Nicolae_Ceausescu

Николае во помладите денови

Со Револуцијата, која избувна во доцниот декември, соборен е еден од последните диктатори во Европа. Неговото име е Николае, а презимето му е Чаушеску. Настаните се одвиваа пред точно 23 години во тогашна Социјалистичка Република Романија.

Во неа, како и во другите земји на Источниот Блок, владеел тоталитарен и расипнички режим. Иако споделувале иста идеологија, условите во секоја од нив не биле потполно исти. Романскиот режим отскокнувал од останатите по својата суровост и изолираност (полош бил само албанскиот бункер-систем на Енвер Хоџа) и по некои специфики на својот лидер, Чаушеску:

- Николае, иако декларативно бил комунист, всушност бил екстремен националист. Тој започнал кампања на антиквизација. Нејзиниот официјален назив во Романија бил протохронизам (ром. protocronism). Со оваа тематика се бавела научната гранка дакологија. Се работело за псевдо-научна ревизија на историјата при што, античките Дакцијци (староседелците на Дакија, денешна Романија) биле глорифицирани како врвна цивилизација и култура, помоќна и подревна дури и од Стариот Рим. Латинското влијание, кое во Дакија било големо, даколозите го минимизирале, иако самиот назив „Романија“ потекнува од „Рома“ (Рим), а романскиот јазик е близок со латинскиот. Тој содржи и доста словенизми, турцизми и други позајмици од соседите или освојувачите, но даколозите и тоа го сметале за малку битно, придавајќи претерано значење на Дакијците (кои, иронично, немале ни свое писмо). Заради промовирањето на протохронизмот, дури и некои антикомунистички ориентирани романски националисти имаат извесна почит за Чаушеску. Критичарите на дакологијата пак, на шега ја нарекувале дакоманија. Оваа антиквизација подоцна ќе го инспирира и режимот на Енвер Хоџа во НСР Албанија, кој ќе почне да припишува илирски корени на албанскиот народ (таа теза, патем, претходно го интересирала и Хитлер).

- Николае бил забележан и по својот мегаломански градежен проект, кој го носел називот систематизација. Неговата кичеста палата, Casa Poporului („Куќа на народот“), која содржи по некои антички и барокни елементи во центарот на Букурешт се смета за најголемата и најскапата зграда во светот (цивилна, ако исклучиме воени како Пентагон и сл.). Зградата има 12 спратови, 1100 соби, сета е во мермер, злато, сребро, кристални лустери, скапоцено дрво и ќилими. За нејзина изградба биле потрошени огромни суми од буџетот, додека граѓаните гладувале, мрзнеле без струја и вода и чекале во бескрајни редици за најелементарни продукти пред полупразните продавници. Заради изградбата, многу значајни историски градби и храмови биле урнати или пак, преместени со помош на машини, лизгање по шини и слични необични технолошки решенија (за кои се имало пари). До Палатата водел булеварот „Победа на Социјализмот“ инспириран од парискиот Шанзелизе. Новиот лик на Букурешт 1984 бил споредуван со севернокорејската престолнина, Пјонгјанг или берлинскиот Welthauptstadt Germania на Хитлеровиот архитект, Алберт Шпеер. Чаушеску, истотака, си градел музеи посветени нему самиот и на неговата партија.

- Николае во 1966 год. го забранил абортусот и контрацепцијата и ги отежнал законските постапки за развод, со цел зголемување на наталитетот на романскиот народ. Тоа довело до голем наплив на непланирани деца, кои најчесто завршувале како сираци на улица, потоа ширење на полови болести и практикување на илегални абортуси со страшни последици по животот и здравјето на жените. На жените им биле ветувани бенефиции доколку родиле минимум 5 деца, а за повеќе од 10 деца се ветувало одликување за „мајки – државни херои“ (но такви случаи и немало). Од друга страна, жестоко биле казнувани оние, кои ќе се дрзнеле да не раѓаат или да абортираат. Негови агенти биле присутни дури и во гинеколошките ординации.

- Николае ја мразел геј популацијата, па во 1968 година го вовел членот 200 во кривичниот закон, со кој, хомосексуалноста се казнувала со една до пет години робија. До доаѓањето на Чаушеску на власт, законот бил полиберален и предвидувал казна само доколу хомосексуалниот чин предизвикал јавен скандал, додека во приватниот живот не се чепкало. Со членот 200, интимата станала предмет на кривични истраги. Колку за споредба, Источна Германија, иако истотака била тоталитарна држава, ја декриминализирала хомосексуалноста во 1967, дури пред Западна Германија да го стори истото.

- Николае ги мразел етничките малцинства: Унгарците, Германците, Ромите и др. Чудно за еден комунист, кој пред своето стрелање ја пеел „Интернационалата“. Тој ги мразел и религиозните малцинства: католиците, протестантите и др. Романската Православна Црква била фаворизирана од националистички мотиви и заради контролирање на народот (иако како атеист, Чаушеску и неа ја тормозел). Врвот на РПЦ безпоговорно прифаќал се’ што режимот ќе наложел. 80-90% од поповите биле кодоши. Протохронистите се вмешале и во црквата, ширејќи теза дека Дакијците имале монотеистичка религија, која претходела на христијанството. Романија имала и голема еврејска заедница, која истотака била малтретирана. Сепак, таа била единствена социјалистичка земја, која не ги прекинала односите со Израел, иако паралелно, соработувала и со Арапите. Чаушеску ги шутирал Евреите од Романија, Израел ги примал за да добие на еврејска популација, која ги тероризирала окупираните Палестинци, а тие пак ги тероризирале Евреите, со оружје добиено од истиот тој Чаушеску. И сите среќни.

- Николае наредил, на претседателската инагурација во 1974 год. да му биде врачен скиптар – средновековен кралски симбол. Тоа било во спротивност со анти-монархистичкиот став на комунистите, на кои самиот припаѓал. Сепак, тој се идентификувал со романските кралеви, им подигал споменици, ги цитирал во говорите, спонзорирал театарски и филмски спектакли со таква тематика, во кои актери се мечувале со штитови, оклопи и кациги. Салвадор Дали му пишал писмо со честитки за скиптарот, кое било пренесено од про-владините мегафони. Тие не сфатиле дека славниот сликар ги дупчи. Инаку, како и секој монарх, Чаушеску го подготвувал својот син, распашаниот Нику, за наследник на тронот. Народот се потсмевал дека Чаушеску гради „Социјализам во една Фамилија“ (парафраза на Сталиновата доктрина „социјализам во една држава).

Со Ким Ил Сунг во Народна Демократска Република Кореја

- Николае сакал да остави впечаток на независен лидер во време кога источноевропските земји биле под строгата контрола на Москва. До некаде успеал, но не дотолку како неговиот другар, неврзаниот Тито. Во 1968, Чаушеску ја осудил советската интервенција во Чехословачка и го поддржал нејзиниот лидер, Дубчек. Им се развикал таму „се понашате к’о советски амбасадори у Прага“ или сл. Но за разлика од Дубчек и Тито, Чаушеску не преминал на полиберален и поотворен социјализам. Напротив, тој нашол нови идоли во НР Кина и Северна Кореја, па направил своја варијанта на Маовата Културна Револуција. Така, Романија се дистанцирала од СССР, но не вовела демократија, ниту пак се приклучила на Неврзаните (кај кои била само посматрач). Земјата останала заглавена ни на небо ни на земја, автархична (самодоволна) и аутистична (и нималку алтруистична). Ништо во неа не влегувало, ништо не излегувало. Ни луѓе, ни стоки, ни идеи. Граѓаните не смееле да патуваат надвор, а странците биле следени. Полошо било само во Албанија. На Совјетите им станало јасно дека Чаушеску не воведува демократија, а уште потврд режим од нивниот, па не му пуштиле тенкови к’о на Дубчек. Го оставиле да си живее во својот сулуд рај.

1101660318_400

- Николае, за чудо, бил долго време тинтран од западните земји, кои се воздржувале негативно да го оценуваат. Воодушевени од неговиот пркос кон СССР, тие му понудиле соработка. Тие не сфаќале дека неговата „независност“ не се должела на неговата храброст, а на толеранцијата на Москва и дека тој не сака да воведе демократија, ниту да се приклучи кон Западот. Следувало лижење дупе, средби со Никсон, Де Гол и кралицата Елизабета, која му доделила и орден. Но, за разлика од неврзаниот Тито, за кого таа воодушевено изјавила „ако овој човек е машин-бравар, тогаш јас не сум кралица“, Чаушеску ја фрапирал со својот простотилак и нехаризматичност. Пријателските контакти со западните земји, Чаушеску ги користел за да ги шпијунира, а податоците ги предавал на Москва. Во 1978, неговиот главен разузнавач Михај Пачепа пребегнува на Запад, каде ги обелоденува сите тајни операции на Чаушеску и неговите сојузници. Чаушеску нуди 2 мил. долари, а Арафат и Гадафи по милион за неговата глава. Ангажиран е злогласниот венецуелски терорист Карлос Шакалот, кој не успева да го убие. Благодарејќи на Пачепа, Западот сфаќа дека Чаушеску е диктатор и дволичњак и соработката со него завршува. Кога тој падна во 1989, западните одликувања му беа поништени. Ете така западните земји го тинтраа извесен период заради неговата божемна независност, за на крај да си ги измијат рацете. Секое тинтрање има крај. Прашајте ги Садам и Бин Ладен (некогаш амерички луѓе).

- Николае ја довел земјата во тешка економска криза, заради својата презадолженост кај западните земји, кои великодушно му нуделе кредити, а тој лакомо ги земал и нерационално ги трошел. СР Романија, инаку, била првата источноевропска земја која се зачленила во Меѓународниот Монетарен Фонд. Чаушеску се вадел дека за кризата се виновни „светските банкари, илуминатите, ротшилд, нло, сорос и сите више“ кои „сакале економски да ја поробат Романија“, па им наредил на граѓаните стегање на каишот заради отплаќање на долговите. Тоа довело до глад, празни рафтови и рестрикции, на што тој изјавил дека Романците и онака премногу јадат и им пресметал колку калории според него било доволно тие да конзумираат. Истовремено, тој „каишот го стегал“ во својата Палата таманејќи прасиќи.

Николае и неговата „царица“ Елена

- Николае бил познат по својата страст за незаслужени дипломи и научни звања. Исто како и неговата сопруга, Елена. Фасцинантно е што овој семоќен владетел ја оженил најружната, напримитивната и најзлобната жена у универзум. Женава смрдела и буквално и фигуративно. Таа му била десна рака во управувањето со Романија, која од неа пропиште мајчино млеко. Романските поети и’ пишувале сонети, во која таа е претставена небаре е богињата Афродита. Сопружнициве имале комплекс заради недостатокот на образование, па самите себеси си давале дипломи за доктори на науки и слични титули. Сите морале да и’ се обраќаат на Елена со „Потпретседателке Другарке Академик Доктор Инжињер Елена Чаушеску“, а прашање е дали имала завршено и 4-то одделение. Западните научни институции морале да ги тинтраат со по некое дипломче, напр. „Член на Академијата на Илиноис“ и сл. Неблагодарната Елена му се пожалила на сопругот „Па каде е тоа Илионис?!“. Под чест и’ било и тоа што, професорот кој и’ ја врачил дипломата, бил „валкан Евреин“ – како што се изразила.

Елена Чаушеску станува член на Академијата на Илиноис, САД.

Елена и Николае во акција за пошумување

- Николае непречено владеел 24 години благодарејќи на тајната служба Секуритате (Државна Безбедност), која се пресметувала со непријателите на режимот, а тие според него биле секогаш „платеници на странски тајни служби, фондации, предавници“ и сл. Иако сите источноевропски земји имале слични тајни служби како неговата, Секуритате е запаметена по својата вонредна бруталност. Колку за споредба, советската КГБ ги праќала дисидентите во ментални болници, тврдејќи дека се луди, шизофреници, параноици, сексуални манијаци и сл., а Секуритате ги праќала на рентген. По изложување на претерана доза радијација, по неколку месеци кај „пациентиве“ се развивал рак и тие умирале, без да се дознае дека се убиени (тајна шифра за постапкава била „раду“ од „радијација“). Злогласната источногерманска тајна служба Штази не го спречи уривањето на Берлинскиот ѕид во ноември 1989 година, но еден месец подоцна, Секуритате влезе во отворена вооружена војна против сопствените граѓани. На Секуритате и’ пресуди романската армија, која се стави на страната на народот. Чаушеску стравувал од воен пуч, па затоа тој издвојувал повеќе средства за Секуритате отколку за армијата. Специјално обучените припадници на Секуритате имале подобра опрема и вооружување и уживале привилегии, со што се обезбедувала нивна лојалност. Се шпекулирало дека меѓу нив имало и странски платеници: Арапи, Латиноамериканци и др., што не е потврдено.

Ceausescu.poster

- Николае сакал да се прикаже себеси како голем војсководец и борец против фашизмот во Втората Светска Војна. Романија во војната била на страната на Хитлер, но преминала кај антифашистите по доаѓањето на советските трупи во 1944 год. За романското расчистување со фашизмот, заслуги пред се’ имал кралот Михај, а не комунистите. Романската комунистичка партија не била толку силна и не пружила дотолку силен отпор на фашизмот, како што Чаушеску сакал да прикаже. Војната, всушност, тој ја поминал во затвор. По чехословачките настани во 1968 год., Чаушеску формира официјална паравојска, Патриотската Гарда, која на герилски начин би се спротивставила на евентуален советски напад врз Романија. Таа била слична на југословенската Територијална Одбрана, која е создадена за истата цел, со таа разлика што позади Чаушеску немало воени искуства како офанзивите на Сутјеска, Неретва, Козара и Дрвар, па тој не можел да се мери со неврзаниот и угледен командант, Тито. Воените триумфи, кои Чаушеску ги прославувал во своите паради, биле или лажни или преувеличени.

Со Пајо Паторот и Мики Маус во Дизниленд

- Николае имал и говорна маана (понекогаш „д’ткал“) и по некои физички недостатоци, кои не сакал да бидат видени односно чуени во електронските медиуми. Затоа, на ТВ снимателите, монтажерите, тонците и режисерите им биле дадени строги упатства од кој агол било дозволено тој да биде сниман, а од кој не, снимките и звукот се монтирале и сл. Постоело правило и во печатените медиуми, дека неговото име мора да биде спомнато определен број пати на насловната страна на секој весник.

Со Надја Команечи

- Николае имал и некои успеси. Од Романија излегувале многу добри спортисти, особено гимнастичарки. Но ретко се враќале назад. Интересно е тоа што Романија не ја бојкотираше Олимпијадата во Лос Анџелес 1984, како што тоа го направија другите земји на Источниот Блок. Тоа многу ги израдува романските гимнастичарки, кои беа со овации дочекани од момчињата на тарасите. Романките тука можеа да се обидат да избегаат и да побараат азил во послободната и побогата Америка, наместо да го трошат својот талент во ќумезот на Николае, каде још и син му Нику можел да те силуе. Така например, само неколку недели пред падот на Чаушеску во 1989 год., од Романија побегна славната гимнастичарка Надја Команечи, која се пресели во САД.

- Николае имал брат, кој истотака се викал Николае. Татко им Андрута бил дрво пијан кога отишол во матично да го пријави вториов, па на прашањето како се вика синот, лупнал Николае. За да се разликуваат, вториов додал патроним на своето име, па фигурирал како Николае Андрута. Тоа било големо семејство со околу десетина деца. Мајката се викала Александрина. Таткото пијандура често ги кршел од ќутек што го натерало Николае Чаушеску да го напушти родното село Скорничешти и да работи како кондураџија во Букурешт. Кога кондураџијава дотуркал до апсолутен владетел на Романија, спротивно на комунистичкиот атеизам, тој подигнал црква посветена на своите родители, чии ликови се насликани на нејзините ѕидови.

zoree300

- Николае на почетокот на своето владеење бил про-совјетски настроен комунист и анти-фашист, но кај него се развиле некои фашистички тенденции. Како и кај секој Романец, така и во Чаушеску тлеела националната траума, слична на Егејската кај нас – губењето на Молдавија. Сталин го окупирал овој романски регион и го вклучил како република во СССР, фабрикувајќи притоа „молдавска нација“, со цел да ја оддалечи од романската. Чаушеску владеел со методи слични на сталинистичките, но не го сакал Сталин, па им наредил на историчарите да го прикажат романскиот фашистички диктатор, Антонеску, во малку подобро светло. Нешто као „да, тој направил грешки, но сепак бил патриот, сакал да ја ослободи Молдавија, неколку илјади заклани Евреи и не е така страшно“ и сл. Хитлер бил „фирер“, Мусолини – „дуче“, а Антонеску „кондукатор“ (водач). Чаушеску наредил да му се обраќаат со таа титула. Пред да стане кондуктер, Николае веќе имал искуство во водење овци од родното село Скорничешти, каде бил пастир.

- Николае организирал „спонтани“ контра-протести за да ја задуши револуцијата, кој се рашири низ Романија во декември 1989. Таа започна во Темишвар, каде властите го малтретираа унгарскиот свештеник Ласло Текеш. Граѓаните, без оглед дали Романци, Унгарци, Срби, Бугари, Роми или други, се здружиле да го заштитат свештеникот, што прераснало во демонстрации. Во Романија тогаш немало посебни полициски единици за сузбивање нереди, затоа што Чаушеску бил убеден дека никој не би протестирал против него. Изненаден од настаните, тој пушта армија со тенкови против демонстрантите. Настанува масакр, во кој многумина загинуваат. Прогласена е вонредна состојба и забрана за собирање, која група момци (со муда к’о кокосови ораси) ја прекршува пеејќи ја забранетата химна „Разбуди се, Романецу“ веејќи го романското знаме, од кое е исечен комунистичкиот симбол. Повеќето ќе загинат. Но вестите се шират низ земјата и назад враќање нема. Партиските комесари по фабриките со дезинформации ги мобилизирале работниците на контра-протести, давајќи им дрвени палки во рацете за да се пресметаат со демонстрантите. Но работниците ќе прејдат на нивна страна.

- Николае го заврши своето владеење токму со контра-протест. На 21.12.1989, тој организира „спонтан“ митинг, со кој „народот сакал да му изрази поддршка“. Како и секогаш, учесници биле партиски дупелисци и луѓе доведени насила со автобуси и трактори, кои носеле транспаренти со хвалоспеви за вождот и црвени знамиња. Собирот се одржува пред зградата на ЦК на Романската компартија. Чаушеску започнува говор со излитените фрази за „процутот на стопанството“, а на разгласот одат снимки од одобрувачки скандирања. Се случува историски момент, од насобраниот народ пристигаат свирежи и „уа“. Чаушеску е во шок и к’о задња сељачина почиња да се дере „АЛО! АЛО БРЕ! ТИШИНА ТАМО ДОЛЕ! АЛО!“. Елена „мудро“ сугерира: „Вети им 100 леи повишица“. Мислела дека со ситниш може да го запре текот на историјата. Почнува општа побуна и пуцњава. Власта фрла летки со апел граѓаните да се разотидат и мирно да ги прослават празниците околу домашната софра. Ова уште повеќе ги разгневило, затоа што немале ни леб да јадат. Чаушеску се засолнува во зградата на ЦК, од која утредента повторно се обидува да им се обрати на граѓаните, но веќе нема поента. Народот јуриша на зградата, а Чаушеску одлетува со хеликоптер, за малку избегнувајќи ги гневните демонстранти кои успеваат да провалат во неа. Државната ТВ истотака беше освоена. Пуштив ТВ тој ден, на екранот пишуваше „Фронт за национален спас на Романија“. Југословенската ТВ ги пренесуваше сите настани. Снајпери запукаа од околните згради. Армијата прејде на страна на народот и водеше улични борби против Секуритате, во кои паднаа илјада жртви. Камиони носеа леб на изгладнетиот народ облечен во одрпани вентијаги од бувљак. Бедата во која Чаушеску ги втурна беше страшна. Јавија дека е фатен.

- Николае го заеба Николае. Чаушеску немаше да биде фатен, ако во прикаската случајно не се вмешаше и некојси поправач на точаци, Николае Петришор. Кога, на 22.12.1989 брачниот пар Чаушеску и неговите телохранители со хеликоптер побегнале од Букурешт, првин се упатиле до претседателската резиденција во селото Снагов. Таму, Чаушеску телефонски се обидел да повика на помош одред војници. Офицерот од другата страна му откажал послушност, по што Чаушеску му наредил на пилотот да одлетаат на друга локација. И пилотот изгубил желба да ги извршува неговите наредби. Излажал дека е можно да бидат соборени, слетал на некоја нива, каде го оставил своите патници сами да се снаоѓаат. Овие немале друг избор освен да автостопираат. Застанал некој возач, кога гледа: Чаушеску. Монти Пајтон. Возачот не сакал да им помогне, но веројатно се исплашил од телохранителите па ги качил. Се мислел како да се отараси од стопериве, па симулирал дека го зеза моторот и ги застанал ин д мидл оф ноуер. Тие повторно стопираат, кога ги собира гореспоменатиот Николае Петришор. Тој им предлага да се сокријат во агротехничкиот институт во Трговиште. Тамошниот директор им дава просторија, каде ги заклучува и ги пријавува кај револуционарните органи. Во истиот град, на Божиќ, 25 декември, „антихристот“ Чаушеску – како што го нарекуваа, беше суден и стрелан.

- Николае, да спомнеме за крај, бил потполно отсечен од реалноста кога го фатиле и се однесувал како да е недолжна жртва и како опозицијата да е всушност „диктаторот“ во прикаскава. Улогите во неговата глава биле сосема изместени. Во стилот на некаков репресиран предвоен револуционер (каков што, наводно, бил во младоста), тој театрално извикувал дека „не го признава овој суд“ и слични пароли, ја обвинувал опозицијата за државен удар, а како кулминација на апсурдот, кога го воделе на стрелање, тој ја пеел славната комунистичка химна „Интернационалата“ (иако, како што објаснивме, тој не бил космополит, а тежок шовинист). Чаушеску можеби се ставил во „филм“ дека е се’ уште угнетен пролетер – кондураџија, кој храбро се спротивставува на еден „ненароден режим“. Не сфаќал дека самиот бил „бог и батина“ за милиони романци во траење од четврт столетие, за што морал да преземе одговорност.

Чаушеску во автомобил со кралска пратња