Пред околу година дена започнав со подготовките за VBB.mk, веб порталот кој сега го имате пред себе. По тој повод да видиме каков оддек тој има во јавноста. Ве поканувам да прочитате пар рецензии за VBB.mk, едната објавена сега скоро на Порталот Skandal.com.mk (за нивната статија кликнете тука), а потоа и онаа објавена лани на Off.net.mk кај Сашо Мацановски – Трендо (прочитај тука). Јас сум мошне благодарен за нивното внимание и позитивни критики, па и да се негативни, битно нек’ се пишуе.

За жал, во изминатава година имаше и случаи кога одредени сајтови без дозвола преземаа цели содржини од VBB.mk. Такво нешто се случи со една од моите најчитани статии, Падот на Николае Антиквизаторот, која побуди огромен интерес во нашата јавност. Еден веб портал, чие име не би сакал сега да го спомнувам, во целост ја ископира статијата и ја објави кај себе. Рака на срце, тие ставија линк до изворот (т.е. до мојот сајт), што беше чесно од нивна страна, но сепак со тоа не може да се оправда преземање на нечиј труд.

Навистина, сите ние преземаме по нешто од ту и тамо, јал слики, јал видеа, но тоа е и донекаде оправдано, затоа што немаме друг начин да стигнеме до нив. Би сфатил и да се преземаат и преведуваат текстови од странски медиуми, прво затоа што CNN, BBC, Reuters, Associated Press, NY Times или Guardian сигурно нема да банкротираат ако некој ги преведе на пазар(че) од 2 милиони души, а како второ, со тоа тие содржини се приближуваат до нашата публика. Но да се презема од некој, кој сам без никаква екипа, со свој чесен авторски труд и без никакви спонзори се бори за свое место под сонцето, е крајно подло и нефер. Научете да творите сопствени содржини, а ако не ве бива, најдете си друга работа. Која е таа правда спонзори да даваат пари на такви неинвентивни папагалски портали? Имаат ли тие очи у глаа? Во државава сите постојано верглаат „се нема пари, се нема пари“, а за глупости се има, јелда?

За среќа, јас бргу дознав за тоа неовластено преземање и го контактирав уредникот на тој сајт (му го најдов мобилниот). Нормално, бев гневен и со право побарав мојот текст веднаш да биде тргнат. Но од друга страна, јас го земав в предвид нивното чесно наведување на изворот (со што на некој начин ме изрекламираа), па им предложив компромис на обострана корист. Им предложив да остават кај себе као еден вовед, teaser со линк до мојот текст, од типот: „Почитувани читатели ве покануваме да прочитате еден интересен текст на Порталот на ВББ: кликнете тука“ или „Порталот на ВББ пренесува дека…“ или така нешто. Со тоа, јас би добил бесплатна афирмација на својот текст и дополнителни читатели, а тие би можеле да си „попунат програм“ со интересна содржина. Предлогот беше прифатен и на мое и на нивно задоволство. Значи, иако луѓево напраија глупост, тие не беа дотолку неразбрани да не ја исправат. Све е добро што добро ќе се заврши. Но смешно беше тоа што, пред извесно време, уредништвото на овој сајт додаде предупредување под секоја нивна статија дека се забранува секакво неовластено преземање на нивни содржини. Лоповот вика „држ’те лопова“. Каква иронија!

Но добро, како што реков, проблемот кој го имав со нив се среди, но она што најмногу ме повреди е односот на голем број од читателите на тој сајт. Додека украдениот текст стоеше на тој сајт, тие го „лајкаа“ и го споделуваа, наместо истото да го сторат со оригиналниот изворен текст (т.е. мојот, кој беше линкан). Тоа беше страшно потценување. Значи, украдениот текст е ОК, а оригиналот не е?! Мислам, која е оваа испервертирана логика?! Така, украдениот текст за многу кусо време доби сто и кусур потполно незаслужени лајкови, а мојот, оригинален текст, истата бројка мораше да ја собира со денови (пошто ја неам толкава читаност како нивната). Која е таа правда? Која е таа логика?

Затоа луѓе, ве замолувам, поддржете го трудот, не само мојот (ај ја и не сум битен), туку општо на сите оние кои создаваат авторски содржини. Кликањето „лајк“ и споделувањето на нивни статии по социјалните мрежи не служи само да се „напуни егото“ на авторот. Прво, на тој начин неговиот труд стигнува до поширока публика, т.е. до вашите френдови на социјалните мрежи, а потоа до френдовите – на- нивните- френдови и така натаму. Живееме во време на апсолутна доминација на соц. мрежи (Facebook, Twitter и сл.), ако нешто не се појавува таму, тоа е исто како да не постои. Денес се’ зависи НЕ од авторот, а од читателот. Ти може да си топ писател, фотограф, музичар или влогер, ако не те шират – џабе. Ти „не постоиш“.

И како второ, кога еден сајт има голем број кликови и фанови на Facebook, него ќе му се дигне рејтингот у Google (ќе фигурира погоре во пребарувањата) и у оние топ листи на интернет популарност као Alexa, па утре тој ќе може да влезе во еден од агрегаторите, па и подобро да се пласира на пазарот на реклами итн… итн…

Кога говориме за заслужени и незаслужени лајкови, апелирам и до оние портали како Off.net.mk и Blogirame.mk кои ставаат свои „заглавија“ над сајтовите / блоговите кои ги линкуваат, доколку е можно тоа повеќе да не го прават. Јас разбирам дека и тие сакаат нешто да ќарат од тоа што афирмираат други сајтови (за што, ние авторите треба да сме им благодарни), но дали е ова добар начин? Со она што го прават, како прво, тие го рушат визуелниот концепт на сајтот, кој го линкуваат. Како второ, во некои случаи со тоа тие создаваат и страшни технички заврзлами и проблеми за прописно прикажување на страната која ја линкале. И како трето, со тоа тие ги збунуваат помалку упатените читатели и збираат незаслужени кликови и лајкови. За да ме сфатите за што говорам, задолжително видете ја оваа слика со КЛИК ТУКА.

Има и такви, како што љубам да ги наречам „папагалски“ портали, кои „зајмат“ идеи на нешто поперфиден начин. Така например, на крајот на февруари јас направив видео ретроспектива на тема Евровизија, во која, меѓудругото, беше вклучена и за нас интересната песна од 1990 год., “Macédomienne” (Македонка) на белгискиот претставник Филип Лафонтен. Неколку дена по ова, на повеќе наши портали некако „случајно им текна“ да пишуваат за оваа песна: прочитајте со клик тука.

Навистина, тука не се работи за кражба на конкретна статија од мојот сајт, но дајте да не се фолираме. Се работи за подзаборавена песна, која кај нас многумина не ја знаат, па многу веројатно е дека тие написи ги инспирирала токму мојата евровизиска презентација. Оваа песна, инаку, ја имам претставено и при едно мое гостување на една скопска телевизија, но да не ја шириме темата. Апелирам до порталите, дајте повеќе оригиналност и креативност, а до спонзорите: поддржете ги оние кои вложуваат чесен труд и престанете да ги „храните“ овие нечесни појави.

А вам, почитувани читатели ви благодарам за вниманието и за поддршката. Поддржувајте ги творците, а не оние кои се шлепаат на нивната мака. Доколку ви се допаѓа VBB.mk, придружете се на армијата фанови на неговата Facebook страна со клик тука.