовни центри во Македонија секако дека имало, таков бил например „Славјанскиот Ерусалим“, Охрид, но Скопје не е тоа!
Многу работи се извртени наопаку и се создава една псевдо-историја, псевдо-традиција, затоа драги мои, читајте сериозна литература за нештата да станат појасни. Да, јас сфаќам, не е лесно, болат очи, глава боли, многу позабавно е да се чита за Атлантиди, духови, македоноиди и сл. Но го знаеш она, иде тип у књижара и вика ве молам дајте ми ја книгата „Македоноиди до Тихи Океан“, а продавачката му вика „Бајке држимо на другом спрату“. Сериозна литература е сериозна литература, а сказни се сказни.
Кога сме кај хуморот, да завршиме во таков тон. Знаете ли дека Илинденското востание не е подигнато на 2-ри август? Всушност тоа Е 2-ри август по нов стил, по грегоријанскиот календар, но гледано по „стар стил“, по јулијанскиот календар, востанието е кренато на 20-ти јули 1903. Сега, дали е погрешно тоа што имаме многу улици и институции кои се именувани во чест на 2-ри август? Не е, ама штознам… Јас например, завршив средно образование во училиштето за применета уметност, кое некогаш се викаше токму „2-ри август“. Меѓутоа, кога нашите прадедовци го подготвувале востанието тие велеле „се креваме на 20-ти јули“, а не „се креваме на 2-ри август“.
За овој датум сведочат и повеќе документи. Во еден од нив се вели: „Определениот ден, кога народот от цела Македонија ќе требит да излезит јавно со оражие в раце спроти душманот, јет Илигден – 20 јули, 1903 г. Во тој ден тргнете, браќа, по вашите началници и зберете се пот бајракот на слободата! Дрште се здраво, браќа, во борбата! Само во упорита и долготрајна борба јет нашето спасение!“

Горе: Илинденско знаме со натпис „20 юли“. Долу: Знаме од костурското село Загоричани со истиот датум (долу лево)
Ако ве интересираат слични теми, прочитајте ја и мојата статија: Слобода или смрт: Сјајот и бедата на ВМРО.