Одбележуваме една година од смртта на мелодичниот punk музичар Тони Слај, фронтмен на No Use For A Name и успешен соло артист, запаметен по емотивните стихови, кои говореа за животот, отуѓувањето, самотијата, љубовта, пријателството и тагата, во кои себеси се препознаа илјадници млади луѓе низ светот и кои инспирираа појава на многу слични изведувачи.
Роден е на 4 ноември 1970 год. во болницата Ел Камино во местото Маунтин Вју во Калифорнија, од родителите Џон и Паулина Слај. Музичката кариера ја започна во доцните 80-ти години на минатиот век, но таа доживеа најголем подем некаде во втората половина на 90-тите и на почетокот на 2000-тите. Неговата група со одличен назив, No Use For A Name, твореше во рамки на мелодичниот калифорниско – скејтерски панк, кој ги спојува дисторзираните гитари и брзото темпо, од една страна и хармоничното пеење, од друга (такви изведувачи се например: Bad Religion, Lagwagon, NOFX, Less Than Jake, Descendents, The Ataris, MxPx и др.).
No Use For A Name исфрли десетина одлични албуми, од кои би ги издвоил: “Leche con Carne” (1995), “Making Friends” (1997) и “Hard Rock Bottom” (2002), но мој личен фаворит е “More Betterness” (1999), кој ми е еден од најомилените албуми на мојот живот. Повеќето од нив се издадени за култната дискографска куќа Fat Wreck Chords, создадена од фронтменот на NOFX, дебелкото од еврејско потекло, Фет Мајк. Испаѓа стереотипно, но најзначајните менаџери и издавачи во панк сцената се Евреи: Малколм Мекларен (Пистолс), Берни Родс (Клеш), Брет Гуревиц (Epitaph Records) и др. Kога во детинските фази свирев во разни панк бендови, фуравме некој доста побрутален и подерачки стил во однос на мелодичниов на Тони Слај, кој најпрвин ми делуваше доста „меко“ и „лигаво“, но откако подробно го истражив, видов дека тука има една искрена емоција и тоа доста добро ми легна. Со музиката на Тони Слај имам поминато многу бессони ноќи.
Иако No Use For A Name беа позната група, која одамна е излезена од рамките на некаков underground, тие сепак не беа крајно искомерцијализиран pop-punk до степен на Green Day, The Offspring, Blink 182, Sum 41 или The All-American Rejects. Забележавте дека говорам во минато време, „беа“, затоа што по смртта на нивниот фронтмен, No Use For A Name решија да прекинат со својата долгогодишна работа.
Покрај свои песни, No Use For A Name снимија и повеќе одлични преработки, од кои би ги издвоиле: “Redemption Song” од јамајканската реге легенда Боб Марли, “Enjoy the Silence” од британската електронска група Depeche Mode, “This Is a Rebel Song” од ирската пејачка Шинејд О’Конор, “Fairytale of New York” од келтско-панкерскиот бенд The Pogues и др. Тони Слај силно го почитуваше и творештвото на Битлси, Боб Дилан, Брус Спрингстин, Ван Морисон и др.
Во даден период, на американската мелодична панк сцена се јави интерес за акустичниот звук, при што беше издадена двотомната компилација “Punk Goes Acoustic”. Тони Слај ќе даде голем придонес за овој стил со снимање на прекрасни акустични верзии на своите песни, кои се поместени на албумот “Acoustic” од 2004 год., снимен во соработка со Џои Кејп, фронтменот на групата Lagwagon.
Музичката критика ќе го карактеризира овој албум како „панк одговор на Simon & Garfunkel“. Во јуни 2012 год., овој албум ќе доживее и свое продолжение, “Acoustic Volume Two”, што ќе биде последно издание на Тони Слај пред неговата смрт. Од нафуран клинац со дисторзирана гитара, тој еволуираше во еден зрел акустичен кантавтор.
За разлика од други панк рокери, Тони Слај не важеше за особено политички ангажиран, но сепак имаше такви моменти. Така например, No Use For A Name земаа учество во проектот “Rock Against Bush” во 2004 год. На вториот том од истоимената комплилација се најде нивната антивоена песна “Fields Of Agony”.
Една од ретките политички песни на Тони Слај беше и “Pride”, во која тој изразува свое противење на национализмот. Во неа тој вели: “You’re not gonna catch me waving flags over my head / Looking straight and standing tall / You’re not gonna find me digging through my family tree / Just to find out who I am / I don’t need to know that I’m linked to some murderer / I’d rather die than be a part of your pride”. Во таа смисла, не верувам дека на Тони Слај би му се допаднало веењето на знамињата и патриотскиот дух на спотот за песната „Навивачка“ на нашата група Denny Te Chuva, врз која тој изврши силно влијание.
Кога велам дека творештвото на Тони Слај ги инспирирало Denny Te Chuva, тука мислам на нивните лирични и емотивни песни, а не на „Навивачка“, која за жал им е најпопуларна. Да не бидам сфатен погрешно, Denny Te Chuva ми е еден од најомилените бендови, но „Навивачка“ не ја сметам за нивна trademark песна (не ми се лутете, но мислам дека е така). Нивните песни, како и оние на Тони Слај, главно се занимаваат со лични теми. За спротивставувањето на Тони Слај кон национализмот или патриотизмот (кој како ги сфаќа) веќе проговоревме, но не знам каков му бил односот кон фудбалот и навивањето. Можеби бил позитивен, затоа што песната “Not Your Saviour” започнува со снимак од некој (ваљда латиноамерички) спортски коментатор, но тоа веројатно е додадено просто заради зафрканција.
Denny Te Chuva, кои беа големи почитувачи на Тони Слај, ја започнаа својата кариера со снимање на неколку акустични демо-снимки во мојата соба во 2004 год. Пет години подоцна, тие имаа прилика да го погледнат настапот на своите херои No Use For A Name во Белград, по што гостуваа во мојата некогашната емисија „Радио блог“ на Равел 96 FM, во која ги споделуваа своите впечатоци. Драго ми е дека имаа прилика да го видат Тони Слај во живо. Три години по тој настап, тој замина во вечните ловишта.
Причините за смртта не се објавени. По интернетов се вртат разни шпекулации, од типот дека музичарот починал заради прекумерна употреба на средства против болки и/или антидепресиви. Наводно, тој страдал од дискус хернија и/или имал операции на желудникот и/или страдал од тешка депресија и несоница.
Последното испраќање на Тони Слај се случи во католичката катедрала Св. Јосиф во Сан Хозе, Калифорнија, градот во кој се родија No Use For A Name. Зад себе тој ги остави сопругата Брижит и ќерките Фиона и Кеира, како и многу ужалени обожаватели и колеги-музичари. Покрај тоа што бил талентиран уметник, за него тие велат дека бил и многу отворен, дружељубив и хуман човек.
Статијава, која штотуку ја прочитавте е насловена според една негова позната песна, која ќе можете да ја чуете подолу, заедно со уште многу други песни од Тони Слај, No Use For A Name, како и разни преработки посветени нему, снимени од луѓе од разни земји на светот.